Приватниот сектор не е конкурентен работодавач на државната администрација
Објавено на од во Економија

administracija copy 1За приватниот сектор во земјава пазарот на труд се повеќе се стега во гордиев јазол кој еден ден ќе мора да се пресече за конечно македонската економија да почне да дише со полни плуќи. Се помал е бројот на квалификувани работници кои сакаат да работат во приватниот сектор, каде платите се пониски од администрацијата, каде, пак, се чини дека се уште главен предуслов за вработувања е партиската блискост и припадност. Сите заложби за отворање на повеќе работни места во приватниот сектор ќе останат јалови, ако партиите не се откажат од своите предизборни списоци за вработување на лица кои имаат заслуги во нивното доаѓање и останување на власт. Македонија е една од ретките земји во кои платите во државните служби се повисоки во споредба со приватниот сектор што создава големи пореметувања на пазарот на трудот и во работењето на компаниите. 

Постојано во низок старт пред политичките уверувања за економска посветеност низ годините наназад, македонското стопанство се уште го чека својот ред да го истрча својот маратoнски круг во трката за поголема конкурентност.
Но, темата како приватниот сектор да стане поконкрентен никако да дојде на дневен ред.
Македонија е една од ретките земји во кои приватниот сектор во земјава е неконкурентен работодавaч во споредба јавната администрација, која и понатаму е „зелената долина“ за најголемиот дел од работоспособното население.
Според истражувањето кое неодамна го направи „Фајнанс тинк“, најмногу желби за вработување има во енергетскиот сектор каде просечната платата изнесува 38.701 денар, што е далеку повисока во споредба со просечната плата во земјава која изнесува 25.784 денари. На второ место, најпосакувана дестинација за вработување е јавната администрација, каде просечната плата изнесува 27.870 денари. За да биде целата слика комплетна треба да се додаде и податокот дека просечната плата во преработувачката индустрија, која е една од најважните индустриски гранки каде се создава над 80% од вкупното индустриско производство и речиси 90% од вкупниот извоз, изнесува 21.427 денари, тогаш станува јасно зошто се помалку работници има кои сакаат да работат во фабриките и приватниот сектор.
Само една споредба на огласите за вработувања во приватниот сектор и споредба со огласите за вработување во државната администрација доведува до заклучок дека платите во администрација се нереално повисоки во споредба со оние кои ги нуди приватниот сектор. При тоа не треба да се заборави дека приватниот сектор покрај парите за плати на своите вработени, треба да заработи и за давачки кон државата, за да можат вработените во јавната администрација да ги земат тие повисоки плати.

Со само еден поглед на веб страницата на македонската Агенција за вработување можедасе воочи дека има многу работни места за кои се нуди месечна плата од 12.000 денари, (законски минимално утврдената во државата) во професии како пица-мајсторите, продавачи, готвачите, таксисти, магационери до дипломирани медицински сестри, фармацевти, инженери книговодители, сметководители, правници, економисти.Истата плата се нуди и за дефицитарни струки од типот на металостругари, дреари, тесари, бравари, машино-бравари, фасадери кои во изминативе десетина години се најбројните кои одлучуваат да заминат во странство, каде што заработуваат повеќе од 1.000 евра месечно.

12dЗа разлика од поразвиените земји каде приватниот сектор е тој кој обезбедува подобра егзистенција, кај нас работата во администрација се уште се гледа како на сигурна и стабилна опција, но и опција во која може со малку работа да се зема поголема плата,во споредба со приватниот сектор каде нормално платата треба да се одработи и заработи.
Капитал анализира кои се причините кои стојат зад овие состојби и како тие да се надминат за да дојдеме во точка во која работата во приватниот сектор ќе биде попосакувана од работата во државна администрација.
Администрацијата како сигурна опција во недостиг на успешни приказни
Според Дијана Десподов, извршен директор на АмЧам постојат неколку фактори за оваа ситуација која владее во земјава.
“Администрацијата сеуште се јавува како сигурна опција во споредба со приватниот сектор, заслужено или привидно, бидејќи сеуште во голем дел од приватниот сектор продолжуваат праксите на неисплатување на плата на време, исплаќање на дел од приходот во кеш за да се избегнат даночните обврски, кое во исто време создава и нелојална конкуренција за компаниите кои работат законски и правилно“, објаснува Десподов.
Банките, додава таа, придонесуваат кон проблемот со тоа што имаат повеќе доверба и даваат повеќе и подобри заеми за вработени во администрацијата. “Јавната свест и неинформираноста се исто така голем проблем, вели Десподов, бидејќи приватниот сектор често се демонизира како работодавец, дали заслужено или незаслужено.
Игор Изотов, интернационален стартап консултант смета дека свеста во земјава е таква бидејќи сè уште во Македонија нема успешна приказна во приватниот сектор која би ги мотивирала младите да размислуваат за отварање на сопствен бизнис.
„Немаме успешна приказнакаде преку работење во приватна компанија на среден или долг рок, работникот имал позитивни финансиски резултати дали преку добивање сопствеништво во фирмата или удел, акции и слично. Од друга страна, она што ни остана од социјалистичкото минато е дека работењето за државата или администрацијата е подобро, поради тоа што на долг рок носи стабилност на работното место, фиксно работно време и редовни одмори и плати, а приватниот сектор е сеуште перцепиран како место на кое “робовладетели” од газди се иживуваат кон работниците за мал месечен надоместок со двојно поголемо работно време“, вели Изотов.
Според него, ако во блиска иднина имаме барем една успешна приказна,„како на пример во Естонија“ каде, како што вели тој,„преку ноќ“ после продажбата на Скајп на Мајкрософт голем дел од вработените беа предверемно пензионирани милионери, Изотов верува дека дека оваа перцепција ќе се промени.
Ако ова се случи, Изотов вели дека луѓето ќе почнат да размислуваат, како што вели,„подобро да ги стегнам врвките на неколку години и да се пензионирам млад и богат, отколку 40 години да поминам во јавна администрација за релативно мали пари“.
cover-2Изотов вели дека од овој безнадежен начин на размислување отскокнува ИТ индустријата, која полека, но сигурно стан попривлчна од јавната администрација. Од друга странаи отварањето на стартап компании станува многу кул кај младите, зошто ако идејата успее и се пробие на пазарот, финансиските импликации за основачкиот тим и за првите вработени може да бидат огромни.
“Ако како држава во наредниве неколку години успееме да го продуцираме тој еден стартап или компнија која ќе се продаде на некоја мултинационална команија за повеќе милиони долари, а основачите ќе станат преку нок најбогатите луѓе во Македонија, ќе видиме голема промена во размислувањата“, додава Изотов.
Линијата на помал отпор ја пробива ИТ заедницата
Билјана Марковиќ – Стаменоваексперт за развој на НВО и бизнис секторот отвара еден друг аспект на гладање на работите. Според нејзе, кога станува збор за привлекување на вработени, јавната администрација е нелојална конкуренција на приватниот сектор.
„Во јавната администрација е прифатливо вработените да имаат мала продуктивност, да не вложуваат во личниот професионален развој, да не се вложуваат максимално на работното место, а сепак да напредуваат, по некој воспоставен изместен систем на вредности. Тоа ги привлекува младите, кои сметаат дека со помал напор ќе добијат иста или повисока плата. Затоа и голем број на институции се во застој.Најчесто се вработуваат луѓе кои се несоодветени за тие позиции, односно луѓе кои имаат за цел што помалку да работат. Нашиот образовен систем од најмала возраст креира конформисти, луѓе кои учат за да положат, а не за да научат и се водат по линија на помал отпор за кои јавната администрација е вработување од соништата“, вели за “Капитал” Марковиќ-Стаменова.
За да успеаат да привлечат подобри и да ги заддржат добрите работници компаниите сѐ повеќе вложуваат во секторот за човечки ресурси и ангажираат регрутери, разни стратегии и алатки да се здобијат со дополнителен соодветен кадар.
“Капитал” побара мислење и од две регрутерки и специјалистки од областа на човечките ресурсиза тоа колку е тешко да се дојде до добри работници/
Според Аделина Мемеди,менаџерка за човечки ресурси, нашата држава помина низ 25 транзициски години, но дека најжестокиот транзициски шок го гледаме во сферата на пазарот на труд.
„Иако некои од активните политики поттикнуваат креирање на работни места во приватниот сектор (пример субвенционирано вработување, грантови засамовработување и слично), сепак тие не можат да направат големо поместување на генералното мислење на граѓаните за јавната администрација како посигурна и безбедна работа во однос на приватниот сектор“, вели Мемеди.
Години наназад, вели таа,јвната администрација има „креирано име“ како синоним на сигурна и времено неопределена работна позиција за која секој се борел за место.
„Со создавање на политички елитикои при вработување ги форсираат своите членовии симпатизери се врши директна ерозијана квалитетите кои се потребни за едно работно место. Од друга страна, сето тоа влијае врз вработените во приватниот сектор со губење на чувството на сигурност и безбедност во работата, губење на доверба во реформите и можноста тие да ја подобрат актуелната состојба. Како резултат на овие процеси имаме голема миграција во странство во потрага по подобар живот,каде младата популација во овој случаје застапена со највисок процент, потоа губење на мотивацијата заради пад на самопочитувањето и недостигот на чувство на полезност и слично“, додава таа.
Според Мемеди, за ваквиот став или генерално мислење за приватниот сектор влијае и самиот приватен сектор како работодавец, пред се со разочарување кај нивните вработени поради неисполнување на условите за работа кои биле договорени и предвидени пред самиот почеток на вработувањето.
Биљана Талевска, пак, која е специјалист за човекови ресурси и регрутација и која има искуство во селекција на кадар за ИТ пазарот, вели дека се случува еден тренд на популаризирање на ИТ индустријата како резултат на доминантноста од бенефитите што ги нуди и конкурентноста со која се издигнува над останатите индустрии, вклучително и јавната администрација.
„Прашањето за изборот помеѓу јавниот и приватниот сектор, според мене е општествена дилема од која произлегуваат многу проблеми во секојдневното функционирање на компаниите и економијата. Ова го велам од аспект на квалитетот на кандидатите. Препознавањето на квалитетот на животот, е тоа што е одлучно во изборот на професијата.Тоа што за секој поединечно, може да го дефинира изборот на кариерата ја создава разликата помеѓу кадарот кој има афинитет да работи во приватниот сектор, наспроти оној кој функционира во јавната администрација“, вели Талевска.
ИТ секторот во Макеоднија, додава таа,„се развива многу побрзо од останатите сектори на пазарот на трудот, како на пример производните или услужните сектори“.
„Дополнително, изборот на работа во ИТ сферата е „попримамлив“, затоа што, меѓу другите работи, нуди можности за работа за странски комапнии без да мора да се преселите во земјата каде е стационирана компанијата којашто нуди услови далеку над македонскиот стандард“, вели Талевска и констатира дека сигурноста и условите кои ги нудат ИТ компаниите се пресудни во изборот на професија како тренд кај младите кадри.
Според неа, кога една компанија развива и вложува во алатки за детекција на личниот потенцијал на кандидатот, во комбинација со неговата соодветна едукација и желбата за постојано надоградување, а паралелно се грижи за поединечните и групни потреби на вработените, проекцијата за успешност е докажана и јасна.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×