Приватниот сектор, а не државата стана двигател на економскиот раст
Објавено на од во COVER STORY

11bРекорден пораст на БДП во последните пет години

Растот на бруто домашниот производ од 4,1% во првите три месеци од годината покажува најголема економска активност што ја евидентира Државниот завод за статистика во последните пет години. Последен пат растот на БДП бил над 4% во третиот квартал од 2014 година. По одделни сектори, најголем раст е забележан во земјоделството и тоа од 13,6%, а потоа следува градежништвото каде што има зголемување од 7%, трговијата на големи и мало со раст од 6,6%, преработувачката индустрија со раст од 3,5% и 2,8% во јавната управа.Претставниците на владата, коментирајќи ги овие податоци изјавија дека бројките покажуваат дека економијата напредува добро.

Растот на бруто домашниот производ од 4,1% во првите три месеци од годината покажува најголема економска активност што ја евидентира Државниот завод за статистика во последните пет години. Последен пат растот на БДП бил над 4% во третиот квартал од 2014 година.
По одделни сектори, најголем раст е забележан во земјоделството и тоа од 13,6%, а потоа следува градежништвото каде што има зголемување од 7%, трговијата на големи и мало со раст од 6,6%, преработувачката индустрија со раст од 3,5% и 2,8% во јавната управа.
Освен податоците за растот на БДП, во исто време се објавија и податоци за намалување на стапката на невработеност на 17,8%.
Претставниците на владата, коментирајќи ги овие податоци изјавија дека бројките покажуваат дека економијата напредува добро.
09ba„Растот на бруто домашниот производ во првиот квартал од 4,1% е највисокиот квартален износ во последните две години. Математички прецизно – има разлика. Разликата од пред две години е 4,1%. Очекуваме разликата да се зголемува, зашто во вториот квартал стапката на раст на бруто домашниот производ во 2017 година беше -1,8%. Со оваа изразита разлика паѓаат во вода небулозите дека нема напредок во економијата. Податоците ги демантираат сите лажни и драматични информации на опозицијата“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека оваа бројка е силен показател за исправноста на сите економски политики и програми кои се во насока на креирање на силна економија која отвора шанса за сите наши граѓани.
Според Заев, голем напредок е забележан и во намалувањето на невработеноста.
„Ако се направи споредба со вториот квартал од 2017 година, кога невработеноста беше 22,6% кога Владата започна со работа, тоа значи намалување на невработеноста од 4,8 % во изминатите две години. Да бидам попрецизен, тоа се 49.522 нови вработувања. Само во еден квартал имаме пад од 1,6% или 17.600 нови работни места“, посочи премиерот Заев.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека економските политики се креираат врз база на реални податоци и бројки, како и во согласност со долгорочните стратегии, на што Владата е целосно посветена. Тој дополни дека во изминатите две години, од виртуелна економија, во која непродуктивните проекти на Владата имаа централно место, со напорна работа денес економијата е поставена на добри основи, каде што реалниот сектор и стопанството имаат централна улога.
„Имаме обврска да обезбедиме долготраен развој на државата, а тоа го правиме со креирање на систем и стратегија кои обезбедуваат одржливост на долг рок. Растот од 4,1% во првиот квартал на 2019 година е нешто коешто го очекувавме, бидејќи ги планираме процесите и работиме на нивна имплементација. Сите клучни гранки кои значително учествуваат во бруто домашниот производ бележат раст а бруто инвестициите во првиот квартал бележат раст од 9,9%. Тоа значи дека и домашните и странските компании реализираа нови инвестиции“, потенцираше Анѓушев.
Вицепремиерот додаде дека со логичен след на настаните, стапката на невработеност го следи економскиот раст а тој е оптимист дека ваквите позитивни трендови ќе продолжат.
„Очекуваме позитивен тренд во економијата и понатаму, затоа што Владата одлично знае кои политики и мерки треба да се спроведуваат за поддршка на домашните и странските инвестиции. Само во минатата година се поддржани околу 250 компании, додека оваа година во буџетот се планирани за 47% повеќе средства за поддршка на економијата“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.
„Очекувам раст на БДП, очекувам и натамошен пад на невработеноста. Тоа го засновам врз основа на реалните бројки што ги гледам во економијата, а тоа е зголемување на извозот, раст на инвестициите, намалување на невработеноста, компоненти што во една логичка целина, како што е економијата се поврзани едно со друго и укажуваат дека ние создаваме економски раст така како што го најавивме за годинава, но врз основа на реална економија, а не врз основа на виртуелни пи – ар проекции. Јас како човек што доаѓа од реалната економија ќе се залагам за економија на добри основи и одржлива на долг рок затоа што сите ние сме менливи и минливи на нашите функции, а само економија на здрави основи е нешто што и треба на нашата држава“, додаде Анѓушев.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, изјави дека ако продолжи ваквиот солиден раст, годинава може да имаме и повисока стапка на раст од проектираната 3,5%.
„Забрзувањето на економскиот раст продолжува, што ја оправдува горната ревизија на економскиот раст на 3,5%. Ако се оддржи ваквиот солиден раст таа проекција може да се надмине. Растот од 4,1% во првиот квартал е на широка основа, односно има раст кај сите клучни сектори. Ова ги потврдува другите позитивни движења: индустриското производство, извоз, кредитирање на претпријатија, наплата на приходи. Истовремено, сите овие позитивни резултати се најдобра можна потврда за исправноста на фискалната политика и општо на политиките на Владата“, вели Тевдовски.
Растот од 7% во градежништвото се должи пред се на нискоградбата и потврдува дека јавните капитални инвестиции фаќаат залет. Изградбата на патишта од страна на јавното претпријатие за државни патишта е зголемена за 200%, истакнаа од Министерството за финансии.
Тевдовски потенцира дека политиките се креираат во насока на поттикнување на домашната побарувачка што се гледа во растот на потрошувачката и инвестициите.
„Тука се гледа влијанието на порастот на платите и зголемената вработеност. Според последните податоци платите во март пораснале за 3,8%, што се надоврзува на рекордно високиот раст од 5,9% во 2018 година. Имаме сериозни мерки за поддршка со цел платите да растат, а фирмите да ја зголемуваат продуктивноста. Нашата цел е луѓето да бидат вработени и добро платени. И покрај тоа што не критикуваа дека дел од нашите политики ќе предизвикаат отпуштања, бројките јасно покажуваат дека вработеноста напротив расте, а воедно и платите“, истакна Тевдовски.
Во однос на невработеноста, Тевдовски потенцира дека од трансферот на власта има околу 50 илјади повеќе вработени и околу 45 илјади помалку невработени.
„Пад на невработеноста, најмногу има кај младото население. Кај нив невработеноста во овој период е пониска за 10%. Особено радува ваквото подобрување со оглед на тоа што невработеноста на младите е еден од главните проблеми во земјата нотиран редовно и од меѓународните организации“, истакна Тевдовски и додаде дека тоа е високо намалување и дека меѓу другото е и резултат на активните мерки за кои во Буџетот за 2019 година предвидени се 1,1 милијарда денари.
08baОд Институтот за економски истражувања и политики, Finance Think, коментираат дека растот на БДП од 4,1% во првиот квартал ги покажува првите постабилни знаци дека економијата добива моментум.
„За разлика од претходно, растот е на поширокопојасна основа, со оглед дека најголем дел од секторите во економијата забележуваат пораст. Во овој квартал, двигател на економијата остануваат финалната потрошувачка и извозот, додека раните позитивни знаци кај инвестициите, забележани на крајот од 2018 година, сега се потврдени и стабилизирани. Во услови на отсуство на владин фокус врз економијата и значајна подреализација на државните капитални инвестиции, економските резултати за првиот квартал се оптимистички, особено што приватниот сектор е главен генератор на економскиот раст“, пишува во соопштението на Finance Think.
За намалувањето на невработеноста на 17,8%, од Институтот коментираат дека овој пад и понатаму се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, особено кај големите работодавачи и во слободните зони, а делумно и на раздвижениот пазар на труд поради активните мерки за вработување.
„Согласно ваквите резултати и очекуваните движења и политики во 2019, Finance Think ја задржува проектираната стапка на раст на БДП за 2019 на 3,3%, со значајно изразени нагорни изгледи. Ваквата проекција може да биде и значително натфрлена до крајот на годината, доколку Владата стави брз и интензивен фокус врз економијата, и особено врз приватниот бизнис сектор. Позитивен перцептивен импулс за растот ќе има и отпочнувањето на процесот на преговори со Европската Унија“, оценуваат од Finance Think.
Од конзервативни до оптимистички прогнози за годинава
Гледано отсега, нема големи разлики меѓу прогнозите на сите релевантни институции за растот на македонската економија во 2019 година.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) откако ги заврши консултациите со македонските власти, претставници на бизнис секторот, експерти, објави дека растот се очекува постепено да се приближува кон 3,5% на среден рок. Но за годинава, проценката е пониска, до 2,8%.
„Со опоравувањето на инвестициите од долготрајната криза, растот на реалниот БДП е проектиран да достигне 2,8% во 2019 година. Понатамошното зголемување на среден рок се должи на планираните инвестиции во инфраструктурата и посилниот извоз. Економијата е исто така подложна на прелевања од растечкиот протекционизам во глобалната економија и од затегнување на меѓународните финансиски услови. Од друга страна, пак, решителен притисок за структурни реформи и отворање на преговорите за пристапување во ЕУ би можеле да го зголемат растот преку повисоки приливи на капитал и зголемена доверба“, сугерираа претставници на ММФ во својот извештај.
Иста прогноза како и ММФ за годинава има и Европската Комисија.
Таа предвидува македонската економија во 2019 година да порасне 2,8%, а во 2020 година 3,1%.
Во есенскиот извештај, Европската Комисија наведува дека економското закрепнување на Македонија ќе зависи од политичката состојба и од нивото на инвестиции. Главните ризици се поврзани со можната политичка нестабилност што може да ги одврати инвеститорите.
„ЕК очекува економското закрепнување на Македонија да продолжи во 2019 и 2020 година, но побавно од претходно проектираното. Клучни за развојот на економијата ќе бидат инвестициите и фискалните стимулативни мерки што се очекуваат да бидат применети. Се очекува инвестициите да имаат значителен дел во економскиот раст, инвестициската клима да се подобрува, како и да се зголемуваат корпоративното кредитирање и поддршката за компаниите. Владата е решена да се справува со проблемите и да развива подобра бизнис клима за да го забрза пристапувањето кон ЕУ“, пишува во прогнозата.
Освен тоа, ЕК очекува и натамошно зголемување на извозот, на бројот на работните места и на платите.
„Во првото полугодие лани е забележано подобрување на пазарот на трудот и зголемена стапка на вработување. Создавањето нови работни места и натаму ќе биде поддржано од владините економски мерки, но најмногу ќе зависи од странските инвестиции“, потенцираат од ЕК.
Малку повисок економски раст, односно 2,9% за 2019 година предвидува Светската банка.
Како позитивни фактори, од надворешното опкружување се оценува порастот на економијата во Европската унија, но како ризици се наведени затегнатите финансиски услови кон земјите во развој, што би подразбирало скапи кредити, стабилноста на регионот, ескалацијата на трговските спорови помеѓу САД и Кина.
Од домашните услови, позитивни перспективи има изгледот на државата за пристап кон НАТО и ЕУ кои ќе влијаат на забрзување на структурните реформи, но од друга страна и нивно нарушување поради политички процеси, како што е изгледот за избори.
Во својот последен извештај, оваа финансиска институција анализира дека последните 20 години, просечниот економски раст во Македонија изнесува 2,9% и ако продолжи истото темпо, на земјата ќе и требаат над 70 години за да го достигне просечното европско ниво на доход. Ако растот се зголеми на 5% тогаш целта ќе се реализира за 30 години.
Од Светска банка анализираат дека Македонија има потенцијал да стане земја со високи приходи, но потребен е одржлив економски раст.
„Со постигнување на договорот со Грција, државата направи одлучен чекор во долготрајниот спор околу нејзиното уставно име. Разрешувањето на спорот за името кој предизвикуваше политичка и економска штета уште од 1991 година се очекува да го забрза процесот на пристапување на земјата во ЕУ и НАТО, да овозможи подлабоко да се интегрира со регионалните и со светскиот пазар“, пишува во последниот извештај на Светска банка.
Во анализата се наведени три патеки кои меѓусебно се надополнуваат за земјата да ги искористи новите можности за надминување на предизвиците. Првата е да поттикне подинамичен и поконкурентен приватен сектор, втората е вложување во луѓето за да се изгради конкурентна и приспособлива работна сила и третата се однесува на остварување економска социјална одржливост, како и одржливост на животната средина.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), пак, проценува дека растот годинава ќе достигне 3% под претпоставка за континуирана политичка стабилност, деблокирање на понатамошните реформи и реализирање на потребните инвестиции.
Најоптимистичка проценка за економскиот раст годинава засега има Народната банка, и тоа 3,5%.
„Последните макроекономски проекции укажуваат на стабилни и сигурни основи на домашната економија, со потенцијал за солиден раст, поддржан и од кредитната активност на банките, а при отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција. Најновите проекции на НБРМ за следниот период вградуваат очекувања за стабилен и предвидлив домашен политички амбиент, како и повторно засилување на јавниот инфраструктурен циклус“, пишува во последната ревизија на макроекономските индикатори на Народната банка.
Околу ризиците, од Народната банка стравуваат дека на краток рок негативни ризици произлегуваат од зголемениот трговски протекционизам и евентуалното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови; а на среден рок можно акумулирање финансиски ранливости на глобален план, намалена глобална поддршка за општоприфатените економски политики и спроведување неодржливи макроекономски политики, како и геополитички ризици.
Најголеми оптимисти секако се владините претставници кои откако се изгласа Преспанскиот договор и со тоа стана извесно членувањето во НАТО и забрзување на преговорите со ЕУ, очекуваат растот годинава да надмине и 4%.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×