Продолжува слабата инвестициска активност на државата, за пет месеци реализирани 13,8% од планираните капитални инвестиции
Објавено на од во Економија

denari-zname-vladaСамо 54,2 милиони евра од вкупно предвидени 392,5 милиони евра за цела година се инвестирани во капитални објекти во првите пет месеци од годината, покажуваат најновите податоци на Министерството за финансии за реализацијата на Буџетот.

 

Само 54,2 милиони евра од вкупно предвидени 392,5 милиони евра за цела година се инвестирани во капитални објекти во првите пет месеци од годината, покажуваат најновите податоци на Министерството за финансии за реализацијата на Буџетот.

Тоа значи дека од јануари до мај се реализирани само 13,8% од предвидените капитални инвестиции за годината, што е значително помалку во споредба со истиот период лани, кога реализацијата достигна третина од планираната годишна сума.

Од Владата објаснија дека послабата инвестициска активност со јавни пари годинава се должи на забавувањето на изградбата на автопатите Охрид – Кичево и Миладиновци – Штип поради техничка исправка на документацијата, а намалувањето на градежните активности во секторот нискоградба во првиот квартал достигна дури 40%, што беше главна причина за минорниот економски раст од само 0,1% во тој период.

„Како Влада бевме исправени пред решението што требаше да го донесеме, а тоа е дали да продолжиме да спроведуваме проекти кои се штетни за граѓаните од финансиски аспект и се технички недоработени до крај и неиздржани и со тоа да генерираме трошоци што на крај ќе ги платат сите, а притоа само да прикажеме некои бројки дека се гради или да застанеме да ги решиме проблемите, а потоа да ги завршиме проектите“, истакна неодамна вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Тој додаде дека во делот на градежништвото работите се движеле во погрешена насока, а сега се успеало тоа да се стопира и најави дека во следниот период градежните активности ќе бидат зголемени.

Премиерот Зоран Заев исто така неколку пати уверуваше во јавноста дека капиталните инвестиции од Буџетот ќе се реализираат како што е планирано откако од почетокот на годината проектите биле технички подобрени за изведба.

„Капиталните инвестиции се многу важни за развојот на економијата и целиот економски тим во Владата е фокусиран да се реализираат предвидените пари за овие проекти. Имавме технички проблеми кај поголем дел од капиталните проекти коишто сега веќе се надминати, се обидуваме да влијаеме и на административниот капацитет за нивна реализација преку постојано укажување на проект менаџерите и мислам дека ќе ги оствариме зацртаните планови. Ако имаме позитивни придвижувања и во евро интеграциските процеси, мислам дека дури и ќе ја надминеме проекцијата за економски раст од 3,2%“, истакна Заев.

Во однос на интензитетот на реализација на капиталните инвестиции, министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека се очекува зголемување на инвестициската активност на државата.

„Наследивме бројни проблеми во проектите како несоодветни проектни документации и слично, но се одлучивме да не одиме по лесниот пат и да градиме фасади и споменици туку да инвестираме во тоа што ќе донесе добро за економијата. Правиме притисок на сите институции и веруваме дека во втората половина на годината ќе имаме значајни подобрувања. Да потсетам дека минатата година остваривме рекордно ниво на реализација на капитални инвестиции токму во последниот квартал од годината“, изјави Тевдовски.

Имајќи ги предвид овие податоци, Меѓународните финансиски институции како што се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка ги намалија прогнозите за економскиот раст годинава.

Прво Светска банка објавувајќи го Редовниот економски извештај во април годинава, обелодени дека ја ревидира проекцијата за економскиот раст од 3,2% на 2,3%. ММФ во својот Годишен извештај за економските изгледи што го објавува за време на Пролетните средби во Вашингтон, исто така ја ревидираше прогнозата за растот од 3,2% на 2,8%.

Владата остана на претходната проекција, тврдејќи дека раст од 3,2% е се уште реално остварлив.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×