Пиварниците од Скопје и Прилеп казнети со 8,5 милиони евра заради нарушување конкуренција
Објавено на од во Компании

Пивара Скопје е казнета со 5,8 милиони евра, а Прилепска пиварница со 2,7 милиони евра, затоа што Комисијата за заштита на конкуренцијата смета дека ги ограничувале своите дистрибутери во формирањето на малопродажните цени. 

Beerslide3

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) им изрече глоба од 5,8 милиони евра на Пивара Скопје и од 2,7 милиони евра на Прилепска пиварница зошто ги ограничувале дистрибутерите во одредувањето на продажната цена.

Како што соопшти КЗК, одлуките за паричните казни на двете компании се донесени вчера, на седница на Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Пивара Скопје АД, од 17 декември 2012 година склучувала договори за продажба и дистрибуција на нејзините производи со независните дистрибутери, во кои се содржеле одредби со кои ја ограничувала способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена, односно му наметнувала по која цена да ги продава производите на крајните купувачи.

Прилепска пиварница АД Прилеп, пак, од 13 ноември 2010 година склучувала договори за деловна соработка со овластените дистрибутери, во кои се содржеле обврски за неконкурирање со неограничено времетраење, но и одредби со кои ја ограничувала способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена.

“Ова значи дека дистрибутерот не може самостојно да си ја одреди цената по која ќе ги препродава производите на пазарот, што во услови на пазарна економија значи ограничување на конкуренцијата. Ваквите одредби кои се однесуваат на одржување препродажни цени претставуваат ограничувања кои не смеат да бидат содржани во вертикалните договори (договори меѓу производителот и дистрибутерот) и имаат за цел нарушување на конкуренцијата согласно Законот за заштита на конкуренцијата и согласно Уредбата за групно изземање на одредени видови вертикални договори“ , стои во соопштението на КЗК.

Од Пивара Скопје испратија реакција по повод одлуката на КЗК во која што се жалат на оваа, како што велат, драконска казна. Инаку, износот од 5,8 милиони евра е практично колку половина годишна добивка на пиварницата за 2015 година, додека во случајот на Прилепска пиварница, сумата од 2,7 милиони евра е безмалку колку нивнaта годишна добивка за минатата година. Во реакцијата на Пивара Скопје стои:

“Пивара Скопје АД денеска беше информирана дека Комисијата за заштита на конкуренцијата донела одлука дека некои одредби во одредени договори на компанијата се во колизија со Законот за заштита на конкуренцијата. Пивара Скопје АД категорично се противи на оваа одлука и ја изразува својата разочараност од неа. Во изминатиот период Пивара Скопје целосно соработуваше во процесот на утврдување на евентуалниот прекршок и со тоа го потврди својот позитивен однос и волја да се расчистат сите отворени прашања. Разочарани сме што Комисијата ја донела својата одлука без притоа да ги земе предвид аргументите на Пивара Скопје АД. Дополнително сме разочарани што Комисијата за заштита на конкуренцијата има изречено неразумно висока казна за Пивара Скопје, која не е во согласност со претходната казнена политика на Комисијата и воедно не кореспондира со одамна воспоставените практики на други тела надлежни за конкуренцијата во Европа и пошироко. Пивара Скопје АД длабоко ги почитува правилата на конкуренцијата и е убедена дека денешната одлука ќе биде понишена од страна на судот, каде што компанијата ќе го изнесе случајот. Пивара Скопје АД е присутна на македонскиот пазар повеќе од 93 години и во текот на целиот овој период секогаш постапувала во согласност со законите на Република Македонија“.

Нешто подоцна стигна реакцијата и од Прилепска пиварница во која што се вели:

“Изразуваме незадоволство и несогласување со одлуката на Комисијата за заштита на конкуренција дека некои одредби од договорите со нашите дистрибутери ги нарушуваат начелата на коректен и рамноправен однос кон пазарот и конкуренцијата. Наспроти наводите на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Прилепска пиварница има развиено беспрекорно позитивен и заемно корисен однос со своите овластени дистрибутери и притоа се испочитувани сите пазарни легислативи и обврски. Во ниту еден момент од нашата долгогодишна соработка, и ниту во еден аспект од нашата работа не е ограничена конкуренција, ниту пак е нарушен балансот на пазарната економија, стои во соопштението од Прилепската пиварница. Пиварницата, се објаснува, со дистрибутерите се рамноправни партнери со кои постигнува значајни резултати на домашниот и на странските пазари, а ваквите наводи на Комисијата се смета дека директно штетат на работата на Пиварницата. – Ваквите наводи и одлуки од Комисијата за заштита на конкуренција, директно штетат на нашата работа, на нашето заедничко настапување на пазарот и на имиџот како на Прилепска пиварница, така и на нашите овластени дистрибутери.“

One thought on “Пиварниците од Скопје и Прилеп казнети со 8,5 милиони евра заради нарушување конкуренција

  1. Pa dpbro be sto narod sme sakame se da unistime ili pak nekoj saka se da unisti rdinstveno sto donro raboteja tie dve fab.i toa ni smeta sramota sigurno ne vleglo vo djep na nekogo i aj sega da go unistome

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×