Паметните клупи на хрватскиот иноватор ги купуваат Nokia, Kia, полицијата во Дубаи …
Објавено на од во hi-tech & business

Glavna 20Успешни приказни

Иван Мрвош, основачот на Include, е номиниран за годишната листа „35 Innovators under 35“ што ја составува MIT; прилог за него беше емитуван на CNN, а неговата компанија e проценета на над 4,5 милиони евра

 

Пошироката јавност, најпрво во Хрватска, го запозна Иван Мрвош како победник на камп за претприемачи, преку неговиот проект светлечки, LED столици, наменети за угостителски објекти. По неполни четири години, овој млад иноватор оди понатаму.

Столовите еволуирале во паметни соларни клупи, за кои интерес има од целиот свет. Мрвош е номиниран за годишната листа „35 Innovators under 35“ што ја составува MIT, еден од најугледните светски универзитети; прилог за него беше емитуван на CNN, а неговата компанија Include проценета е на над 4,5 милиони евра.

Откако просториите што им ги отстапила општината Клис им станале претесни, Мрвош нашол објект во родниот Солин, во кој сега на вкупно 1.400 квадратни метри се распоредени производството и канцелариите во кои се одделите за развој, за техничка поддршка, за продажба и за финансии.

За него денес работат 32 стручњаци, компанијата е ориентирана главно на извоз, а минатогодишната докапитализација во рамки на која за 465 илјади евра на инвеститорите им препуштил 10% од сопственоста, помогнала да се стабилизира работењето.

STEORA„Во 2018 година ќе испорачаме 1.000 паметни клупи“

Целиот процес на докапитализација траел неколку месеци и воедно Include стана најуспешна од основањето на Funderbeam, осмислен како платформа преку која се реализираат инвестиции низ crowdinvesting модел. Вкупно има 215 инвеститори, а водечки е Ивана Шољан, потоа Ратко Кнежевиќ, Ратко Бајакиќ, и фондови како Proficio и ICF.

Парите од инвестициите главно се вложени во забрзување и зголемување на дистрибутивната и продажната мрежа, и дел во зголемување на производните капацитети и создавање залихи. Компанијата успешно работела и пред инвестициите, но на овој начин направила, како што вели Мрвош, два чекори напред за кратко време.

Натамошната продажба на удели е планирана за оваа година, но уште е рано да се зборува за колкав износ ќе се работи и на која сума компанијата ќе биде проценета. Клупите на Мрвош моментално се инсталирани во 27 држави, а меѓу познатите купувачи се издвојуваат Nokia, Kia, полицијата во Дубаи, а како партнер се појавува и Deutsche Telekom.

Иако растот на продажбата низ изминатите три години Мрвош го опишува како задоволувачки, сепак тој не е на нивото што го очекувал.

„Просечно, годишно во бројот на продадени клупи растеме за над 200%, а во приходите за околу 350%. За 2018 година нашите очекувања се движат од 800 до 1.000 испорачани клупи, иако навистина е тешко да се направи квалитетна проценка, бидејќи се работи за нов производ и за потполно нов пазар кој ние делумно го создаваме“.

Мрвош вели дека засега не работат на нови модели на клупи, најмногу поради тоа што пазарот нема таква динамика и уште нема сериозна конкуренција, „но, секако, имаме идеи за нови и интересни нешта во иднина“.
Амбициозни планови и нов проект

„Клупите ќе ни бидат во фокусот уште година-две, по што Include ќе исфрли нов производ што ќе биде наменет за истиот пазар. Потоа ќе следи целосна стабилизација на работењето на компанијата, која тогаш ќе биде стара веќе шест години. Дури потоа е можно да се одлучам целосно да ја продадам компанијата, да ги исплатам сите инвеститори, и да почнам некој сосема нов проект“, не ги крие амбициозните планови младиот иноватор и инвеститор, околу кој на почетокот главно биле негови врсници, но во последно време им се придружил и доста повозрасен кадар.

„Мене не ми пречи во нашата компанија да имаме луѓе од 40 или 50 години, како ниту да имаме попаметни луѓе од мене, бидејќи јас не можам, а и не треба да бидам најпаметен. Профилот на луѓето навистина е разнолик, почнувајќи од секторот за продажба во кој работат главно факултетски образовани со совршено познавање на јазикот на пазарот на кој работат; во одделот развој сите се дипломирани инженери или програмери, а во производство поголем дел од тимот има завршено средно училиште“, вели Мрвош.

Последните во Include ги поддржуваат и ги поттикнуваат за натамошното образование, бидејќи едукацијата на вработените им е навистина важна.

„Не е исклучено еден ден некој од производство да премине во развој како junior developer, ако биде доволно едуциран и подготвен да го работи тоа“, вели Мрвош.

Во рамките на компанијата, објаснува тој, многу се посветени на тимска работа и меѓусебна поддршка, бидејќи „како поединци не можеме многу да направиме“.

„Најмногу сум благодарен на својот потесен тим луѓе, кои се со мене скоро од самиот почеток. Тие се тука и во најдобрите и во најлошите моменти; претрпевме куп мои грешки и навистина сум среќен што можам да работам со нив секој ден“.

Мрвош додава дека без овој потесен негов круг, компанијата не би била ваква каква што е денес, и вели оти и покрај ласкањата дека направил голем успех, свесен е дека него и неговите вработени ги чека уште многу работа.
Include Team„Досега сме без ниту една дамка во работењето“

„Почнавме без пари и горд сум што можам да кажам дека во изминатите три години немаме ниту една дамка во нашето работење. Мене тоа ми е една од најважните работи, не поради другите, туку зашто не би можел лично да се поднесам ако работам нечесно“, вели Мрвош, кој иако компанијата му вреди милиони, уште живее со родителите, а нема ни сопствен автомобил.

„Најдобра инвестиција во изминатите три години ми беше купувањето нов кревет. Секако дека по инвестициите можев да извлечам пари за себе преку бонуси или кој знае што, но тоа не сум јас. Оваа компанија не ја почнав поради пари, туку зашто сакам да создавам неверојатни производи што ќе ги користат луѓето низ светот“, вели Мрвош.

„Исто така, сакам на другите луѓе да им дадам можност да работат заедно со мене на тоа. Навистина едно најдобрите чувства е кога знаете дека нешто на што вие сте работеле го користат илјадници луѓе низ светот“.


Клупите ќе го препознаваат полот и возраста на минувачите

Актуелниот модел на паметната клупа Steora има шест верзии, а во основниот сет функции се полнење на мобилен телефон – со кабел или безжично, Wi-Fi систем, ноќно осветлување, разладување на седиштето и 15 сензори што ја следат околината. Пет модели се напојуваат соларно, додека еден е наменет за внатрешна употреба и се напојува од градска електрична мрежа.

„Моментално работиме на неколку многу сложени технологии, како систем за неуронски мрежи што за клупите со рекламен екран треба да овозможи препознавање на полот и на возраста на минувачите, што значајно би го подобрило дигиталното огласување во јавниот простор“, вели Мрвош, чии клупи по испорачувањето и натаму се поврзани на серверите на Include и на нивната надзорна платформа, а на секои неколку месеци добиваат надградба на софтверот за да работат што поефикасно.


 „На хрватските добавувачи им направивме 800.000 евра промет“

Во овој момент околу 50% од сите елементи доаѓаат од Хрватска. Соларните панели развиени се посебно за Include и се произведуваат во Вараждин, а конструкцијата и седиштето се изработуваат во Сплит и околината. Одредени елементи се произведуваат и во самата компанија, а она што не може да се најде во Европската унија, се носи од Кина.

Една од причините зошто вака работат е што клупите не би биле поевтини и целите ако се произведуваат во Кина, бидејќи серијата е многу мала, а производот е тежок и голем по димензии, така што трошоците за транспорт би биле огромни. Втората причина е што Include навистина сака да ја промовира и поттикнува хрватската економија. „Еве, во изминативе три години во добавувачите од Хрватска вложивме над 800.000 евра за набавка на материјали“.


 „Политиката нѐ уништува“

Иван Мрвош вели дека е аполитичен, но остана запаметена неговата остра реакција на изјавата на сплитскиот политичар кој на младите кои ја напуштаат Хрватска им порача: „Не свртувај се сине, нема ни да викаме“. Основачот на Include ваквото размислување го нарече идиотско, и поради тоа доживеал негодување од неколку инвеститори, но, вели дека тоа не го загрижило многу.

„Не ми е проблем да кажам дека состојбата во Хрватска моментално е катастрофална, и оти не се работи доволно на решавањето на насобраните проблеми. Политиката во изминатите 20 години не е заслужна ниту за еден позитивен резултат, ниту во туризмот, ниту во производството, ниту во извозот. Да не се бориме ние, малите луѓе во приватниот сектор, државата веќе би доживеала колапс“.

Според Мрвош треба да се намали бројот на вработени во јавниот сектор, да се затворат непотребните агенции, и да се растоварат претприемачите, особено во однос на придонесите на платите.

„Намалувањето на давачките, на даноците, и подобрувањето на правосудниот систем, дефинитивно би помогнало во привлекувањето инвестиции. Имаме огромен потенцијал, но не само што не го користиме, туку секојдневно го уништуваме“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×