“Пијани анестезиолози” – конец фиљма!?
Објавено на од во Колумни

Една млада девојка од Букурешт на цел глас извикува: “протестирам да си оди оваа Влада која е корумпирана затоа што дала дозвола да има дискотека на група која платила мито да добие дозвола, а не смеела да добие оти ова место е опасно за концерти. Видовте се запали… Протестирам против градоначалникот на 4-ти реон на градот Букурешт кој е корумпиран и дозволил да се даде дозвола за работа …Поради корупција во Романија почнаа да гинат луѓе…”. Премиерот Виктор Понта, осомничен за корупција, даде оставка, во државата која сепак смогна сили да не го допре дното, и да не продолжи до својот тотален морален крај… а тоа е да дозволи пијани анестезиолози да породуваат жена која со насмеано лице исчекувајќи го најубавото нешто во животот, умира со се нејзиното бебе. Македонскиот криминален и морален завршеток. Нема оставка, ниту од Министерот за здравство, ниту од Владата, туку има уште четири мртви низ болницте за само три дена… случаевите се забораваат и се покриваат со откази за пијаните анестезиолози…!? Пијани анестеолози среде операциона сала!? И среде Европа. Има разлика… Има!

 

 

Во долината на Вардар договорот од Пржино е реанимиран, но ногата на коњот на Крали Марко во Прилеп се скрши, пред да биде поставен среде градот! Се си има своја цена, се разбира … Нека се збие на ногата на коњот на Крали Марко …Среќа во несреќа е што реанимацијата на “Пржинскиот договор” овој пат не ја извршија пијани анестезиолози од државните македонски клиники производ на длабоката здравствена реформа во која “сите реформатори останаа живи, освен пациентите”!?

Oд друга страна, веќе е сосема јасно дека Договорот од Пржино не е тоалет хартија, туку “вистинска шмиргла”. Нека се обидат нека се избришат со неа … Ќе боли газот…

Значи советот на јавни обвинители капитулираше. Петар Јаневски претседател на Советот, ја информираше јавноста дека внимавајте – “специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го убедила Советот дека е потребно специјалното обвинителство да брои 12, наместо 7 обвинители”. Иако еден ден пред тоа изјавуваа дека “нема шанси такво нешто да помине”. И обично, како што бидува, на крајот на соопштението, затскриено, стои суштината:

“Обемот на работа на обвинителката Јанева во меѓувреме е зголемен (!?), ќе се сослушуваат многу повеќе лица од првичните сознанија, и ќе има поголем број на предмети од тие 28 што таа ќе ги превземе од Обвинителството за организиран криминал”! Такааа …

Мала анализа. Три клучни преломни точки има политичката криза во Македонија од нејзиниот почеток. Криза најголема од независноста до денес, и која, како што сега веќе е сосема извесно би требало да се развие во суштинска реформа на владата (влез на опозицијата) со тоа што тоа повеќе нема да биде влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од 18 партии, туку техничка преодна Влада. Ова наскоро ќе претсатвува и симболичен крај на “преродбеничкиот период на Македонија”, таа длабока македонска ренесанса, во која како “пијани анестезиолози после операција на породување” уживаме во убавините на животот без грам морал и совест за тоа колкава неспособност и немоќ како нација произведовме и покажавме на светската сцена на цивилизациски вредности во последнатава деценија”! И докажавме исто така, дека вака било и во 1912 и во 1913 година … !? Ништо поразлично. И ништо да не не чуди …

И сега веќе полека станува јасно дека македонската  политичка криза ќе финишира со оставка на премиерот кон крајот на годината, или евентуално меѓу Нова година и Божиќ. Па ќе следи неизвесен предизборен и изборен период …!?

Првa преломна точка, настаните во Диво насеље Куманово во кои загинаа повеќе македонски полицајци како и криминалци од странски држави (оставки на тројца високи државни функционери). Ова е настан кој уште долго во иднината ќе се анализира. За Куманово и судски ќе се процесуира. Овде има се и сешто … Судовите ќе ги добијат своите докази.

Втора преломна точка, потпишувањето на Договорот од Пржино (со кој договор се навестија текот на настаните во Македонија). Со овој договор Владата дефакто стана техничка, оти доби една единствен план за работа, а тоа е “да се развласти и “самоубие” за да може Македонија да добие, “нормален, логичен и мирен политички процес” … Тек на разрешување со криминалот, промена на управата и секако нормални избори”.

Трета преломна точка, е средата 4 Ноември, 2015 година (експресно конституирањето на специјалното обвинителство и добивањето на бараниот Буџет како и простории за работа за дружината на Катица Јанева). Со ова конечно им се скрши кичмата на оние невидливи сили низ институциите кои беа надлежни за спроведување на пржинскиот договор, а командувани од реални видливи полови на моќ. Сега почнува големото шоу – сакате “Пинкове звезде”, сакате “звезде Гранда” …бирајте телевизија …!?

И после се останува дилемата зошто беше потребно толку пимплање и губење време, со што беа загрозени и некои фундаментални определби на сите македонски граѓани, а тоа е определбата за евроатлански интеграции. Па и самите анкети во кои е заробена ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат над 85% определба на граѓаните за ЕУ и НАТО!? Зошто тогаш со крајна ароганција се доведува во прашање европската иднина на Македонија преку можноста за губење на препораката за почеток на преговорите со ЕУ и македонско бламирање среде ЕУ и на отворена светска сцена? Ке ја превземе ли некој одговорноста за овој јавашлук?

Но, разбирливо е. Со Македонија одамна (25 години) не владее некоја длабоко фундирана власт која својата силина и моќ ја црпи од суштински дефинирана идеологија, која енергијата ја црпи во историјата во која се колнат, и за која потрошија милиони евра да ја овековечат низ музеи и документарни филмови. Оваа власт во последните десет години не е ниту некој NEW WAVE- нов бран… Напротив. Како што гледаме и слушаме кешот е во прашање. Оваа вака поставена власт е технички збир на интересни групи и ликови клиентелистички поврзани меѓу себе, и со концентричните кругови околу нив по принципот на должничко-доверителски односи. Ги менуваат своите интересни цели во зависност од моменталниот распоред на фигурите на шаховската табла … Нема избори, па има избори, нема договор во Пржино, па има договор, нема оставки на министри – има оставки на министри, нема специјално обвинителство – има специјално обвинителство, нема потреба од толку обвинители-сега одеднаш има потреба од обвинители… !?

Тоа што Советот на обвинители капиту-лираше, во суштина само покажа дека станува збор за најава за солиден пакет на потенцијално криминални предмети за високи функционери во државата, кои допрва ќе се процесуираат (Советот во своето соопштение признава). Ова, пак, значи дека и дефинитивно се потврдува дека македонската Влада “е тргната на пат” со “билет во еден правец”. A требаше да го послушаат Бојко Борисов, кој уште пред Пржино договорот им предложи оставка на Владата, па потврда на избори!? Зошто не го послушаа? Tоа е разликата меѓу Бугарија и Македонија.

Се чини Груевски тука ја направи својата најголема стратешка грешка. Првата добра прилика за оставка му беше после Куманово, втората после Пржинскиот договор, трета добра прилика за оставка е деновиве после конституирањето на јавното обвинителство, и веројатно скорото поставување на министрите на СДСМ и опозицијата, со што практично владата ќе биде толку разобличена што таа веќе не е влада на ВМРО-ДПМНЕ!?

Но, да не даваме овде бесплатни совети. Затоа што Владата одамна е обвиена со arrogance, out of touch
and incompetence.

Истиот ден 4 ноември, 2015, кога Советот на јавни обвинители во Македонија по долго “тртљање” ги прифати сите услови на специјалната јавна обвинителка Јанева, и во период кога македонската Влада деновиве ќе добие министри од опозицијата, и со тоа ќе продолжи да се “тртља” како, демек влада на ВМРО-ДПМНЕ, а со неа и ние сите ќе се “тртљаме” низ времето и просторот и тапо загледани во небото, Виктор Понта, премиерот на Романија поднесе оставка.

Формално оставката е поднесена поради големата несреќа во дискотека среде Букурешт во која загинаа 26 млади луѓе кои се забавувале на рок концерт. Неофицијално, пак, Понта е под силна истрага за корупција негова и на членови на неговата влада. Романските судови му го имаат блокирано имотот уште од порано, а тој исто така, по долго “тртљање” поднесе оставка и сега ќе се соочи со повеќе обвинителни акти. Сега почнува процесот на расчистување за стотици милиони евра наводно проневерени во разни проекти, како домашни, така и проекти финансирани со европски пари…

На денот на оставката Понта се соочи со демонстрации на над 50 илјади романски граѓани на кои излегол и лично романскиот претседател Клаус Јоханис. Престедателот на државата силно побара од Понта и Владата да понесат одговорност за загинувањето на 26 млади животи, кои на концерт дошле во објект, поранешна фабрика за чевли, која ги немала дозволите за да организира ваков тип на настани.

Една млада девојка од Букурешт во демонстрациите изјави: “протестирам да си оди оваа Влада која е корумпирана затоа што дала дозвола да има дискотека на вакво место на група која платила мито да добие дозвола за дискотека, а не смеела да добие оти ова место е опасно место за концерти. Видовте се запали местово…Ние младите сме мислеле дека е безбедно… Протестирам против градоначалникот на 4-ти реон на градот Букурешт кој е корумпиран и дозволил да се даде дозвола за работа … Протестирам затоа што корупцијата во Романија почна да коси невини животи. Поради корупција во Романија почнаа да гинат луѓе … Неколку од загинатите беа мои најдобри другари…”.

Сосема доволно да проработат совеста и европските вредности. Ај не дај оставка де…! И премиерот Виктор Понта даде оставка, во државата која сепак смогна сили да не го допре дното, и да не продолжи до својот тотален морален крај, а тоа е да дозволи, пијани анестезиолози да породуваат жена која гине со се нејзиното бебе (македонскиот криминален и морален завршеток). А потоа не само што нема оставка, ниту од Министерот за здравство, ниту од Владата, туку случајот се заборава…

Има разлика…

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×