За кривично дело „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ се товари претседателот на СДСМ, Зоран Заев, како четвртообвинет во случајот „Пуч“, според обвинителниот акт што вчеравечер го поднесе Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1 – Скопје.
Првообвинет е поранешиот прв разузнавач, Зоран Верушевски, кој се терети за едно продолжено кривично дело, „неовластено прислушување и тонско снимање„, „шпионажа“ и „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“.
Второобвинетиот Ѓорѓи Лазаревски, вработен во УБК, е обвинет за едно продолжено кривично дело, „неовластено прислушување и тонско снимање„ и „шпионажа“, а третообвинетата Соња Верушевска, сопруга на Зоран Верушевски, за кривичното дело „шпионажа“. Четвртообвинет е Заев, а петтообвинет Борис Палифров, вработен во Општина Струмица, за „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“.
Обвинителство, заедно со поднесувањето на обвинителниот акт, им ја продолжи мерката притвор на осомничените за кои истата и досега важеше.
Во соопштението за јавноста со кое СДСМ го пречека обвинението се вели дека „одлуката за конструираниот случај „Пуч“ не е изненадување, затоа што токму ние, со докази, аргументирано, објавивме под каква контрола на извршната власт е целокупниот систем во Република Македонија“.