Платите на македонските топ менаџери со благ пад годинава
Објавено на од во Економија
CEO
Во 2015 година има тренд на благо намалување на просечната плата на топ менаџерите во Македонија, покажува истражувањето на Pedersen & Partners. На светско ниво, просечната плата на топ менаџерите пораснала за 3,8%  на 1.45 милиона евра.
Движење на платите во зависност од големината на профитите и бројот на вработените – засега тие механизми  и формули сѐ уште се повеќе правило за поголемите и поразвиени економии, отколку за македонската.

Во Македонија платите на топ менаџерите годинава опаѓаат со мал процент, покажува студијата на хедхантинг компанијата Пердерсен и Партнерс (Pedersen & Partners), спроведено на светско ниво.

“Тоа се должи на многу причини, но можеби најважно е тоа што економијата во земјата е повеќе фокусирана на поддршката на нови инвестиции, со што и бројот на менаџери се зголемува. Тоа на долг рок сигурно ќе ја донесе земјата на ниво каде што ќе може да ги следи светските тенденции по ова прашање, а тоа е движење на платите во зависност од големината на профитите и бројот на вработените, но засега, тие механизми и формули сѐ уште се повеќе правило за поголемите и поразвиени економии, отколку за останатите.“, објаснува Конрад Прамбок, менаџер на Консалтинг за награди во Pedersen & Partners, автор на студијата.

Само две-три компании јавно ги објавуваат платите на топ менаџментот

CEO_salaryИнаку, околу 50.000 евра на годишно ниво во бруто износ, или нешто над 4.000 евра месечно, е просечната плата на компаниските шефови во Македонија, вклучително и бонусот, кој што во просек учествува со 20% во оваа сума. Ова се неофицијални податоци базирани врз искуството што аналитичарите од Pedersen & Partners го имаат истражувајќи го македонскиот пазар. Тие не можат да дадат официјален податок од нивното истражување, како за другите земји од Европа, бидејќи истражувањата на оваа тема во земјава одат малку потешко во споредба со другите пазари. Пред сѐ заради високото ниво на доверливост во компаниитеоколу овие податоци, односно нивната затвореност по тоа прашање.

“Платите на главните извршни менаџери во Македонија се разликуваат од сектор до сектор и во зависност од големината на компанијата. Некои менаџери заработуваат помалку, некои пак многу повеќе од просекот“, вели Прамбок од Pedersen & Partners.

Платите на топ менаџерите во Македонија, како и на сите останати вработени, се меѓу најниските во Европа. Колку за споредба, годишна плата од 50.000 евра заработува поискусен личен асистент во Германија или инженер со три години работно искуство.

Во Македонија платите на оние што ги водат компаниите се чуваат како најстрога деловна тајна. Дури и акционерските друштва кои што според Законот за трговски друштва во годишниот извештај за работењето треба да известат за примањата на топ менаџментот ја избегнуваат таа обврска. Платите на раководството ги објавуваат во ставката расходи, односно во трошоци за вработени, каде што е ставена вкупната сума што компанијата ја одвојува за плати и надоместоци, или пак некои друштва објавуваат вкупна сума за примањата на членовите на управниот и надзорниот одбор (УО и НО) за една година.

Законот за трговски друштва вели дека треба да се објават и примањата на секој член на одборот на директори и члена на УО, како и на членовите на НО. Фирмите велат дека платите на секој директор поединечно се деловна тајна на компанијата. Правниците кои што ги консултиравме околу ова, велат дека доколку не е предвидена казнена одредба во законот за необјавување на податоците за плати и надоместоци, а во случајов не е, тогаш практично и нема санкција за оние компании што така се однесуваат.

Едвај две-три компании што котираат на Македонската берза известуваат за платите на своите топ менаџери, односно за членовите на управниот и надзорниот одбор, за секој поединечно. Уште неколку компании во годишните извештаи ги наведуваат збирните суми за надоместокот на своето раководство.

Правниците што ги консултиравме велат дека од акционерската структура во друштвата зависи дали воопшто акционерите ќе реагираат на годишните собранија за било која ставка што е наведена во извештајот за компаниското работење. “Ако сте акционер што е вработен во компанијата, или поранешен акционер па сега вашето дете работи во фирмата, зошто би си правеле проблем прашувајќи работи кои што раководството не сака да ги открива. Во добар дел акционерски друштва, менаџментот, дури и да не поседува значителен дел од акционерскиот капитал, го контролира потребниот број гласови за да може секој годишен извештај мазно да помине на собранието“, велат нашите соговорници. Според нив, КХВ треба да инсистира од компаниите во годишните извештаи да ги наведуваат сите податоци што се пропишани во Законот за трговски друштва.

Бонусот колку основната годишна плата

BonusНајновата студија на Pedersen & Partners покажува дека средната парична награда за високо поставен менаџер во голема, глобална корпорација изнесува бруто 1.45 милиони евра со средно покачување од 3.8% споредено со минатата година. Оваа сума вклучува 711 600 евра основна плата и 738 000 евра краткорочен бонус, бруто, годишно. Во просек основната плата се покачи за 4.5.%, а варијабилната компензација за 2.7%.

Истражувањето на Педерсен и Партнерс е спроведено меѓу 1800 менаџери во 380 компании и 18 држави. Истражувањето покрива високо поставени менаџери во најголемите светски компании со просечно 133 300 вработени, промет од 42.7 милијарди евра и профит од 4.1 милијарди евра.

Американските менаџери добиваат повисоки покачувања од тие во Западна Европа

“Стагнирачката економија диктираше платите на топ менаџерите во повеќето западни држави да растат релативно благо, обично 3 – 4% на година,” вели авторот на студијата.  “Американските компании се голем исклучок тука, со плати на топ менаџери коишто се покачија со 5.6 % во просек, споредено со минатата година. Нема објективни причини за тоа, бидејќи и профитите на компаниите и бројот на вработени се намалија за малку“.

Збирот на одговорности е решавачки фактор за определување на нивото на пакетот на топ менаџерот. Во сите индустрии, платите на топ менаџерите во поголемите компании се доста повисоки од тие на менаџерите во помалите компании. Во просек, топ менаџерската плата се зголемува за 650 000 евра со секои 50 000 вработени.

Краткорочниот бонус е важна компонента на топ менаџерскиот пакет, при што бонусот за постигнати таргети обично е колку и основната годишна плата. Бонусот на повеќето топ менаџери се премерува со профитот на компанијата, особено EBIT, односно добивката пред оданочување. Генерално кажано, намалувањето на профитите на компанијата доведува до значително намалување на бонусите на топ менаџерите, додека растечките профити водат до значително повисоки бонуси.

Највисока плата има американскиот CEO

CEO_USAКомпаниите од Западна Европа и САД  им предлагаат на своите топ менаџери слични пакети во смисла на основна плата и бонуси. Во просек, вкупната парична награда (вклучувајќи ги краткорочните бонуси) е помеѓу 1.4 и 1.5 милиона евра.

Најголемите разлики во структурата на пакетите се гледа во долгорочните придобивки, коишто се најмногу во формата на опции за акции (stock options). Компаниите од САД им доделуваат опции за акции на своите топ менаџери со вредност од 470 000 евра во просек, додека топ менаџерите во Европа добиваат опции за акции со вредност од само 109 000 евра во просек.

Од глобална гледна точка, платата на топ менаџер е највисока во САД и Западна Европа. Во просек платите на топ менаџерите во најголемите компании во  пазарите во развој, како што се Кина, Индија и Јужна Африка, се значително под нивото на западните држави, но нивните покачувања се повисоки.  „Моментално, платите на високо поставените менаџери се зголемуваат за просечно меѓу 3 и 5% во западните земји, и меѓу 7 и 10% во пазарите во развој.“ истакнува Прамбок од Pedersen & Partners.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×