Ако консултирате и други извори ќе наидете и на името Стојко Додоловски или Стојко Каевиќ (роден во 1896 во Чучер, Скопска Црна Гора, – починал во Чикаго, САД) — Македонец кој го преживеал Титаник на 15 април 1912 година.
Стојко е роден во 1896 година во селото Чучер на падините на Скопска Црна Гора. Бегајќи од теророт на Турците и Арнаутите уште како млад, Стојко на 16 годишна возраст решил да тргне за “ветената” земја – САД.
Со нешто заработени пари доаѓа во Саутхемптон, од каде требало бродот „Титаник“ да замине. Билет едвај успел да купи во последен час и тоа од еден поп, кој иако го купил бил спречен да појде, па му го препродал на Додоловски. Судирот на бродот и мразот се случил ноќта спроти 15 април 1912 година, Додоловски успеал да дофати еден појас и да рипне од 15 метарската височина гонет од единственото чувство за живот.
Се дофатил за еден чамец кој меѓу првите е спуштен со богати господа. Молел 16 – годишниот Македонец, да го примат, но погледите им биле студени дури укорувачки што се осмелил да се дофати за нив. Еден господин си ги подвиткал нозете со топлото ќебе, а го покрил и кучето да не настине, но за Додоловски немале милост.
Држејќи се така во ледениот Атлантски Океан почнал да се грчи и мрзне, гласот му се фаќал и губел а силата го напуштала додека не се откачил од чамецот немоќен веќе. Господата не го ни погледнале а тој се нашол среде океан во темница. Постепено се наголемувал бројот на давеници и делови од инвентар. Закачен за еден превртен чамец во мигот кога океанот почнал да го влече кон океанот напуштен и од последните сили, го наоѓа офицерот Лоу единствениот од таа ноќ вреден за почит кој со чамец ги собирал преживеаните подоцна. Еден од 12-мината спасени од Лоу бил Македонецот Стојко.
Лоу го ставил во чамецот, го вртел и триел. Подоцна е префрлен на бродот „Карпатија”, каде се сретнал со господата со кученцето. Во Њујорк чекале милиони луѓе испаничени барајќи свои меѓу преживеаните. Од 2224 патници на Титаник дури 1517 останаа на морското дно.
За животот на Стојко после несреќата многу малце се знае. Според некои селани од Чучер, тој се вратил од странство во 1948 година во родното село. Се вработил во една фирма во скопската населба Ѓорче Петров. Се вратил со надеж дека ќе си живее и дека ќе умре во Македонија. Дури сакаше и да биде погребан во гробиштата во село Врвез. Но, неговата ќерка го повлече во САД и почина во Чикаго. Стојко во неколку наврати ја раскажуваше приказната за Титаник, и според постарите соселани, секогаш го правеше тоа со смеа. Беше секогаш насмеан и луѓето го викаа Стојко дебелиот. Имаше околу 200 килограми.
Титаник…
Аристократска приказна
со трагичен крај
Додека светот ја одбележува 113-годишнината од катастрофата на РМС Титаник, приказните за преживување и загуба продолжуваат да ја пленат фантазијата на јавноста. На 15 април 1912 година, Титаник удри во санта мраз за време на своето прво патување, што доведе до една од најсмртоносните поморски трагедии во историјата. Со над 2.200 души на бродот, само околу 700 ги преживеаја студените води на Северен Атлантик.
Титаник се судри со сантата мраз во 23 часот и 40 минути. На 14 април, а потонал во 2:20 часот следното утро. Трагедијата се одвиваше додека патниците, вклучително и оние од третата класа, се соочија со мрачната реалност дека нема доволно чамци за спасување за секого. Преживеаните чекаа во темното, студено море, додека ги слушаа плачот на оние кои не можеа да избегаат.
Меѓу преживеаните беше и Мери Елизабет Дејвисон, патничка од трета класа која се качи на Титаник со нејзиниот сопруг Томас Хенри Дејвисон. Тие беа упатени во Бедфорд, Охајо, за да бидат во близина на нејзините родители во Кливленд. Мери го убедила Томас да ги замени нивните билети за првото патување со Титаник, одлука за која длабоко ќе зажали.
Кога бродот потонал, Мери била одвоена од Томас, кој не успеал да влезе во чамец за спасување. Таа била сместена во чамецот за спасување 16, додека нејзиниот сопруг останал. За жал телото на Томас никогаш не беше пронајдено. Од 710 патници од трета класа, само 174 преживеале.
На денот на сеќавањето на Титаник, многумина размислуваат не само за загубата на преку 1.500 животи, туку и за трајната фасцинација со бродот и неговата трагична судбина. Како што истакна Џаред Фредерик, професор по историја на Универзитетот Пен Стејт, приказната за Титаник останува значајна во колективната меморија. „Оваа трагедија сè уште се слави, признава и романтизира сите овие години подоцна“, рече тој.
Кога времето застана
Џепниот часовник на Данец што загинал на Титаник излегува на продажба.
Преживеаните подоцна сведочеа за ужасната тишина што ја заменила вревата од бродот – прекинувана само од лелекањето и повиците на оние што останале во водата. Тие часови, поминати во мракот и студот, останаа врежани како симбол на човечката ранливост и на трагичните последици од ароганцијата и пропустите во безбедноста.
Џебен женски часовник, пронајден меѓу личните предмети на патник кој се удавил при првото патување на Титаник, би можел да се продаде на аукција за над 64.000 евра.
Данецот Ханс Кристенсен Гивард (27) патувал во втора класа и бил еден од 1500-те загинати.
Во неговите џебови биле најдени штедна книшка, клучеви, малку пари во паричник, сребрен часовник, компас и пасош, како и позлатен женски џебен часовник на кој солената вода оставила траги од корозија. Сите негови предмети биле вратени на неговиот брат во Данска, а часовникот сега го продаваат неговите потомци.
Трагичната приказна за Гивард била инспирација за кустосот Јеспер Хјерминд и неговата внука, новинарката и американска државјанка Мете Хјерминд Меккол, да ја напишат книгата „Титаник – Дански приказни“, во која се споменува и часовникот.
Часовникот ќе биде понуден на аукција на 26 април, организирана од аукциската куќа Henry Aldridge and Son во Девизис, Вилтшир.
„Овој предмет е документиран на официјалниот список на предмети кои им припаѓале на Ханс, составен од властите во Халифакс, Нова Шкотска, во неделите по катастрофата на Титаник и оттогаш останал во неговото семејство. Тој беше еден од централните експонати на изложбата за Титаник одржана во 2012 година во Тиволи, Копенхаген, што сведочи за неговото значење“, изјави аукционерот Ендрју Олдриџ.
„Механизмот на часовникот е замрзнат во времето, во моментот кога студените води на северниот Атлантик го проголтаа не само неговиот сопственик, туку и најпознатиот прекуокеански брод на сите времиња – Титаник, на 15 април 1912 година“, додаде тој.
Неодамнешното објавување на документарниот филм на National Geographic со наслов „Титаник: Дигитално воскресение“, дебитирано на 11 април 2025 година, дополнително го разгорува интересот за Титаник. Документарецот прикажува револуционерна дигитална реконструкција на остатоците, создадена од 715.000 дигитални слики. Паркс Стивенсон, извршен продуцент на филмот „Титаник“ од 1997 година, ја изрази својата возбуда поради невидените погледи на остатоците од новата технологија.
Додека Титаник продолжува да кородира и бледне во длабочините на океанот, неговото наследство останува недопрено. Фредерик нагласи дека Титаник не е само приказна за загубата, туку и проучување на технологијата, историјата, инженерството и човечката отпорност.



















