Преговорите продолжуваат – амбасадорите на Груевски му испорачаа порака, а и тој кажа нов став за Договорот
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Обидите да се постигне договор за спроведувањето на обврските од Договорот од Пржино ќе продолжат преку одвоени средби што белгискиот олеснувач, Питер Ванхауте, ќе ги има со претставници на политичките партии. Ова е резултатот од вчерашата двочасовна средба на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ, Али Ахмети, и на ДПА, Мендух Тачи, одржана во Клубот на пратениците, а на која присуствуваа и евроамбасадорот Аиво Орав, претставник на Амбасадата на САД и белгискиот посредник Ванхауте.

По средбата изјава даде само Белгиецот Ванхауте:

„Имавме добар состанок со претставници на различните партии, што секогаш го сметам за корисно, особено кога на нив присуствуваат и лидерите на партиите. Јас сум релативно оптимист. Најважно е што тие почнаа да зборуваат меѓу себе. Тоа е есенцијално за да се постигне каков било напредок. Од таа перспектива имавме многу добар состанок“.

Ванхауте објасни дека состаноците на работните групи ќе продолжат да се одржуваат, но сега ќе им претходат билатерални средби, бидејќи, како што рече Белгиецот, „за одредени прашања немаат сите партии особен интерес“.

На средбата, очекувано, се разговарало за сите отворени прашања – за специјалниот обвинител, за законот за Владата и за новите министри и заменици-министри и спецификите на нивниот мандат, за законот за „свиркачите“, за законот за необјавување на прислушуваните разговори …

Пред лидерска средба, евроамбасадорот Орав, заедно со амбасадорите на Германија, на Италија, на Холандија и заменик-амбасадорот на САД, беа во Владата, на средба со премиерот. Амбасадорот на Италија, Масимо Белели, по средбата даде кратка изјава во која кажа дека на Груевски му била пренесена пораката од ЕУ, и солуциите.

Вчеравечер, а пред средбата со амбасадорите, и Груевски испрати недвосмислена порака поврзана со Договорот од Пржино, во своето обраќање по повод Денот на мaкедонската револуционерна борба. Според него, во тек на имплементацијата на Договорот, имало отстапување од договореното, односно, се барало истиот да се третира само како појдовна точка за преговори за нешто за што не се согласиле потписниците на 2 јуни/15 јули.

„Договорот од јуни и јули треба да се почитува без разни толкувања од интересите на политичките партии. Тој не може да служи како појдовна точка за нови преговори и договори. Секој политичар и секој кој сака да помогне во реализацијата на политичкиот договор треба да пристапува со максимална сериозност, одговорно и посветено. Зборот не може да биде збор за нов збор. Тој што потсетува за зборот треба да потсети на друго место, а не пред македонскиот народ“, рече Груевски, во последниот дел алудирајќи на олеснувачот Ванхауте, кој своето гледање на ситуацијата во работните групи го изрази и истакнуваќи ја паролата „зборот е збор“, испечатена на хартија, кога им се обраќаше на медиумите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×