Половина буџет се троши за пензии и социјала! Тука нема ништо развојно!
Објавено на од во Колумни

 Од буџетот од 3,18 милијарди евра, околу 45% или 1,4 милијарди евра ќе се потрошат за исплата на пензии и социјална помош. Ако на тоа се додадат и платите од 421 милион евра за натрупаната администрација, излегува дека близу две третини или 1,8 милијарди евра ќе се троши за нешто што не може да донесе никаков економски развој. И тоа е така со години наназад. Тука завршуваат сите дебати за тоа колку е развоен македонскиот буџет!

.

Ако малку подетално се разгледа предлог Буџетот за 2016 година според тоа кој, колку и како ги троши парите од државната каса, може да се видат еден куп апсурди и нелогичности, кои објаснуваат зошто Македонија како држава е таму каде што е.

Ако се анализира за што се трошат најмногу пари, тогаш од овие 3,18 милијарди евра што Владата планира да ги потроши следната година, дури половина или околу 45% ќе се троши за социјални трансфери. Тоа се 1,4 милијарди евра кои од буџетот се двојат за исплата на пензии и за корисниците на социјална помош. За земја како Македонија со огромна невработеноста и со приватен сектор кој не отвара нови работни места, тоа е сосема логично. Фактот што половина од буџетот се троши за пензионерите и за социјалните случаи многу јасно покажува кои се приоритетите во оваа држава и дава индиректен одговор за тоа зошто младите одбираат да си заминат од Македонија.

.Ако на оваа сума се додадат и платите на јавната администрација, тогаш излегува дека над 1,8 милијарди евра, што е околу 60% од буџетот за следната година оди за плати на администрација, пензионери и социјалци.

.На пример, за плати за јавната администрација се троши исто колку и за капитални расходи. На пример, од буџетот во 2016 година дури 2,8 милијарди евра, или околу 87% од буџетот ќе се троши за тековни трошоци, а само 13% за капитални расходи. Или за капитални расходи од буџетот се троши исто колку што се троши за платите на јавната администрација кои достигнуваат 420 милиони евра.
.

Затоа е логично што сите да сакаат да се вработат во јавната администрација, бидејќи платите во приватниот сектор се далеку пониски од платите на државните службеници. Нивните плати редовно се зголемуваат, а згора на тоа уживаат и еден куп поволности, а со законите се заштитени како бели мечки од откази.

Но, уште пострашни заклучоци се добиваат кога ќе се разгледа буџетот по корисници. Покрај министерствата и клучните државни институции, кои во Македонија се во најголем број во споредба со земјите од поширокиот регион, во земјава постојат еден куп агенции, директорати, инспекторати, центри и какви се не уреди кои се закачени и живеат на државниот буџет.

Имаат перверзно многу вработени и огромни буџети кои во најголем дел се трошат само за плати и за тековни трошоци. Во најголемиот дел од нив бројот на вработени постојано се зголемувал во изминатите девет години, иако според активностите кои реално ги вршат, тие може слободно да бидат укинати и нивните функции да бидат дел од некое постојно министерство.

На пример, Дирекција за заштита и спасување, која е формирана во 2005 година има годишен буџет од 4,1 милион и во неа се вработени 288 луѓе. Во Центарот за справување со кризи, пак, се вработени дури 326 вработени и тој годишно троши 2,5 милиони евра државни пари.
Колку за споредба во овие две институции се вработени 614 луѓе, што е повеќе отколку што најголемата и најпрофитабилна компанија во земјата Џонсон Мети вработува во двете фабрики заедно (534 вработени на крај на 2014 година), повеќе отколку што се вработени во фабриката за производство на автобуси Ван Хол каде на крајот на 2014 година работеле 485 луѓе.

Бројни вработувања има и во одделни министерства. На пример, во Министерството, пак, за труд и социјала според буџетот за 2016 година се предвидува да има 1.924 вработени, а во 2006 година имало 288 вработени, што е шесткратно зголемување на бројот на вработени. Ова темпо на вработувања не може да ги постигне ниту една приватна компанија, ниту домашна, ниту странска.

Но, во буџетот можат да се видат само вработувањата и трошењата за буџетските корисници. Во овој документ ги нема зголемувањата на бројот на вработени во јавните претпријатија, кои во изминатите девет години се зголемени за фрапантни 100%.
На пример, според податоци од омбудсманот, во 2006 година во јавните претпријатија работеле 8.804 луѓе, а денес таму се сместени двојно повеќе, односно 17.201.

Капитал во некои од следните броеви ќе објави подетална анализа колку се вакви уреди и агенции постојат во Македонија, колкави буџети имаат, колку луѓе вработуваат… Но, ва најголемиот дел од нив, во изминативе девет години се зголемени и бројот на вработени и буџетите кои ги трошат.

И ова се случува во период кога нема ниту еден официјален податок колкав е бројот на вработени кои земаат плата на товар на буџетот.

Оттука секоја дебата за буџетот дали тој бил развоен или социјален е тотално непотребна и беспредметна. Со ваква структура, буџетот е само проста форма преку која секоја власт префрла пари и ги одоброволува гласачите. Оние кои се најбројни, добиваат најмногу пари.

Проблемот е во распределбата на парите, односно во критериумите на оној кој ја прави распределбата, без да води сметка за тоа дека оние кои го полнат буџетот стануваат се помалобројни и се посиромашни.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×