Победа слават и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ при мала разлика во освоени гласови и најверојатно ист број пратенички мандати  
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, прогласија победа на денешните предвремени парламентарни избори – двете партии слават, но, разликата меѓу бројот на гласовите што ги освоиле нивните коалиции е премногу мала за во оваа неофицијална фаза со сигурност да се знае победникот, кој, во крајна линија, не мора да го одлучи бројот на освоени гласови, туку официјалната распределба на пратеничките мандати во Собранието (зависи како гласовите се распоредени по изборни единици и како ќе ги претвори во мандати донтовата формула).

Според Државната изборна комисија (резултати добиени до 01:20 часот, од преброени 92,48% од гласовите) разликата е под 20 илјади гласови (409.937 за Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ – 390.766 за Коалицијата на СДСМ).

Аналитичарите прогнозираат идентичен број на пратеници за двете коалиции, или максимум пратеник плус за едната од нив – се шпекулира дека ќе имаат по 51 мандат.

И граѓанската асоцијација МОСТ, која обично на своите последни прес-конференции во ноќта по изборниот ден прави точни проекции на распределбата на мандатите, овојпат, поради малата разлика и маргината на грешка, се воздржа од проектирање на мандатите по изборни единици.

Кој и да биде мандатар за составување на новата влада, ќе треба „да брка“ поддршка до 61 пратеник меѓу партиите од албанскиот блок, во комплицирана ситуација кога ниту една од партиите со албански етнички предзнак нема доволно пратеници за сама да им биде партнер во владина коалиција на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ.

ДУИ најверојатно ќе има преполовен резултат – 10 пратеници помалку од освоените на изборите во 2014 година, односно девет; ДПА два или три; Алијансата за Албанците еден; а моралниот победник на изборите во албанскиот блок, БЕСА, очекува пет мандати.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, половина час по полноќ се обрати и прогласи победа.

„Денес победи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, но денес победи и Република Македонија. Ова е 10-та изборна победа по ред на ВМРО-ДПМНЕ, 10-ти пат мнозинството граѓани гласаа и со најголем број го поддржаа ВМРО-ДПМНЕ и нашата програма, визија, тим“, изјави Груевски, кој рече дека следува процес на формирање коалиции и на влада, и оти главна цел на ВМРО-ДПМНЕ во наредните недели ќе биде „кризата да заврши со овие избори и државата да оди напред“.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се обрати пред Владата на Мaкедонија, каде СДСМ славеше победа на изборите.

„Во моментов опозицијата има еден мандат повеќе. Падна режим со пенкало, со глас. Победи животот . Бидете среќни и горди. Испишавте историја. Ќе имате што да им кажете на внуците. Јас се гордеам со вас. Македонија е горда земја, среќна земја. Ова се навистина историски моменти. Покажавме со многу трпение, со многу посветеност, му покажавме на цел свет, но најважно ставивме печат дека Македонија ќе биде слободна, напредна земја, единствена. Радувајте се!“, порача Заев.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×