Пензискиот систем зрел за нова реформа
Објавено на од во COVER STORY

10 grafik4 решенија за спас на пензискиот систем

Зголемување на законската возраст за пензионирање со оглед на големиот јаз во однос на просекот во ЕУ; ревидирање на индексацијата според трошоците на живот во согласност со многуте земји во ЕУ, а не согласно порастот на платите; спроведување реформи за зголемување на учеството на работната сила, особено на жените (кое е едно од најниските во Европа), и разгледување на можно зголемување на стапките на придонеси, доколку одржливоста не е обезбедена преку други мерки – ова се четири препораки од Меѓународниот монетарен фонд откако се вклучи алармот дека “дефицитот во Фондот за пензиско осигурување е прилично голем со тенденција да расте“. Домашните експерти исто така сугерираат дека пензискиот систем е зрел за нова реформа, особено откако стана јасно дека досегашните мерки, како намалувањето на стапката на придонес, воведувањето на задолжителните приватни пензиски фондови и постојаното зголемување на пензиите, уште повеќе ги продлабочија проблемите. Така годинава, за да се исплатат пензиите, власта од државниот буџет мора да обезбеди дури 54,3% од вкупната сумата од 832,7 милиони евра.

Пензиската реформа е зрела за пензионирање но надлежните институции засега не излегуваат во јавноста со предлог решенија за проблемите коишто од година во година се продлабочуваат. Исплатата не пензиите се‘ повеќе зависи од парите од централниот буџет бидејќи приходите од придонесите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) се доволни само за помалку од половина од потребната сума.

Пресметките покажуваат дека годинава, за исплата на пензиите на вкупно 312.857 пензионери, потребни се 832,7 милиони евра. Од нив, дури 452,5 милиони евра, односно 54,3% ќе дојдат како трансфер од државниот буџет и оваа сума е за 20 милиони евра повеќе отколку лани, што покажува дека дефицитот во пензискиот фонд, односно разликата меѓу трошоците за пензии и приходите од придонесите се зголемува.

Зависноста на државниот пензиски фонд од централниот буџет се зголемува паралелно со порастот на бројот на пензионери но и зголемувањето на пензиите.

Овој загрижувачки тренд повторно го отвори прашањето за одржливоста на пензискиот систем вака како што е поставен. Експертите коментираат дека штом трансферите од државниот буџет до Фондот постојано се зголемуваат и веќе надминуваат 50% од трошоците за пензии, ќе мора да се применат непопуларни решенија како на пример, зголемување на стапката на придонес.

„Нормално дека на ваквата одлука би се противел приватниот сектор, но тоа станува неизбежно решение“, велат експертите.

Наспроти реформата, она што е алармантно е стеснувачкиот јаз меѓу оние што земаат пензија и оние што ја полнат фондовската каса. Според пресметките на ПИОМ, за пензијата на е 1 пензионер придонеси уплатуваат 1,8 осигуреници, сооднос што објективно треба да го вклучи алармот за долгорочна одржливост на фондот за редовна исплата на пензиите.

Универзитетскиот професор Трајко Славески, вели дека едно од најитните решенија во насока на решавање на овој проблем е да се запре порастот на трансферите од централниот буџет до државниот пензиски фонд.

11 izjavi„Очекувам институциите да излезат со оценка за ефектите од пензиската реформа, да направат издржана анализа и врз основа на тоа да се носат решенија. Една од мерките што би помогнала е усогласување на зголемувањето на пензиите со порастот на трошоците за живот, за да се зачува стандардот на пензионерите, а не со порастот на платите и тоа е вообичаена практика во другите земји“, истакна Славески.

Тој вели дека проблеми имало и во првите години од осамостојувањето и транзицијата кон пазарна економија, но тие се зголемиле со пензиската реформа – воведување на Втор столб, приватни пензиски фондови, кон кои се насочи една третина од стапката на придонес за осигурениците.

ramka„Македонија е една од најдарежливите земји во тој поглед, бидејќи никаде уделот од придонесите што се префрлаат во приватните фондови, не надминува од 10% до 15%“, вели Славески и додаде дека дополнително проблематично е што невработеноста во земјава е висока, има голема неформална вработеност односно луѓе на кои што не им се плаќаат социјални придонеси, а и иселувањето на младите кои што би требало да придонесуваат во пензискиот фонд, исто така влијае на продлабочување на дефицитот.

Дел од земјите во Источна Европа кои што со пензиските реформи воведоа втор столб, наголемо дебатираат за иднината на приватните пензиски фондови, од предлози за нивна национализација, до намалување на уделот од придонесите што го добиваат, па до суспендирање на уплатата на придонеси во приватните пензиски фондови во период од неколку години и слично.

Во Македонија има две приватни пензиски друштва во вториот задолжителен столб, КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и НЛБ Пензиски фонд, кои што добиваат третина од приходите од пензиските придонеси.

Според последните податоци на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), тие во 2016 година добиле вкупно 93,6 милиони евра од уплата на придонесите. Двете друштва, кумулативно располагаат со средства од 781,3 милиони евра. Реалниот принос што го оствариле од нивното основање до крајот на 2016 година се движи меѓу 3,4% и 3,6%.

И поранешната директорка на МАПАС, Зорица Апостолска, посочува дека се потребни итни реформи за да не се доведе исплатата на пензиите и да се зајакне одржливоста на пензискиот фонд. Според неа, треба да се најде начин за зголемување на приходите во фондот поради тоа што дел од мерките во изминатите години влијаеја врз намалување на приходите.

„Се намали стапката на придонес и тоа намалување на придонесот драстично влијаеше на намалувањето на приходите на државниот фонд, го доведе државниот пензиски фонд во една зависна состојба од Буџетот. Креаторите на политиките мора да размислуваат како да ги зголемат приходите во пензискиот фонд бидејќи ситуацијата е финансиски неодржлива. Како што прават повеќето земји во светот, ќе мора во период од неколку години да се зголемува стапката на пензиски придонес и да се поместува старосната граница на пензионирање за да може фондот финансиски малку да се растовари. Јасно е дека Фондот за ПИОМ е зрел за нова реформа“, изјави неодамна Апостолска.

Алармантни препораки од ММФ и Светска банка

Предупредувања дека “дефицитот во Фондот за пензиско осигурување е прилично голем со тенденција да расте“ доаѓаат и од меѓународните финансиски институции како Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Без реформи и со намалувањето на работоспособното население, пензискиот дефицит се проектира двојно повеќе да се зголеми до 2030 година“, предупреди ММФ. Во својата последна анализа за македонската економија, монетарците предупредија дека јавните финансии се соочуваат со долгорочните предизвици поради стареењето на населението.

„На 4,5% од БДП, дефицитот на пензискиот фонд на Република Македонија е прилично голем. Ова е одраз на релативно големите поволности, ниските стапки на придонеси и ниското учество на работната сила“, пишува во извештајот на ММФ а потоа во продолжение ги охрабрува властите да ги разгледаат следните опции како средства за да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем.

„Зголемување на законската возраст за пензионирање со оглед на големиот јаз во однос на просекот во ЕУ; ревидирање на индексацијата според индексот на цените на трошоци на живот во согласност со многуте земји во ЕУ; спроведување реформи за зголемување на учеството на работната сила, особено на жените (кое е едно од најниските во Европа), и разгледување на можно зголемување на стапките на придонеси, доколку одржливоста не е обезбедена преку други мерки“, сугерира ММФ.

Аналитичарите на Фондот заклучија дека стапката на невработеност значително опадна во последниве години и како придобивка од активните политики на пазарот на трудот и широко базираниот раст, вкупната стапка на невработеност се намали за 10 процентни поени од 2008 година наваму, но сепак, според нив, стапката на невработеност од 24% останува многу висока како одраз на недостатокот на вештини кои произлегуваат од емиграцијата на квалификувана работна сила и општо ниското ниво на образование.

„Стапката на учество на работната сила сепак е намалена во последниве години, особено во поглед на младите работници. Со намалувањето на учеството на работната сила во растот и стареењето на населението, ниските стапки на учество се препрека за долгорочните перспективи. Понатамошните напори треба да бидат насочени кон подобрување на техничките вештини и зголемување на учеството на работната сила. Политиките за поддршка на обуки на работното место и стручното образование вродуваат со плод и треба да продолжат, но секако имајќи ги предвид и фискалните трошоци. Зголемувањето на учеството на работната сила, особено на младите како и на женската работна сила, ќе помогне за подобрување на потенцијалниот раст“, пишува во извештајот на ММФ.

Светска банка, пак, посочи дека зголемувањето на вработеноста е главно резултат на субвенционираните работни места од страна на државата, и тоа создава сериозни проблеми во опстојувањето на пензискиот фонд, кој станува се повеќе зависен од парите што му ги префрла државата за да може да исплати пензии.

„Може да се види дека практично 89% од ново креираните работни места се со фискален стимул. Со оглед на тоа што имате работни места што се креираат, каде што работодавецот е ослободен плаќање на социјални придонеси и слични давачки. Така што ова од друга страна создава притисоци на среден рок, пред се притисоци врз Фондот за ПИОМ. Во последните години тој дел што Фондот го добива од државата достигнува некаде околу 46%. Тоа е значителна зависност на пензискиот систем од трансфери од централниот буџет, што на среден и на долг рок  секако создава притисоци врз овој систем со оглед на тоа што еден од неговите постулати е на генерациска солидарност. Така што не треба да се одзема од идните генерации за бенефит на сегашните,“ изјави неодамна Бојан Шимбов, економист на Светска банка.

Загрижувачки е што оваа врска меѓу државниот буџет и пензискиот фонд со текот на годините станува поцврста и нераскинлива. Во 2009 година на пример, со трансфери од буџетот се покриваа 33,9% од трошоците на Фондот за пензиско осигурување.

Финансиската кондиција на пензискиот фонд почна да се влошува од 2008 година наваму откако властите одлучија да ја намалат стапката на придонес за пензиско осигурување од 21,2% од основицата, на 18% колку што е и денес. Аналитичарите велат дека намалените придонеси не обезбедија поголеми приходи од придонеси преку поттикнување на вработеноста туку креираа поголем дефицит во пензискиот фонд.

Експертите објаснуваат дека решенијата што ги предлага и ММФ, а тоа се зголемување на стапката на придонес за пензиско осигурување, или пак подигнување на старосната граница за пензионирање, мора да се применат за да се подобри финансиската кондиција на пензискиот фонд. Овие мерки се непопуларни за спроведување, меѓутоа, експертите се децидни дека пензискиот систем ќе мора повторно да се реформира.

Ревизорите ја потврдија лошата состојба во ПИОМ

Загрижувачки е и последниот ревизорски извештај за финансиската кондиција на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување што во 2015 година го објави Државниот завод за ревизија.

Неповолната финансиска состојба во Фондот според ревизорите се должи на неостварените проекции за зголемување на вработеноста, како и неостварените проекции за пораст на платите. Според податоците во извештајот, загрижувачки е податокот дека дупката во буџетската каса на Фондот секоја година се повеќе се продлабочува.

„На финансиското работење на Фондот влијание имаше намалување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување како и неостварените макроекономски индикатори за зголемување на вработеноста и порастот на платите на вработените кои имаат директно влијание врз остварувањето на приходите од придонесите“, стои во извештајот на ревизорите.

Ревизијата забележува дека од година во година се повеќе расте дупката во буџетот на Фондот, која мора да се покрива со пари од централниот буџет. Особено е за истакнување, велат ревизорите, дека висината на дефицитот во буџетската каса на Фондот има тренд на зголемување секоја година.

При тоа, ревизорите предупредуваат дека постои можност и од натамошно продлабочување на дупката во буџетската каса во Фондот.


sunceПовеќе пензионери, помалку осигуреници

Еден од клучните фактори којшто има влијание врз одржливоста на државниот фонд е демографската структура на населението. Актуарските извештаи на Фондот за ПИОМ покажуваат дека долгорочно Македонија ќе биде земја на стара популација. Прогнозите се дека во следните години ќе се зголемува бројот на пензионери, но ќе се намалува бројот на осигуреници кои се важни за приходната страна на Фондот. Се очекува соодносот на населението над 65 години со работоспособното население (18-64 години) да порасне, од сегашните 19,45% на 49,74% во 2060-тата година и да опаѓа до 42,28% во 2080-тата година. Ова значи дека, на долг рок, околу една половина од населението над 18 години ќе биде старо население.

„Ваквите демографски движења во пензискиот систем предизвикуваат појава на зголемен број пензионери и подолготрајно користење на пензијата, а намалување на бројот на осигуреници. Актуарските проекции, изработени при подготовката на реформата на пензискиот систем, покажаа дека може да се очекува овие фактори да имаат големо негативно влијание врз солвентноста на Фондот на ПИОМ, на долг рок, односно, без реформи, системот би функционирал со изразен дефицит што брзо и значително ќе се зголемува“, се посочува во последниот извештај на (МАПАС).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×