Профил на македонскиот бизнисмен: Што добивме по четврт век транзиција?
Објавено на од во Профил
Какви се македонските бизнисмени? Во транзициjaта што трае преку 20 години, израснаа сопственици, менаџери и претприемачи кои што во споредба со колегите од Запад се во најмала рака просечни. Но, не се сите исти. Капитал  анализира неколку главни типови на менаџери

 

Не постои унифициран, типичен пример за македонски бизнисмен. Тој е лик од крв и месо, врз кого што влијаат одредени типизирани настани создадени во одредено окружување во тек на одредено време. За почеток, нешто во нивна одбрана. Има неколку влијанија што оставија трага на профилот на македонските бизнисмени. До 1990 година Македонија живееше во договорна политичка економија, во која што приватната иницијатива беше исклучок и во принцип забранета. Пет децении на таков систем, оставаат трага, па не е ни чудно што македонското население не е премногу склоно кон приватна иницијатива и претприемништво. Како што има истакнато еден познат бизнисмен во една прилика: “Премалку време помина од комунизмот“.

Македонија долго време беше исклучена од светските економски текови, што резултираше со недостиг од знаење и самодоверба, како и слаба иницијатива кон извоз. Потоа следеше приватизацискиот хаос кој што создаде чувство дека богатството треба да се создаде брзо и дека најлесно се акумулира во матни времиња. Резултат на тоа е нарушена етика во работењето, што е и денес присутно на секој чекор. Згора на се, тука е и високата даночна пресија и многуте бирократски „клипови под нозете“.

Во такво опкружување израснаа бизнисмените во Македонија, споредено со колегите од Западот, каде претприемачката традиција е неспоредливо долга и државното уредување, во најдобра рака просечно. Некои од главните квалитети им се можноста за снаоѓање во комплицирана, а често и корумпирана домашна бизнис средина, издржливост и способност на преживување низ разни кризи, познавање на бројни домашни играчи со сличен профил во јавниот и приватниот сектор итн. Слабостите произлегуваат токму од таквиот локален карактер. Поради начинот на добивање работа во земјата поголемиот дел од нив ги запоставија вложувањата во развој на кадрите и истражувањата на новите пазари, а традиционалната домашна формула не поминува на поголемите пазари. Таквите бизнисмени најчесто останаа доминантно на домашните пазари, а мал дел од оние кои извезуваат останаа доминантно фокусирани на земјите од бивша Југославија. Секоја чест на исклучоците кои немаат комплекс на глобалниот пазар и успешно работат на тие пазари, но тие, доколку ги исклучиме новите генерации на стартап- претприемачи, можат да се избројат на прсти.

 “Модерни“ и помалку модерни

Типот и категоријата на македонски  бизнисмени се различни. Од оние кои се зависни од државата до оние кои речиси целосно се свртени кон извоз, од силно експонирани до оние кои од појавување во јавноста бегаат како ѓавол од темјан, преку оние кои се раширија во сите можни сектори, до оние кои се плашат да зачекорат во нешто ново, од оние кои се добро вмрежени до оние кои за тоа имаат сериозен минус. Најгенералната поделеност би можела да биде на „модерни“ и оние помалку модерни бизнисмени. Првата група е пообразована и поагилна и склона кон вложувања во луѓе и знаења, а другата група повеќе се потпира на традиционалната сила на домашните познавања и врските што ги има, а помалку вложува во „софт“ ресурсите. Македонската економија ќе биде многу подобра кога би преовладувале модерните и амбициозните претприемачи.

Да почнеме со  категоријата  бизнисмени што ќе ги наречеме “прва генерација“. Во неа влегуваат  менаџери/сопственици на компании претежно стекнати во процесот на приватизација што почна во 1994 година, како и помал број на основачи на нови фирми во самиот почеток на 1990-те, кога настана експлозија на новоотворени бизниси заради промените во економскиот систем. Но, постојат и комбинации на овие два типа.

“Заедничко за сите овие бизнисмени е што сите промени што ги направија во своите  компании, беа под притисок на надворешните фактори – дали се тоа ИСО стандарди, ЕУ стандарди и сл. Кајповеќето од нив генерално отсуствуваше поривот да се направи нешто на своја иницијатива, односно за 20-тина години не е воведено практично ништо ново, ништо модерно. Тие реагираат реактивно, а не проактивно. Имаа можности да направат многу како едни од првите играчи на пазарот, а не направија“, вели Горан Цивкароски, директор на Pedersen & Partners за Македонија, глобална компанија што се занимава со регрутирање на менаџерски кадри. Тој учествувал во многу “хедхантинг“ операции во земјава и регионот и одлично го познава менталниот склоп на локалните менаџери и претприемачи и нивниот развој.

Цивкароски смета дека оваа прва категорија,  што со негова помош ја дефиниравме, т.н. “прва генерација“, “транзициски“ или “реактивни“ бизнисмени, не биле склони кон преземање ризици, оделе претежно по инерција, наследиле голем дел од бизнис културата на претходното време.

MB-2
Една поинаква генерација

Втората категорија се бизнисмени/менаџери кои што работат во системи претежно во сопственост на странски капитал и се однесуваат реактивно или проактивно, но строго под контрола на групацијата сопственик. Принципалите, односно матичните компании од надвор, наложуваат како треба да изгледа корпоративната култура, одредуваат политика на цени, менаџмент системи, мерење на резултатите и останатите процеси во фирмата.

“На раководни позиции вработија менаџери од помлада генерација, дел школувани или дошколувани во странство, кои што вложиле во себе и целта им била да работат за меѓународна компанија. Некои прво работеле во домашни компании и се заситиле од тоа да гледаат како сопственикот попрво троши пари за свои лични задоволства отколку за развој на компанијата или пак се соочиле со сопственици/менаџери кои што едноставно немале капацитет да сфатат дека компанијата е организам кој што треба да расте независно од нив, па си нашле работа во компаниите од оваа категорија“, вели Цивкароски. Тоа се претежно бизниси од ИТ секторот, услуги и производи поврзани со банките (софтвер, аутсорсинг, итн.), телеком компании, и сврзани бизниси (градење инфраструктура, софтвери, итн.) и други. Тие компании дојдоа претежно од регионот на југоисточна или централна Европа, од развиени економски системи и/или такви кои што исто како македонскиот долго време беа социјалистички, меѓутоа под влијание на западните инвестиции формираа поинаква корпоративна култура што ја донесоа во Македонија и која што македонските менаџери мораше да ја прифатат и спроведуваат до пониските нивоа.

“Домашните менаџери беа под притисок да се однесуваат како што им наложува странскиот сопственик за да ги остварат зацртаните цели, и помалку или повеќе се покажаа успешни. Се профилираше една поинаква генерација со поинакви принципи, го вметнаа начинот од своите странски сопственици, комуникациите им станаа потранспарентни, почнаа да воведуваат поинакви, помодерни стандарди на управување. Тие имаа многу соработници меѓу домашните фирми и тие сакале-не сакале мораа да ги прифатат стандардите од првите. Па, пополека и домашните фирми прифатија да работат по западни стандарди“.

Менаџери на „портфолио“ компании

Третата категорија се бизнисмени, менаџери кои што обично се инволвирани во некаков тип на инвестиции, инвестициски фондови што вложуваат во домашни компании со цел да ги реструктурираат и подоцна продадат поскапо. Овие менаџери влегуваат во процеси на спојувања и преземања, имаат договори временски поврзани со определени резултати. Има и домашни и странски менаџери, и тоа се најсофистицираниот тип на менаџери, затоа што се поврзани со некоја цел која што е релативно тешко достижна, велат нашите соговорници, менаџмент-консултанти.

“Овие менаџери се во своевидна преса – од една страна да ги остварат целите зададени од сопственикот, а од друга страна да ги мотивираат вработените, да не речам да ‘ги цедат’ како што никој не правел 15-20 години, сѐ со цел да се постигнат поставените цели. Се работи за компании кај што влегуваат разни приватни еквити фондови, институции како ЕБРД и сл.,  и менаџерот ја следи стратегијата, постојано се занимава со регулативи, инспекции, оптимизирање на трошоци… Менаџерската плата и бонуси се врзуваат со постигнатите резултати, и обично тие добиваат процент од разликата во сумата кога фирмата ќе се продаде, во однос на онаа кога е купена. И затоа тие се мотивирани да постигнат што е можно повисока вредност на компанијата што ја водат“

Четвртата група би биле  претприемачите. “Тие, според мене, се најскапоцената група на бизнисмени“, вели Цивкароски. Почнуваат од ништо, со идеја дека мора да се снајдат, силно се мотивирани и имаат солидно познавање на работите во нивната индустрија. Единствениот недостаток би бил што се самоуки, и во принцип реактивно се однесуваат, односно учат од грешките и проблемите, како што доаѓаат. За тоа трошат многу време, енергија и ресурси“. Цивкароски вели дека за дел од претприемачите е карактеристично што од  “премногу претприемништво“ стануваат микроменаџери додека фирмата расте и покажува силен потенцијал за развој, наместо да се занимаваат повеќе со стратешко планирање и поставување на соодветни системи.

Газдата знае се’

Васко Карангелески, сертифициран менаџмент консултант  и сопственик на
консалтинг фирмата КА Групација, вели дека транзицијата само ја смени сопственоста, но не и начинот на размислување кај повеќето од компаниите.

Според него, постои некоја диференцијација на барем три категории на претприемачи во Македонија, дефинирани според возраста  на претприемачот, начинот и декада на започнување на бизнисот.
“Добрите примери меѓу нив успеаја да се адаптираат на новите услови и да ги одржат и развијат системите што ги стекнаа како капитал во приватизацијата. Останатите не можеа да се носат со предизвиците на стеснетиот пазар,економските блокади и сл.,  и практично не знаеја што да прават со фирмите“, вели Карангелески.  Како подсегмент од оваа прва категорија, според него, е втората генерација сопственици/менаџери  во големите транзициски компании -  најчесто се тоа децана оваа првата генерација, тие имале свои ментори, учеле од нив, но многу често и се школувале надвор од земјава, не штедејќи на едукација.
“Дел од нив успешно ги водат компаниите  и по повлекувањето на своите ментори,дел, за жал, не успеаја да се снајдат добро, па компаниите или се паднати со продажбите и профитите во последниве години, или во најдобар случај стагнираат“, вели Карангелески.
Втората категорија се самосоздадените претприемачи. Тука имаме илјадници фирми,но малку од нив пораснаа до степен да прават по неколку милиони евра годишен обрт. Дел од нив почнаа во транзицијата со сопствени бизниси, дел се “хибриди“.

Третата категорија  се луѓе што сега имаат 30 – 40 години, основачи претежно на услужни фирми, помал дел производни, кои што се уште не се толку амбициозни за градење на големи системи, спремни се да ги слушнат и првите и втората категорија бизнисмени, но често се гледани со потценување и од обете. Особено од страна на оваа генерација бизнисмени што почнаа од раните 1990-ти, која размислува во стилот “јас сe’ сам сум постигнал, и мора да ме слушаш“. Во рамките на оваа категорија бизнисмени, ретко има менторство кај менаџментот, а пазарот е премал за да може да се генерира значаен раст.
На сопствениците/менаџерите им недостасува менторство, едукација.

“Поголем дел од едукацијата е насочена кон вработените, онаму каде што ја има,секако. А директорот или газдата, нема време за учење, тој знае се’, нели. Од премногу претприемништво стануваат микроменаџери во големи фирми. Не
поставуваат системи, или пак спротивен екстрем поставуваат премногу системи и прават бирократизација. Мислат дека ИСО, ЕРП или некоја друга алатка ќе го реши проблемот на лидерството и стратегиското менаџирање “

3 thoughts on “Профил на македонскиот бизнисмен: Што добивме по четврт век транзиција?

  1. Анализата е во границите на тоа што се случува. Колку што може да се види се настојува да се утврдат слабостите и предностите, сето тоа како способност за прилагодување во областа на работењето. Се гледа дека тешкотиите се присутни, и помал е бројот на бизнисмените кои успеваат да се снајдат. Друго во анализата нема. Што значи се претпоставува дека водењето на бизнисот е областа работење. Под друго подразбирам, не забележав да имаше поставено прашање зошто снаогањето во бизнисот е толку тешко ? Зошто нема куповна моќ кај лугето, да би опстпјувале фирмите ? За одговор се смета дека се работи за неспособност да се одговори на конкуренцијата. …………….Не е точно. На овој план сите бизнисмени и државата имаат погрешно разбирање. Всушност не го разбираат системот во кој влегле да работат. А, всушност праксата веќе ни има оставено докази, само ни фали способноста за забележување. Во социјализамот присвојувањето на крајниот резултат од работата беше од страна на работниците /во најголема мера/ резултатот беше кусок на понуда, бидејки вложените пари /заедничкиот сопственик/ не го добиваа делот што им следуваше.

  2. Денес присвојувањето на крајниот резултат од работата го праваат газдите резултатот е вишок на понуда, бидејки вложениот труд /работниците/ не го добиваат делот што им следува. Овие два примери јасно кажуваат дека, во колку нема распределба на крајниот резултат од работата помегу тие што го создале- трудот и парите /нивните сопственици/ се налегнува едната страна од понудата или побарувачката повеќе од колку што може да се поднесе. Во социјализамот поварувачката, а денес понудата. Тој погрешно присвоен дел не го искористува никој, иако го присвојува, бидејки за него нема покритие, во социјализамот од понуда, а денес од побарувачка. Поточно тој дел се уништува по пат на инфлација во социјализамот, а денес по пат на фрлање во отпад или со растварање на војни се уништува понуда, да се распореди друга понуда. Значи бизнисмените и државата треба да го знаат и оваа, бидејки ова е всушност причината што тешко оди снаогањето на бизнисмените. Или поточно, работата како работа не ја прави само областа на работење, што е предмет на анализата, туку и област на распределба на резултатот од работењето, во колку сакаме да ни оди работата.

  3. Сакале или не, кога доказите ни кажуваат дека, како и се друго, така и економијата, мора да се придржува на законитоста да се одржува поднослив однос помегу понудата и побарувачката, во спротивно самите си ја сечат гранката на која седат. Без да се расподели и крајниот резултат од работата, се пореметува тој однос за толку колку што е погрешно присвоено, во социјализамот побарувачката, а денес понудата, што е причина да се кочи работата и да се уништува веќе спечаленото. Клучот за делбата е присутен, и познат уште кога се знае дека работниците вложуваат труд, а газдите пари. Значи влогот од вредност за работниците е вложениот труд во висина на остварената цена, која претставува паричен израз на вредноста. Додека влогот од вредност на парите, е вложените сопствени и кредитни пари.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×