Поранешниот шеф на ЦИА за Балканот, Стивен Мејер:
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Serbs from Kosovo protest in ethnicaly divaded city of Kosovska Mitrovica against Kosovo independece„Дојде време за поделба на Косово“

„Владата на Вучиќ прво треба да ги извести ЕУ и Приштина дека го запира учеството во бриселскиот процес, зашто после три години и натаму не е постигнат значаен напредок. Белград мора јасно да стави до знаење дека Србија има волја да се впушти во преговори, и оти тоа и ќе го стори, но дури откако ќе се воспостави нова, поефикасна рамка“, пишува поранешниот шеф на ЦИА за Балканот, Стивен Мејер, за српски „Недељник“. Неговиот текст го пренесуваме во целост

 

[caption id="attachment_41714" align="alignright" width="200"]03-Stiven-Majer WEB Стивен Мејер[/caption]

Кој е Стивен Мејер?

Авторот на текстот, Стивен Мејер, е поранешен висок функционер и аналитичар на Централната разузнавачка агенција (CIA) за Балканот, кој ја вршел функцијата заменик-шеф за овој регион. Три години предавал на најпрестижната воена академија на светот, Вест Поинт. Бил и професор по политички науки на Универзитетот Глазгов.

„Поминаа скоро три години откако е потпишана Бриселската спогодба, а и повеќе откако Белград и Приштина почнаа преговори за изнаоѓање решение за проблемот на Косово. Со Бриселската спогодба досега не е постигнат особен успех, а малиот прогрес што е остварен воглавно се однесува на тривијални прашања – како телекомуникациите – што немаат големо влијание на сржта на проблемот. Но, од чист очај, тие „помали“ проблеми Владата во Белград ги третираше како огромни достигнувања. Доколку на преговорите и натаму им се пристапува како на низа технички прашања, малку е веројатно дека некогаш ќе се случи некој значаен напредок на полето на навистина важните проблеми. Не е на одмет да се спомене, на пример, дека никаков исчекор нема ни во воспоставувањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, поради косовската непопустливост.

Бриселската спогодба и натаму претставува неуспех, токму како и секој друг обид од 1999 година, да се најде праведно и правилно решение. Како и тие други напори, и овој пропадна поради прашањето на политичката легитимност, а сувереноста и авторитетот беа игнорирани. Додека ним не им се пристапи на соодветен начин, каков и да е исчекор на Косово, ако воопшто има такви нешто, нема да направи некоја разлика.

Косовските Албанци на сѐ гледаат од перспектива дека Србите ќе направат што и да е за да ѝ угодат на ЕУ, а оти Приштина може да си дозволи неумоливост, бидејќи времето е на нивна страна. Приштинските лидери сметаат дека ја уживаат поддршката на Западот, особено на САД, односно, оти Србија никогаш немала, ниту ќе има предност. На поширок план, Приштина е во право. Владата на Вучиќ со таква одлучност реши како жртва на олтарот на ЕУ да го принесе Косово, што официјален Белград Србија веднаш ја фрли во дефанзива. Белград вели и дека Србите никогаш нема да го предадат Косово. Но, малку по малку, токму тоа се случува.

Секој обид за нормализација на односите од 1999 пропадна првенствено зашто не се решени фундаменталните прашања. Секој минат напор се засноваше на обидот двете страни да се задоволат со заплеткани, комплицирани, неефикасни шеми. Долго очекуваниот план на Ахтисари 2007/8, пропадна токму како и планот на Тадиќ во пет точки од 2012 година, што требаше да го унапреди оној на Ахтисари. Предлогот на Белград, на Косово да се воспостави „значајна автономија“ доколку покраината остане во состав на Србија, Приштина веднаш го одби. Меѓународниот суд на правдата во 2010 година утврди дека едностраната декларација за независноста на Косово не го повредила меѓународното право. Тоа не само што беше уште еден неуспех за Белград, туку беше и жестоко засрамување за Србите, што самите си го предизвикаа со својата непромислена, будалеста стратегија. Премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, во 2012 година ги отворија прашањата во врска со трговијата, со царината и со факултетските дипломи, со цел да се приближат до поконкретни преговори. Тој обид, исто така, пропадна.

kosovo-je-srbija WEB  02
Текстот на Мејер, дека е дојдено време за поделба на Косово, временски интересно се совпадна со српската провокација со возот со парола „Косово е Србија“, што косовските власти ја дочекаа како сервирана, а сето покажа колку се „конструктивни“ двете страни

Во последно време, согласноста на Владата на Србија на „технички преговори од дното кон врвот“, што од Белград се бараат со бриселскиот процес, не даде подобри резултати. Белград, во суштина, премолчено го предаде суверенитетот, а за возврат не доби ништо. Да разјасниме, секогаш кога Белград предава надлежност над помалите „технички“ нешта, тој го предава суверенитетот, а тоа е повреда на српскиот Устав и штета на сметка на српските национални интереси. Иронијата е што премиерот Вучиќ во 2015 година изјави дека Уставот нема да се менува, а владината стратегија непрекинато ги поткопува уставните принципи на српскиот суверенитет над Косово. Единствениот српски политичар кој истакна дека е време за конечно да се нишани на важните прашања е Слободан Самарџиќ; тој во 2008 година предложи поделба на Косово по етнички линии. Неговата идеја беше наивно отфрлена.

САД и одредени членки на ЕУ вршат огромен притисок врз Белград да ги „нормализира“ односите со Приштина, а премолчената согласност на Србија наградена е со отворање на правните текови на ЕУ. Зборовите „нормализација на односите меѓу Белград и Приштина“ звучат како да станува збор за спогодба меѓу две суверени држави. Тоа, барем јавно, не е она што Белград го сака, но, секако е во согласност со тежнеењата на Приштина. Сепак, прифаќањето на „техничките“ одредби на Бриселската спогодба не е единствен начин на кој би можеле да се нормализираат односите, да се смири ЕУ, а и натаму да не се напуштаат српските интереси. После скоро три години главно јалови преговори и напнати односи со Приштина, време е Белград да тргне по друг пат.

Но, на тој друг пат не смеат да се повторат пропаднатите обиди да се преговара за „технички прашања“. Наместо тоа, неопходно е Владата на Вучиќ – која тукушто почна нов мандат, да развие стратегија што ќе се фокусира на сериозни политички прашања, наместо да почне со оние помалку важните. Во нив е, на крајот на краиштата, сржта на проблемот.

Владата на Вучиќ прво би требало да ги извести ЕУ и Приштина дека го запира учеството во бриселскиот процес, зашто после три години и непрестајно опирање на косовските Албанци и натаму не е постигнат значаен напредок.

Понатаму, Белград мора јасно да стави до знаење дека Србија има волја да се впушти во преговори, и оти тоа и ќе го стори, но дури откако ќе се воспостави нова, поефикасна рамка. Приштина ќе го осуди ваквиот став, и ќе апелира ЕУ и САД да извршат притисок врз Србија. А ЕУ, одредени европски држави и САД ќе сторат така, ќе ја притиснат Србија да го промени курсот. Но, еднаш кога Белград ќе одлучи, не смее да се повлече.

Второ, потребно е Белград да востанови рамка за преговори што ќе им служи на српските интереси, но истовремено да биде фер и правична кон сите актери. Накратко, Белград мора да ја преземе улогата на лидер во овој процес, наместо да ја прифати позицијата на послаб кој моли. Новиот пристап мора неизоставно да се позанимава со прашањето на суверенитетот. Таков пристап сѐ уште не е испробан. Единствено е постигнато Косово да стане уште еден во низата бескрајни „замрзнати конфликти“. Владата на Вучиќ дефинитивно покажа храброст пркосејќи им на ЕУ и на САД, со одбивањето да воведе санкции за Русија. Мора да биде подеднакво храбра и по прашањето за Косово.

Во исто време, стратегијата на Белград мора да се фати во костец со реалноста на два фронта. Прво, Белград мора да го прифати тешкиот факт дека Србија нема да го добие Косово назад. Каков и да е обид во овој правец неминовно би потпалил војна – војна што Србија не би можела да ја добие. Според пишувањата на медиумите, вицепремиерот Ивица Дачиќ  неодамна изјавил дека не се надева оти идниот претседател на САД, Доналд Трамп, ќе ѝ го врати Косово на Србија. Тоа е дефинитивно точно. Пред сѐ, Трамп не поседува моќ, авторитет, ниту право да стори нешто такво. Дотолку повеќе, не постои никаква прифатлива причина за неговата администрација воопшто да се обиде да направи такво нешто. Знам колку е Косово важно за српската историја, култура и вера. И знам колку им е тешко на Србите конечно да го прифатат фактот дека суверенитетот над областите јужно од реката Ибар е неповратно загубен. Но, за жал, факт е дека српскиот народ мора да се соочи со ова доколку има намера да тргне во подобар правец. Второ, на Косово и натаму живеат 150.000 Срби кои заслужуваат поддршка и заштита од Србија.

Се подразбира, српската Влада е таа што мора да предочи нова политика во водењето на преговорите. Покрај тоа, дозволете ми да предложам потенцијален правец на дејствување. За почеток, Белград би требало да ја примени идејата на Самарџиќ од 2008 година, за поделба на Косово по етнички линии. Сходно на тоа, Србија би воспоставила целосен суверенитет северно од Ибар, каде Србите чинат над 90% од населението. Таа област хронично е соочена со проблеми како високата стапка на невработеност и сиромаштијата. Таквата ситуација само дополнително ќе се влоши ако прашањето на суверенитетот не се реши благовремено. Тоа е судбина каква што народот во Косовска Митровица не заслужил, и е срамота што Владата на Србија и натаму ја допушта. Укинувањето на учеството на српската листа во Собранието на Косово би требало уште еднаш доволно добро да демонстрира колку е ситуацијата страшна за Србите на Косово, и дека е неопходно што поскоро да се пронајде решение.

Областа јужно од Ибар би требало да потпадне под суверенитетот на Косово. Сите Албанци северно од реката, кои не сакаат да живеат под српски суверенитет, треба да се преселат на југ со помош на Обединетите нации. На Албанците, пак, кои сакаат да останат на север, мора да им биде загарантирано правото на сигурност и нормален живот. Тоа е можно да се постигне со спогодба меѓу Белград и Приштина, чие спроведување би го надгледувале Обединетите нации, а би подразбирала редовни контроли на теренот, со цел да се осигурат безбедноста и просперитетот на албанското население.“

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×