„Овчарот“ за кој се „тепаат“ Pepsi и Coca-Cola
Објавено на од во Компании
Glavna 2
Многу точки кои поврзани го прават успехот на Хамди Улукаја и неговата Chobani се готови лекции по претприемаштво. Вниманието што деновиве го привлекува брзо збогатениот милијардер преку интересот за неговата компанија од страна на Pepsi и на Coca-Cola, е добар повод да се потсетиме на неговата бизнис приказна

Chobani, компанијата на турскиот Курд, емигрант во САД, Хамди Улукаја, која произведува вид кисело млеко што Американците го викаат грчко, не само што за неколку години стана глобално препознатлив бренд, туку однеодамна за нејзината наклонетост се натпреваруваат и Pepsi и Coca-Cola. Шпекулациите се дека двата гиганти преговараат со Улукаја за инвестирање во Chobani, и тоа „тешко“ околу три милијарди долари. Pepsi е веќе познат играч кај млечните производи, а и Coca-Cola годинава почна со дистрибуција на својот млечен продукт FairLife. Многу точки кои поврзани го прават успехот на Улукаја и неговата Chobani се готови лекции по претприемаштво. Вниманието што деновиве го привлекува брзо збогатениот милијардер е добар повод да се потсетиме на неговата бизнис приказна. Нејзиниот вовед е направен пред 26 години, кога грчката компанија Fage и Titan Foods на американскиот пазар го претставиле киселото млеко таму наречено грчко, различно од воденикавото што се продавало во тамошните продавници. Рекламата од уста на уста ја зголемувала продажбата двојно секој месец, но, бизнисот не направил бум, поради две причини – Fage не успевала да увезе доволно кисело млеко од Грција за да ја задоволи побарувачката, а не можела ниту да биде намалена цената на производот (повисока од онаа за обичното кисело млеко дури три пати) за да се направи достапен за масовниот пазар – грчкото млеко дури и не можело да се најде во обичните супермаркети, туку го имало само во полуксузните.

Стореното дотогаш од Fage и Titan Foods е само отскочна штица за Хамди Улукаја и неговата компанија Chobani, која во 2007 година ги решава и двата проблеми на бизнисот со таканареченото грчко кисело млеко во САД. Прво, Chobani успева да произведе доволни количини во фабрика купена од Kraft, и второ, Улукаја ја намалува цената доволно, приближувајќи ја до онаа на традиционалното кисело млеко во САД, што отвора можност и за позиционирање на неговиот производ на полиците со млечни производи во водечките супермаркети (наместо во оние за деликатеси).

„Инсистиравме Chobani да се продава во обичните супермаркети наместо во специјализираните продавници, и нашиот производ да биде изложен на полиците со млечни продукти, наместо на оние со деликатеси. Ова е веројатно најважната одлука што сме ја донеле“, се вели во една изјава на Улукаја. Chobani, како што погоре кажавме, ја искористиле виралноста на рекламата од уста на уста, и благодарение на доброто, воочливо пакување, и секако, добриот производ, успеале без големи трошоци за маркетинг да го направат она за што обично се вели – „останатото е историја“.

Веќе неколку години компанијата продава во вредност од над милијарда долари годишно, а медиумите пишуваат дека и големиот Kraft откако потрошил милиони на реклама и промоција на својот производ Athenos, се откажал од борбата со киселото млеко на „малечкиот“ Chobani. До пред појавата на компанијата на Улукаја, основана на 360 километри од Њујорк, но во местото Њу Берлин, за кое велат дека е „тешка пустелија“ (In the middle of nowhere), целиот пазар за грчкото кисело млеко правел само 60 милиони долари годишен обрт, во државата со над 315 милиони жители. Хамди Улукаја чија компанија во 2011 година имаше продажба од 700 милиони долари, од Forbes го доби прекарот „Стив Џобс на киселото млеко“. Американскиот бизнис магазин забележа дека Chobani ужива популарност и лојалност кај потрошувачите како iPhone и iPad. Во 2012 година компанијата стана официјален спонзор и на олимпискиот тим на САД, а кога објави дека отвора втора фабрика во Ајдахо, огромна опашка од заинтересирани за работа чекала за интервју.

Успехот на Chobani во анализите се припишува на способноста на основачот Улукаја да наоѓа алтернативни решенија кога традиционалните не функционираат. Тој е турски Курд, чија диплома на политолог од Универзитетот во Анкара открива колку му биле далеку мечтите од оние што ги претпоставувала семејната традиција на овчари. Во САД Улукаја допатувал во средината на деведесеттите години со идеја да го научи англискиот јазик, да магистрира бизнис администрација, и на крајот да се вработи во високотехнолошка компанија. Тој не станува MBA (Master of Business Administration), но сугурно не жали поради тоа. А на почетокот не сакал ниту да ги слушне предлозите на татко му за бизнис со млечни производи во САД. „Татко ми дојде да ме види во Америка и ми рече – Тука немаат добро сирење, зашто не почнеш да правиш добро сирење?“, раскажува Улукаја, и вели дека на овој предлог одговорил со револт на емигрант кој не дошол во „ветената земја“ за да прави сирење. Сепак, откако размислил, отворил мала компанија за производство на сирење која немала некој голем успех, но набргу во весник прочитал дека Kraft продава банкротирана фабрика во државата Њујорк. Легендата вели дека (и погоре) споменатата фабрика Улукаја ја купил откако прво го фрлил весникот, а потоа се премислил и го извадил од кантата за отпад. Фабриката е купена за еден милион долари во 2005 година, а голем дел од парите дошле од кредит од Агенцијата за мали бизниси на САД (SBA – Small Business Administration). Улукаја мајсторот за киселото млеко го донел од Турција, за да добие целосно автентичен производствен рецепт. Името на производот (Chobani) доаѓа од турскиот збор за овчар. Покрај споменатата реклама од уста на уста, Улукаја со мали пари постигнал големи маркетинг резултати користејќи ги социјалните мрежи, блогерите, промотивниот камион што се појавувал на различни настани. Инаку, Улукаја годинава објави дека најмалку половина од своето богатство (што се проценува на околу 1,5 милијарди долари) ќе го донира, во рамките на иницијативата „Давање завет“, што ја почнаа Ворен Бафет и Бил Гејтс.

Улукаја сака неговата донација да се употреби за помош на бегалците низ светот. Основачот на Chobani во април ја доби и титулата „глобален амбасадор на претприемаштвото“, што му ја додели претседателот на САД, Барак Обама.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×