Половина од извозот годинава ќе го направат странските инвеститори од зоните
Објавено на од во Економија

IMG_5125Расте извозот од технолошко индустриските развојни зони

Сите 24 компании што работат во технолошко индустриските развојни зони лани направиле извоз од 2,43 милијарди евра и тоа е за петтина повеќе отколку годината претходно, покажуваат податоците што ги добивме од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ДТИРЗ). Тоа значи дека 45% од целиот македонски извоз минатата година е направен во овие зони. Проценките се дека годинава овој удел ќе се зголеми и дури половина од се што извезува земјава надвор, ќе се произведува во погоните на компаниите што работат во зоните. Анализата на показателите покажува дека се зголемува и нето извозот од зоните, па така ако во 2017 година компаниите продале надвор за 283,4 милиони евра повеќе производи одошто увезле, минатата година извозот бил поголем од увозот за 342,7 милиони евра.

Сите 24 компании што работат во технолошко индустриските развојни зони лани направиле извоз од 2,43 милијарди евра и тоа е за петтина повеќе отколку годината претходно, покажуваат податоците што ги добивме од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ДТИРЗ). Тоа значи дека 45% од целиот македонски извоз минатата година е направен во овие зони.
Проценките се дека годинава овој удел ќе се зголеми и дури половина од се што извезува земјава надвор, ќе се произведува во погоните на компаниите што работат во зоните.
Под одделни компании, апсолутно најголем извозник е компанијата Џонсон Мети која лани направила извоз од 1,8 милијарди евра, што е третина од целиот македонски извоз. Или пак, ако се спореди со извозот само од зоните, произлегува дека дури 75% се создава од оваа компанија. Рангирањето на најголемите извозници по одделни компании од технолошко индустриските развојни зони Капитал ќе го објави следниот месец во едицијата Топ 100 извозници.
Анализата на показателите покажува дека се зголемува и нето извозот од зоните, па така ако во 2017 година компаниите продале надвор за 283,4 милиони евра повеќе производи одошто увезле, минатата година извозот бил поголем од увозот за 342,7 милиони евра.
Бројот на вработени до февруари годинава пак, достигна 13.196 луѓе. Најголем работодавач меѓу нив е Адиент Ситинг лоцирана во Штип, каде што се вработени вкупно 2.144 луѓе, а потоа следуваат Гентерм со 1.853 вработени, Ки Сејфти Системс со 1.496 вработени, Адиент Аутомотив од Струмица со 1.493 вработени и Леар со 1.329 работници.
Директорот на Дирекцијата на технолошко индустриските развојни зони, Алекснадар Младеновски посочи дека оваа дирекција посветено работи на подобрување на условите во зоните со цел да се обезбедат подобри услови за работа на инвеститорите и ги објави податоците за перформансите на компаниите што работат во овие зони.
iz„Во 2018 година компаниите од зоните направија рекорден извоз од 2,43 милијарди евра, што е за околу 20% повеќе од 2017 година. Зоните ги развиваме во забрзано темпо, дел од нив беа недоволно развиени. Ќе започнеме со изградба на ТИРЗ Скопје 3, во ТИРЗ Штип ќе започнеме со реализација на гасовод, во ТИРЗ Струмица се гради терминалот, последниот дел од зоната. Во ТИРЗ Прилеп се гради приклучниот пат, водоводот и канализацијата се завршени, во ТИРЗ Струга исто така се гради приклучен пат, додека водоводот е завршен лани, а во ТИРЗ Кичево се доградува внатрешната инфраструктура. Сите овие инвестиции ги правиме во насока на побрзо завршување на зоните и обезбедување на подобри услови за работа на компаниите, што очекуваме да резултира со отворање на нови работни места“, истакна Младеновски.
Од Дирекцијата што менаџира со зоните објаснуваат дека тоа се планирани економски целини наменети за влез и работа на технолошко напредни компании кои директно придонесуваат за забрзување на развојот на подрачјата каде се основани и подобрување на економската состојба во државата. Преку стратешко планирање, определени се 13 локации на кои се основани вкупно 15 технолошко индустриски развојни зони кои се во различен степен на градба. Инфраструктурните работи се изведуваат согласно најавените инвеститори, нивните потреби и предвидена динамика и согласно програмата за работа на Дирекцијата за ТИРЗ, а според планот од Буџетот за годинава, за таа намена се наменети околу 10 милиони евра.
Зоните се лоцирани во разни делови на државата, а нивната географската распределба овозможува рамномерен регионален економски развој како и диверзификација на инвестициите. Во зависност од видот на инвестицијата, дејноста и потребите на потенцијалните странски инвеститори им се нудат локации во различни зони во земјава.
Од основаните зони, оперативно подготвени и функционални се 8 зони и тоа: ТИРЗ Скопје 1, ТИРЗ Скопје 2 ,ТИРЗ Штип, зоната во Кичево, Прилеп, Струмица, Струшко Охридската зона и зоната во Тетово.
Во зоните фигурираат вкупно 28 компании, од кои 24 се оперативни а останатите имаат договори за закуп за земјиште и се очекува да почнат со градење на фабриките.
iz1Наплив на странски инвестиции
По инвестицискиот бум што го забележа Народната банка со рекорден износ на странски директни инвестиции лани од околу 625 милиони евра, проценките се дека ќе продолжи и годинава, предводен главно од грчки и германски компании што според властите донеле одлуки да градат фабрики во земјава. Проценките  се дека странските директни инвестиции годинава ќе достигнат околу 7% од бруто домашниот производ (БДП) што во апсолутен износ е еднакво на околу 770 милиони евра.
Властите се оптимисти дека зачленувањето во НАТО алијансата и заврзувањето на евроинтеграциите ќе бидат поттик за повеќе странски инвеститори годинава да ја одберат Северна Македонија како локација за нивните фабрики.
Премиерот Зоран Заев, неодамна истакна дека по усвојувањето на Преспанскиот договор, шест грчки компании донеле одлуки да инвестираат во земјава и ја обелодени и германската инвестиција Герешајмер која според него, планирала да инвестира 120 милиони евра. Тој рече дека се завршени и формалностите со индиската компанија Малхотра.
„Овие резултати се придобивка од решавањето на спорот со Грција, од нашите европски интеграции и од најавеното членство во НАТО, кои обезбедија сигурност и стабилност, од новиот Закон за привлекување странски инвестиции и посветеноста на економските тимови“, истакна Заев.
„Во овој момент нашата земја блеска и е привлечна дестинација. Имаме одличен закон за привлекување на странски инвестиции. Најавувам уште две грчки компании, од кои едната во областа на енергетиката. Вкупната инвестиција што ја најавуваат двете компании е вредна 750 милиони евра. Работиме на тоа да се реализираат зашто отвораат нови работни места, го јакнат бруто домашниот производ на државата, овозможуваат извоз, и на крајот на денот го јакнат економскиот стандард на нашите граѓани“, рече Заев.
Премиерот Заев нагласи дека странските инвестиции во земјата минатата година отворија 4.500 работни места и додаде дека интересот на странските компании да инвестираат, без ниту еден денар за рекламирање и промоција, пораснал благодарение на храбрите политики на Владата и на парламентот.
Позитивни проценки за извозот
Според проценките на Владата, реалниот пораст на извозот на стоки и услуги е проектиран на 8,5%.
„Зголемениот извозен потенцијал на земјата, при континуиран солиден извоз од новите производствени капацитети, како и опоравувањето на традиционалните извозни сектори во земјата, се солидна основа за задржување на високиот раст на извозот на Македонија, во услови на очекуван раст на странската побарувачка“, пишува во Буџетот за годинава.
Народната банка во октомври ја ревидираше проекцијата за раст на странската побарувачка на 2%, а надолната ревизија е главно поради Германија, одразувајќи пониска побарувачка и посилно евро.
„Во просек за 2018 – 2020 година, извозната побарувачка и натаму е клучниот фактор на растот, што е поврзано со активноста на странските извозни капацитети, влезот на нови компании и натамошниот раст на странската ефективна побарувачка“, анализираа од Народната банка.
Извозот на македонски производи и услуги минатата година достигна 5,86 милијарди евра, што е годишен раст од 17%. Извозот минатата година растел побрзо од увозот кој порасна за 12%, па така трговскиот дефицит е благо намален и достигна 1,8 милијарди евра, што е покриеност на увозот со извозот од 76,4%.
Благодарение на извозот од зоните македонскиот извоз во изминатите 10 години бележи раст од 131%, додека увозот е зголемен за 85%. Но, ако се гледа извозот како учество во вкупниот БДП, македонскиот извоз е се уште мал и се движи некаде околу 50% од БДП, што ја прави македонската економија прилично затворена.
Целта на оваа влада е извозот да достигне учество од 70% или зголемување на извозот за една половина од она што сега го извезуваме, што е прилично висока цел за постигнување, ако се суди според сегашната ситуација во која се наоѓа македонската економија.
Податоците покажуваат дека само 3.500 компании извезуваат, што е само 5% од вкупните деловни субјекти во земјава. За мала земја како Македонија со ограничен и мал пазар, единствената шанса за побрз и поголем економски раст може да дојде од зголемената надворешна побарувачка, односно од зголемениот извоз. Основните предуслови ги има, односно Македонија е членка на Светската трговска организација, има Договор за слободна трговија со ЕУ и е членка на ЦЕФТА која овозможува бесцарински извоз и трговија со земјите од регионот. Но, се чини договорите за слободна трговија не можат многу да помогнат во услови кога производите кои се извезуваат се неконкурентни на странските пазари. Оттука, целата стратегија за зголемување на извозот треба да се фокусира на тоа како македонските извозни компании да станат поконкурентни, и според квалитет и според цена.
Ако до пред неколку години најизвезувани македонски производи беа нафтените деривати и челикот, сега по влезот на странските инвеститори најмногу извезуваме автомобилски делови, односно катализатори и филтри за прочистување, спроводници за автомобили, автобуси, седишта за автомобили…. Но, истовремено странските фабрики многу го зголемуваат и увозот. Речиси сите суровини и репроматеријали кои ги употребуваат странските фабрики во зоните се од увоз. Веќе неколку години наназад најувезувани ставки се платината, паладиумот и други хемиски производи кои ги употребува најголемиот извозник Џонсон Мети. Анализата на увозот по производи покажува дека петте најголеми ставки на страна на увозот лани биле суровини кои во производството ги користат најголемите извозници од зоните.
Освен извозот на катализатори за автомобилска индустрија кои ги произведува Џонсон Мети во зоната Бунарџик коишто доминираат како ставка, од останатите производи извозот на филтри за прочистување на гасови лани изнесува од 616 милиони евра и сетови за спроводници за палење од 480 милиони евра исто така за автомобилската индустрија.
Извозот на железо и челик минатата година изнесувал 421 милион евра, додека следни ставки се извозот на текстилна конфекција во вредност од 353 милиони евра, извозот на производи од метал во вредност од 219 милиони евра. Извозот на автобуси лани достигна 175 милиони евра, додека извозот на седишта за моторни возила дури 202 милиони евра.
Голем девизен прилив земјата остварува и од извозот на тутун и цигари, кој лани достигна 128 милиони евра, додека од извозот на пијалоци извозните компании лани заработиле 65,8 милиони евра. Извозот на фармацевтски производи минатата година достигна 88,4 милиони евра и најголем дел од нив отпаѓаат на лековите кои ги извезува Алкалоид.
Извозот на акумулатори минатата година достигна 75 милиони евра, додека извозот на мермер и градежни материјали над 73 милиони евра.
Македонија иако важи за земјоделска земја, е нето увозник на храна. Иако има обработливо земјиште и поволна клима, се уште голем дел од обработливото земјоделско земјиште стои необработено. Производството на примарни земјоделски производи и покрај милионските субвенции кои државата ги исплаќаше во изминативе десетина години не забележа зголемување, туку напротив во некои култури има и намалување на производството. Приносите кои се добиваат се мали ако се споредат со некои други поразвиени земји, што не е за чудење ако се знае дека само 4% од обработливата земјоделска површина е покриена со системи за наводнување.
Изминатата година Македонија извезла храна во вредност од 319 милиони евра, што е зголемување од околу 4% во споредба со минатата година.
Ако се анализира извозот на земјоделски и прехранбени производи, тога најголем удел има извозот на зеленчук и овошје, кој минатата година достигна 145 милиони евра и бележи мало намалување од околу 3%.
Втора најголема извозна ставка се кондиторските производи чиј извоз надминува 60 милиони евра годишно, кој лани е зголемен за околу 10%.
Голем извозен прилив од околу 50 милиони евра годишно носи и извозот на вино, од кое најголем дел е извозот на наливно вино.
Следи извозот на месо и преработки од месо, кои заедно носат 25 милиони евра извози приходи. Вкупниот извоз на месо минатата година од земјава изнесувал 10,7 милиони евра, и од него речиси 90% или 9,8 милиони евра отпаѓа на извоз на јагнешко, а помал дел на извоз на овчо месо.
Но, извозот на месни преработки минатата година бележи голем раст од дури 41,7%, благодарение на намалената царина за увоз на смрзнато месо за преработки, мерка што владата ја донесе минатата година, а која производителите од овој сектор ја бараа веќе подолго време тврдејќи дека плаќањето на царина за увоз на суровини кои не се произведуваат доволно дома ги прави неконкурентни и им го намалува извозот.
Извозот на млеко и млечни производи минатата година изнесувал 10,2 милиони евра, од кои 3,2 милиони евра се млеко и павлака, 3,5 милиони евра е извозот на кисело млеко и 2,7 милиони евра извоз на јогурт. Извозот на сирење минатата година бил 1,47 милиони евра. Минатата година од Македонија се извезувале и јајца во вредност од 718 илјади евра.
Интересно е што расте во последниве години извозот на мед и минатата година изнесувал 561 илјада евра.
Вкупниот извоз на зеленчук од Македонија минатата година изнесувал 55.7 милиони евра. Најизвезуван зеленчук од Македонија лани била зелката во вредност од 15,3 милиони евра. Од извоз на домати лани е остварен девизен прилив од 10,6 милиони евра, следи извозот на пиперки од кои лани се заработиле 10,5 милиони евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×