Петар Ристовски, Принцип комерц: “Влеговме и на пазарот за ајвар – во премиум сегментот!“
Објавено на од во Компании

Петар РистовскиПетар Ристовски
сопственикот на “Принцип комерц“ од Давидово не застанува со инвестициите

“Задруга с. Давидово“ се вика најновиот “играч“ на пазарот за ајвар, направен во погоните на “Принцип комерц“ по традиционален, домашен рецепт. Како што вели сопственикот на фабриката, нивниот ајвар ќе биде во лимитирани серии, позициониран во премиум ценовниот сегмент, 80% наменет за извоз.

 

Кога пред нешто помалку од една година ја посетивме фабриката за конзервни производи “Принцип комерц“ во гевгелиско Давидово, нејзиниот сопственик Петар Ристовски ни рече дека нема намера да застане со инвестициите во родниот крај на своите родители, туку од есенва, покрај веќе етаблираните земјоделски преработки по коишто е препознатлива компанијата, ќе почне и со производство на ајвар. Плановите на Ристовски се остваруваат, и со инвестиција од нешто повеќе од 150 илјади евра компанијата набави опрема за преработка на црвената пиперка, главната состојка на ајварот.

“После повеќегодишна анализа на пазарот за овој највкусен балкански специјалитет, дојдовме до заклучок дека е неопходен домашен ајвар приготвен на традиционален начин, кој нашите предци ни го оставиле како аманет. Квалитетната суровина е првиот чекор до екстра производ, а тоа без сомнение го имаме во нашето поднебје. Подготовката на еден специјалитет како ајварот бара:добро печена црвена пиперка,модар домат,сончогледово масло и сол и пред с$ многу внимание за да биде достигнат врвниот квалитет.Реализирањето на замисленото веќе е пред нас,единствен домашен ајвар на македонскиот пазар со 20% суви материи, без конзерванси,без вештачки бои и згуснувачи – едноставно ајварот чиј вкус и мирис навраќа на онаа домашна традиционална подготовка.“, вели сопственикот на “Принцип комерц“, Петар Ристовски.

Првите количини на ајварот под брендот “Задруга с. Давидово“ се веќе во продавниците, поточно, засега, во маркетите на Рамстор, со когошто “Принцип комерц“ има повеќегодишна соработка.

Компанијата има инсталиран капацитет за ајварот од речиси еден милион тегли годишно, но сега на почетокот направиле една помала серија од 80.000 тегли ајвар.

“Ајварот е со премиум квалитет, па затоа и го позициониравме во малку повисокиот ценовен сегмент“, вели Ристовски.

Тој додава дека планот за догодина е производството на ајвар да се зголеми за најмалку 2-3 пати, со истата формула за квалитет, а со тек на време просторот што го дозволува инсталираниот капацитет ќе се пополни и со други преработки од пиперка, модар патлиџан и сл., како што се лутеница, малиџано, итн.

“Ние сакаме ‘Задруга с. Давидово’ да го градиме и зацврстиме како своевиден бренд на деликатесни производи, за когошто потрошувачите се спремни да платат и малку повеќе. Токму затоа и плановите ни се да го произведуваме во лимитирани серии, пред с$ за да може да ја одржиме постојаноста на квалитетот. Одѕивот од пазарот засега е одличен, и овде во Македонија, и на извозните пазари, според реакциите што стигнуваат од нашите трговски партнери во регионов, производот предизвикува воодушевување.“, вели Ристовски.

Суровината за ајварот, фамозната црвена пиперка ајварка – куртовска капија, вели нашиот соговорник, годинава била со исклучително добар квалитет, родот бил одличен и цената поволна.

“Се надевам дека проблемите со конзистентноста во количините и квалитетот на суровината за нас преработувачите ќе се минимизираат во иднина, со што ќе може да ја задржиме динамиката на производството и испораките кон нашите купувачи во земјава и странство“.

Фото ајвар
Од фургонче на Кванташки до извозник на преработки од овошје и зеленчук

Неговата компанија, формирана уште во 1993 година, на домашниот и странските пазари најмногу е позната по продажбата и дистрибуцијата на маслинки, коишто денеска зафаќаат околу половина од обртот што го прави Ристовски годишно. Маслинките ги увезува од Грција, и потоа непреработени или пак со додатоци на пиперки, бадеми или корнишони ги пласира на пазарот во Македонија и надвор. Остатокот од бизнисот отпаѓа на сопствени преработки на зеленчук, печурки и овошје, во вид на туршија, слатка и сл. Нешто повеќе од една третина од целиот асортиман на “Принцип комерц“ оди за извоз, а плановите на сопственикот се овој процент уште повеќе да се зголемува во блиска иднина.

“Конкретно за најновиот наш производ, ајварот, планирам извозот да биде околу 80% од целото производство.“, вели Ристовски.

Инаку, приказната за “Принцип комерц“ не почнува во Давидово, туку во Скопје, каде што Ристовски е роден, го поминал детството, младоста, и каде што некаде кон крајот на 1992 се враќа од отслужување на воениот рок. Период кога социјалистичкото стопанство на поранешната југословенска федерација се распадна, почнаа војните во Хрватска и БиХ, македонските фирми се соочија со ненадејно губење на пазар од 23 милиони луѓе и шансите за вработување во некоја од државните компании кои што се наоѓаа на прагот од приватизацијата беа минимални.

“Имав некаква шанса да се вработам во полиција, но не сакав повеќе ниту да погледнам униформа и оружје и решив да се занимавам со трговија, да му помагам на татко ми којшто заедно со еден негов пријател сезанимаваше со трговија на овошје и зеленчук на Кванташкиот пазар во Скопје, со едно мало камионче.“, се сеќава на своите почетоци Ристовски.

Тогаш беше “златниот период“ на приватниот бизнис во земјава, луѓето охрабрени од можноста да станат претприемачи масовно почнаа да отвораат фирми, најмногу во трговијата.Уште на почетокот се насетувало дека има претприемачки дух и набрзо започнал самостојно да ја обавува дејноста.

“Така терав едно десетина години, исклучиво со увоз и дистрибуција, за во 2004 да почнам и со доработка во сопствен погон во родното село на моите родители, Давидово. Првите години маслинките ги продавав само во Македонија, а потоа почнав и со реекспорт во околните земји. Во 2004 година решив да инвестирам во родното место на татко ми, с.Давидово, гевгелиско. Имав желба да помогнам со вработување на населението од тој регион и да поттикнам инвестиции и од други инвеститори. Во 2006 погонот го проширив, во 2009 направив уште еден капацитет, затоа што во меѓувреме решив да понудиме и преработки од зеленчук, како и печурки шампињони. Во 2011 почнав да градам и трет погон, којшто го комплетирав во 2016 година. Сега нудиме три главни производни програми: маслинки, конзервиран зеленчук и печурки, и како најново, слатката од смокви и шумско овошје.“, објаснува Ристовски.

“Принцип комерц“ последниве години има годишен обрт што се движи околу 1,3 милиони евра, компанијата има 40-тина вработени и свој дистрибутивен центар во Скопје, кого што го води сопругата на Петар, Анита.

36

Потребни се пари од европските фондови за побрз развој на конзервната индустрија

Вкупните инвестиции на компанијата досега во градежни објекти, опрема и возила, со се’ најновата инвестиција во производната линија за ајвар, изнесуваат нешто повеќе од 650 илјади евра, од коишто најголем дел се за опрема и возила за дистрибуција на производите. Инвестициите во “Принцип комерц“ се реализираат фаза по фаза во подолг временски период, при што планирањето на вложувањето е најмалку една година и ги вклучува сите потребни анализи, објаснува сопственикот и директор на компанијата, Ристовски.

“Најголем дел од парите за инвестирање ги обезбедуваме од сопствената акумулација, но за да ја задржиме ликвидноста на потребното ниво, сме користеле и кредити. Иако за домашните банки сме доста интересни и тие постојано ни ги нудат своите кредитни линии, сепак, потребна ни е поддршка и од други извори, заради финансирање на поголеми инвестиции. Нашата конкуренција од Грција и Бугарија, на пример, обилно ги користи парите од европските фондови за поддршка на агро – бизнисот, а ние многу тешко доаѓаме до парите во рамки на претпристапните фондови на ЕУ наменети за Македонија, или пак она што државата го одвојува како субвенции и сл.“, вели Ристовски. За да се надмине овој проблем, тој апелира за поголема помош од надлежните институции – Агенцијата за поддршка на земјоделието и руралниот развој, Министерството за земјоделие, итн. – при изработката на апликациите и документацијата, односно комплетните бирократски процедури за добивање на овие пари, со цел подинамичен развој на компаниите од преработувачкиот сектор во земјоделството.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×