Повеќе слична, отколку различна
Објавено на од во ДЕЛОВНА 2016
^A44D192D0A159C6C140FA2E5D2EE858674A9A98A4F8039D86A^pimgpsh_fullsize_distr

Повеќе слична отколку различна ќе биде следната година од оваа, велат банкарите кога зборуваат за нивните идни планови. Кредитирањето догодина ќе порасне околу 7% – 8% како што проценува Народната банка, а банкарите велат дека ќе има кредити и за фирмите и за граѓаните. Меѓутоа, Народната банка со конкретни мерки одлучи да го зголеми притисокот врз банкарите повеќе да кредитираат приватни фирми наместо граѓаните со потрошувачки кредити. Советот на Народната банка објасни дека банките за една година одобриле 47,5% повеќе потрошувачки кредити и „речиси секогаш, по брзиот раст на кредитирањето, следи период на отежната наплата на побарувањата“. Ќе го одврзат ли банкарите ќесето догодина со повеќе кредити да го поддржат бизнисот поради тоа што гувернерот ќе ги натера да издвојуваат повеќе резервации ако даваат потрошувачки кредити, а помалку ако ги кредитираат фирмите?!

„Компаниите следната година ќе добијат поддршка со поволни кредити од домашни извори и од наменските кредитни линии, додека кај населението ќе продолжи поддршката на станбеното кредитирање за кое последниве две години има засилен интерес. Сепак, побарувачката и економската активност на компаниите, и кај нас и глобално, по економската криза е мала, стагнантна, и тоа се рефлектира и на обемот на нови кредитни задолжувања кај банките“, вели Ѓорѓи Јанчевски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка и додава дека фокусот на банката во последните години е насочен во микро бизнисот, малите и средни претпријатија и населението и таа стратешка определба останува и во следниот петгодишен период.

Јованка Јолеска Поповска, претседател на Управниот одбор на ПроКредит банка исто така вели дека продолжува силната поддршка за малите и средни бизниси.

„Идната година очекуваме уште поизразена кредитна поддршка на долгорочни инвестиции на производни претпријатија, агро бизниси, инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и бизниси кои ќе се шират регионално“, вели Јолеска Поповска.

Од Стопанска банка велат дека ќе продолжат да ги поддржуваат своите корпоративни клиенти од сите сектори во земјата, кои ги вклучуваат некои од најголемите компании во земјата и кои се важен дел од целата економија и извозот.

„Разновидните кредитни производи кои Стопанска банка ги развива постојано, како и воведување на нови производи во следниот период, ќе овозможи соодветна поддршка од Банката за сите компании во нашето портфолио, преку кои ќе се создадат нови перспективи, нови работни места и дополнителна вредност за економијата во целост“, објаснуваат од Стопанска банка.

Од Охридска банка велат дека како и годинава, така и догодина ќе продолжат со стабилно финансирање на компаниите и нивните издржани проекти.

„Кредитната активност следната година главно ќе зависи од политичко – економскиот амбиент и сигналите на монетарната политика, меѓутоа како и досега Охридска Банка ќе продолжи да дава финансиска поддршка на профитaбилни проекти со одржлив раст, пред сé проекти кои поттикнуваат креирање на нови работни места, користење на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, зголемување на конкурентноста и интензивирање на извозот“, објаснуваат од Охридска банка.

Дел од банкарите сепак велат дека побарувачката за кредити од приватните фирми е ограничена и се сведува на заеми за тековна ликвидност.

„Наредната година ќе биде една од потешките со оглед дека секоја изборна година е проблематична за стопанството, а со тоа и за финансискиот сектор и за граѓаните. Компаниите се попретпазливи, финансискиот сектор полека ќе почне да заздравува и да се зголемува инвестицискиот циклус, но сето тоа оди пребавно и започна предоцна“, вели Владимир Ефтимоски, претседател на Управниот одбор на Стопанска банка Битола и објаснува дека политичката криза годинава значително го забави или целосно го анулираше трендот на пораст, што во услови на инертност во работењето, како што се во Македонија, значи дека ќе треба да помине најмалку уште една година пред да започнеме да се движиме повторно напред.

„Во вакви услови, голем број на инвестициски проекти, не само на странски, туку и на успешни домашни компании беа одложени. Сметам дека тие сепак ќе се реализираат во наредните години, но знаеме дека одлуките за нивно реализирање овој пат ќе се носат многу потешко и побавно. Трендот на пораст во наредните четири години и тоа како ќе биде доста помал отколку пред 2015 година, без разлика што и тогаш светот беше во економска криза“, коментира Ефтимоски.

bankari-grafika-1

Едно е сигурно, дека банките имаат вишок над една милијарда евра што ги инвестираат во државни и благајнички записи додека не наидат на добар проект што ќе го поддржат со кредит.

Што е добар проект за кој има кредити?!

Иако банкарите постојано велат „за добри проекти пари има“, што е добар проект е енигма за бизнисмените.

Банкарите велат дека добри проекти се сите оние кои се добро осмислени за да обезбедат долгорочен раст и развој на една фирма, коишто се реални и кои кореспондираат на пазарниот потенцијал.

Јолеска Поповска од ПроКредит банка, вели дека одлуката за финансирање на одреден бизнис зависи од повеќе критериуми како што се: успешноста на работењето на претпријатието,  неговата ликвидност, кредитната историја и менџерската стручност во раководењето со финансиите и во голема мера од тоа какви се економските и пазарните услови во кои функционира претпријатието.

„Анализата на овие аспекти е суштинска не само заради пристапот до извор на финансирање, но пред се заради здравиот и одржлив развој на самиот бизнис. Доколку бизнисот се финансира со средства за кои нема капацитет поради неодржливост на некои од горенаведените критериуми, многу е поголема веројатноста, а со тоа и ризикот за запаѓање на бизнисот во финансиски потешкотии. Можеби еден од најзначајните фактори од сите споменати е менаџерскиот капацитет од кој зависи и визија за развој. Доколку сопственикот на бизнисот има капацитет да ги следи пазарните трендови, умее брзо да реагира и да се прилагоди на промените кои пазарот и конкуренцијата, соодветно на случувањата ги предвидува ризиците и можностите, многу е голема веројатноста за успешен проект со соодветна финансиска поддршка од банка“, вели Јолеска Поповска и додава дека нивна цел како специјализирана банка за бизнис е одговорно кредитирање кое ќе овозможи бизнисот да не се презадолжи, туку напротив поголема конкурентност, намалување на оперативни трошоци, иновативност и проширување на нови пазари.

Од Стопанска банка велат дека кредитирањето е во сржта на банкарството и ќе биде секогаш спроведувано согласно најдобрите банкарски стандарди

„Секој проект или кој било друго кредитно барање со цел да биде разгледано од банкарски аспект како остварливо, треба да исполнува некои одредени критериуми, односно компанијата мора прво да учествува со сопствени средства и со нив делумно да ги покрие потребите за финансирање, потоа мора да има барем доволна профитабилност и правилно управување со готовина со кои ќе може да ги покрие целокупните трошоци, отплатата на долговите кон Банката и да обезбеди соодветен приход за компанијата. Секогаш и секаде постојат основни услови кои треба да бидат исполнети со цел еден бизнис/проект да биде поддржан од која било банка“, објаснуваат од Стопанска банка.

Јанчевски од НЛБ Тутунска банка вели дека малиот пазар во Македонија се повеќе се отвора за странски фирми, поради што фирмите за поголем успех ќе треба да конкурираат и со странските компании дома и надвор, во регионот или на пазарот на ЕУ.

„Бизнисот ќе бара многу поголемо внимание, професионално знаење и квалитет на производот кој треба да е на нивото на пазарите на кои се конкурира. Нема повеќе брз успех. Колку што е конкуренцијата поголема толку потешко ќе биде да се работи, така што фирмите ќе мора да се прилагодат на новите услови. Во моментов во Европа владее песимизам во поглед на економскиот раст, но ние сме убедени дека за нашите мали и средни фирми може да има место на овие пазари, бидејќи истите не се оптоварени со големи фиксни трошоци, флексибилни се во работењето и можат многу полесно да се прилагодат на пазарните промени. За таквите компании Банката има на располагање кредитни средства и такви проекти ги поддржува“, вели Јанчевски.

Какви мерки донесува Народната банка?!

Народната банка воведува мерки за ограничување на долгорочните потрошувачки кредити преку изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот. Како што објаснија од Народната банка, мерките се воведуваат за да се ограничат потенцијалните ризици за наплата од забрзаниот раст на долгорочните потрошувачки кредити, односно да се влијае превентивно  не само за квалитетот на кредитното портфолио на банките, туку и за нивото на задолженост на населението.

Со мерката се зголемува капиталното барање за банките за долгорочните потрошувачки кредити со рок еднаков или подолг од осум години. За да не се предизвикаат поголеми потреси на пазарот на потрошувачкото кредитирање, а сепак стапките на раст да се сведат на умерено ниво, оваа мерка е насочена само кон новоодобрените долгорочни потрошувачки кредити, односно кредитите со рок еднаков или подолг од осум години одобрени од јануари следната година.

„Оваа мерка не значи дека банките ќе престанат да даваат потрошувачки кредити со подолги рокови, но реално е да се очекува дека банките ќе го следат сигналот на Народната банка и ќе придонесат за забавување на брзиот раст на овие кредити“, велат од Советот.

За да се спречи можноста од пренасочување на задолжувањето кон кредитните картички и пречекорувањата на трансакциските сметки, се воведува повисоко капитално барање и за растот на пречекорувањата на трансакциските сметки и кредитните картички.

Истовремено, од Народната банка велат дека со оваа одлука, се создаваат услови за олеснување на пристапот на фирмите, пред сѐ на малите и средните претпријатија до финансиските услуги.

„Се намалува капиталното барање за издадените гаранции од страна на банките со кои се гарантира плаќање врз основа на одреден деловен однос на клиентот и за побарувањата на банките коишто се обезбедени со деловен простор којшто исполнува определени услови. Со ова, се овозможува банките да одвојуваат понизок износ на капитал за кредитногаранциското работење со правните лица, вклучително и малите и средните претпријатија, што од своја страна може да предизвика намалување на трошокот на банките, а со тоа и на клиентите за овој тип работење“, објаснуваат од Народната банка.

Банкарите велат дека поголемата побарувачка на пазарот за потрошувачки кредити од граѓаните довела до побрз раст на кредитирањето во овој сегмент.

„Трендот во кредитирањето е предизвикан од пазарот. Од една страна, вишокот на ликвидност кој произлезе од слабата економска активност на реалниот сектор во последните две години, создаде услови за поголем пад на каматните стапки и на депозитите и на кредитите, а од друга страна побарувачката на населението при вакви поволни кредитни услови се зголеми, што резултираше со повисока динамика на кредитирање кај населението. Интересно е што последниве две години особено позитивен тренд има кај станбената потрошувачка“, вели Јанчевски.

Јолеска Поповска од ПроКредит банка пак, вели дека мерката на НБРМ има за цел да спречи евентуално непродуктивно презадолжување на населението.

„Политичкото и економското опкружување беше предизвик и за бизнисите и за банките. Инвестициите на бизнисите беа до одредена мера ограничени, а дел од банките поради тие причини се насочија поизразено кон кредитирање на населението, каде и покрај влошување на квалитетот на портфолиото, побарувачката е постојано присутна особено во делот на потрошувачки кредити и картички. Ваквиот сигнал од страна на НБРМ е за поздравување и ќе би требало да придонесе на посилен фокус на банките кон реалниот сектор и поддршка на сегментите кои придонесуваат за позначителен долгорочен економски раст“, објаснува Јолеска Поповска.

Од Стопанска банка велат дека овие мерки во кратки црти имаат за цел да воведат некое ограничување на необезбедените кредити кај населението со цел банките повеќе да се ориентираат кон корпоративни кредити но и кон хипотекарни/обезбедени кредити за население.

„Стопанска банка планира да обезбеди поддршка за секој проект или кредит кој ги задоволува банкарските критериуми и во нашата водечка политика е да ги поттикнеме и препознаеме одржливите бизнис иницијативи и да им обезбедиме соодветна поддршка. Не постои причина за промена на овој пристап во текот на следната година со оглед на тоа што Баката со својот компетентен корпоративен тим е добро подготвена да одговори на пазарните предизвици и да обезбеди најдобри услуги за своите компании“, истакнуваат од Стопанска банка.

Според податоците на Народната банка, граѓаните заклучно со септември вкупно им должат на банките 1,08 милијарди евра врз основа на потрошувачки кредити и кредитни картички што е за 14,3% повеќе отколку лани.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×