Преку 23 државни агенции ќе се потрошат 250 милиони евра од буџетот во 2019 година
Објавено на од во Економија

Business concept with copy space. Office desk table with pen focКој и како ги троши државните пари?

Од следната година на товар на Буџетот ќе бидат уште три новоформирани агенции, тоа се новата Оперативно-техничка агенција (ОТА), Агенцијата за примена на јазикот кој го зборуваат над 20% од граѓаните на Македонија и новата Агенција за квалитетот во високото образование. Заедно со нив, на товар на буџетот во 2019 година ќе бидат 23 државни агенции во кои се вработени близу три илјади лица, кои заедно ќе потрошат близу 250 милиони евра, покажува анализата на предлог буџетот за тоа кој и како ќе ги троши парите собрани во државната каса следната 2019 година.

 

Од следната година на товар на Буџетот ќе бидат уште три новоформирани агенции, тоа се новата Оперативно-техничка агенција (ОТА), Агенцијата за примена на јазикот кој го зборуваат над 20% од граѓаните на Македонија и новата Агенција за квалитетот во високото образование. Заедно со нив, на товар на буџетот во 2019 година ќе бидат 23 државни агенции во кои се вработени близу три илјади лица, кои заедно ќе потрошат близу 250 милиони евра, покажува анализата на предлог буџетот за тоа кој и како ќе ги троши парите собрани во државната каса следната 2019 година.
Освен овие агенции, од буџетот следната година ќе се финансираат и еден куп други дирекции, совети, инспекторати чиј број од година во година е се поголем.
Анализите на Капитал покажуваат дека само во последните десетина година во Македонија се формирани десетици нови владини и државни агенции, комисии, совети кои годишно трошат стотици милиони евра од буџетот, а од кои граѓаните немаат речиси никаква корист, ниту подобрување на услугите. Ако се направи анализа што овие агенции имаат сработено во споредба со тоа колку реално чини нивното постоење, тогаш добар дел од нив се сосема непотребни, посебно оние кај кои има очигледно преклопување на надлежностите кои веќе ги вршат постојните министерства или државни органи.

Со реформата на јавната администрација која неодамна ја најави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, а која ќе се спроведува под надзор на Европската комисија, за прв пат јавно се споменува постоењето на голем број буџетски агенции чии функции се преклопуваат со веќе постоечки министерства и институции во рамки на јавната управа.
Една од главните забелешки на Европската комисија е токму кратење на прекубројните институции, за што веќе се прави анализа.
“До јуни мораме да го имаме овој документ со точни препораки – кои институции треба да се укинат, кои да се спојат, кои се преклопуваат со ингеренции“ откриваат од МИОА за „Капитал“објаснувајќи дека околу реорганизација на институциите – досега се правела евалуација со помош на УСАИД, а сега со помош на европски експерти се изработува „хоризонтална функционална анализа“.

Реформата на јавната администрација е еден од клучните приоритети во пристапното партнерство и важен предуслов во процесот на европска интеграција на Република Македонија. Но, за волја на вистината ова не е прва ваква стратегија. Првата стратегија за реформи во јавна администрација е донесена уште во 1999 година, за во 2010 година да биде донесена втора стратегија. Но, освен експертите кои работеле на нив како консултанти, граѓаните досега немаат видено никакви ефекти од овие стратегии за реформи. За тоа да се потврди доволно е да се отиде во некоја служба каде се издаваат лични документи, изводи за родени, сообраќајни дозволи, патни исправи, катастар и да е видат редовите и неорганизираноста кои владеат во овие институции. Ниту една услуга не им е достапна на граѓаните да ја завршат електронски, а партизацијата која се случува со години наназад го наруши уште толку интегритетот и кредибилитетот на државните и јавните институции, пред се заради тоа што се полнеа со кадри кои имаат мало и немаат никакво образование, ниту вештини за да бидат сервис на граѓаните.

Она што е различно сега се чини е што Европската комисија го вклучува светлото врз вистинскиот проблем, а тоа е постоењето на многу институции чии надлежности се преклопуват со други државни органи и институции.
Агенции во Буџет 2019

Ќе почне ли конечно реформата на јавниот сектор?

Во изминативе десетина години се формираа десетици владини и државни агенции, комисии, совети кои годишно трошат стотици милиони евра од буџетот, а од нивното постоење корист имаат само оние кои најчесто по партиски заслуги се вработени во нив. Ако се направи анализа што овие агенции имаат сработено во споредба со тоа колку реално чини нивното постоење, тогаш добар дел од нив се сосема непотребни, посебно оние кај кои има очигледно преклопување на надлежностите кои веќе ги вршат постојните министерства или државни органи. И покрај тоа што таквото преклопување на надлежности е спротивно на законите, бидејќи доведува до неекономично трошење на буџетските пари, нивното основање стана масовна појава во изминатите десетина години.

Од Регистарот за државни службеници кои се објави минатата година може да се види дека во Македонија постојат 15 министерства, 28 органи во рамки на министерствата, 44 самостојни органи на државната управа, 15 правни лица со јавни овластувања, 10 регулаторни тела и 107 јавни претпријатија. Или вкупно 1.299 институции.

Ако се разгледа Буџетот за 2019 година може да се види дека само годинава 23 агенции (или четири повеќе агенции во споредба со 2017 година) во кои се вработени околу 2.700 луѓе, кои ќе потрошат 248 милиони евра.
Овие агенции се финансираат или директно преку буџетот или преку такси кои државата ги наплатува од компаниите и граѓаните.

Некои од овие владини агенции се формирани како посебни органи на државната управа и работат како посебни правни субјекти. Со повеќето агенции  управуваат директор и Управен одбор, во кои членуваат лица кои ги назначува Владата, а некои агенции имаат само директор и заменик директор, кои без исклучок се назначуваат по предлог на Владата.
Челните луѓе, односно директорите и членовите на управните одбори на овие агенции, дирекции и разно-разни совети имаат многу често многу високи плати и надоместоци, бидејќи тие не подлежат на Законот за државни службеници и нивните надоместоци си ги одредуваат или сами или од страна на Владата.
Многу често основниот принцип на размножување на овие државни агенции и дирекции е феудалниот принцип на поделба на ресорите помеѓу политичките партии на власт, но и намирување на потребите на коалициските партнери во знак за благодарност за “мазното” владеење.
Постоењето на ваквите квази државни институции ja оптеретуваат државната каса бидејќи за секоја од нив треба да се обезбедат канцеларии, да се вработат минимум 10 до 15 луѓе, за нив да се плаќаат плати и придонеси, да се плаќаат режиски трошоци, да се набавува мебел и канцелариски материјали…

Луѓе кои се упатени во тоа како и по кој принцип функционираат овие агенции велат дека многу често за раководители на некои од овие агенции се назначуваат луѓе кои се блиски до партиите на власт и кои имаат најголеми заслуги за зголемување на партиското членство и развој на партиската инфраструктура на терен. Одредени им се големи плати и речиси никакви обврски, освен по некогаш да дадат согласност за некои планови и документи кои се претходно веќе скроени во владата.
Многу често се случуваат парадоксални ситуации луѓето вработени во агенциите за иста работа да земаат дупло поголема плата од платите кои ги примаат во државната администрација, за кои важи Законот за државни службеници.
Во Регистарот за државни службеници го има официјалниот број на вработени во овие агенции и дирекции, и кај поголемиот број има мало намалување на бројот на вработени.

Она што сега го бара Европската комисија е да се направи анализа што овие агенции имаат сработено во споредба со тоа колку реално чини нивното постоење. Ако тие агенции чинат повеќе отколку тоа што го сработиле, тогаш е бесмислено нивното постоење и тие не треба ни да постојат. Посебно онаму каде истите функции и задачи би можеле да ги завршат и одделите и секторите во рамки на постојните министерства и државни органи.
Но, ваквиот начин на кратење на државниот апарат ќе бара двотретинско мнозинство, посебно за измена на Закон за организација на државна управа, според кои се основани 62 од вкупно 128 органи на државна управа. Но, повеќето или 66 органи за државната управа се основани со посебни закони, за кои нема да биде потребно двотретинско мнозинство за нивна измена.
Но, имајќи ја во предвид долгогодишната пракса дека ваквите државни агенции и комисии отсекогаш служеле како идеално место за сместување на заслужните партиски кадри како еден вид награда, реално е да се очекува дека процесот на рационализација и реформа на јавната администрација ќе наиде на голем отпор како кај владејачката партија и коалициските партнери, така и кај опозицијата кој повеќе од 10 години ги полнеше овие органи со партиски кадри.


Преклопување на надлежности

Многу чест случај е да не се знае која институција точно за што е надлежна, често им се преклопуваат надлежностите и задачите со други државни институции кои за истата цел трошат пари од буџетот, и така на крајот доаѓаме во бирократски лавиринт во кој не се знае кој што работи, кој колку троши…

Преклопувањето на дејностите и обврските е можеби најочигледно кај привлекувањето на странски инвестиции. На привлекување на странски инвестиции работат Владата, односно посебно назначени министри за привлекување на странски инвестиции, понатаму постои Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, а постои и Дирекција за технолошки и индустриски зони.

Во Владата се ангажирани три министри без ресор кои работат на привлекување на странски инвестиции Аднан Ќахил, Зорица Апостолска и Бардул Дауити.

Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот во која се вработени 53 лица ( 34 помалку во споредба со 2017 година) во 2019 година ќе има буџет од само еден милион евра, што е големо намалување во споредба со 2017 година кога буџетот бил 5,6 милиони евра.
Во Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони има 65 вработени ( девет помалку од 2017 година) и таа во 2019 година се планира да потроши 22,7 милиони евра ( 9,6 милиони евра повеќе во споредба со 2017 година) од државната каса.
Преклопување на дејностите и обврските има и во делот на развој и промоција на туризмот. Имено, за иста работа пари од буџетот трошат владината Агенција за промоција на туризмот и Секторот за туризам кој веќе одамна постои во Министерството за економија.
Агенција за промоција и поддршка на туризмот е основана пред неколку години со посебен закон и работи како самостојно правно лице, чија основна цел е унапредување и промоција на туризмот. Агенцијата во 2019 година ќе има годишен буџет за трошење од 2,8 милиони евра (намалување од околу 300 илјади евра), а во неа се вработени 31 лица. Колку за споредба буџетот на оваа Агенција во 2011 година бил околу 200 илјади евра, а во неа биле вработени седум лица.
Ова е класично преклопување и дуплирање на обврски и задолженија за што Државниот завод за ревизија предупредил уште пред неколку години дека е спротивно за Законот и доведува до неекономично трошење на буџетските пари. Во ревизорскиот извештај за Агенцијата од 2010 година, Државната ревизија посочила дека иако со основањето на Агенцијата за промоција на туризмот било предвидено вработените од Секторот за туризам во рамки на Министерството за туризам да ги преземе Агенцијата, тоа не било направено. “Во Министерството за туризам се уште функционира Секторот за туризам, што е спротивно на одредбите на Законот и доведува до неекономично трошење на буџетските средства”, пишува во Ревизорскиот извештај од 2010 година,
Но, и шест години подоцна Секторот за туризам се уште функционира во рамки на Министерството за економија.
Во ревизорскиот извештај, пак, за ефикасноста на преземените мерки и проекти за развој на туризмот од 2014 година, ревизорите констатирале “преклопување во делот на промотивните активности помеѓу Министерството за туризам и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот”.
Инаку, ревизорите констатирале дека Македонија, што се однесува до развојот на туризмот, многу повеќе пари троши на промоција, отколку на вистинска поддршка на туризмот.
Со Агенцијата за промоција на туризмот управуваат директор и Управен одбор во кои членуваат седум лица, кои ги именува и разрешува Владата со мандат од четири години, а кои за својата работа добиваат надомест, кој го определува Владата.

Преклопување на постои и во делот на енергетиката на кое поле работат посебна Агенција за енергетика, а истовремено во рамки на Министерството за економија постои посебен Сектор за енергетика. Агенцијата има својство на правно лице, а средствата за нејзиното работење се обезбедуваат преку трансфери од Буџетот, приходи од вршење на специфични услуги во областа на енергетиката, како и од донации. Буџетот на Агенцијата за 2019 година изнесува околу 216 илјади евра. Инаку, на интернет страницата на оваа Агенција стои дека нејзината мисија е да го поддржува Спроведувањето на енергетската политика на Владата, преку подготовка на енергетски стратегии , развојни планови и програми, со особен акцент на енергетската ефикасност (ЕЕ) и користењето на обновливи извори на енергија. “Владата и Министерството за економија ја водат и усогласуваат енергетската политика на државата, додека Агенцијата со своите по закон утврдени дејности придонесува за успешна реализација на плановите и програмите”.
Со Агенцијата раководат директор и Управен одбор, кој се состои од пет члена, кои го именува Владата, како што се вели “имајќи ја во предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници”.
Во исто време, пак, во рамки на Министерството за економија, постои и Сектор за енергетика, во кој работат три посебни одделенија и тоа за Одделение за електроенергетика, анализа, развој и инвестициони проекти во енергетиката, Одделение за фосилни горива, Одделение за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
“Со увид во законската регулатива од областа на енергетиката, ревизијата констатира дека не постои јасно разграничување на улогата и надлежностите на институциите инволвирани во енергетскиот сектор”, констатирале ревизорите при ревизијата на Агенцијата за енергетика од 2011 година.

Од буџетот се трошат огромни пари за развој и поддршка на земјоделието, но за тоа изминатите години се ангажирани повеќе институции.
Постои Министерство за земјоделство, а задача за го поддржува земјоделието има и Агенцијата за поддршка на земјоделието-Битола која во 2019 година ќе потроши 1,1 милион евра и во која има 112 вработени.

Но, убедливо најмногу пари од буџетот се трошат преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието која следната година ќе има буџет за трошење од 141 милион евра, а во неа се вработени 205 лица (22 повеќе во споредба со 2017 година). Преку оваа Агенција се вршат директните плаќање на субвенциите за земјоделство и рурален развој, искористување на средства од Буџетот и Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската унија (ИПАРД) и спроведување на мерките на државна помош во земјоделството.
Оваа Агенција е основана во јуни 2007 година со посебен Закон, а со неа управува директор кој го назначува Владата, кој пак има можност да формира стручни тимови со учество на надворешни стручни лица, во состав и број кој самиот ќе ги определи. Инаку, во Агенцијата во 2010 година работеле само 87 лица, или повеќе од двојно помалку од денеска.

Има уште многу државни органи каде има преклопување и неефикасно трошење на државните пари. Но, без политичка волја овие примери само ќе продолжат да се зголемуваат. Единствена надеж е дека почнувањето на процесот на преговори со ЕУ предвидено за јуни 2019 година ќе биде потребниот притисок за да конечно да се почне со вистинската реформа и суштинското кратење на јавната администрација.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×