Бројот на загинати полицајци кои учествуваа во акцијата во кумановската „Дива населба“ се искачи на осум, јави ТВ Сител. Покрај петмината чие загинување го потврди министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, на последната вчерашна прес-конференција, шести припадник на безбедносните сили починал по извршена хируршка интервенција, седмиот, исто така, поделгнал на повредите во Клиничкиот центар, а осмиот бил пронајден од своите колеги на теренот каде што се одвива акцијата – бил погоден од граната.
ТВ Сител јави дека во меѓувреме со акцијата на македонската полиција терористичката група е неутрализирана, а се врши расчистување на теренот.
Владата на вонредна седница донесе одлука 10 и 11 мај, недела и понеделник, да бидат денови на жалост по повод загинувањето на припадниците на безбедностите сили на Министерството за внатрешни работи.
Претседателот Ѓорѓе Иванов, за 17 часот свика седница на Советот за безбедност, во проширен состав.