Кривичниот совет во Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, ги одби жалбите на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, доставени против решение на судија на претходна постапка, за определување мерка притвор за лицата Е.Т.,М.Ј., М.П. и К.М.
„Кривичниот совет составен од тројца судии по секој поединечен предмет по жалба на Oбвинителството во кој како членови на совет учествуваа сите судии од Одделот за организиран криминал и корупција донесе решение со кое жалбите на обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за лицата Е.Т., М.Ј. М.П., и К.М., се одбиваат како неосновани, а решението на судија на претходна постапка се потврдува“, се наведува во соопштението од Судот.
Постапувајќи по жалбите поднесени од Обвинителството, Советот наведува дека почитувајќи го законски предвидениот рок донел решенија кои во текот на денешниот ден биле писмено изработени и експедирани до странките.
Против овие решенија не е дозволено право на жалба.