Полската економија го живее својот “златен век”!
Објавено на од во Репортажа
Полската економија доживува подем каков што нема во цела Европа. Не само што тоа го покажуваат бројките, ами ни беа доволни само неколку дена во Полска за да се увериме дека оваа економија е имуна на секакви кризи.  Ниту европската должничка, ниту украинската воена криза не успеаја да и најдат слаба точка на полската економија која од квартал во квартал расте по најмалку 3% и останува единствената земја во Европа што економските турбуленции во последните неколку години ги помина без рецесија.

Polska-4Кога пред десетина години Полска стана дел од европското семејство, многумина коментираа дека таа е „проблематично дете“ пред се поради огромната популација од 40 милиони луѓе, од кои петтина беа невработени, меѓутоа оваа квалификација од денешна перспектива звучи најмалку неумесно. Десет години потоа, Полска има двојно пониска стапка на невработеност и за 50% поголема економија. Еден Полјак просечно заработува по 730 евра месечно.

Во перспектива, проценките за полската економија се исто така одлични. Светската банка во еден од своите последни извештаи предвидува нов „златен век“ за Полска.

Истиот оптимизам го делат и полските бизнисмени.

Cajkovski

Анджеј Чајковски заменик претседател на Управниот одбор на Mine Master

„Полската економија дури и во многу тешки времиња остана на здрави нозе. Голема заслуга за тоа има Европската Унија која не поддржува со европските фондови и тоа ја доведе Полска до високо ниво на развој“, вели Анджеј Чајковски, заменик претседател на Управниот одбор на Mine Master, компанија која што произведува софистицирана опрема за рударство.

Тој вели дека властите даваат многу ветувања дека ќе ги олеснат условите за водење бизнис во Полска и тоа е нешто на кое што мора да се работи.

„Сега имаме претседателски избори, во текот на годината ќе имаме и парламентарни избори и се надевам дека барем дел од сите овие ветувања што ги слушаме сега, ќе се остварат. На пример, мора да се забрза и поедностави процедурата за отворање нова фирма. Иако овој проблем не ни задава конкретно нам главоболка, генерално, очекувам подобрување на бирократските процедури кои што понекогаш може да траат предолго“, додава Чајковски.

Гжегож Јанковски, главен извршен директор на компанијата Хидротек вели дека се чувствува значително подобрување на условите за водење бизнис особено по влезот на Полска во ЕУ, меѓутоа, тој исто така очекува властите да се заложат да ги реализираат дадените ветувања.

„Политиката во последните години се сведува на популизам наместо да се фокусира на потребните реформи кои што може да бидат и непопуларни. Ние бизнисмените сонуваме за власт која што ќе биде навистина пријателски настроена кон приватните компании. Добиваме многу ветувања, но тие не секогаш се реализираат. Мора да се признае и дека многу работи се поправија. Корупцијата, на пример, која што пред десетина години беше особено изразена, денес е сведена на минимум и веќе не постои како проблем“, истакна Јанковски.

Ева Лешниевска, директор за продажба во Копекс Групацијата, признава дека од година во година станува се полесно да се води бизнис во Полска.

„И покрај многуте предизвици што ги поминавме во текот на последните 20 години при преминот од еден во друг политички систем, како компании сега можеме да се фокусираме на развој на нашите бизниси и имаме голема поддршка во тоа. Секако дека се уште има проблеми кои што треба да се надминат, како на пример бирократијата, плаќањето на даноците од технички а не од финансиски аспект,  усогласувањето со европските стандарди што ги наметнува Европската Унија. Тоа се сегменти кои што би требало да се подобрат“, оценува Лешниевска.

Бизнисмените велат дека за нив е важно што и во време кога речиси сите банки во Европа се соочија со финансиски проблеми, а некои од нив дури и банкротираа, полскиот банкарски сектор остана да биде рамо на кое што полските компании може да се потпрат. Статистичките податоци покажуваат дека банките ја зголемиле кредитната активност за 4% на годишно ниво.

„Поддршката од банките во Полска не изостанува. Нашите банки се покажаа како прилично здрави, каматите се на историски минимум и една компанија може да добие кредит од банка со камата од најмногу 3% – 4%. Тие не бараат нас за да ни позајмат пари. Повнимателни се со клиенти кои што имаат проблеми со наплатата“, вели Јанковски, извршен директор на Хидротек.

polska-2Бизнисмените потврдуваат дека има сектори во економијата кои што доцнат со плаќањата на фактурите, некои од нив и по 3 месеци, меѓутоа, генерално велат дека има платежна дисциплина што се почитува.

Извозна офанзива

Извозот од Полска во последните десет години се зголемил речиси тројно. Ако во 2004 година, полските компании на странските пазари продале производи во вредност од 65,8 милијарди евра, минатата година оваа сума достигна 160 милијарди евра. Интересно е што освен зголемувањето на извозот во вредност, се менува и структурата на извозот. Полска најмногу извезува машини, уреди и електронска опрема кои што се сметаат за високи технологии и нивниот удел во вкупниот извоз е 23,7%. Освен тоа, полските компании извезуваат транспортна опрема која учествува со 14,3% во извозот, основни метали со 11,8% удел, хемиски производи со 7%, пластика и гума со исто учество од 7% во вкупниот извоз.

Central-Warsaw

Варшава е најголем и главен град на Полска, со вкупно 1,7 милиони жители. Високите кули што никнаа во градот како печурки во последните неколку години целосно го променија неговиот изглед.

Polska-3Најголеми пазари каде што извезува Полска се Германија, каде што завршува една четвртина од целиот извоз, потоа Велика Британија со 6,8%, Чешка со 6,3% и Франција со 5,9%.

Меѓутоа, полските компании се обидуваат да ги освојат и пазарите на постсоветските територии за да може проблемите што се јавуваат кај западните соседи, да се компензираат со нови партнери на исток.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проценува дека годинава извозот ќе се зголеми за уште 7%.

Полското чудо има име – европски фондови

Полска стана синоним за успесите и предностите што ги носи членството на една земја во Европската Унија. Освен политичката стабилност и развојот на полското граѓанско општество, економското чудо е еден од овие успеси.

Откако Полска стана дел од европското семејство во 2004 година, земјата доживеа финансиска ренесанса. Унијата истури милијарди евра како финансиска поддршка за развој на земјата.

Според бројките на Министерството за регионален развој, властите во Полска од влегувањето во ЕУ повлекле 102,4 милијарди евра од структурните фондови. Во следните пет години, до 2020 година, според структурниот буџет на ЕУ што е веќе одобрен, Полска ќе повлече уште 105,8 милијарди евра европски пари. Со тоа Полска станува земја која што искористила најмногу пари од европските фондови.

„Гледано од наша перспектива, бројките се одлична вест за полската економија. Најважно ќе биде овие пари да ги искористиме добро. Со тоа мислам да ги инвестираме во изградба на патна, железничка и друга инфраструктура, но не само тоа. Овие фондови мора да завршат и кај приватните компании како субвенции за нивните нови инвестиции“, изјави Павел Пинел, директор за грантови и советник во Ernst & Young.

Европските фондови им помогнаа на полските компании во насока на зголемување на нивната ефикасност во време на криза, особено со воведување на нови технологии, инвестиции во човечкиот капитал и подобрување на организациските способности.

Иако граѓаните се поделени кога е во прашање членството на Полска во ЕУ бидејќи не се малку таквите што мислат дека со влезот во европското семејство, земјата ја изгубила независноста за која се борела со години, кога станува збор за бизнис, нема сомнежи дека ефектите се само позитивни. Полските бизнисмени признаваат дека ударната финансиска доза од ЕУ била една од главните причини поради која што полската економија фати силен замаец.

„Јас сум евро ентузијаст и според мене влезот на Полска во ЕУ беше огромен позитивен чекор. Освен изградбата на автопати, железница и друга инфраструктура, влезот во ЕУ ни ги отвори вратите кон сите земји без никакви граници. Отворените граници и овозможуваат на економијата да разменува стоки и услуги без никакви пречки. Тоа ни овозможи силен раст на извозот кој што е еден од главните столбови на економијата. Се надевам дека во блиска иднина Полска ќе го воведе и еврото како единствена валута бидејќи тоа според мене ќе го елиминира ризикот од постојано менување на вредноста на валутата“, вели Гжегож Јанковски, главен извршен директор на компанијата Хидротек.

Ева Лешниевска од компанијата Копекс, вели дека влезот во Европската Унија и искористувањето на структурните европски фондови, значително ја подобруваат бизнис климата во земјата.

„Огромна финансиска помош ни даваат европските фондови кои што ги користиме за изградба на инфраструктурата во земјата, особено во помалку развиените региони на истокот каде што нема индустрија. Сето тоа видно ја подобрува бизнис климата“, коментира Лешниевска.

Економските зони и за полски и за странски инвестиции

Полска е меѓу земјите кои што важат за магнети за странските инвеститори. Официјалните статистички податоци покажуваат дека во 2013 година, странските инвеститори вложиле во Полска 6,6 милијарди евра.

Предностите кои што ги привлекуваат странските инвеститори во оваа земја се динамичниот економски раст, образованата и конкурентна работна сила, државна помош за инвеститорите но и нејзината локација во срцето на Европа.

Овие услови ја рангираа Полска во извештај на UNCTAD  како трет избор на инвеститорите во Европа и прв во Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Bloomberg исто така ја рангираше Полска на првото место според условите за водење бизнис во ЦИЕ и 26 место во светски рамки.

Најголем дел од инвеститорите своите фабрики ги градат во некои од 14 економски зони во Полска. По 20 години оперирање, во овие 14 економски зони се инвестирани вкупно 25 милијарди евра и отворени се над 287 илјади нови работни места. Се простираат на површина од 16.200 хектари и досега две третини од оваа територија е искористена за изградба на нови фабрики или инфраструктура.

Основната државна помош што им ја нуди полската влада на инвеститорите во зоните е во вид на даночно олеснување. Истото правило важи и за странските и за полските инвеститори. Компаниите можат да одберат помеѓу два модела на субвенционирање, а ослободувањето се движи од 15% до 70% од трошокот на компанијата за инвестицијата или пак две годишните трошоци за вработените. Сумата потоа се пребива со данокот на добивка што треба да го платат компаниите.

Volkswagen-we-WSAG-1024x576

Германската компанија Volkswagen интензивно ја гради својата нова фабрика во зоната Инвест Парк, на територија голема колку 300 фудбалски игралишта. Повеќе од 1.000 тони челик секоја недела се искористуваат за изградбата на фабриката

WSSE_siedziba1

Економската зона Инвест Парк во Валбжик е рангирана како прв избор на инвеститорите во Полска. Таму сега работат 174 компании, кои досега вложиле 4,6 милијарди евра и отвориле над 40 илјади работни места

„Без оглед дали се работи за домашна или странска компанија што е заинтересирана да инвестира во некоја од зоните, за сите важат истите даночни олеснувања. Освен даночните олеснувања, инвеститорите во зоните имаат модерна инфраструктура и помош во обезбедувањето на соодветен стручен кадар“, вели Малгожата Адамчик, претставник за јавноста на економската зона Инвест Парк во Валбжик.

Оваа економска зона Wall Street Journal ја рангираше како најдобра во Полска. Сместена е  во југозападниот дел на земјата и граничи со Германија. Во моментов во оваа зона има вкупно 174 инвеститори кои вложиле 4,6 милијарди евра. Со тоа се отворени над 40 илјади нови работни места.

Меѓу попознатите компании што отворија свои фабрики во зоната Инвест Парк се IBM, Toyota, Bosch, Johnson Controls, Colgate.

Македонија и Полска, блиски а далечни

Полска важи за најпријателски расположена земја кон Македонија помеѓу сите членки на Европската Унија, меѓутоа и покрај добрите релации, бизнис соработката меѓу двете земји најблаго речено е оскудна. Македонските компании на полскиот пазар лани продале производи во вредност од само 14 милиони долари. Најмногу се извезувало свежа зелка, во вредност од 1,6 милиони долари. Од другите производи, од Македонија во Полска се извезуваат  леани производи од алуминиум, челични производи, кочници за шински возила, панталони, машки кошули, пиперки.

Увозот од Полска, пак, е многу поголем. Минатата година полските компании на македонскиот пазар продале производи во вредност од 49,2 милиони долари. Од Полска најмногу увезуваме говедско месо, месо од живина, прехранбени производи без млечни масти, лекови, препарати за разубавување, гуми за автомобили и автобуси, чоколада.

Што се однесува до инвестициите, податоците на Народната банка за состојбата заклучно со крајот на 2013 година покажуваат дека од Полска во Македонија се инвестирани само 6,5 милиони евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×