Пораки од КОСАП: Македонија да опстои на зацртаните реформи
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Македонија да опстои на зацртаните реформи што би овозможиле добивање датум за почеток на преговори, е главната порака од денешната 13. Конференција на Парламентарните Комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од југоисточна Европа- КОСАП.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во своето обраќање кажа дека за Македонија не е главна цел членството во Европската унија, туку процесот да се искористи за земјата да направи вистинска европска демократија каде ќе владее правото.

„Лекцијата дома ја научивме, можеби можеме да работиме побрзо на реформите, меѓутоа очигледно работиме, но не само со законски интервенции, туку и со ова што амбасадорот Џес Бејли го нарекува промена на поведението“, истакна Димитров набројувајќи дел реформите што се реализираат.

Посочи дека граѓаните во Македонија се будни и не дозволуваат грешки и злоупотреби, некогаш дури и претерано.

Во однос на реформите во судството, Димитров кажа дека некои работи се веќе направени.

„Да речеме го демонтиравме телото што според Прибе било користено за политичко-партиски притисоци – Комисијата за утврдување на фактите. Разговараме со опозицијата за законот за заштита на сведоци и друго, но за вистинска реформа нема да биде доволна ниту извршната, ниту законодавната власт, ќе треба и судската власт да си ја преземе одговорноста. Ќе треба да научат да не дигаат телефони“, изјави македонскиот министер за надворешни работи.

Многу брзо по постигнувањето на договорот со Бугарија, според Димитров, има очигледни политички и економски придобивки. Нашиот следен предизвик се односите со Грција и проблемот околу името.

„Тука не може, а да не спомнам дека овој проблем правно гледано не би требало да биде пречка за нашите европски интеграции, бидејќи Грција има правна обврска да не приговара на нашите интеграции користејќи го името како преттекст од Времената спогодба од 1995 година. Тоа се направи еднаш во Букурешт во 2008 година и Меѓународниот суд во Хаг потврди дека со тоа е прекршена Времената спогодба. Но, ние имаме политики проблем бидејќи сакаме да станеме сојузници во ЕУ и во НАТО, а сојузници не можеме со Грција да станеме ако се клоцаме или се обвинуваме“, рече шефот на дипломатијата.

Тој смета дека ова е огромна шанса и за Грција, бидејќи оваа зрелост на Македонија, како што кажа, да го замени површниот национализам со визионерски патриотизам и да размислува каде ќе бидеме за 10 или 20 години од денеска, е шанса што треба да се искористи.

Бејли: Поддршката од 75% за ЕУ и НАТО да се претвори во политичка волја

Американскиот, пак, амбасадор во Македонија, Џес Бејли, рече дека САД и Европа ѝ помогнаа на Македонија да излезе од она што се нарекуваше длабока политичка криза.

Бејли смета дека за Македонија докрај да ги истурка реформите потребно е поддршката од 75% за влез во ЕУ и во НАТО да се преточи во политичка волја. Владеењето на правото, вели амбасадор Бејли, е еден од најголемите предизвици со кои се соочува земјата, а многу често земјите стануваат ранливи на корупција и криминал поради недостаток на владеење на правото.

„Граѓаните треба да бараат отчетност, транспаретност и информирање од страна на институциите. Тоа значи дека граѓаните треба да одбијат да го свртат погледот на другата страна кога ќе се соочат со прекршување на законите или со корупција, а тоа значи дека не треба да се прифаќаат работите онакви какви што се, особено доколку сте соочени со непотизам и лични појави“, рече Бејли.

Судовите во Македонија, смета тој, треба да внимаваат на транспарентноста, бидејќи многу често важни судски случаи се обвиткани со некој, како што рече, вел на мистерија и не е ни чудно што граѓаните не им веруваат.

Вајгл: Коалицијата на власт да придонесе за опозицијата да се вклучи во работата на Парламентот

Европратеникот Иво Вајгл, кој е известувач за Македонија во ЕП, ја повика опозицијата да се вклучи во работата на Парламентот. Потенцира дека власта и опозицијата мора да работат заедно за доброто на државата.

Вајгл кој учествува на денешната конференција на КОСАП, рече дела и власта треба да има предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште е најсилната политичка партија во Парламентот и нивното отсуство е многу проблематично, особено кога се работи за секојдневната работа во законодавниот дом.

„Владата и коалицијата на власт има одговорност да направи опозицијата да се чувствува комотно и активно, и да ѝ се даде шанса, особено за стратешки прашања што всушност недостасува во овој момент“, рече Вајгл.

Нагласи дека има големи очекувања од процесот „Жан Моне“, но рече дека тој најверојатно ќе почне во март, но тоа нема да биде Париз. Одлуките и заклучоците ќе се носат во Собранието.

Теми на конференцијата на КОСАП се европската перспектива и владеењето на правото во земјите од Западен Балкан.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×