ЦЕЛ ВОЛ КОЛАТ ЗА ЕДНА КРЕМЕНАДЛА! 100.000 ХОНОРАРЦИ ВО АУТ, ЗА 65 МИЛИОНИ ЕВРА!?
Објавено на од во Економија
Државата ќе инкасира 65 милиони евра повеќе од наплата на придонеси следната година бидејќи со законски измени воведе обврска над 100.000 граѓани кои што се ангажирани со договор за повремено вршење на услуги или пак добиваат хонорари врз основа на авторски права да плаќаат придонеси. Досега овие приходи се оданочуваа само со персонален данок од 10%. Часовникот одбројува ситно до 1 јануари кога стапува на сила оваа обврска, а јавноста се повеќе е во дилема кој и како треба да плаќа придонеси на хонорарите. Засега не се знае на чиј товар ќе падне оваа обврска. За бизнисот ова ќе биде нова форма на зголемување на трошоците на работењето доколку се прифати давачката да падне на нивен грб. Но, многу почесто заради заштита на сопствената профитабилност, фирмите што ќе ги плаќаат социјалните придонеси се очекува да исплатуваат помали хонорари.

brojkaДржавата ќе инкасира 65 милиони евра повеќе од наплата на придонеси следната година бидејќи со законски измени воведе обврска над 100.000 граѓани кои што се ангажирани со договор за повремено вршење на услуги или пак добиваат хонорари врз основа на авторски права да плаќаат придонеси. Досега овие приходи се оданочуваа само со персонален данок од 10%, но од јануари граѓаните ќе мора да одвојат уште четвртина од доходот како придонес за пензиско, здравствено и инвалидско осигурување.

Собранието ги изгласа измените на Законот за придонеси уште во екот на летната сезона, без никаква јавна дебата, меѓутоа како што часовникот одбројува ситно до почетокот на следната година, во јавноста се појавуваат различни толкувања од владините институции што уште повеќе ги збунуваат граѓаните.
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ) ги објави правилата за тоа кој и по каков основ, има обврска да ги пријавува дополнителните приходи. Иако законското решение предвидува да се плаќаат придонеси за хонорари повисоки од минималната месечна плата, обврската за пријавување ќе важи за сите, без оглед на висината на хонорарот. Потоа Фондот ќе направи пресметка дали крајниот збор на сите хонорари на еден граѓани е поголем од 9.590 денари колку што изнесува минималната плата и дали со тоа станува обврзник да плаќа социјални давачки.
Претходно од Министерството за финансии обелоденија дека неколку категории граѓани како што се функционерите, советниците, судиите, поротниците, стечајните управници, волонтерите, професионалните спортисти, стипендистите, пензионерите се ослободени од обврската да плаќаат социјални придонеси за нивните примања. Меѓутоа, експертите за уставно право се изјаснија дека поделбата е дискриминаторска и неуставна. Според нив, Уставот им гарантира на сите граѓани дека се еднакви и дека сите имаат исти обврски кон државата, а селективниот пристап во плаќањето на социјалните придонеси се коси со овие одредби.
„Позитивна дискриминација се дозволува само ако на тој начин се исправа некоја претходна дискриминација, но во овој случај не се работи за тоа. Поразбирливо би било да се направи позитивна дискриминација за ранливи категории на граѓани отколку за функционери. Изземањето на одредени категории од оваа обврска ги става во нерамноправна положба другите граѓани и ова решение доколку се донесе, ќе падне пред Уставниот суд“, коментираат уставните експерти.
Од Владата пак објаснија дека функционерите и именуваните лица се изземаат од обврската бидејќи тие земаат надомест за плата а не хонорар.
Нејасно е и дали невработените хонорарци ќе се бришат од евиденцијата на Агенцијата за вработување. Од Министерството за труд и социјала толкуваат дека невработените хонорарци нема да се избришат, додека пак од Агенцијата за вработување објаснуваат дека тие нема да ги евидентираат како невработени граѓаните што ќе добиваат хонорари повисоки од минималната плата, односно оние што ќе имаат повисок приход од хонорар од 115.000 денари годишно.
Економистите коментираат дека новата мерка ќе им зададе удар на широк спектар на професионалци, новинари, професори и доктори, односно армија луѓе кои работат со договор на дело, но и на бројните обучувачи од државната администрација кои во работно време хонорарно учествуваат на разни работилници. Засега не е познато на чиј товар ќе падне оваа обврска. За бизнисот ова ќе биде нова форма на зголемување на трошоците на работењето доколку се прифати давачката да падне на товар на нивен грб. Многу почесто заради заштита на сопствената профитабилност, фирмите што ќе ги плаќаат социјалните придонеси се очекува да исплатуваат помали хонорари. Односот на силите може да понуди и трето решение, некаква форма на поделба на товарот на придонесите, меѓутоа, бизнисмените велат дека уште сега се извесни намалувањата на бројот на ангажирани лица, односно намалувањето на нивните нето хонорари, а со тоа и влошувањето на социјално економската положба на оваа категорија граѓани.
Дел од нив коментираат дека зголемувањето на давачките неминовно ќе го поскапи нивното производство.
„Јасно е дека фирмите се соочуваат со сериозни проблеми, немаат пари и ова оптоварување дополнително ќе им го комплицира работењето. Од друга страна, сите странски инвестиции што доаѓаат во земјава се ослободени од плаќање придонеси и дополнително добиваат секакви субвенции од државата што е не фер однос кон домашните фирми. И ако веќе се зголемуваат давачките кон државата, дали тоа значи дека ќе добиеме и поквалитетни услуги за тоа што ќе плаќаме повеќе?! Сметам дека ова е само селективна мерка за да се наполнат пензискиот и здравствениот фонд кои што се во многу лоша финансиска состојба но прашање е дали ќе се постигне целта“, смета Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Изменетите законски решенија предвидуваат и ригорозни казни и за работниците и за работодавачите во случај на непочитување на законот.
Со глоба од 200 евра ќе биде казнето невработено лице што зема хонорар или работи со договор на дело ако инспекторите го најдат како работи кај некој работодавач, а со ист износ ќе биде казнет и работодавачот. Глоба од 500 до 1.000 евра ќе му се изрече на обврзникот што плаќа придонеси сам за себе ако не го достави договорот за дело и/или авторскиот договор или друг договор до Фондот за пензиско. Kазна од 300 до 600 евра е предвидена за оној што нема да се пријави за плаќање придонес за пензиско и исто толкава казна ќе плати одговорно лице во фирмата. Глоба од 2.000 до 3.000 евра ќе му се изрече и на обврзникот за пресметка на придонесите – фирмата ако во пропишаниот рок не го достави извештајот до Управата за јавни приходи.

Зголемените приходи од придонеси не ја крпат дупката во Фондот

Објаснувањето на Владата за воведувањето на оваа обврска е да се натераат компаниите да ги вработуваат граѓаните на определено време наместо со договор на дело и со тоа да се спречи неплаќањето на придонесите. Меѓутоа, ако владината идеја е да стимулира конверзија на договорите на дело во трајни договори за вработување, тогаш решението би било придонеси да се плаќаат на договорите од лицата кои не се во работен однос.
Економистите коментираат дека зад тој параван се крие потребата да се крпи пензискиот фонд. За да ги исплати зголемените пензии за 5% следната година, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување треба да обезбеди вкупно 740,9 милиони евра. Меѓутоа, приходите од придонеси не се доволни и поради тоа Владата од државниот буџет ќе треба да префрли 360 милиони евра за таа цел. Податоците низ годините покажуваат дека зависноста на исплатата на пензиите од државната каса од година в година се зголемува.
Пресметките од буџетот за следната година покажуваат дека Фондот за ПИОМ ќе добие 50 милиони евра повеќе од наплатување на придонеси од хонорарите исплатени врз основа на договорите на дело или од авторски договори. Ако се знае дека на Фондот му недостигаат 360 милиони евра, оваа мерка воопшто нема да ги реши финансиските проблеми, а Владата и понатаму ќе треба да ја обезбедува оваа сума од Буџетот за редовна исплата на пензиите на над 290.000 пензионери.
Експертите оценуваат дека постојат четири начини како може да се надминат овие проблеми а тоа се зголемување на бројот на вработени односно осигуреници, намалување на пензиите што е спротивно од политиките на оваа власт, зголемување на стапката на придонеси или пак подигнување на старосната граница на пензионирање.
Во исто време со измените на Законот за придонеси, Владата донесе уште еден закон со кој се овозможува доброволно пролонгирање на пензионирањето за три години, односно до 65 години за жени и до 67 години за мажи, меѓутоа засега нема проценки колку оваа можност може да го растовари фондот за пензии.

Сезонските работници одбиваат вработувања да не ја изгубат социјалната помош

Дел од менаџерите на некои компании се жалат дека и покрај волјата да ги пријават работниците на определно време и со тоа да им платат придонеси за социјално осигурување, многу често наидуваат на одбивање од самите работници бидејќи со тоа тие би го изгибиле правото на социјална помош.
Вообиачен е случајот со сезонските работници, особено што најчесто се регрутираат луѓе кои примаат некаква форма на социјална помош преку Агенцијата за вработување. Заради опасноста овие луѓе да го изгубат стекнатиот социјален статус, компаниите ризикуваат да ги ангажираат нелегално, без да гипријават во работен однос и со исплати во готово.
„Во услови на активирање на предлог Законот за забрана за вршење на нерегстрирана дејност и новиот статус на примањата по основ на договор на дело, сезонски работници ќе мора на остварените приходи да плаќаат и придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Со новите решенија тие имаат можност на едностран избор, или да засноваат работен односи и да примаат плата или да останат невработени и да остваруваат социјални примања преку Агенцијата за вработување и Центрите за социјална заштита. Примањата по двата основи повторно остануваат како можност но во излегална зона“, коментира Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници.
Некои од земјите во регионот имаат поинакви решенија за ангажманот на сезонски работници. Хрватска на пример, го применува ваучер системот што значи дека една компанија откупува толку ваучери од државата за колку што има потреба од сезонски работници и за нив плаќа даноци. Инспекторите не ги интересира кои луѓе се ангажирани, туку дали бројот на работници се совпаѓа со бројот на ваучери што ги добила компанијата.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×