Квизот е проект на Европската банкарска федерација наменет за финансиска едукација на тинејџерите.

Македонската банкарска асоцијација во соработка сo Министерството за образование и наука, Народната банкa и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија објави јавен повик до основните и средните училишта за учество во меѓународниот натпревар „Европскиот квиз на парите“.
Овој квиз е проект на Европската банкарска федерација наменет за финансиската едукација на учениците од 13 до 15 години.
„Европскиот квиз на парите“ се одвива во две фази – првата фаза се националните натпревари во секоја земја поединечно, а втората фаза е европското финале. Националниот натпревар во Република Македонија ќе се одржи на 27 март 2019 година, во рамките на „Европска недела на парите“. Најдобрите двајца ученици ќе ја претставуваат нашата земја на финалето коешто ќе се одржи на 7 мај 2019 година во Брисел, Белгија.
Натпреварите ќе се реализираат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), којашто е едукативна платформа на база на игра. Финалниот натпревар во Белгија ќе се одвива на мајчиниот јазик на учесниците.
Во периодот од крајот на јануари до почетокот на март, ќе се одвиваат подготовки и интерно тестирање на пријавените одделенија / класови за потребите на националниот натпревар. Организаторите на настанот ќе се погрижат за едукативните материјали коишто ќе им бидат потребни на учесниците од Република Македонија за подготовка за интерното тестирање, националниот натпревар и европското финале, за што пријавените одделенија / класови и нивните ментори ќе бидат навремено информирани.
За да ги видите пријавените одделенија и останатите информации одете на следниве веб-страници: www.mba.mk и www.efb.eu.