Оваа влада ја изгуби темата за владеење !?
Објавено на од во Колумни
Македонската политичка криза влегува во драматична фаза, но и забрзан расплет. Сите можни сценарија се во игра. Од мирен расплет до тепачка. Од водачот на земјата зависи. Особено од тоа дали ќе се скрие зад народот со ниет да се изземе од одговорноста или ќе се осмели и ќе излезе во првиот ред да каже јасно што има да каже во дослух, не “што мисли народот”, туку што народот реално бара и очекува … А деновиве гледаме што народот очекува!

Многу нежно и млако помина саможртвувањето на двајца министри и шефот на УБК, за Никола Груевски да остане на власт. Уште повеќе што и тој потег, кој секако дека е многу далеку од решение на кризата е направен со евидентен меѓународен притисок. Преку ден низ порталите и останатите медиуми се плука по меѓународната заедница, се шиканираат граѓани да се јавуваат по отворените програми да плукаат по ЕУ и САД, а навечер некако мистериозно преговараат за сопствениот приватен излез.

Премиерот и неговите соработници се во непријатна позиција да слушаат што ќе им се каже од устата на амбасадорите кои доаѓаат од држави, кои веројатно се проектирани во главата на премиерот и неколкумина околу него, како земји со потекло на шпиуни кои ги прислушувале, па на Заев му ги дале снимките. Само по себе апсурдно, нели.

Ова ми личи како онаа познатата комедија со јунакот од ромска националност од еден прилог на една наша национална телевизија, се и го забравам името …. Кога репортерот на телевизијата во едно јулско пладне на 40 степени го посети плоштадот и наиде на јунакот кој се капе во фонтаната под Букефал… Го прашува како е …? Топло… А што мислиш за фонтаната и за Скопје 2014? Јунакот одговара во стилот – ем е за Амди Бајрам, ем не му се допаѓа плоштадот … Вели: добро е, добро е …малку е катастрофа, ама добро е … :) :) :)

Ете ваква е политиката на оваа наша македонска влада деновиве. Едно зборуваат во понеделник, друго мислат во вторник, а трето прават во среда. Паника и тонење. Ароганција до бескрај која ги заслепила и сега не можат да ја видат суштината на проблемот.

Мала анализа

Очајнички се обидите оставките на двајцата министри и онаа на шефот на УБК да се објаснуваат дека не значат оставка на Владата, туку само нејзина реконструкција, како што впрочем и најави премиерот Никола Груевски на конгресот во Куманово. А како да се објасни фактот дека минстерката на внатрешни работи Гордана Јанкулоска на прашање на БИРН минатата недела многу прецизно кажа дека не чувствува никаква одговорност и нема намера да дава оставка. Истото го кажа и во саботата, по завршувањето на полициската акција во Куманово.

Со оваа земја не владее некоја длабоко фундирана власт која својата силина и моќ ја црпи од суштински дефинирана идеологија, со јасни констанци и секвенци проектирани во историјата. Ниту, пак, спротивно на ова, оваа власт не е ниту некој NEW WAVE- нов бран… Напротив. Тоа време и таа шанса одамна ја изгубија.

Сосема е извесно дека Јанкулоска и шефот на УБК Мијалков ја дале оставката со амин на премиерот, по средбата со амбасадорите од земјите членки на ЕУ и САД. Што била директната причина за овие оставки останува иднината да покаже. Која е таа причина пред која и Груевски се поклонил, па ги испратил своите најблиски соработници …

Во меѓувреме драмата продолжува со забрзано темпо како на филмска лента. СДСМ изрази два силни става во последните 24 часа. Дека не се враќа во Парламентот се додека е Груевски премиер на Македонија, и дека Заев нема да оди на лидерската средба која не е организирана од меѓународната заедница, која беше закажана за вчера (со оглед дека овој број на Капитал излегува во петок, а и поради брзината на настаните оставам простор нешто да се сменило во последен момент и овој наод да не е точен).

Тоа што СДСМ не се враќа во Парламентот ги суспендира тезите за мала владина реконструкција која било компромисно решение меѓу власта и опозицијата.  А тоа, пак, што ДУИ и покрај сите слушнати и видени скандали, не ја напушта Владата ги брише заклучоците за брза разврска и пад на кабинетот на Груевски. Сепак, саатите и неколкуте дена пред нас ќе покажат што ќе се случува. Целата политичка ситуација набиена со огромна негативна енергија е донесена на чистина и без можности за некои суштински компромиси …

Во таква ситуација, малку се можните решенија. Или-или е работата …

Оваа вака поставена власт е технички збир на интересни групи и ликови клиентелистички поврзани меѓу себе и со концентричните кругови околу нив по принципот на должничко доверителски односи. Ги менуваат своите интересни цели во зависност од моменталниот распоред на фигурите на шаховската табла … 

Епилогот е што падна во вода проектот на власта и на некои интересни групи околу неа кои сакаат односите во ова општество да останат исти како и во минатите години, во услови на “замрзната и ниска реформска рамнотежа” Не успеа проектот и обидот со демек владина реконструкција да се покаже конструктивност пред меѓународната заедница (наводните шпиуни кои му ги дале материјалите на Заев), а при тоа да се задржи власта во рацете на Груевски.

Во кратки црти на ова се сведува најновата македонска драма која е во тек.

Груевски и неговата Влада …

Она што останува нејасно е што всушност очекува Никола Груевски од ситуацијата во која се најде … И кои потези ќе ги влече. Нема многу на располагање …

Ретерираше од многу владини проекти во последните шест месеци. Тој успеа да ги разбуди студентите и средношколците. Ги мобилизираше сите невладини организации. Ги обедини во една голема невладина организација. Тој всушност го направи она што не му појде од рака на ниту еден премиер во сите 25 години македонска независност … Успеа во голема мера да ги обедини Македонците и Албанците во едно општо граѓанско ткиво, кое за прв пат во независна Македонија има една единствена цивилна цел. Промена на власта и реформи за подобра Македонија.

Многумина деновиве на шала велат – да го немаше Груевски, требаше да го измислиме.

Никола Груевски денес нема ништо против да се одложи новиот тип на екстерно тестирање, нема против да се промени Законот за хонорарците, нема против да се одложи новиот модел на матурски испит, тој нема проблем да вети уште безмалку 300 милиони евра за разни проекти кои, замислете немаат проекција во Буџетот за годинава.

Тој дури нема против за нова истрага за Никола Младенов. А што му преостанува освен “да нема ништо против нова истрага”? По се што слушнавме во телефонските разговори што ги објави лидерот на СДСМ, и по се што се случува деновиве на македонските улици, во време кога Владата е обврзана да одговори на милион прашања пред обединетите македонски граѓани од сите етнички групи кои бараат одговори, уште и да се противи на нова истрага ли!?!

Ме прашаа деновиве како го оценувам примитивиот речник  во разговорите наводно на владините функционери, каде повеќепати се слушаат навредливи зборови, како „хохштаплер, корумпиран, злобен”, како и за повеќето новинари, кои се нарекувани „комуњари”, „лудаци” и „будалетинки”? Одговорив дека нема тука многу што да се коментира.

Примитивизам. Речникот што го употребуваат владините високи претставници, а што го слушнавме до сега во сите триесет прес конференции, сам по себе кажува буквално се, и е објаснување зошто Македонија во 2015 година се наоѓа овде. Без фокус. Нема пат. Без приказна, која сите околу нас долго ја раскажуваат.

Ни приредија семејна драма со неизвесн крај.

Најтрагично за сите нас е што кога зборуваме за нивниот речник ние не можеме да кажеме дека е тоа состојба во која јазикот им бил подолг отколку што треба, или дека им бил побрз јазикот од мозокот… Тоа не е така…

Проблемот за сите нас е во тоа што ова е суштински деструктивен инженеринг. Тоа е состојба на умот кај овие ликови што ја водат земјата и нас во неа … Тие всушност најдобро од се што прават е квалитетно да мразат.

За 9 години владеење потрошија безмалку 20 милијарди евра од државните буџети, што би се рекло пари од сите македонски граѓани, а околу нас ништо не гледаме освен купот камења во центарот на Скопје. Сите други проекти што ги почнаа се надвор од оваа финансиска рамка. Дури и автопатиштата се сосема нови кредити кои немаат врска со овие буџетски пари … Сосема е логично да се постави прашањето – после толку години и толку буџети, каде се парите?

Сите ние за нив сме биле само поединечни јадни судбини кои прават кворум за тие да имаат предмет за работа. Предмет за владеење… Предмет за креирање на буџет од 2,5 милијарди евра секоја година. Да претпоставиме дека во деветте години владеење на Груевски и неговата екипа, државниот буџет годишно бил по 2 милијарди евра. За толку години оваа Влада потрошила фантастични 18 милијарди евра. Ајде сега завртете се околу себе и проценете што се сменило во оваа земја со толку потрошени пари, а притоа и дополнително задолжени, и тоа во сосема нови околности на светска криза, на нарушени геополитички односи во светот. Со отворени неколку големи воени жаришта, во контекст во кои земја како Македонија треба да биде подготовена по сите основи за да не ја одвее ветерот.

Напротив, Македонија по 9 години владеење на оваа партија е далеку од стабилна земја. Гледаме колку е стабилна и безбедна. Но, денес е и без пари.

А со 18 милијарди евра мислам дека многу што можеше оваа Влада да стори за своите граѓани. Да, оваа Влада стори многу. Но, не за своите граѓани, туку за своите проекти и членови. Ова што јас го пишувам овде, гласно го изговараат низ целата земја македонски граѓани кои обесправени како Козле Бозле од прочуениот цртан филм, со скршени срца и стапот на рамо на кој е закачена мала вреќа со намирници за еден ден, одлучно бегаат од Македонија, што подалеку … Проколната земја.

Понатаму, денес сваќаме дека сите ние сме биле само гола примитивна причина за испумпување цифри од буџетот по разни основи, сме биле разни сегментирани таргети, сме биле “човечиња” и “суштества”, “копиљаци” и “идиоти” … Ние сме биле само гола мета на која тие мавале пикадо во време на разонода … лечеле комплекси и фрустрации … Разни инспекции не казнуваат,  да си подготвуваат “докуметчиња и фактурчиња” со кои си набавуваат разни задоволства, како да е се ова имот од дедо им. Жал за нив е што од дедо им немаат ништо, а трагедија за сите нас е што од наши пари мираз спремаат.

Кога сето ова се слуша јавно, ова само покажува дека ним таму не им е местото…. Затоа, тие де факто се веќе надвор од власта. Повеќе никој не верува во нивните басни. Нивните изјави повеќе не создаваат “пеперутки во стомакот”, како во 2006 година кога на големо ја лансираа големата македонска преродба во 100 чекори.

Револтот на граѓаните е евидентен. Ќе се зголемува уште повеќе …

Не знам што и дали мисли Груевски. Тој е сега во состојба да менаџира со она што останува да се менаџира … Општеството и вредностите во него се девастирани… Повеќе никој не зборува за проектите од неговата програма, не се важни ниту странските инвестиции, тие не се важни дури ниту за неговите поддржувачи и членови …

Затоа заслепени од моќта, привилегиите и можностите, ако добро размисли човек, тие на крајот самите си пресудија што само кажува за нивната недораснатост за лидерство со оваа сложена земја со многу проблеми. Одамна напишав дека со “деца на цреша” ништо не правиме …

Долгото владеење на неговата партија создаде повеќе илјади моќни локални ликови кои едноставно не се научени, и не се ментално способни да се носат со ваков тип на афери. Најпрво беа арогантни, а сега се променија… Деновиве и јавно зборуваат единствено на темата како да се тргнат настрана и да не биде предмет на опсервација …. Стравот кај нив е голем. Дилемите уште поголеми…

Сакам да кажам дека Груевски се помалку има што да менаџира … Некои работи се егзактни и емпириски… И важат секаде во светот. Генерациите се менуваат. Тие што имале само 9 години кога тој дојде на власт денеска гласаат. Трендовите се контра сегашните македонски власти… Ветровите дуваат толку силно што за извесно време, никој не може да процени за колку време во блиската иднина, од оваа владина екипа ке гледаме само “гола олупина”.

Оттука, залудни се сите владини отпори на сеграѓанскиот отпор кон власта кој е многу евидентен. За брзо време отпорот на Груевски ќе биде минијатурен наспроти ветрот што ќе го предизвика ставот на сите македонски граѓани, силината на шаренилото од развиорените знамиња на сите заедници кои живеат во Македонија. Гласот и силината на испеаната македонска химна пред свежо искречената зграда покрај Вардар. На овој бран не може да му се контрира со контра протести.

Сепак, ако партијата на власт организира контра протести, тогаш можни се повеќе деструктивни сценарија… Ќе се намали просторот за мирни протести на опозицијата. Но, ќе се отвори широк простор за брзо паѓање на власта.

Нема таква сила во Македонија која може во моментот да спроведе владеење со челична рака, што би подразбирало вонредна состојба, репресии и ќотек и да ги врати граѓаните дома и да ги одврати од протестите со сила … Оваа земја не е ниту Русија, ниту Украина, ниту е Белорусија …

One thought on “Оваа влада ја изгуби темата за владеење !?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×