Проблеми за извозниците на метали, цените ќе паѓаат
Објавено на од во Економија

Извозниците од рударската и металската индустрија ќе се соочат со проблеми годинава бидејќи прогнозите се дека цените на металите ќе паѓаат.

Сумирајќи ги прогнозите за 2015 година, Bloomberg вели дека тоа ќе биде игра со две полувремиња. “Пазарите на метали ќе бидат непредвидливи во 2015 година, заради неизвесниот раст на економиите во развој и зголемените залихи на метали кај инвеститорите. Растот на доларот исто така ќе создаде проблеми за повеќето учесници на пазарот на метали. Ќе продолжат проблемите на страната на понудата, но останува неизвесноста и на страната на побарувачката. Во првата половина од годината се очекуваат пониски цени и поголема нестабилност, додека во вторите шест месеци треба да има закрепнување поттикнато од стабилизирањето на растот на светските економии“.

Deutsche bank во своите најнови проценки за движењето на цените на суровините прогнозира дека цената на бакарот годинава дополнително ќе се намали за повеќе од 3% и ќе падне на ниво од околу 6.600 долари за метрички тон. Иако аналитичарите предвидуваат негативните трендови на берзите особено да се одразат врз вредноста на бакарот, од рудникот „Бучим“, каде годишно се произведуваат 38.000 тони бакарен концентрат, коментираат дека цената се уште е прифатлива и гарантира профитабилно работење.

Ова ниво на цената на бакарот ако се анализира во светски рамки не е ниско, меѓутоа за нас е проблематично ако се знае дека во Бучим се ископува најсиромашна руда со бакар во светот. Намалувањето на цената на бакарот годинава значително ќе се одрази негативно на нашето работење, но сепак се уште зборуваме за прифатлива цена која овозможува да работиме профитабилно. Во случај цената на бакарот да падне под 5.500 долари за метрички тон, тогаш тоа би имало катастрофални последици за Бучим“, вели Николајчо Николов, заменик генерален директор на Бучим.

Планот на Бучим за оваа година се движи во рамките на производството од лани, а тоа е ископ на 18 милиони тони руда.

Подолгорочните прогнози на Светската банка за берзанските движења на цената бакарот покажуваат дека и во следните десет години, таа нема да надмине 6.800 долари за тон.

Цените на оловото и цинкот, според Deutsche bank, се очекува годинава благо да пораснат, за 1,75% и 5,5% соодветно. Директорот за инвестиции во Рудникот за олово и цинк Саса, Максим Прохоров, пак вели дека поголема е веројатноста цените на овие метали да паднат отколку да се зголемат.

Иако се проценува дека цените на олово и цинк во 2015 ќе се зголемат, лично не сум убеден во тие прогнози. Поголема е веројатноста цените да се намалат. Но без оглед на тоа, трошоците на производство несомнено ќе растат, особено поради тоа што условите за ископување се комплицираат бидејќи навлегуваме во многу длабоки хоризонти. Негативно врз цената може да влијае и зголемената понуда на пазарот бидејќи во последните години се појавија голем број рудници на олово и цинк во Југоисточна Европа, а побарувачката е иста. Во такви услови и притисок на пазарот многу веројатно е да дојде до намалување на цените. Ние генерално сме обезбедени со нарачки за годинава, но не сме оптимисти дека ќе биде нешто подобра од лани“, вели Прохоров.

ANZ за 2015 година прогнозира цена на железната руда од 80 долари за тон, JPMorgan 67 долари, а Citigroup има најниска прогноза од 60 долари за тон, вели анализата на Bloomberg. Железото речиси двојно поевтини во 2014 затоа што најголемите светски рудници го зголемија производството, притискајќи голем број на помали компании до работ на рентабилноста. Последните денови од декември, цената на железото, клучниот елемент во производството на челик падна на 66 долари за тон во Кина, најниско ниво од јуни 2009 година.

Кина купува две третини од светското производство на железна руда што се извезува, но за 2015 се прогнозира намалување на побарувачката заради забавувањето на градежните активности.

Цените на јагленот, исто така се очекува да одат пониско во 2015 година, погодувајќи ја светската индустрија на производство на овој енергенс, која што мораше да затвора рудници и отпушта вработени. И покрај тоа што цените беа “релативно стабилни“ во последно време, цените на високо-квалитетниот металуршки јаглен што се користи во производството на челик се движеа околу 126 долари за тон во просек во 2014 година, што беше преку 20% пад во однос на 2013. За годинава се предвидува понатамошен пад до 120 долари за тон.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×