Шефот Закерберг се ѕвери како психопат, жените не смеат да носат куси здолништа, а вработените ги надзира компаниска безбедносна служба, вели поранешниот продукт менаџер во Facebook, Антоно Гарсија Мартинез во својата нова книга

Многумина го замислуваат Facebook како рајско место за работа, каде што си возите скејтборд низ ходниците, програмирате цела ноќ, па после се одмарате во капсулата за спиење – а парите се трупаат на вашата сметка.
Антонио Гарсија Мартинез смета дека компанијата повеќе личи на Северна Кореја, пишува порталот за технологија Cnet.com.
Поранешниот (инаку, отпуштен) продукт менаџер во Facebook, деновиве ја издаде книгата со наслов ‘Chaos Monkeys: Obscene Fortune and Random Failure in Silicon Valley”.
Една од пикантериите во книгата што кружи веќе по интернетот е изјавата дека шефот на компанијата Марк Закерберг се ѕвери во луѓето како психопат.
Мартинез: “Закерберг е егоманијак“
“Имавме слогани исполепени по ѕидовите, и сите носевме униформирана облека“, вели Мартинез во својата книга. “Како да си во Северна Кореа или Куба. И во тој момент, едноставно ми светна…ние сите бевме пиони во играта на Закерберг – егоманијак со налудничави мотиви“.
Мартинез, кој што работел за Facebook помеѓу 2011 и 2013 година, за CBS изјави дека со книгата сакал да го привлече вниманието на јавноста за сличностите помеѓу компанијата и диктаторските режими.
Тој пишува дека компанијата има безбедносна служба налик советската КГБ која што ги мониторира активностите на вработените.
“Ако го изнервирате Закерберг, обезбедувањето ќе ве исфрли како партал од зградата“, вели Мартинез.
Тој исто така, тврди дека службите за човечки ресурси им држеле предавања на вработените за тоа која облека е пренападна за на работа и спомнува менаџер кој знаел да ги постројува женските вработени кога ќе го прекршеле кодексот за облекување. Во една прилика тоа се случило кога една млада практикантка дошла во куси шорцеви.
New York Times: “Книгата е супер”
Мартинез изјавил за CBS исто така, дека тој не верува оти Силиконската долина ја движи хиерархија заснована на квалитети и способности, туку е повеќе место каде што добрите врски и случајна среќа ги водат луѓето до успех.
Facebook љубезно одбил да ја коментира книгата, велат во Cnet.com. Меѓутоа од некои забелешки на авторот извадени од неговата книга може да се претпостави дека и не бил баш најомилен вработен. За тоа каков карактер бил може да се заклучи од извадокот што се однесува на неговото мислење за жените: “Повеќето жени во околината на Сан Франциско се слаби и наивни, и покрај нивните тврдења дека се многу ‘oтракани’ и полни се со глупости“.
Некој можеби ќе рече дека оваа книга е главно излив на гнев и фрустрација на бивш вработен, но New York Times ја опишува како “неодоливо четиво и водич за новиот технолошки естаблишмент“.