Мерките на Белата куќа предизвикаа сериозни потреси на глобалните финансиски пазари, при што цените на акциите нагло паднаа низ Азија, а Волстрит падна на најниско ниво во една година.
Индексот МСЦИ на азиско-пацифичките акции утрово беше во минус за речиси 2%.
Никеи, јапонскиот индекс падна за повеќе од 4%, додека индексите во Хонг Конг, Јужна Кореја и Австралија паднаа меѓу 1,6 и 1,9%.
Кинеските берзи во Шангај забележаа благ пораст веројатно поради јасниот одговор на кинеските власти во Пекинг на одлуките на Доналд Трамп за царините од 104% за Кина. Пекинг објави дека ке оди до крај со трговската војна со САД.
Пазарните немири се проширија во Европа и САД. Фјучерс индексите во Европа и на Волстрит влегоа во црвената зона, при што фјучерсите на ЕуроСтокс 50 паднаа над 3,5%, додека Насдак и С&П 500 забележаа пад од над 1,5%.
На Волстрит сите главни индекси забележаа пад. Индексот S&P 500 падна за 1,57%, спуштајќи се на најниското ниво од април минатата година, додека Насдак загуби 2,15, а Даун Џонс 0,84%. С&П 500 сега е 19% под највисокото рекордно ниво во февруари. Од минатата среда, кога Трамп најави дополнителни царини, овој индекс загуби повеќе од 12%, што претставува загуба на пазарната вредност на компаниите и банките од околу 5.800 милијарди долари.
Во меѓувреме, кинеската централна банка дозволи јуанот да падне на најниско ниво од септември 2023 година, што Трамп го искористи за да го обвини Пекинг за валутна манипулација. И покрај тоа, тој изрази уверување дека Кина на крајот ќе побара договор.
Негативно реагираа и нафтените пазари – цената на барел сурова нафта на лондонскиот пазар падна за 4,14%, на 60,25 долари, додека пад од 4,55% е забележан на американскиот пазар, на 56,90 долари.
И додека американските и азиските берзи се во пад, европските берзи вчера забележаа силен раст!? Инвеститорите се надеваат дека преговорите меѓу САД и Европската унија за царините може да донесат позитивен исход. Лондонски ФТСЕ порасна за 2,71 отсто, Франкфуртски ДАКС 2,48 отсто, а париски ЦАЦ 2,50 проценти.
Големи шпекулации и во јавноста и на берзанското тргување! Зошто?
Па затоа што ова е можност да се купи поевтино и во еден момент кога берзите ке пораснат да се продаде поскапо! Најнапред во раната фаза на дсенот американскиот претседател Доналд Трамп размислувал за 90-дневна пауза на неговите огромни царини. Тоа предизвика краток скок на американските берзи во понеделникот, но тие повторно пропаднаа кога Белата куќа ги негираше извештаите.
Шпекулациите го пореметија пазарот и во прв момент порасна пазарна вредност од околу 2,4 трилиони долари! Тоа траеше еден миг, неколку минути. Потоа добивката беше избришана.
Кевин Хасет, економски советник на Трамп во понеделникот имаше брифинг.
На прашањето дали неговата администрација ќе „размисли“ за „90-дневна пауза“ на царините, Хасет одговори: „Знаете, мислам дека претседателот ќе одлучи што ќе одлучи претседателот“.
Откако утрото забележаа добивки, акциите почнаа да опаѓаат по најавата на претседателот Трамп дека САД ќе воведат царина од 104% за сите кинески увозни производи почнувајќи од среда.
Колку долго Трамп ќе ги одржува високите царини за другите земји, што би можело да ги зголеми цените за американските потрошувачи и да ја забави економијата? Ова е клучното прашање за милион долари.
Ако на долг рок царините продолжат, економистите и инвеститорите очекуваат потенцијална рецесија. Меѓутоа, ако Трамп може брзо да ја реши ситуацијата преку преговори, може да се избегне најлошото сценарио. Но тоа треба да се случи на многу краток рок.
Трамп објави дека има услови за „голема зделка“ со Јужна Кореја. „Нивниот врвен тим е во авион кој се движи кон САД и работите изгледаат добро“, објави Трамп на Truth Social. „Исто така, имаме работа со многу други земји, од кои сите сакаат да склучат договор со Соединетите држави“.
Јапонските акции ги водеа светските пазари повисоко откако премиерот Шигеру Ишиба назначи трговски преговарач за разговори со САД, одлука, наводно, заснована на договорот со Трамп.
Во меѓувреме, Кина вети дека „ќе се бори до крај“ и вети контрамерки откако Трамп се закани дека ќе ги зголеми тарифите уште повеќе за втората по големина економија во светот. Прес секретарот на Белата куќа, Каролин Левит, во вторникот потврди дека заканата на Трамп за зголемување на царините ќе стапи на сила по полноќ, при што увозот од Кина ќе се оданочува со стапка од 104%.



















