Проф. д-р Борче Треновски: Не би сакал да сум во кожата на следната влада – ја чека тешко балансирање помеѓу здравствените и економските ризици
Објавено на од во Интервју

Za otvaranje mПроф. д-р Борче Треновски
професор на Економски факултет – Скопје, УКИМ

Очигледно е дека оваа здравствена криза се претвора во економска и заедно двете ќе продолжат со ублажено темпо и во следниот период после изборите. Особено важно за следната влада ќе биде балансирањето помеѓу здравствените и економските ризици – посебно ќе биде важно креирањето системска рамка на мерки за заздравување на економијата. Тоа нема да биде воопшто лесно во новата глобална околина имајќи предвид дека фискалниот простор ќе биде исклучително стеснет, ќе мора да се повлекуваат и непопуларни чекори, а исто така ќе треба да се почне и со сервисирање/отплаќање на она што беше потрошено за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19. Оваа ситуација ќе треба добро да ѝ се објасни на бизнис заедницата, јавната администрација и граѓаните. “, вели нашиот соговорник на темата Ковид – 19 криза, д-р Борче Треновски, вонреден професор на Економскиот факултет при УКИМ Скопје. Со него разговаравме за многу теми поврзани со актуелната социо – економска состојба во земјава – антикризните мерки; менаџирањето на буџетскиот кусок што се јави како последица на забавената економска активност; ефектот на кризата врз стабилноста на денарот; новата нормалност на којашто ќе треба да се навикнеме…

 

Професоре, да ги прокоментираме прво пакетот мерки што Владата ги донесе досега: кои се според вас добри мерки, кои се недоволно разработени, кои се пак непотребни, доколку сметате дека има такви?
Да тргнеме од најновиот, трет пакет на мерки. Иако избрзано најавен, во споредба со претходните два пакети е за нијанса похрабар, посеопфатен и насоката во која е донесен во извесна мерка кореспондира со пакетите на мерки кои се носат во земјите во регионот, како и во развиените земји. Пакетот во еден значаен дел е насочен кон стимулирање на домашната побарувачка и пошироката економија, а во истиот делумно се присутни среднорочни развојни елементи (иновации, претприемништво, нови пазари, развој на земјоделието итн.) за чиешто сериозно/вистинско третирање во иднина ќе биде потребно носење и на други мерки и реформи.
Она што во моментот останува дилема во јавноста е применливоста и трајноста на ефектите на дел од мерките, имајќи ја предвид нивната комплексност (пред се’ ониемерки насочени кон поддршка на потрошувачката на граѓаните со ниски примања, невработените студентите итн.), краткиот рок и предизборието кое не очекува. Јасна е позитивната тенденција на дел од мерките поврзани со ваучерите за купување на македонски производи и користење на туристички услуги кои би требало да ја разбудат домашната побарувачка и да го стимулираат користењето на домашни услуги (пред се’ во туризмот) имајќи ги ограничувањата во движење помеѓу земјите и нарушените очекувања дома. Посебно интересен момент во третиот пакет е мерката поврзана со организирање на викенд без ДДВ за сите граѓани – мое мислење е дека мерката покрај тоа што може да влијае на рационалното однесување на економските субјекти и одложување на дел од нивната потрошувачка, може да има извесни долгорочни ефекти на фискалната дисциплина, која поучени од минатото знаеме дека не ни е јака страна во земјата.
Се’ уште останува отворено прашањето дали сите три пакети направија доволно за малите и средните бизниси во земјата, кои заедно со извозните компании ќе бидат носители на социо – економското заздравување. Мислам дека се’ уште постои значаен простор за дополнување/подобрување и засилување на мерките за поддршка на бизнис секторот, кои преку повратната спрега дури и поефикасно ќе ги испорачаат останатите ефекти на пошироката економија и ќе ја заздрават побарувачката. За поздравување се новите поволни кредитни линии и посебно државните гаранции за комерцијални кредити, меѓутоа искрено се надевам дека овие износи во иднина ќе бидат значајно зголемени и ќе бидат структурирани според потребите на различните компании, а не според принципот “one size fits all” – пред се’ државните гарантни шеми за кредитите кои се’ уште се скромни, а истите ќе бидат исклучително корисни за средните и големите компании.
Во оваа насока во моментот недостига и воспоставување на транспарентен мониторинг систем на ефектите и последиците од секоја од веќе донесените мерки. Ова е неопходно затоа што во “новата” иднина, мерките за да бидат ефикасни ќе мораат секојдневно да се комуницираат со економските субјекти со цел нивно дополнување и коригирање врз база на реалните ефекти, а не базирани на стихијните потреби или политичките убедувања кои ќе се појавуваат.
Trenovski intervju-4
Колку реално е можно да се одреди граница помеѓу тоа што се мерки против кризата, а што популизам, како што обвинува опозицијата?
Во периодот често гледаме политизирање околу економските мерки како од позицијата (слична сцена гледаме и во регионот), така и од опозицијата, имајќи ја предвид посебноста на ситуацијата во која се наоѓаме и главната цел на секоја политичка партија – да ги добие следните избори. Границата помеѓу тоа што се мерки против кризата, а што е популизам може да го даде само транспарентна анализа за потребата од секоја од мерките, опортунитетните трошоци за имплементација на мерките и се разбира ефектите од мерките кои ќе покажат – дали можело со помалку јавни средства да се направело повеќе. Клучна улога во ова има долго споменуваната транспарентност и отчетност. Ова е лесно да се каже, меѓутоа тешко да се спроведе (дури и Антикорупциска комисија во претходната недела отвори дискусија за ова), посебно имајќи предвид дека треба да имаме детални податоци, информации и анализа за спроведувањето/ефектите кај секоја од мерките – што со чесни исклучоци повеќе од две децении во нашата земја е заменето со прес-конференции и шум од политички дебати.
Дали според вас државниот сектор треба да претрпи извесно намалување на платите како своевидно солидаризирање, односно колективно поднесување на товарот на кризата од страна на сите вработени во државава? На пример, некаков скалест модел, за да бидат заштитени најниските примања и сл.
Можното намалување на платите во јавниот сектор според мене премногу долго се полемизираше и веќе го изгуби моментумот во тековната логика на третиот пакет на мерки. Најпрвин беше најавено бомбастично што предизвика загриженост кај јавниот сектор (кој треба да биде особено ефикасен во моментот), понатаму даде збунувачки сигнал за буџетското здравје. Ова остава простор за потенцијално влијание на перцепцијата и однесувањето како на јавниот, така и на приватниот сектор.
Солидаризирањето обично се прави на доброволна основа што очигледно го немаше во моментот во доминантен дел од јавниот сектор (како што беше скромно покажано во судството). Многу поприфатлив начин за намалување на платите во јавниот сектор ќе беше доколку се направеше објективен начин на мерење кој доаѓа на работа, кој работи од дома (се разбира и колку денови работи – скратено или не), а кој воопшто не работи и останува дома. На тој начин можеше да се рангира и соодветно намали процентуално дел од личните доходи на вработените во јавниот сектор без притоа да се остави простор за реално незадоволство и промена на однесувањето во јавниот сектор. Друга, споредна можност која има логика според мене е сведување на платите од јавниот сектор меѓутоа на просечната плата (или приближно до тоа ниво) што ќе обезбеди приближно иста сума на средства, а ќе ги заштити доминантниот број на вработени со пониски примања. Се разбира и скалеста прогресија почнувајќи од највисоките плати во јавниот сектор е некоја опција, меѓутоа претпоставувам дека истата ќе биде прилично сложена за имплементација.
Trenovski intervju-7Во целото „шаренило“ на мерки, како да отсуствуваат оние таргетирани кон извозните компании, коишто периодов трпат голем пад на производството и нарачките. Владата вели дека сака да ја стимулира потрошувачката на населението, но ние сме сепак увозно зависна земја, а извозот страда периодов. Кое е вашето размислување околу ова?
Ранливоста на нашата економија и компаниите кои извезуваат се гледа преку фактот што над 80% од македонскиот извоз е концентриран во 5-7 производи и на само десет пазари/земји. Во 2019 год. дури 81% од македонскиот извоз бил насочен кон земји членки на ЕУ (само во Германија е пласиран околу 48% од македонскиот извоз, околу 10-11% е извозот во земјите од Западен Балкан). Од друга страна постои силната концентрација на извозните компании кои го прават доминантниот дел од извозот – 10 те најголеми извозни компании прават околу половина од вкупниот извоз на земјата (само една странска компанија, Џонсон Мети создава дури една третина од извозот на државата), додека 100-те најголеми извозници прават дури две третини од вкупниот извоз. Исто така треба да нагласиме дека најголем дел од извозните компании се водечки во нашата економија по средства исплатени за плата, платени даноци за плата и платени даноци од добивка, на ниво на компанија.
Во право сте дека овој дел во пакетите на мерки треба да се зајакне и разработи дополнително како што ќе следува периодот на економско заздравување. Во мерките кои ќе треба да се разработат треба да се имаат предвид два аспекти – едниот поврзан со финансиска поддршка на извозните компании и поддршка за нивно реструктурирање и подготовка за новото прераспределување на глобалните пазари (пред се’ на домашните компании); и втор аспект дефинирање на мерките во согласност со големината и дејноста на компаниите. За помалите извозни компании е потребно покрај учеството во постојните мерки и дополнителна финансиска поддршка, исто така обезбедување дополнителна поддршка за осовременување, создавање нови производи, организациско унапредување, дигитализација, одржување на синџирите на набавка, освојување на нови пазари (во последниот пакет има скромни сегменти од спомнатото); За големите етаблирани извозни компании покрај постојните мерки ќе биде важно одржувањето на синџирите на набавка, одложување на дел од давачките спрема државата (дел поврзани со олеснување на извозот) и обезбедување поволна кредитна поддршка, пред се’ разработка на државните гарантни шеми, кои ќе овозможат поголема финансиска инјекција за овие компании во периодот на заздравување.
Авто индустријата ќе има голем пад годинавана глобално ниво, па следствено и извозот од овие фабрики во Македонија ќе биде значително помал. Каков ефект ќе предизвика тоа на страна на платниот биланс, девизниот прилив, девизните резерви?
Само минатата година, индустријата за автомобилски делови, претставена со 14 најголеми компании, направила вкупен извоз од дури 2,6 милијарди евра, што е 44% од вкупниот извоз на земјата. Од оваа сума од 2,6 милијарди евра, 1,86 милијарди евра отпаѓа само на една компанија, Џонсон Мети. Имајќи ја предвид важноста на оваа индустрија во земјава, посебно се важни предвидувањата дека неповолните трендови во автомобилската индустрија кои почнаа уште пред пандемијата, може да продолжат на среден рок од 3-5 години. На ова се дополнуваат и проекциите за економската активност на најзначајните трговски партнери во еврозоната (посебно Германија) што дополнително ги влошува изгледите за производство и побарувачка во оваа индустрија во периодот кој доаѓа. Доколку ова сценарио почне да се остварува се разбира дека ќе имаме значаен ефект на нашиот платен биланс и девизен прилив.
Од друга страна и девизните дознаки ќе бидат драстично намалени годинава. Постои ли опасност по стабилноста на денарот?
Неповолните движења во странство и зголемувањето на невработеноста ќе има влијание и врз приливот на дознаки од странство кои на годишно ниво учествуваат со околу 18% во БДП. Тие, заедно со странските директни инвестиции се клучни извори за покривање на високиот трговски дефицит во платниот биланс. На ова ако ги додадеме и последните проекции од Светска банка за пад на дознаките од странство на глобално ниво за 20% (споредено со падот од околу 5% во 2008 год.) тогаш состојбата во платниот биланс не изгледа поволна. Се разбира треба да го имаме и повратниот ефект од кризата односно исто така значајно намелениот увоз во периодот што анулира дел од овие влијанија.
Меѓутоа, да бидеме реални, денарот е стабилен со години, и со новите интервенции на НБРМ стабилен останува и во текот на корона кризата и во моментот нема простор за загриженост. Шпекулациите кои често се настојува да се пласираат од различни причини и побуди “не држат вода” и единствено можат краткорочно, и непотребно негативно да влијаат на девизниот пазар. Тука е често повторуваното високото ниво на девизни резерви (двојно зголемено од 2008) акумулирано пред корона кризата – на крајот на април 2020, изнесуваат 3 милијарди и 159,6 милиони евра и во однос на март бележат зголемување за 142,3 милиони евра. Кредитниот рејтинг ни останува непроменет, Народната банка исто така има низа инструменти на располагање за “бранење” на курсот, а тука стабилниот банкарски сектор и дел од проекциите за поволни макроекономски придвижувања на македонската економијата при крајот на оваа и почетокот на следната година.
Но, странските инвеститори во зоните и онака имаат добиено огромни субвенции од државата досега, а нивните сопственици повлечено големи профити во матичните земји… Во јавноста имаше реакции што токму некои од нив се на врвот од листата компании што веќе добила државна помош за исплаќање плати од 14.500 денари. Каков е вашиот став околу ова?
Точно е дека големите извозници (пред се СДИ во земјава) се поголеми компании, кои имаат поголема продуктивност во изминатиот период (потенцијални резерви), подобра организација и подобри механизми за справување со кризи, подобра технологија и знаење, истите имаа можност по разни механизми за користење субвенции и бенефиции во изминатиот период, имаат мајки компании со кои се блиско финансиски поврзани и добро вклучени во глобалните пазари.
Меѓутоа, исто така е вистина дека овие компании вработуваат значаен број на луѓе, дека треба да бидат едно од јадрата околу кое ќе се поврзат/осовременат домашните компании, дека се наш канал за поврзување со глобалните пазари и посебно значајни во периодот на заздравување. Исто така факт е дека дел од овие компании плаќаат најголеми даноци и надоместоци од плата и се наоѓаат и во врвот на компаниите рангирани по висина на исплатени трошоци за плати и надоместоци за вработените. Ако вклучиме анализа по сектори, индустријата за автомобилски делови плаќа најголеми даноци на плата – на годишно ниво само петте компании (во првите 100) од оваа индустрија плаќаат 5 милиони евра.
Во овој контекст треба да ја вклучиме и нашата стратегија за привлекување на СДИ и можностите/опасностите кои ќе се појават во периодот по пандемијата, во кој ќе има повторна прераспределба на глобалните пазари на СДИ. Во новонастанатата ситуација мерките за поддршка и создавање услови за работа на странските компании (како и домашните компании) ќе имаат силно влијание. Во оваа насока ќе повторам дека дел од мерките кои се однесуваат на зачувување на работните места треба да бидат достапни и за странските компании во земјава, како дополнување на ова може да се вклучат и мерките за одложување на дел од давачките спрема државата (дел поврзани со олеснување на извозот/извозот). Доколку има потреба може де се вклучат и добро обмислени државни гарантни шеми за кредитна поддршка кои може во еден дел и да бидат условени со соработката со домашните компании.
Trenovski intervju-6Сите чекаат помош, а буџетот ќе има огромна дупка. Во услови кога буџетските приходи паѓаат, дури ќе бидат потребни и уште повеќе пари за да се финансираат сите овие антикризни мерки. Колкав е реално просторот на владата за менаџирање со државната каса и дали според вас добро се прави тоа?
Кај малите и отворени економии, како што е нашата, фискалната состојба и параметрите кои ги имаме можат да се влошат релативно брзо во вакви кризи. Така што, и нашиот фискален капацитет да се задолжуваме, со влошување на ситуацијата може да се намали, а од друга страна во ваква специфична ситуација промените на глобалните финансиска пазари се случуваат исто така неочекувано и брзо.
Во моментот се’ уште зборуваме за Македонија како земјата за средно ниво на задолженост и стабилен финансиски сектор, меѓутоа по надминување на нивото на долгот од 50% од БДП влегуваме на зона кога враќањето на земјата во нивото под 50% ќе биде подолго и потешко.
Се’ уште е релевантна и лекцијата дека треба да се отвори посилна дебата во насока дали повеќе можеме од внатре да реформираме, да пренамениме, па потоа да размислуваме за сумата и цената на задолжувањето (кое ќе биде неопходно). Ова задолжување во тековната ситуација ќе биде единствено издржано ако ефикасно се употреби со цел да спречиме позначајно нарушување на економската околина во земјава, бидејќи тоа ќе влијае и на Буџетот, на јавните приходи, но ќе влијае и на капацитетот да го враќаме долгот во иднина. Не треба да заборавиме дека и периодот по кризата ќе биде исто така еден тест и предизвик, имајќи предвид дека ќе дојде време за наплата/враќање на одолжените кредитни и даночни обврски на компаниите, како и време кога преку даночни обврски или нов “Корона” данок ќе мора да се пополни дупката во Буџетот. Така што, мора да играме многу мудро.
Каде според вас може да се направи кратење на буџетските расходи (а не е направено) со цел да се намали товарот врз буџетот во услови на кризава?
Кратењата, (можеби подобро е да ги наречеме пренамени) во буџетските расходи во првиот бран делумно беа направени со Уредби на Владата, а исто така беше направено скромно намалување на расходите кај дел од буџетските корисници ( од околу 30-тина мил. евра) и со последниот ребаланс на Буџетот. Многу е неблагородно да се посочуваат конкретни кратења, посебно кога имаме ограничен простор за елаборација, имајќи предвид дека кога ќе разговарате со било кој од буџетските корисници, истиот ќе ги прикажува своите расходни активности како особено важни за пошироката социо-економија. Исто така и поради тоа што кога после три месеци ќе погледнеме на различните буџетски надлежности/корисници може да најдеме повеќе или помалку засегнатост кај секој од нив со пандемијата.
Меѓутоа, јасно е дека определени дејности, проекти, функции/надлежности кои во периодот не се директно поврзани со справување со пандемијата и неопходни за позначајна поддршка на социо-економијата и можат да бидат скратени/одложени. Добро е што првиот бран пред ребалансот беше фундиран на доброволно предлагање од секоја од институциите за кратење на соодветен износ од својот буџет. Она што е мој предлог во периодот кој следува е поставување на конкретни критериуми/принципи (придружени со скалести процентуални препораки за кратење -10%, 15%, 20%…) тргнувајќи по различните буџетски класификации (економска, функционална, по буџетски корисници, па и определени владини програми) за транспарентни кратења на определени буџетски расходи.
Така, на пример, имајќи ги предвид определените буџетски функции, може да се најдат определени простор за намалување во општите јавни служби, рекреација, култура и религија, одбраната, образованието итн. Имајќи ја предвид економската класификација – платите и надоместоците како и делот на стоки и услуги имаат простор за одложување на дел од расходите. Истото може да се направи и со буџетските корисници (министерства и агенции), каде истите може да се групираат во неколку нивоа според нивната улога во периодот и потенцијалниот простор да намалат дел од своите расходи. Ова се разбира е огромен предизвик за секој министер за финансии кој во конкретната ситуација и практично спроведување ќе се соочи со огромен оперативен и политички притисок. Многу полесно е да кажете што не треба да се крати, како што се расходите за здравство, одржување јавен ред и мир, капиталните расходи итн.
Кој и да ја состави новата влада, што ќе добие како „наследство“ од актуелнава, техничка? Односно, кои ќе бидат најголемите предизвици што ќе треба да се решаваат на економски план?
Веќе станува јасно дека оваа здравствена криза се претвора во економска и заедно двете ќе продолжат со ублажено темпо и во следниот период после изборите. Особено важно за следната влада ќе биде балансирањето помеѓу здравствените и економските ризици – посебно ќе биде важно креирањето системска рамка на мерки за заздравување на економијата. Тоа нема да биде воопшто лесно во новата глобална околина имајќи предвид дека фискалниот простор ќе биде исклучително стеснет, ќе мора да се повлекуваат и непопуларни чекори, а исто така ќе треба да се почне и со сервисирање/отплаќање на она што беше потрошено за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19.
Исто така пандемијата сама по себе иницираше посебни процеси во секој сегмент од социо-економскиот живот, па потребата од структурни реформи и иновативни прилагодување на општеството (функционирање на бизнисите, јавните услуги итн.) ќе биде значајна. Оваа ситуација ќе треба добро да ѝ се објасни на бизнис заедницата, јавната администрација и граѓаните. Новата влада ќе треба да се обиде да најде начин за компромис со опозицијата, намалување на политичкиот антагонизам и заеднички (колку што е можно) преземање на клучните економски и реформски чекори, имајќи предвид дека предизвиците ќе бидат значајни за сите.
Цел свет зборува за „новата нормалност“ на којашто ќе треба да се навикнеме. Каква ќе биде таа нормалност за македонските компании и граѓани според вас?
Кратко ќе наведам само неколку генерални области и теми за кои е неопходно да се размислува, се разбира во зависност од долготрајноста на кризата:
Структурните промени во побарувачката/потрошувачката – кон поголемо користење на дигиталните канали на размена, меѓутоа и промена на преференциите и перцепциите кај голем дел од потрошувачите. Ова ќе има значаен ефект на организација на операциите во бизнисите и промени во нивните синџири на набавка, забрзана дигитализација, продажни сектори, систематизацијата на работни места, диверзификација на пазарите.
Големата загуба на работни места и промените кои се случуваат ќе наметнат потреби од преквалификации и значајни промени во работната сила согласно новата понуда/побарувачка и можностите кои ги нудат новите технологии. Работењето од дома, кое се’ уште е тема да дебати и дилеми во контекст на позитивни или негативни страни, ќе зема поголем замав и ќе ги менува новите работни места и трошоците кои ги придружуваат.
Обезбедувањето на јавните услуги, мерењето на нивната ефикасност и функционирањето на државниот апарат исто така може да биде предмет на промени и реструктурирање. Обезбедување на образовните, здравствените, административните услуги на национално и локално ниво ќе се менуваат и прилагодуваат согласно ново настанатата ситуација и новите можности.
Потреба од детален развој на планови и протоколи за безбедност кои ќе треба да бидат добро комуницирани и модифицирани според потребите за јавниот и бизнис секторот – безбедност на работното место, правила за одржување дистанца, начини на седење, организирање на сменско работење, тестирање од КОВИД-19 итн.
Неопходно е да се работи на создавање на системи за отпорна економија, институции, бизниси, граѓани преку воспоставување на унифицирани системи на размена на информации, креирање и спроведување на мерки на тековна основа. Што значи, со државна поддршка, бизнисите, јавниот сектор (граѓаните) покрај меѓусебната континуирана размена на информации, ќе биде потребно да ја прилагодат својата структура/активности, да бидат флексибилни и брзо да можат да одговорат на секој евентуален предизвик поврзан со пандемијата.
Се разбира долготрајноста на кризата е главна детерминанта на голем дел од    наведените теми за дискусија и елаборации кои ги изнесов погоре во интервјуто, меѓутоа едно е важно – подобро да бидеме подготвени порано, отколку подоцна!

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×