Пендаровски на ИФИМЕС: Нова ера на Балканот ќе има кога тој целосно ќе се интегрира во ЕУ
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Сè додека Западниот Балкан не се интегрира во Европската Унија, не можеме да очекуваме да исчезнат балканските омрази, а слабите економии и меѓуетничките односи да се подобрат, порача претседателот Стево Пендаровски на предавање на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) во Љубљана, на тема „Иднината на Северна Македонија – Како да се забрза интеграцијата во ЕУ“.
пендКабинетот на Претседателот информира дека говорејќи за случајот на Северна Македонија, претседателот Пендаровски рече дека со интензивен дипломатски ангажман за многу кратко време државата успеа да реши децениски прашања. Овој процес, според Претседателот, не беше лесен, затоа што мораше да се донесат тешки одлуки за многу чувствителни прашања за граѓаните. Според него, главната состојка во целиот процес била политичката волја.
Со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и со Преспанската спогодба со Грција, според претседателот Пендаровски, Северна Македонија се ослободи од товарот на минатото.
„Северна Македонија е единствена држава во регионот што веќе нема отворени прашања со своите соседи. Истовремено, отворивме и нова можност за соработка и градење стратешки партнерства со нашите соседи“, рече претседателот Пендаровски во предавањето.
Според него, најголема безбедносна закана за регионот е масовното заминување на младите луѓе. За нова ера на Балканот, според претседателот Пендаровски, може да се говори единствено преку интеграцијата во Европската Унија.
„Сè додека Западниот Балкан во целост не се интегрира во Европската Унија, не можеме да очекуваме дека сите балкански омрази, слабите економии и меѓуетничките односи ќе бидат подобри. Никој нема да може да очекува дека младите генерации, кои гo напуштаат регионот во масовни бројки, ќе запрат. Најголемата закана за националната безбедност за сите наши општества на Западниот Балкан е имиграцијата. Младите луѓе си заминуваат, заминуваат по подобар живот, по повисок стандард, по нормален живот, по мирен живот. Ако не ги започнеме преговорите со Европската Унија, со перспектива да ги завршиме што поскоро, а што поскоро се разбира не значи случајот на Црна Гора, која преговара седум години и се уште чека да ги отвори сите 35 поглавја, тогаш сме далеку од точката кога ќе можеме да кажеме дека сме ги затвориле сите овие прашања. По мое мислење, сето тоа треба да биде завршено, за сите земји што ги споменав од регионот, за максимум пет до шест години. Само така можеме да говориме за нова ера на Балканот, инаку ние повторно ќе зборуваме за конфликти, проблеми, за потпалувачка реторика“, рече претседателот Пендаровски во предавањето на ИФИМЕС.
Претседателот Пендаровски престојува во официјална посета на Република Словенија, каде вчера во Љубљана беше примен од претседателот на Словенија, Борут Пахор. За денеска се предвидени средби со претседателот на Државното собрание на Словенија, Дејан Жидан, и со словенечкиот премиер Марјан Шарец.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×