Повеќе врати до капитал и до уште по нешто

Со години во Македонија зборуваме дека на компаниите им е потребен полесен пристап до финансии. Но, кога ќе се спомене финансирање преку пазарот на капитал, разговорот често завршува со една иста реченица: добра работа е тоа, но некако не е за кај нас...

Банките се природно првата адреса за домашниот корпоративен сектор. Користењето на банкарски кредит е неминовност. Но, не е добро кога тоа е единствена врата за финансирање. Компанија што сака брзо да расте, да отвора нови пазари или да ја подобри капиталната структура не треба да има само една врата до капиталот.

Токму на ова се темели најновиот проект на Македонската берза и Европската банка за обнова и развој за поттикнување и подготовка на домашните компании за пазарно финансирање. Актуелниот јавен повик што трае до крај на август овозможува до десет компании да поминат низ структуриран процес на подготовка за финансирање со акции или корпоративни обврзници. Имплементатор на проектот ќе биде PwC од Северна Македонија и Хрватска. Предвидени се лидерска академија за сопствениците и највисокиот менаџмент, индивидуална процена на подготвеноста, анализа на бизнис моделот, рамковна валуација на компанијата и конкретни препораки за можниот пат кон пазарот на капитал. EBRD покрива до 70% од трошоците, а максималното учество по компанија е 4.000 евра.

Ова не е проект со којшто некој се принудува на IPO и берзанска котација. Со него едноставно градиме услови за информирана одлука. Секоја компанија не треба да излезе на берза. Но, секоја успешна и амбициозна компанија треба да знае што значи таа можност, што бара од неа и што може да добие за возврат.

Охрабрувачки први сигнали

Можеме да кажеме дека одзивот за проектот е задоволителен. Веќе имаме апликации од компании со сериозен деловен профил, резултати и развојни амбиции. Има и неколку позитивни изненадувања. Дел се членови на т.н. БУМ Клуб на Берзата, што покажува дека направеното поврзување и споделувањето искуства во изминатиов период креираа интерес и за следниот чекор.

Не би било професионално во оваа фаза да оперираме со имиња или да се најавуваат идни IPO-а. Проектот е подготовка, не гаранција. Но, фактот што квалитетни компании се подготвени објективно да им се процени подготвеноста и да разговараат за транспарентност и нови инвеститори е важен сигнал дека работите се поместуваат…

Тоа е веројатно и најмногу што Македонска берза, во овој момент и со инструментите што ги има на располагање, може реално да направи за проширување на понудата на пазарот – да ги идентификува компаниите со волја и потенцијал, да ја доближи идејата до нивните сопственици, да обезбеди врвна експертска поддршка, значително да го намали трошокот на IPO подготовка и да создаде патека од првичен интерес до сериозна корпоративна одлука.

Берзата не може да одлучи наместо сопственикот да сподели сопственост. Не може наместо менаџментот да воспостави системи на известување, контрола и управување. Не може да создаде инвестициски проект таму каде што го нема, ниту да гарантира пазарна цена и успех на понудата. Но, може да го намали јазот во знаење, да ги отстрани непотребните стравови и однапред да покаже каде се слабостите што треба да се поправат.

IPO е последица на зрелост

IPO-то е само видлив крај на долг претходен процес и последица на корпоративна зрелост.

Компанијата мора да има јасна стратегија и да ја увери јавноста во нејзината способност ефикасно да го употреби новоприбраниот капитал. Финансиските извештаи треба да бидат веродостојни и разбирливи. Односите меѓу сопственоста и управувањето мора да бидат уредени. Потребна е подготвеност за редовно известување, за одговарање на прашања од инвеститорите и за прифаќање дека пазарот преку цената на акциите секојдневно ќе формира мислење за компанијата. Најважно, доминантниот сопственик треба да биде подготвен инвеститорите да ги третира како партнери.

Подготовката за IPO е всушност процес во кој компанијата учи да се погледне со очите на инвеститорот.

За некои компании вистинскиот избор може да биде емисија на акции: долгорочен ризичен капитал, посилен биланс, поголема финансиска флексибилност и сопственички партнери што го делат ризикот од растот. За други, со предвидливи парични текови и јасна способност за отплата, корпоративната обврзница може да биде поприроден инструмент – особено ако сопствениците не сакаат да ја менуваат сопственичката структура. Не станува збор за идеолошки избор меѓу капитал и долг, туку за избор на инструмент што го нуди пазарот на капитал којшто најдобро одговара на развојната фаза и потребите на компанијата.

Кај семејните компании постои и уште една придобивка – генерациската сукцесија. Основачот може да создаде успешен бизнис, но следната генерација не мора да има исти интереси или желба оперативно да го води. Трансформацијата во акционерско друштво, раздвојувањето на сопственоста од управувањето и создавањето пазарно вреднувани акции на компанијата можат значително да ја олеснат, а понекогаш и да ја решат сукцесијата. Наследниците можат да останат акционери без сите да бидат менаџери. Дел од нив може постепено да ја монетизира сопственоста, а компанијата да продолжи да живее.

Излегувањето на берза носи и ефекти што не се мерат само преку прибраниот капитал. Видливоста и имиџот на компанијата можат вртоглаво да пораснат. Јавното вреднување, медиумското присуство и повисоките стандарди на известување ја зголемуваат препознатливоста кај клиентите, банките, потенцијалните вработени и странските партнери.

Котираната компанија добива и своевидна аквизициска валута: сопствените акции, со транспарентна пазарна цена, може да ги користи за целосно или делумно плаќање при преземање на други компании. Така се намалува потребата аквизицијата да се финансира само со готовина или нов долг, при што сопственикот на откупената компанија станува акционер и партнер во идниот раст. Во Македонија оваа можност досега практично речиси и не е користена.

Неодамнешната успешна јавна понуда на корпоративни обврзници на IUTE Македонија е доказ дека ова не е само теорија. Кога постојат јасно структуриран и атрактивен инструмент, препознатлив издавач и интерес кај инвеститорите, пазарното финансирање може да се случи и на нашиот пазар. Еден пример не создава тренд, но секој тренд започнува со конкретен пример.

Зошто ова е важно не само за Берзата

Новите емисии не се важни само за Македонска берза. Подлабок пазар на капитал значи поотпорна економија. Кога компаниите имаат повеќе извори на финансирање, тие полесно инвестираат, растат и излегуваат на странски пазари. Нивниот развој помалку зависи од кредитниот циклус и од расположливоста на банкарски колатерал. Компаниите што се повисоко капитализирани се и поотпорни на каква било криза. Пазарното финансирање бара повисоко ниво на транспарентност, финансиско известување и корпоративно управување, а тоа се промени што најчесто ја подобруваат компанијата сами по себе.

За инвеститорите, новите издавачи значат поширок избор и подобра диверзификација на вложувањата. За економијата, тоа значи поразвиена финансиска инфраструктура и помала зависност од еден доминантен канал. Успешната емисија на една компанија создава знаење, стандарди и самодоверба што потоа ги користат и други.

Обемот и квалитетот на берзанската понуда има големо влијание и на начинот и ефектите од вложувањата на средствата на приватните пензиски фондови. Не можеме постојано да констатираме дека најголем дел од ова долгорочно домашно штедење се инвестира во странство и/или во државни хартии од вредност, дека не носи адекватни приноси, а да не создаваме домашни компании што се подготвени да излезат на локалниот пазар и да го привлечат и оплодат тоа штедење. Мора да го поставиме прашањето зошто домашната економија не создава доволно квалитетни инструменти во кои пензиските фондови воопшто можат да вложат? Ова прашање не е актуелно само кај нас. Ова е голем приоритет во цела Европа. Целтта е секаде иста – економиите што сакаат повеќе инвестиции мора подобро да го поврзат долгорочниот капитал со продуктивниот корпоративен сектор.

Позитивни раздвижувања во регионот

Хрватска е корисен пример за нас и покажува што може да се случи кога ќе ги поставите темелите на потребниот екосистем т.е. кога има компании подготвени да излезат на берза, силни институционални инвеститори и проактивни мали вложувачи. Во последните 5 години на Загрепската берза се реализирани 4 успешни IPO-а и 2 секундарни јавни понуди (SPO-а).

Како резултат на овие 6 понуди, приближно 362 милиони евра директно им беа ставени на располагање на самите компании за инвестиции, аквизиции и натамошен раст. Само четирите IPO-а донесоа повеќе од 9.000 мали инвеститори во акционерските книги на новокотираните компании, покрај вработените и институционалните инвеститори. Компаниите беа од различни сектори, со различни големини и мотиви, но со заедничка подготвеност растот да се финансира преку берза. Тоа веќе не е еден изолиран успешен пример, туку почеток на препознатлив тренд.

Секако, ниту таму нема нема само успешни приказни. Едно IPO пред две години беше повлечено – потсетник дека пазарот нема обврска да ја прифати секоја понуда и дека тајмингот и вреднувањето се подеднакво важни колку и квалитетот на компанијата. Способноста и неуспешниот обид да се прифати како пазарна информација, а не како национална трагедија е исто така знак на зрелост.

Хрватска е сепак поголем и поразвиен пазар од нашиот и не може механички да ја копираме. Но, можеме да научиме дека понудата не се проширува со декларации. Се проширува со систематска подготовка на компании и со низа добро структурирани трансакции.

Добар тајминг

Нашиот IPO проект доаѓа во особено добар момент – во пресрет на примената на новите закони за пазарот на капитал хармонизирани со европската регулатива и можноста Македонска берза да формира т.н. Пазар на растечки компании. Новата регулаторна рамка ќе ја модернизира инфраструктурата и ќе отвори поприспособен пазарен пат за компании што имаат потенцијал за раст, но сè уште не се подготвени или немаат потреба да ги исполнат најстрогите нормативни барања за котација.

Секако, самата регулатива не е доволна да создаде нови издавачи. Нов пазарен сегмент без компании е само добро уреден излог без производи. Затоа регулаторната реформа и  IPO проектот треба да се гледаат како две страни на ист процес: институциите ја градат пазарната патека, а компаниите се подготвуваат да ја искористат во поблиска или подалечна иднина.

Македонија моментално е единствената земја од Западен Балкан во која ЕБРД, во ваков целно дизајниран проект заедно со локалната берза, финансиски и експертски поддржува амбициозни домашни компании да ја изградат подготвеноста за емисија на акции или обврзници. За мал пазар тоа е признание дека постои корпоративен потенцијал, но, уште повеќе и можност шансата да ја претвориме во конкретен резултат.

Од подготвеност до трансакција

Следува изборот на компании што ќе учествуваат во проектот, интензивната работа со сопствениците и менаџментот и искрено утврдување што е потребно за секоја од нив да се приближи до пазарот. Кај некоја компанија резултатот може да биде јасна патека кон IPO. Кај друга, корпоративна обврзница. Кај трета, заклучок дека пред излегување на берза треба уште да се работи на управувањето, финансиското известување, организацијата или големината на инвестицискиот проект – и тоа е и тоа како корисно сознание.

Но, нашата амбиција не запира кај дијагностиката. Уште во јавниот повик беше посочено дека, во зависност од резултатите на проектот, Македонска берза и ЕБРД планираат да лансираат втор проект преку кој една или повеќе од најподготвените компании би добиле конкретна поддршка за емисија на акции или обврзници. Тоа треба да биде следната заедничка цел – од интерес кон подготвеност, од подготвеност кон одлука и од одлука кон трансакција.

Никој не може однапред да вети успешно IPO. Пазарот функционира само кога одлуките се доброволни, цените реални, информациите целосни, а инвеститорите независни. Но, институциите можат да направат многу за добрата компанија да не се откаже само затоа што патот ѝ изгледа непознат, прескап или предолг. Останува да се надеваме дека од оваа прва група компании ќе произлезе некоја што ќе каже подготвени сме да ја отвориме следната врата до капиталот.

Македонија има успешни компании. Има значајно домашно штедење. Има професионални институционални инвеститори. Има солидна берзанска инфраструктура, а наскоро и уште помодерна регулаторна рамка. Она што недостига е врската меѓу овие елементи. IPO проектот, инициран од Македонска берза, е обид таа врска да се гради — трпеливо, стручно и со реални очекувања.

Не ни требаат десетици IPO-а за да докажеме дека и кај нас може да функционира и примарниот пазар на капитал. Потребна ни е една добра и успешна трансакција што ќе покаже дека тоа е можно, потоа втора што ќе покаже дека не било случајно, и доволно упорност од позитивните исклучоци постепени да создаваме практика.

пишува: ИВАН ШТЕРИЕВ
Главен извршен директор на Македонска берза АД Скопје


Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ