28 октомври, 2026
9 mins read

Patrick Aoun, Приказни што се носат на рака

првиот човек на Longines за часовниците што носат историја, наследството што нè движи напред и за она што останува од нас кога времето продолжува. Речиси два века во неколку милиметри

Разговараше: Љубица Ангелкова

На нашата трета средба, по Прага и две Виени, веќе се познававме доволно добро за разговорот да го почнам со шега. Му предложив на Patrick Aoun дека Longines би можел да почне да го мери и времето меѓу нашите средби. За компанија што постои од 1832 година, тоа веројатно не би било особено сложена задача. Јас, во секој случај, пристигнав со предлог. Пристојно е и новинарот понекогаш да понуди решение за проблем што никој го немал.

Посложено е прашањето што правиме со времето. Тука ни најпрецизниот механизам не може многу да ни помогне. Можеме да го измериме до дел од секундата и потоа сосема несвесно да изгубиме едно попладне. Да заштедиме десет минути со некоја нова технологија, па да ги потрошиме проверувајќи што прават луѓе што не нè интересираат. Имаме прилично развиени средства за мерење на времето и еден крајно сомнителен талент за негово трошење. Ова го пишувам без намера да се изземам.

Затоа механичкиот часовник денес ми е поинтересен отколку кога навистина ни беше потребен за да знаеме колку е часот. Околу нас има доволно екрани што бесплатно ја нудат таа информација. А ние сè уште сакаме на раката да носиме мал механизам за кој некој морал да има знаење, мирна рака и трпение. Особено трпение. Особина што многу ја цениме кај луѓето што ги изработуваат нашите предмети, а сè потешко ја практикуваме додека чекаме да ни се отвори една страница на телефонот.

Со таа мисла седнав спроти првиот човек на Longines во Виена, пред заминувањето на коњичкиот настан во Schönbrunn. Меѓу нас имаше книга за историјата на куќата. Во вакви разговори книгите можат да останат недопрени, како убаво воспитан дел од декорот. Оваа постојано се отвораше. Aoun бараше конкретен часовник, механизам, година. Одговарајќи на прашање за денешниот купувач, се враќаше во 1911 година, па повторно стигнуваше до она што некој утре ќе го избере и ќе го стави на раката.

Во тие движења низ книгата имаше нешто што ми го задржа вниманието. Зборот „наследство“, толку често употребуван што понекогаш веќе ништо не кажува, овде имаше страница, димензии и механизам. Можеше да се покаже со прст. А човекот што го покажуваше умееше да објасни зошто тоа сè уште би требало да нè интересира.

Во еден момент рече дека луксузот за него не е цена. Бројките се бесконечни, објасни, секогаш ќе постои нешто поскапо. Ми се допадна што разговорот го отвори токму таму. Цената е лесен начин да заврши расправата за вредноста. Ќе ја кажеш сумата и ќе оставиш таа да ја заврши работата. Многу е поинтересно кога соговорникот ќе продолжи да зборува за човечката способност нешто да создаде, за културата што стои зад предметот и за причините поради кои би сакале да го зачуваме.

Подоцна ја спомнав и својата рака, својот Longines, трпението на луѓето што умеат толку знаење да сместат во толку мал простор. Разговорот веќе беше стигнал до децата на кои еден ден им ги предаваме часовниците, до подароците чии поводи одамна поминале, до предметите што продолжуваат да работат и кога човекот што ги носел повеќе не е тука.

Тогаш ми стана јасно зошто сакам повторно да ја преслушам оваа средба. Почнав со шега за времето меѓу нашите разговори. Aoun ме наведе да размислувам за времето по нас.

Longines го мери времето речиси два века. Но денес, кога секој екран ни го покажува точниот час, можеби поважно е што избираме да правиме со времето. Што значи механичкиот часовник во таков свет?

Основната функција на часовникот и понатаму е да го покажува времето. Но за мене, и за Longines, неговото значење оди многу подалеку. Часовниците раскажуваат приказни, а ние имаме некои навистина извонредни приказни од историјата на часовничарството.

Ќе се вратам во 1911 година, и тоа со причина. Официјалниот часовник за денешниот настан е новиот хронограф со едно копче од Master Collection. Неговата приказна почнува пред повеќе од еден век, со нашите рани рачни хронографи со едно копче.

Погледнете го овој пример во книгата. Часовник од 1911 година, со дијаметар од 47,4 милиметри и механизам 19.73N. А денес, во 2026 година, повторно зборуваме за таа идеја преку современата Master Collection.

Кога како купувач ја знаете таа приказна, часовникот добива друго значење. Знаете дека зад него стои развој што почнал пред повеќе од сто години. Со него носите дел од историјата што го овозможила денешното часовничарство.

Токму затоа нашите часовници можат да имаат толку длабока емотивна вредност. На раката носите нешто што има потекло, искуство и приказна. Тоа значење ја надминува функцијата на покажување на времето.

Новата Master Collection има посовремен дизајн, но ги задржува препознатливите механички и естетски обележја. Како се создава современа елеганција со толку богато наследство зад себе?

Остануваме верни на својот идентитет, но се развиваме. Затоа често велам дека нашето наследство е нашиот компас, а не нашето сидро. Кога сте закотвени, не се движите. Компасот, пак, ви го покажува правецот кон иднината.

Денес не можеме едноставно да го повториме часовникот од 47,4 милиметри и да очекуваме истиот пристап да одговара на современиот купувач. Побарувачката се движи кон помали димензии. Мораме да ги земеме предвид вкусот, удобноста и начинот на кој луѓето го носат часовникот.

Историјата ни дава инспирација. Современата изведба ги зема предвид денешните потреби и новите технологии. Во механизмите вградуваме решенија што ги прават часовниците попрецизни и поотпорни на магнетни влијанија.

Така остануваме автентични, а истовремено релевантни за денешниот купувач. Во тоа е силата на Longines.

Приказот на месечевите мени е една од најпоетичните часовничарски компликации. Практично, на малкумина ни е потребна Месечината на раката. Зошто толку нè привлекува?

Самата помисла дека механизам може да ги следи месечевите мени е фасцинантна.

Месечината отсекогаш го привлекувала човекот. Сакавме да стапнеме на неа, а денес повторно зборуваме за враќање таму. Таа е поврзана со Земјата, со плимата и осеката, со водата. Ја гледаме, ја чувствуваме нејзината близина, иако е толку далеку.

Да внесете таков прекрасен елемент од природата во часовник и да го следите неговото движење преку механизам на нечија рака е нешто извонредно. А ние го правиме тоа достапно за поширок круг луѓе.

Ја носиме Месечината на човечкиот зглоб. Колку е убаво тоа?

Мислам дека токму тука е привлечноста. Има поезија во таа функција. Еден величествен дел од природата станува нешто што можете да го носите со себе. Целата таа идеја е сместена во само неколку милиметри.

Се чини дека луксузот сè повеќе се поврзува со изработката, долговечноста и со приказната што стои зад предметот. Дали така го разбирате и вие?

За мене, луксузот не е цена.

Цените се изразуваат со бројки, а бројките се бесконечни. Секогаш постои нешто поскапо. Ако го дефинирате луксузот исклучиво преку цената, сè станува релативно. Она што за еден човек е луксуз, за друг можеби не е. Таквото разбирање за мене е површно.

Луксузот го поврзувам со нешто што ги надминува трендовите, границите и генерациите. Со култура, со иновација, со длабочината на човечкото знаење и со она што човекот е способен да го создаде.

Во време на вештачка интелигенција, кога многу човечки способности се доведуваат во прашање, овие часовници нè потсетуваат да го цениме човекот. Да се потсетиме што може да направи.

За мене, луксузот е мајсторство. Има универзалност во него. Преку нашите часовници зборуваме заеднички јазик, без оглед дали некој зборува англиски или мандарински, без оглед на кој континент живее.

Го поврзувам и со желбата да поседувате нешто. Не сметам дека неговата вредност мора да произлегува само од ексклузивноста. Сакам нашите приказни да стигнат до светот. Сакам повеќе луѓе да можат да ги носат нашите часовници, затоа што имаме што да раскажеме.

Еве уште еден пример од книгата, механизмот 13ZN и приказната за хронографот со функција flyback. Патентот од 1936 година донел петнаесетгодишна заштита. Зад тој механизам стои значајно поглавје од развојот на часовничарството.

Кога таквата историја можете да ја направите достапна, тоа за мене е прекрасна вест. Зошто би им ја ускратиле на луѓето можноста да ја носат на раката, правејќи ја исклучително ексклузивна? Сакам што повеќе луѓе да уживаат во неа. Тоа е моето разбирање на луксузот.

Кампањата Home of Elegance обединува различни личности и култури. Дали елеганцијата денес станува разговор меѓу индивидуалноста и заедничките вредности?

Апсолутно. Токму тоа сакавме да го кажеме со годинешните кампањи.

Нашата внатрешна работна тема во компанијата беше „елеганција во движење“. Елеганцијата не е статична. Има повеќе лица.

Почнавме со кампањата за HydroConquest, во која Henry Cavill е на плажа, во ленена кошула, без вратоврска. Во тој контекст елеганцијата беше слобода. Беше свеж воздух, ден поминат во природа.

Потоа, со Master Collection и Home of Elegance, ги собравме сите шест амбасадори. Сакавме да покажеме како секој од нив ја разбира елеганцијата на свој начин. Што значи таа за Henry? Што значи за Yosh? За Jennifer?

Сите сме различни. Елеганцијата не е ограничена на една возраст, на еден пол или на еден образец. Во неа има нешто универзално.

Кога велиме дека нашите часовници се безвременски, тоа е поврзано и со ова разбирање. Елеганцијата не мора да има една форма. Таа е став. Токму тоа го кажува и нашиот слоган.

Longines е поврзан со авијацијата, истражувањето и спортот, а неговиот визуелен јазик останува воздржан. Како се раскажува авантурата без да се изгуби елеганцијата?

Авантурата е составен дел од нашата историја. Доволно е да се помисли на пионерите на авијацијата и на истражувачите што се потпирале на нашите инструменти и часовници.

Функционалноста и елеганцијата можат прекрасно да постојат заедно. Успеавме да ги поврземе тие две особини. Нашите часовници отсекогаш биле препознатливи и по својата практична улога и по својата прецизност.

И денес, кога ќе го видите Longines како официјален мерач на времето на настанот, зад тоа стои довербата во нас како партнер.

Коњичкиот спорт ги спојува прецизноста, врвната изведба и елеганцијата. Истото важи и за нашето разбирање на часовничарството. Истражувањето на небото, на океаните или присуството на тркачките патеки може да оди заедно со елеганцијата. Тоа поврзување е дел од нашата сила.

Денес од Виена одиме во Schönbrunn, во свет во кој Longines има особено силно присуство. Што ги поврзува часовничарството и коњичкиот спорт, освен мерењето на времето?

Нашата поврзаност со коњите почнува уште пред првите спортски партнерства. На еден од нашите рани џебни хронографи, на задниот дел од куќиштето, веќе биле изгравирани коњ и јавач.

Коњите се дел и од средината од која доаѓаме, од Сент Имје. Затоа коњичкиот свет стана толку природен дел од нашата приказна.

Но размислете и за размерите на таа историја. Една мала населба во швајцарските планини, а нашите часовници веќе се присутни во Соединетите Американски Држави во деветнаесеттиот век. Без денешниот транспорт, без денешните можности за поврзување. За мене, тоа зборува за храброст и за желба да се оди подалеку.

Затоа и името Conquest има толку силно значење за нас. Тоа е име на наша колекција уште од 1954 година, но во него има нешто што го опишува и духот на компанијата.

Со коњичкиот спорт споделуваме три основни вредности. Традиција, елеганција и врвни перформанси.

На натпреварите ќе ја видите извонредната изведба на коњите и прецизноста што ја бара спортот. Ќе ја видите елеганцијата во односот меѓу коњот и јавачот. А традицијата ја разбирам како длабока вкоренетост, како свест за тоа од каде доаѓаме. Коњите се дел од човечката култура со векови.

Тука има природна поврзаност на вредностите. Затоа коњичкиот спорт е дел од нашиот пат и ќе продолжи да биде. Тој е дел од тоа што сме.

Кога го гледам својот Longines, помислувам и на трпението. Денес и тоа станува редок луксуз. Ако некој купи часовник од Master Collection и по дваесет или триесет години го предаде на следната генерација, што би сакале тој часовник да кажува за Longines и за нашето време?

Master Collection го изразува нашето часовничарско знаење. Во неа се чувствуваат искуството и вештината. Ние сме часовничари. Тоа е нашиот занает, а оваа колекција е еден од неговите најцелосни изрази.

Кога таков часовник преминува кај следната генерација, тој раскажува за долговечност, за знаење, за трпение и за внимание кон деталите. За елеганција, прецизност и убавина.

Размислете колку приказни може да носи еден предмет со дијаметар од триесет, триесет и девет или четириесет и еден милиметар. Неговите димензии се мали, но длабочината на она што го содржи е огромна.

Тој е сведоштво за она што Longines го градел речиси два века. Во исто време е и животен сопатник на човекот што го носи.

Кога како мајка или татко го предавате на своето дете, со него предавате и емоции. Можеби сте го добиле за свадба или за некој друг важен момент. Во него веќе има дел од вашиот живот.

Има нешто многу моќно во сознанието дека предмет во кој сте вложиле љубов ќе продолжи да ја носи вашата приказна. Предавате дел од себе. Преку часовникот што ќе ве надживее, нешто ваше продолжува да постои.

Нашите часовници се создадени да траат. Можат да останат во употреба педесет, седумдесет, сто години. Се разбира, со потребното сервисирање. А кога нешто трае толку долго, во него се собираат многу спомени и емоции. Тоа го прави посебно.

Во дваесет и пет години новинарска работа сум разговарала со многу успешни луѓе. Поретко се среќаваат луѓе што умеат и да го работат својот занает и толку живо да ја раскажат неговата смисла. Ваквите разговори ми личат на временски капсули. Можеби некој по многу години ќе сака да прочита како сме размислувале за времето денес.

Се согласувам. Едно од нашите најголеми богатства е зачуваното наследство. Книгите и архивите што ги чуваат приказните.

Во нив можеме да следиме поединечни часовници, да видиме кому биле продадени. Зборуваме за милиони часовници и за огромна количина зачувано знаење.

Кога ги отвораме историските записи, наоѓаме и белешки за разговори што се воделе во управата на компанијата пред четириесет или педесет години.

Овој сегашен момент станува материјал од кој ќе се раскажува историјата по четириесет или педесет години. И ваквите разговори се дел од тоа. Се надевам дека и вашиот текст ќе остане зачуван во архивата, дигитално или на хартија.

Денес ние се враќаме на приказни стари повеќе од еден век. Некој во иднина ќе се враќа на нашите.

На крајот се договоривме дека треба да почнеме да го броиме времето до четвртата средба. Го спомнав и Скопје. „Зошто да не?“, одговори Aoun.

Меѓу нас сè уште беше книгата. Пред малку во неа баравме часовник од 1911 година. Сега размислував за нешто што го кажа при крајот на разговорот, дека сегашниот момент е материјал за некоја идна архива.

Го исклучив снимањето. За таа мала архива веќе имавме дваесет и девет минути.

Редакција Капитал

Редакција Капитал

...само идејата е Капитал, а сè друго е пари...

Напишете коментар

Your email address will not be published.

оди наВРВ

Не пропуштај