Почнува фудбалскиот месец
Објавено на од во Спорт

Euro-2016-WEBEURO 2016: Најмногу пари за учесниците – најголеми главоболки за организаторите

Кога деновиве, додека траат силните штрајкови во земјата домаќин на EURO 2016, францускиот премиер Мануел Валс изјави дека „Франција е земја што сака револуции и конфликти“, сигурно не ги успокои и онака растревожените организатори на првенството. Поспокојни не се ниту полицајците по предупредувањето од САД дека турнирот е „магнет“ за терористите, поради што се бара затворање на париската фан зона. Да се надеваме дека спокојни ќе можат да бидат фудбалерите, и дека ова ќе биде квалитетно првенство, соодветно на прилично големиот број фаворити за освојување на титулата што се споменуваат од експертите

 

Петнаесеттото европско првенство во фудбал што ќе се одржи во Франција од денеска – 10 јуни, до 10 јули, ќе им донесе најмногу пари досега на националните екипи што ќе учествуваат, но и уверливо најмногу главоболки на организаторите.

„Триколорите“ по третпат ќе им бидат домаќини на најдобрите 24 фудбалски репрезентации (од 1996 досега на завршниот турнир учествуваа по 16) од Стариот континент – по 1960 и 1984 година, а Франција очекува 2,5 милиони навивачи на стадионите, вклучувајќи 1,5 милиони од странство, за кои проценките се дека на првенството ќе потрошат една милијарда евра. Се смета дека една третина од француското население е директно засегната од настанот. За споредба, на EURO 2012 во Полска и Украина турнирот од трибините го гледале вкупно 1,4 милиони фанови.

Натпреварите од француските стадиони ќе се пренесуваат во над 230 земји, а по 150 милиони гледачи се очекува да го проследат секој натпревар на „малите“ екрани. Од телевизиски права организаторот ќе приходува една милијарда евра, од спонзорства 400 милиони, а од билети за натпреварите и од француското гостопримство ќе дојдат половина милијарда евра, велат официјалните податоци на Унијата на европските фудбалски асоцијации (UEFA).

Кај парите што ќе ги поделат екипите учеснички има значајно зголемување – 24-те национални тимови ќе може да сметаат на 301 милиони евра во споредба со 196 милиони, колку што беа резервирани за претходното европско првенство во Полска и Украина.

Секоја од 24-те екипи ќе добие 8 милиони евра за самото учество на првенството. Во групната фаза се предвидени бонуси од еден милион евра за екипите што ќе победат, и 500 илјади евра за оние што ќе одиграат нерешено. За пласман меѓу шеснаесетте најдобри следуваат уште по 1,5 милиони евра, четвртфиналистите ќе добијат нови 2,5 милиони, а полуфиналистите дополнителни 4 милиони евра. Европските шампиони ќе бидат наградени со плус 8 милиони евра, а поразените во финалето ќе се тешат со 5 милиони.

Кога ги споменавме шампионите, во пресрет на EURO 2016 кај обложувалниците главен фаворит за освојување на трофејот е токму домаќинот, Франција. Ако се обложите на „триколорите“ и ако француските „петли“ го освојат турнирот, ќе добиете четири пати поголема сума од вложената.

Втор фаворит според букмејкерите е актуелниот светски првак Германија; сѐ уште шампионот во Европа, Шпанија, е треторангирана, а четврти се Англичаните. Петта е Белгија, па следат Италија, Португалија и Хрватска. Најголем коефициент за освојување на EURO 2016 година е понуден за репрезентацијата на Албанија.

Обложувалниците за најдобар стрелец го фаворизираат напаѓачот на Германија, Томас Милер – веднаш зад него според коефициентите е Кристијано Роналдо. Трет кандидат е Французинот кој заблеска со играта за Атлетико Мадрид, Антоан Гризман. Последниот и Роналдо ја заокружуваат и листата со фаворити за најдобар играч на првенството, на која води уште еден Французин, кој инаку ги брани клупските бои на Јувентус, Пол Погба.

За стручно мислење за натпреварувачкиот аспект на EURO 2016, се обративме кај селекторот на македонската фудбалска (А) репрезентација, Игор Ангеловски.

Тој се сложува со изнесените прогнози, дека Франција, Шпанија, Германија се најголеми фаворити, но потенцира оти секогаш имало репрезентации што знаеле да изненадат.

„Без разлика на квалитетот со кој моментално располага Италија, поради нивното огромно искуство на завршни турнири – тие едноставно знаат да играат на резултат, не би ги исклучил, можеби не за освојување на првенството, но секако за пласман во полуфиналето.

Очекувам Белгија да биде фаворит од сенка, зашто има одлична репрезентација со која мислам дека ќе стигне далеку. Очекувам и Англија да одигра значајна улога. Некоја од овие шест репрезентации мислам дека ќе го освои првенството“, вели Ангеловски во изјава за „Капитал“.

На прашањето околу фудбалерите кои ќе играат најзначајна улога на европското првенство, селекторот на македонската репрезентација вели дека тоа ќе бидат оние кои најдоследно ќе играат тимски фудбал.

Angelovski-Igor-WEB

Игор Ангеловски – селектор на македонската А репрезентација

„Поединци нема да одлучуваат – во врвниот фудбал целата екипа мора да одигра на максимално ниво – не само единаесетте на теренот, туку целиот ростер. Кристијано Роналдо е најголема ѕвезда на првенството, но знаеме дека досега тој со Португалија нема некој забележителен успех на европските и на светските првенства. И меѓу играчите тој што ќе игра тимски фудбал ќе биде најблиску до наградата за најдобар“, вели Ангеловски.

Меѓу штрајкови од една, и терористички закани од друга страна

Франција во цајтнотот пред почетокот на европското првенство ја тресе бран од неколкунеделни штрајкови откако Владата најави носење на новиот закон за труд. Претседателот Франсоа Оланд успокојува дека одржувањето на EURO 2016 не е загрозено, но картата на непопустливоста, на која игра за законот, не им изгледа доволно сигурна на организаторите.

А како и би им изгледала поинаку, кога синдикатот што го предводи штрајкот на вработените во железницата најави можност да го блокира првенството. Минатата недела и работниците од 19 нуклеарни електрани одлучија да се придружат на штрајковите, што и покрај увозот на струја со што францускaта доминантно државна енергетска компанија EDF ќе го реши проблемот, ги прави крајно критични околностите пред првенството, а во пресрет на уште еден штрајк (требаше да почне неделава, а не беше до затворањето на текстов) што ќе значи целосен сообраќаен колапс – на пилотите на Air France.

И францускиот премиер, Мануел Валс, си поигра со нервите на организаторите на EURO 2016, кога во моменталната ситуација изјави дека „Франција е земја што сака револуции и конфликти“, како што пренесе Politico. Валс ова го кажа откако вети дека нема да се откаже од контроверзните изменина законот за труд, и обвини дека штрајковите на француската железница немаат врска со законот, туку се поттикнати од конфликтите околу висината на платите во одредени компании.

Иако не може да се каже дека ќе беше добро Франција во пресрет на EURO 2016 да ги имаше само овие проблеми, но, сепак, тие може да се покажат многу поприфатливи од соочувањето со безбедносните предизвици.

Француската полиција размислува дури и за затворање на фан зоната што може да прими над 90 илјади луѓе во Париз. Образложението е дека полицајците се исцрпени, а терористичките закани не стивнуваат.

САД веќе предупредија дека турнирот може да биде голем „магнет“ за терористите.

„Големиот број туристи кои летово ќе ја посетат Европа ќе претставуваат мета за терористите“, порачаа од Стејт департментот.

Шефот на париската полиција Мишел Кадо, како што кажавме погоре, побара затворање на фан зоната во неговиот град во тек на дванаесетте натпревари што ќе се одриграат во Париз. Министерот за внатрешни работи сѐ уште нема одговорено на барањето (до затворањето на овој текст), а во Франција трае вонредната состојба воведена по ланските терористички напади.

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×