Партиски монополи
Објавено на од во Колумни

Foto Kolumna

 

 

 

 

 

 

 

Интересните спреги на триаголникот партија-држава-бизнис ги саботираат многу силно сите измени кои би можеле да го нарушат функционирањето на ова свето тројство кое веќе има пуштено корења во Македонија. А ако тоа не биде срушено, Македонија не може никогаш да стане нормална држава. Бидејќи во оваа спрега е вградена системска корупција која го блокира развојот на државата како на политички, така и на економски план.

 

 

Партиите почнаа со своето предизборно додворување на гласачите. Враќање на евтината струја, укинување на радиодифузната такса, уште поголеми субвенции од буџетот, бесплатни возења и бањи, ветувања за поправање на дупки по улиците…Какви не идеи за трошење на државните пари се со цел партиите да добијат повеќе гласови. Класична трговија со моќ и пари.

Македонија е навистина интересен феномен. Има толку многу незадоволни од државата, а во исто време има толку големи очекувања од државата.
На пример, голем е бројот на оние кои јавно зборуваат дека државата не треба да ни се меша во работата и во животот, а аплаудираат на тоа што државата конечно со закон ги натерала алчните газди да им плаќаат К-15 на работниците.

Процесите на приватизација и транзиција кои требаше да ја сменат претходната структура на функционална заслепеност од државата, се чини сега се заглавени во партиската држава кој го блокира развојот и модернизацијата на државата. И понатаму се се сведува на размена на моќ, влијание и пари. Партијата и денес го има монополот во целиот државен систем, иако навидум постои партиски плурализам.
Прикриените сојузи на политичките и бизнис елити и партиското владение над јавниот сектор оневозможуваат воспоставување на институционална контрола која би ја оневозможила оваа размена на пари за гласови, моќ за пари, која ни се случува пред очи и на која очигледно мнозинството граѓани веќе не ни реагира. Тоа им доаѓа како сосема нормална работа.

Интересните спреги на триаголникот партија-држава-бизнис ги саботираат многу силно сите измени кои би можеле да го нарушат функционирањето на ова свето тројство кое веќе има пуштено корења во Македонија. А ако тоа не биде срушено, Македонија не може никогаш да стане нормална држава. Бидејќи во оваа спрега е вградена системска корупција која го блокира развојот на државата како на политички, така и на економски план.

Притисоците за вработување во државните и буџетски служби во Македонија се уште се многу големи. Тоа е најсилниот индикатор колку економијата е силна. Во ситуација кога приватниот сектор би бил посилен и би отворал повеќе и подобро платени работни места, тогаш државата не би била толку интересен работодавач. И не би имала со што да тргува за гласови. Или поточно да корумпира гласачи ветувајќи им вработување во јавните служби.

Оваа ситуација нема лесно да се промени. Веројатно и по изборите во април ќе бидеме сведоци како министерствата и државните институции се делат како партиски плен и со нив се управува како да се нивна партиска или приватна сопственост. Ова веќе не е ни монопол, туку заличува на феудализам.
А кога партиските раководства ќе ги окупираат државните институции и функции, тука веќе настапува на сцена политизацијата која спречува тие институции да делуваат неутрално и со кои се оневозможува ефикасно делување на контролните институции.  И ова е накратко рецептот по кој Македонија се однесе во овој ќорсокак во кој е денес.

И за разлика од класичната партиска држава од поранешниот систем, чиј монопол на државата бил загарантиран со идеолошката легитимација, владејачките партии и коалиции кои досега ги имала Македонија не држат многу до своите политички идеологии, туку се насочени кон отворена картелизација во присвојувањето на јавните добра, институции и јавни служби. И овој систем на интереси, како по правило секогаш се оправдува со потребата за единство околу државните и националните интереси, и од него, прилично парадоксално за повеќе партиски систем, се исклучува политичката конкуренција.

Дуополот во владеењето Македонија се уште е на сила, но многу земји од регионот како на пример Грција, сега и Хрватска се соочуваат со распад на досегашниот систем на картелизација на политиката и државата од двете најголеми партии. Иако на многумина случувањата во Хрватска и Грција им наликуваат на хаос, конкуренцијата во политиката е веројатно првиот чекор кон воспоставување на нормална држава. Тоа мора да се случи и во Македонија.
За почеток е неопходна промена на изборниот модел и целосна јавност во финансирањето на партиите. И прашање на време е кога политичките елити ќе добијат готови законски решенија и за овие прашања. Како што во изминатиов период добиваа готови законски решенија за се она што го бутаа под тепих со години наназад за да се одржи монополот на политичкиот клиентелизам во  управување со државата.
Процесот на демонтажа на системот на киднапирање на државата од страна на партиите е веќе почнат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×