Побарувачката за квалитетна информација расте, а приходите во новинарството вртоглаво паѓаат
Објавено на од во COVER STORY

Newspaper and digital tabletГорчливата иронија на медиумската индустрија во (пост)корона ерата

Новинарството е дефинитивно во најтешка состојба веројатно откако постои новинарството како општествена категорија, но и бизнис. Ако пред 15-20 години со рапидниот развој на дигитализацијата и интернетот почна да се начнува неприкосновеноста на традиционалните медиуми во сферата на јавното информирање, па сето тоа во комбинација со финансиската криза од 2008-2009 година му нанесе тежок удар на медиумскиот бизнис што значеше губење на десетици илјади работни места, претежно во традиционалните медиуми (весници, радија, итн.), актуелнава криза со пандемијата на коронавирусот ги доведе медиумите во една парадоксална, или горчливо – иронична ситуација како што вели британски Guardian, а тоа е дека побарувачката за новинарска содржина секојдневно расте, особено во време на поплава од лажни вести поврзани со пандемијата, но од друга страна, паѓаат вртоглаво и приходите на медиумите. Причината е што голем број бизниси ги скратија своите маркетинг буџети како последица на економската неактивност поради карантините и сл., што на крајот го руши основниот модел на финансирање на медиумите, а тоа се рекламите.

 

Само најнов во низата примери за тоа до кое дереџе е доведена медиумската индустрија во земјава, а богами и пошироко, е “веста“ за прошетката на една мечка заедно со своите мали мечиња, којашто се појави на еден домашен портал, проследена со „адекватна“ фотографија и забелешка под неа, дека е снимена близу скопски „Св. Пантелејмон“, Нерези, деновиве. И потоа се рашири вирално, се разбира. Едноставна проверка од неколку секунди на фотографијата ќе ви разјасни дека дотичната мечка немала шанси некогаш да припари до наше Водно, затоа што е снимена некаде во Северна Каролина, пред неколку години, но конструкцијата си ја заврши работата, или барем така си мисли „уредникот“ на порталот, смешкајќи се задоволно поради големиот број на кликови што му ги донесе оваа лажна вест, затоа што луѓето „се палат“, нели, на овој тип бенигни вести, видеа, фотографии и сл., коишто во принцип предизвикуваат симпатии кај сите читатели.
Во борбата за тие пусти кликови, со цел да се изгради некаква релевантност којашто подоцна треба да донесе повеќе реклами на вебсајтот, креаторите на лажните вести насекаде низ планетава не избираат средства: вчера тоа беше мечката, денес е на пример, Бил Гејтс, со неговата изјава дека вложувајќи 10 милијарди долари во бизнисот со вакцини, заработил дури 200 милијарди долари за 20 години. Изјавата е дури поткрепена и со видео од интервјуто, каде што Гејтс наводно го изјавува тоа. Ќе кликнете на видеото, и видете мајката, основачот на Microsoft навистина спомнува некаков економски бенефит од 200 милијарди долари во разговор со новинарката на CNBC. Но, малку ако внимавате, прво ќе забележите дека видеото е некако кратено, речениците на Гејтс не се до крај пуштени, со очигледна намера да се извадат некои работи од контекст, во прилог на тезата за неговото наводно збогатување од вакцините. Или што би се рекло, класичен „фејк њуз“.
„Квалитетната информација е насушно потребна во време кога сме соочени со лажни, непроверени, делумно точни, извадени од контекст и којзнае како уште не оштетени информации. Но, кога во повеќе од 90% информациите доаѓаат од портали каде што царува неквалитетот, тогаш за што зборуваме? Квалитетните портали се малку на број. И во нив главно работат новинари кои што дошле од сериозни печатени или електронски медиуми. Се друго е неквалитет. Нема нови и квалитетни четива. Само препишување едни од други или преводи од портали од соседството, со сите грешки од незнаењето на странскиот и на македонскиот јазик. Дури телевизиите не нудат четива. Нивните информативни емисии се полни со прес конференции, со вести од настани и сето тоа честопати неквалитетно спакувано. Кај комерцијалните телевизии после информативните блокови одат евтини серии. Или дебатни емисии. Нема авторство во нив за да може да зборуваме за квалитет. Сопствениците на медиумите, во најголем број, едноставно сметаат дека не им се потребни  квалитетни информации. Квалитетно четиво може да се најде во печатени медиуми, каде што се’ уште се одржува некакво ниво и тоа од малубројните квалитетни новинари. Зошто е така? Затоа што газдите не се заинтересирани за квалитетот, туку за тоа како да направат повеќе пари со ‘евтини’ новинари. ‘Евтин’ новинар нуди ‘евтино’ четиво. А квалитетот си има цена. Ако го има треба да се плати. Кај нас голема е понудата на неквалитет, а со тоа паѓа цената и на квалитетното четиво.“ вели Мирче Адамчевски, долгогодишен новинари уредник, актуелен член на Советот за етика во медиумите.
И што би требало сега да направи секој што не сака да потпаѓа под влијанието на лажните вести, конструкции и спинови: едноставно да ги стави во Google пребарувачот „200 милијарди, Гејтс, вакцини„ и веднаш ќе излезе линк до оригиналниот пост каде што е објавено интервјуто, значи сајтот на CNBC, каде што се разбира и насловот имплицира сосема друг заклучок, а и сами ако го преслушате ќе видите дека Бил Гејтс објаснува дека преку својата филантропска фондација за 20 години вложил 10 милијарди свои пари, заработени од бизнисот на Microsoft, во истражување, развој и дистрибуција на вакцини во најсиромашните земји на светот, при што помогнал во зачувување на милиони животи, што подоцна имало вкупен економски ефект за тие држави од околу 200 милијарди долари.

Za vnatre1 cover

„Катастрофалните последици што зад себе ги остава Ковид – 19 кризата за општествата и економиите на целава планета е веројатно најважната тема на актуелнава генерација новинари, па за повеќето весници и онлајн медиуми нејзиното покривање привлекува огромна публика. Но, за жал, вирусот ќе им го скрати животот на стотици новински компании, илјадници новинари ќе изгубат работа, и исто толку наслови ќе снема“, пишува Guardian.

Многу малку од македонските читатели прават проверка на информациите
Но, колку е спремен просечниот читател денес да направи „fact checking“ на секоја информација што ќе му излезе пред очи? Колку се всушност потковани луѓето со основно знаење за препознавање на лажната вест? Или најлесно е да се стопиме од милина при погледот на слатките мечиња како се шеткаат и веднаш да ја споделиме веста на нашиот профил на Facebook или Instagram, а во случајот на Гејтс да распалиме со отровни стели по „злотворот којшто се бори всушност за депопулација на планетава“, затоа што мора да има некоја позадина во неговата филантропија, нели…
Еве да тргнеме од спремноста на македонската читателска публика: многу мал дел од неа истражува повеќе за веста или информацијата, ги споредува објавените прилози, а многу често ги прифаќа информациите од еден извор на којшто му верува. Ова е наод од истражувањето “Мапирање на нивоата на медиумска писменост во Република Северна Македонија кај популацијата на возраст над 16 години“ направено во 2019 година.
cover-3v1Или поконкретно, само 5,4% од испитаните изјавиле дека секојдневно ги проверуваат објавените прилози во медиумите и прифаќаат дел од содржината од секој различен медиум, додека речиси 20% изјавиле дека тоа го прават често. Само 5,5% пак од испитаните, самите истражуваат и прават споредба со информации од релевантни извори, додека 14,9% изјавиле дека тоа го прават често, се вели до студијата финансирана од Мисијата на ОБСЕ во земјава, и направена во партнерство со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Понатаму, истражувањето покажува дека 7,9% од популацијата најчесто ги прифаќа информациите од еден извор на којшто му верува, односно го прави тоа секојдневно, додека 22,9% го прават тоа често.
Најчест ’филтер’ за проверка на информациите за читателите (51.7%) е нивното претходно знаење за одредена информација. Вториот начин на проверка кај 44% од испитаниците е проверка на изгледот на веб страницата, а речиси 43% од испитаниците информацијата ја проверуваат и од други извори. Само една третина од испитаниците (32%) проверуваат дали доменот на веб страницата е лажен, а само 24% навеле дека проверуваат дали веб страницата поседува безбедносен сертификат.
Македонските испитаници се свесни дека негативните содржини се честа појава на социјалните мрежи. Најчесто (61%) испитаниците забележуваат конструирани и лажни информации кои се објавени поради одредени цели. Речиси 60% од испитаниците на социјалните мрежи често забележуваат навреди и омаловажувања врз верска и политичка основа, а околу 58% често или понекогаш среќаваат навреди и омаловажувања врз етничка или верска основа.
Зошто дезинформациите се шират толку лесно: психологија е во прашање
„Сега живееме во свет во кој поединецот или ‘ЈАС’ сум центарот на комуникацискиот процес, а не медиумите. Станува збор за тоа дека слободата на избор на публиката е сега најважна. Поединецот ја има целосната контрола врз се што ќе прочита, што ќе види, што ќе каже, кога ќе каже и каде ќе каже. Се разбира, тоа носи низа нови предизвици и проблеми. Не секој поединец има знаење и способност да процени која содржина е манипулативна, лажна, конструирана. А токму таквите информации најбрзо се шират преку интернетот и социјалните мрежи.“, вели д-р Снежана Трпевска, социолог и истражувач на публиката и медиумите, од Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС – Скопје, која е всушност и автор на погоре цитираното истражување.
Таа додека дека некои понови истражувања за начините на кои луѓето ги восприемаат информациите во дигиталното опкружување покажуваат дека дезинформациите лесно се шират поради определени внатрешни психолошки карактеристики на поединецот. Овие психолошки карактеристики објаснуваат зошто поединецот селектира и им верува на одредени извори на информации, а одбива други.
„Лесно можеме да ги препознаеме и кај себе дел од тие карактеристики. На пример, ако прв пат извлечеме заклучок за нешто врз основа на нова, но неточна информација (и не сме се ни обиделе да ја провериме), тој заклучок натаму ќе ни влијае врз расудувањето при секое следно читање информации за истата тема. Ова во психологијата се нарекува ‘ефект на зачувување на уверувањето’. Или пак, информациите што се повторуваат и се составени во усогласеност со претходното искуство на поединците често се перцепираат како поверодостојни. Ова се нарекува ‘ефект на познатото’. Има и низа други слични механизми во мисловниот процес на поединците што го поткрепуваат ширењето или верувањето на дезинформациите.“, објаснува Трпевска.
Сето ова покажува дека состојбата во која се наоѓаат професионалното новинарство и медиумската индустрија се исклучително сложени. Разбирливо е што се поставуваат прашања како: Дали е ова крај на новинарството? Дали професионалните медиуми ќе опстанат во иднина? Како да се прилагодат за да опстанат во овој нов дигитален медиумски систем? Прашањата се комплексни, моменталниот амбиент уште посложен, со тоа што непредвидената Ковид – 19 криза само долеа масло на огинот во којшто подолго време се задушува медиумската индустрија на планетарно ниво.
cover-3vМедиумската индустрија неспремна ја дочека короната?!
Ако следиме што се случува во моментов со медиумите во светот, одговорот на претходниве прашања би бил дека новинарството е дефинитивно во најтешка состојба веројатно откако постои новинарството како општествена категорија, но и бизнис. Ако пред 15-20 години со рапидниот развој на дигитализацијата и интернетот почна да се начнува неприкосновеноста на традиционалните медиуми во сферата на јавното информирање, па сето тоа во комбинација со финансиската криза од 2008-2009 година му нанесе тежок удар на медиумскиот бизнис што значеше губење на десетици илјади работни места, претежно во традиционалните медиуми (весници, радија, итн.), актуелнава криза со пандемијата на коронавирусот ги доведе медиумите во една парадоксална, или горчливо – иронична ситуација како што вели британски Guardian, а тоа е дека побарувачката за новинарска содржина секојдневно расте, особено во време на поплава од лажни вести поврзани со пандемијата, но од друга страна, паѓаат вртоглаво и приходите на медиумите. Причината е што голем број бизниси ги скратија своите маркетинг буџети како последица на економската неактивност поради карантините и сл., што на крајот го руши основниот модел на финансирање на медиумите, а тоа се рекламите.
cover-323„Катастрофалните последици што зад себе ги остава Ковид – 19 кризата за општествата и економиите на целава планета е веројатно најважната тема на актуелнава генерација новинари, па за повеќето весници и онлајн медиуми нејзиното покривање привлекува огромна публика. Но, за жал, вирусот ќе им го скрати животот на стотици новински компании, илјадници новинари ќе изгубат работа, и исто толку наслови ќе снема“, пишува Guardian.
Но, како што коментира Columbia Journalism Review (CJR), новинското издание на Факултетот за новинарство при престижниот Универзитет Колумбија во Њујорк, веројатно медиумската индустрија беше меѓу тие што најнеподготвено го дочекаа коронавирусот.
„Дури и пред да се појави короната, овој бизнис сектор веќе крвавеше прилично поради серијата од удари, првенствено добиени од Google и Facebook и растот на нивната доминација на рекламниот пазар. Од 2008 година наваму, само во САД, речиси половина од работните места во новинарството се збришани, оставајќи активни помалку од 38.000 професионалци – репортери, фотографи, уредници, итн. Серија на отпуштања во медиумската индустрија станаа вообичаена вест, а потоа, како капак на се’ дојде Ковид – 19, што доведе до комплетен локдаун на цели градови и држави, запирање и пропаѓање на бизниси, а со тоа и секнување на реклами за медиумите.“, пишува CJR.
LA Times, посочува на еден таков пример. Џеф ФонКенел, 69 – годишниот сопственик на локалниот весник Sacramento News & Review во Калифорнија, како и на сестринските публикации во уште два – три градови, се занимава со менаџирање неделни весници речиси 50 години. Вели дека преживеал и пожари, рецесии, па и тужби од градоначалник. Но, секнувањето на речиси целиот приход од рекламирањето поради корона – кризата не му оставило многу избор – само четири дена откако вирусот беше прогласен за пандемија, ФонКенел ги сопре печатарските машини и ги отпушти сите свои 40 вработени.
„Ова е веројатно смртна пресуда не само за нас, туку и за нашите конкуренти. “, вели тој и додава дека ќе се обиде некако да продолжи да служи на јавниот интерес преку новинарството, можеби преку партнерство со некоја невладина организација. „Но, како и да е, не можам повеќе да ги издржам трошоците од 45.000 долари неделно потребни да се води весник“. Минатата година, тој и сопругата ја заложиле својата куќа за кредит со цел да го одржат својот бизнис во живот.
Quartz: „Прогнозите за нашиот бизнис од пред короната не важат повеќе !“
Не се само малите локални весници на удар на корона – кризата. И моќни групации периодов отпуштаа луѓе, како британската The Economist, на пример, којашто објави дека мора да им се заблагодари на 90 вработени, или околу 7% од вкупно 1.300 вработени во овој медиумски гигант. За среќа на уредниците, нивните позиции не биле загрозени во случајов, а отпуштањата се однесуваат главно на одделот на групацијата задолжен за организација на настани (конференции периодов нема поради короната, н.з.), како и маркетиншката агенција во сопственост на The Economist. Исто така, групацијата објави дека својот печатен магазин „1843“ со лајфстајл тематика, којшто излегува двомесечно, ќе го префрли само на дигитално издание почнувајќи од изданието за август/септември.
Иако прилагодени на дигиталното време, кризата ги погаѓа и медиумите што имаат исклучиво онлајн изданија: Vice, на пример, објави дека отпушта 55 вработени во САД, како и уште стотина на глобално ниво во наредниве недели.
Quartz, уште еден голем глобален играч во дигиталната сфера на новинарството, објави дека отпушта 80 вработени, речиси половина од својот персонал и ги затвора своите канцеларии во Лондон, Сан Франциско, Хонг Конг и Вашингтон.
„Заклучно со крајот на април имаме речиси 18.000 претплатници, што не е лошо со оглед дека стартувавме со наплаќање на содржините пред само една година. Но, сепак рекламите ни носат најголем дел од приходот, а сите бизниси огласувачи се погодени од кризата. Дури и кога ќе стивне пандемијата, веројатно ќе следи рецесија што ќе влијае на приходите од реклами уште долго време. Она што го прогнозиравме за бизнисот претходно, не важи повеќе“, порача во писмото до вработените шефот на Quartz. Тој објави и дека си ја скратил својата плата за 50% до крајот на годината, како и на остатокот од менаџерскиот тим за 20%.
Онлајн магазинот BuzFeed исто така објави дека ќе пушти 20 луѓе на принуден одмор, со тоа што се шпекулира дека е многу неизвесно и дека ќе се вратат на работа. Од медиумот објавија дека канцеларијата во Австралија ја затвориле целосно, а канцеларијата во Британија нема повеќе да покрива вести од таа земја, туку ќе се занимава со теми од глобален интерес.
Низата не застанува тука. Conde Nast, групацијата што објавува магазини, некогаш позната и како „The Voguecompany“, којашто ги вклучува магазините Wired, GQ, Architectural Digest, Teen Vogue, и весникот што најмногу им носи заработка, легендарниот The New Yorker, извести дека отпуштила 100 вработени, а уште 100 се на принуден одмор. На почетокот од 2020 групацијата имала околу 6.000 вработени на глобално ниво.
Новинарството не е веќе монопол на новинарите и на медиумите
И сега да се вратиме повторно на прашањето од претходно: каква е иднината на медиумите? Како ќе опстанат во услови кога се намалуваат приходите за нивен опстанок, а истовремено жедта за информации на луѓето, испаничени во моментов од корона – кризата и бомбардирани со лажни вести, секојдневно расте. И тоа информации што се квалитетни, кредибилни, релевантни.
Нашиот соговорник Снежана Трпевска, истражувач од РЕСИС Институтот вели дека одговорот на оние што успеале да се прилагодат е следниот: треба да се искористат предностите и можностите што дигиталните технологии му ги нудат на новинарството и на демократијата. Притоа, главното што можат да го научат од Facebook, Twitter, YouTube, Instagram и другите „нови медиуми“ кои ги поврзуваат луѓето и им даваат чувство на припадност кон заедницата е дека – треба да ја запознаат својата публика и да прифатат дека нивната публика се менува.
Foto ramka cover„Да се запознае публиката значи и да се развие комуникација со неа, да се поттикнува разговорот со неа и да ѝ се даде можност да го каже она што смета дека е добро за целата заедница. Зошто го велам ова? Затоа што, историски, традиционалните медиуми и новинарите како да ја заборавија својата публика. Ова може лесно да се илустрира на нашиот пример. Ако ги видите податоците од истражувањето на нивоата на медиумска писменост, но и од други истражувања, ќе видите дека публиката генерално не им верува на информациите на домашните традиционални медиуми – тоа се најчесто телевизиите. Зошто? Затоа што тие со години беа свртени кон политичарите, заборавија дека некој ја одмерува нивната неутралност и професионалност. Граѓаните не ги доживуваат како свои, туку како туѓи, политизирани медиуми. И бидејќи не им верува, публиката се свртува кон други извори, кои насекаде и се достапни.“, вели Трпевска.
Таа истакнува дека малку периоди во човековата историја биле толку многу револуционерни за комуницирањето и знаењето, како времето во кое денес живееме. Дигиталните технологии и интернетот со огромна трансформативна моќ го преобразија индустриското во дигитално и информациско општество или во општество базирано на знаење. Во текот на оваа трансформација масовните медиуми односно традиционалната медиумска индустрија ја изгуби моќта што ја имаше во времето кога информацијата беше ретко достапна. Изворите на информации се мултиплицираа, сега поединците имаат можност да добиваат информации и многу други содржини од огромно мноштво извори.
„Но, не само тоа, сега и луѓето можат да продуцираат информации, а не само професионалните медиуми. За жал, заклучокот од ова е јасен – на луѓето веќе како да не им се потребни новинарите и медиумите за да се информираат или за да бидат слушнати. Новинарството не е веќе монопол на новинарите и на медиумите. Ова е глобален и неизбежен процес и што поскоро го разберат медиумските професионалци и се прилагодат на него, толку подобро за нив. Од ова не се поштедени ниту медиумите во нашата земја. Впрочем и истражувањето што го направивме минатата година за медиумската писменост ги потврдува ваквите трендови. Станува збор за тоа дека слободата на избор на публиката е сега најважна. Поединецот ја има целосната контрола врз се што ќе прочита, што ќе види, што ќе каже, кога ќе каже и каде ќе каже.“, објаснува Трпевска.

Како да се врати “цената“ на новинарството?

 “Кога медиумите ќе се ослободат од зависноста од државата или од клиентелистичките партнери,  тогаш ќе може да зборуваме и за нивна независност. Идеална независност нема, но барем да се направат чекори за приближување кон неа. Медиумите тогаш ќе бидат доведени во ситуација да се борат за самоодржување. Оние кои ќе се изборат ќе опстанат. А ќе бидат малубројни.“, смета нашиот соговорник Мирче Адамчевски, долгогодишен новинар, уредник и поранешен претседател на Советот за радиодифузија.
 
„Ќе се врати кога сопствениците ќе станат свесни дека квалитетот треба да се плати.  Кога ќе се намалуваат трошоците, поради проблеми во работата,  не треба први на удар да се новинарите и нивните плати. Кога сопствениците и уредниците кои се ,дебело’ платени  ќе го ценат трудот на новинарите. Кога ќе имаме нормален медиумски пазар, а не пазар кој го нарушува државата. Кога клиентелизмот ќе стане туѓ на сопствениците на медиумите. А и нивните клинтелистички партнери’, истакнува нашиот соговорник Адамчевски.
Тој прокоментира за „Капитал“ и околу наплатата на квалитетните четива за медиумите да се вратат во полето на независност и самоодржувaње.
„Во прв ред, државата, регулаторните тела и сопствениците треба да седнат и да се договорат, сакаат ли нормален медиумски пазар, кој ќе овозможи независност на медиумите и самоодржување. И секој да си ја заврши својата обврска од таквиот договор“, смета Адамчевски.
Тој додава дека регулаторот не смее да кокетира со политичките партии и медиумскиот бизнис. Туку да си го спроведе она што е напишано во законот. Во прв ред да регулира, а не да води политики.
„Државата да донесе закони кои ќе оневозможат власта  да ‘дои’ медиуми, според нејзините потреби. Било на државно, било на општинско ниво. Да направи рамка за работа на медиумите и тие да пливаат во нејзините граници. Надвор од неа да не помислат да одат.  И тоа да се почитува до крај, а не според потребите да се нарушува, пред се од неа.. На пример пред избори. Да укине платено политичко рекламирање во комерцијалните телевизии. Да го регулира клиентелизмот, ако може.Сопствениците ќе треба да ја видат рамката што има ја понудила државата. И целата своја  активност да ја предвидат во неа. Да се научат дека треба да работат без државни пари. Некои  медиуми ќе пропаднат. Да ќе пропаднат, ама така ќе се намалат и јадачите од рекламниот колач во земјава. Ќе може да се смета на поголемо парче од него, отколку што е сега. Едно е да го делиш на стотици медиуми, а сосема друга на десетици.
Кога медиумите ќе се ослободат од зависноста од државата или од клиентелистичките партнери,  тогаш ќе може да зборуваме и за нивна независност. Идеална независност нема, но барем да се направат чекори за приближување кон неа. Медиумите тогаш ќе бидат доведени во ситуација да се борат за самоодржување. Оние кои ќе се изборат ќе опстанат. А ќе бидат малубројни.
Во светот, особено на Запад, продолжува кризата со печатените медиуми. Таму тие се независни, се трудат да го избегнат клиентелизмот. Новите медиуми удираат врз печатените, па оттука и потрагите по начините за самоодржување. Еден од нив е основањето фондации. Не знам како е кај нас законското регулирање на тоа прашање, но ако треба државата треба и тоа да го регулира. Па ако медиумот е баран од читателите, тогаш тие преку своите прилози во фондацијата ќе овозможат тој да продолжи да биде независен и истовремено да се одржува. Ова е само еден пример. Овде не зборував за порталите за кои треба да се најде решение. Дотогаш знам само дека оние квалитетните, треба да се доближат до ‘класичните’ медиуми во секој поглед.Сето погоре можеби звучи идеално, но тоа е. Во криво насадена држава, крива е и надградбата. А тоа важи и за медиумите. И во такви услови може да се зборува, но не и успешно да се направи  нивно исправање во нормална состојба.“

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×