Проф. Марјан Петрески: Антикризните мерки мора да бидат побрзи, и соопштени попрецизно и поубедливо
Објавено на од во Економија
Се остави голем период на какафонија и шпекулации за тоа како мерките ќе изгледаат или како треба да изгледаат. Не би сакал да навлегувам во тоа дали е тоа направено поради неефикасност или несогласувања, но задоцнувањето го ослабува ефектот и на најдобро дизајнираната мерка. Јасната и убедлива комуникација ќе внесе и доверба кај фирмите и граѓаните. 
Марјан Петрески
-Владата излезе со три можни сценарија за буџетската “дупка“ поради корона – кризата, што значи кусок од 700 милиони до 1,3 милијарди евра. Според вас, кое сценарио е најверојатно?
Најверојатното сценарио можеби и не е во овие три, бидејќи во моментов никој не знае, ниту може со разумна сигурност да утврди колку долго индуцираната економска криза ќе трае, и оттука колкави ќе бидат економските штети. Под претпоставка дека пикот на здравствената криза ќе биде во текот на април и дека економската состојба ќе започне да се нормализира на почетокот на јуни, би рекол дека буџетскиот дефицит би бил околу 800-900 милиони евра, што е околу 8% од БДП. Ако оваа претпоставка што ја кажав се испостави неточна, тогаш и оваа горна граница од 1.3 милијарди евра, што е околу 12% од БДП ќе биде пробиена. Притоа, да не заборавиме два важни аспекти. Првиот е дека буџетскиот дефицит зависи, не само од намалувањето на буџетските приходи, туку и од тоа колку ревносно ќе се консолидираат и кратат буџетските расходи кои може да се скратат. Вториот е дека буџетскиот дефицит не е целокупната ликвидносна потреба, бидејќи дополнително треба да ги сметаме долговите кои доспеваат во текот на годината, а кои главно се сведуваат на еврообврзницата која треба да биде исплатена во декември во износ од 500 милиони евра. Но, развојот на кризата ја наметна дискусијата на глобално ниво во однос на можноста да се развие должничка криза, поради што гледаме серија повици за репрограмирање (па дури и бришење) на должничките обврски на државите. Така што, и развојот на настаните сврзани со нашите обврски од еврообврзницата кои доспеваат ќе го следиме во текот на годината.
-Очигледно е дека државите ќе го зголемат својот долг со цел да обезбедат пари за санирање на последиците, па така и Македонија… Има ли доволно пари на меѓународниот пазар сега? Министерката за финансии рече дека до мај се очекуваат околу 200 милиони евра од ММФ, Светска банка, итн., но како ќе ги обезбедиме останатите пари?
Меѓународниот пазар беше исклучително ликвиден пред кризата и неговата ликвидност не пресуши, меѓутоа сега е под зголемена побарувачка во услови на нагло зголемување на ризиците. Во претходниве 2-3 недели видовме рапидно замрзнување на приватните финансиски пазари. Тоа не значи дека позајмување таму ќе биде целосно невозможно, но предвидувам дека ќе биде особено тешко и со рефлексија врз цената на позајмувањето. Затоа, лично сметав и тоа веќе и го споделив во медиумите дека главниот фокус треба да се стави на позајмување од концесионалните кредитори, бидејќи сите тие зазедоа позиции на подготвеност за итна финансиска инјекција во секоја земја која тоа ќе го побара. Со тоа се намалува неизвесноста во поглед на обезбедувањето средства од странство.
-Претпоставувам го погледнавте убаво и вториот пакет економски мерки. Кои мерки според вас „држат вода“, а кои ви се проблематични?
Генерално би оценил дека насоката во која мерките се дизајнирани е коректна и, според информациите со кои располагаме сега, тие имаат задоволителен капацитет да го апсорбираат моменталниот удар. Потенцијално ќе беше подобро ако мерките го опфатеа и март, бидејќи ликвидноста кај најпогодените фирми, а секако во одредена мера и кај сите други, почна нагло да опаѓа уште кон средината на март. Но, би сакал да се осврнам на нешто друго. По објавувањето на мерките слушаме разновидни незадоволства и дискусии, што се должи на три работи. Прво, комуницирањето на мерките беше направено најблаго речено неадекватно, со многу непрецизности и отворени прашања. Не знам зошто е ова така, но ќе биде корисно ако сега и во иднина актите кои ја регулираат конкретната мерка се објават најмалку паралелно со објавата на мерката, за да ја минимизираат информациската асиметрија, помеѓу она што владата го замислила како мерка и она што граѓаните и фирмите го разбрале од прес конференциите. Јасната и убедлива комуникација ќе внесе и доверба меѓу фирмите и граѓаните. Второ, ги поздравувам напорите за поширока консултација, вклучително и ад-хок Економскиот совет, во кој и самиот сум член. Но, мора да имаме предвид дека ова не се нормални мирнодопски околности и тие бараа поизразен сенс за ургентност. Се остави голем период на какафонија и шпекулации за тоа како мерките ќе изгледаат или како треба да изгледаат. Не би сакал да навлегувам во тоа дали е тоа направено поради неефикасност или несогласувања, но задоцнувањето го ослабува ефектот и на најдобро дизајнираната мерка. Трето, во овој период се креираа очекувања за економските мерки од претседателот на партијата која ја формира владата, што за мој вкус беше сосем непотребно и овозможи сега да слушаме незадоволства од дел од стопанските комори. Наместо креирање такви очекувања во јавноста, енергијата ќе била попродуктивно насочена ако на затворени средби предлог-мерките се дискутирале со коморите, организациите на работодавачите и синдикатите, со цел да се постигне посеопфатен консензус, пред тие да бидат објавени.
-Дали според вас администрацијата треба да има негибнати плати, додека во реалниот сектор голем број фирми нема да може да исплатат цела или било каква плата? Дали немаше да биде попаметно некаков скалест принцип на намалување на платите на целата администрација (освен здравство, полиција и војска)?
Во моментов ми изгледа разумно што не се прибегна кон таа мерка која кружеше како неофицијална. Важно е да се остави простор за понатамошни мерки и за продлабочување на постојните, како што тоа ќе го налагаат условите на кризата, а во моментот и да не се предизвика дополнително индуцирано стегање на потрошувачката и, оттука, продлабочување на кризата. Но, ако ликвидноста во приватниот сектор остане замрзната подолго од предвиденото, тогаш ќе бидат неопходни и поригорозни резови, што нема да ја одмине јавната администрација. Сепак, во вакви услови, сите мора да сме свесни дека основната цел е секој да добива барем минимални средства за одржување на месечната потрошувачка.

 

Идејата за вториот пензиски фонд треба да се разгледа

 

-Како го оценувате предлогот за трансферирање средства од вториот во првиот пензиски фонд?
Тој предлог не треба да се отфрли бланко. Прво, јас не го разбирам предлогот како конфискација на веќе акумулираните средства. Впрочем, како дигресија, и други предлози кои вклучуваа идеи за национализација се целосно несоодветни, бидејќи се невозможни во практична политичка смисла, и само значат губење време во идеолошки фикции. Но, времено пренасочување на средствата кои, на пример, за месеците март, април и мај, требало да легнат во вториот пензиски столб од бруто платата на вработените, кон првиот столб, е опција која треба да се разгледа.
-Голема бура во јавноста предизвикува понудата за грејс период на банкарските кредити, при што ќе се пресметува камата. Каков е вашиот став околу ова?
Лично очекував дека тоа ќе биде бескаматен грејс период. Верувам дека ако видиме понатамошно и рапидно затегнување на економската активност, банките ќе ја разгледаат повторно таа своја одлука, кога веќе им беше препуштена ним.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×