Профил на македонскиот онлајн купувач
Објавено на од во Економија

 

Најмногу пазарува облека и спортска опрема, прави нарачка до 50 евра, 1 – 2 пати во 3 месеци

Etrgovija1 WEB 978

 

 

 

 

 

 

 

 

Иако има напредок во условите за е – трговија, сепак само 20% од населението во земјава со пристап до интернет направило нарачка онлајн во 2017 година ,што ја става Македонија на дното во Европа, единствено пред Црна Гора, покажува првата опсежна анализа на состојбата со електронската трговија во земјава.

 

Вкупната вредност на трансакциите направени кон интернет продавниците во земјава и странство од македонски корисници на картички, како и од иматели на странски картички во Македонија минатата година изнесува 105 милиони евра и е за 21% поголема во однос на 2016 година. Според податоците на Еуростат и Државниот завод за статистика што ги престави неодамна Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија (АЕТМ) во својата анализа за состојбата со е – трговијата во земјава, во онлајн трговијата доминираат физичките лица со 79% од вредноста вкупно направените трансакции, и тие бележат поголем пораст на годишно ниво, од 22%, додека кај правните лица порастот е 18% во 2017 – та спрема 2016 година. Просечната вредност на една трансакција кај физичките лица е 1538 денари и е намалена во однос на годината претходно, додека кај правните лица оваа вредност е зголемена на просечни 2271 денари.

Etrgovija1 WEB 978 brojki 2Евидентен е порастот на бројот и вредноста на онлајн трансакциите последниве 7-8 години, и кон домашните и кон странските е – трговци. Така, во 2010 – 2011 година, вредноста на онлајн трансакциите кон домашни е – трговци не била ниту 5 милиони евра, додека во 2017 година изнесува над 30 милиони евра. Уделот на трансакциите направени кон странски онлајн трговци во вкупната онлајн трговија е неколкукратно поголем, па така, во 2017 година, во зависност од месецот, варира помеѓу 58% и 75%. , додека кон домашните е – трговци се движи во распон од 22% до 40%. Остатокот отпаѓа на прометот што се прави со странски картички кон домашни трговци во земјава.

На ниво на цела година, во 2017-та македонските граѓани во странство оствариле 70% од вредноста на онлајн трансакциите и потрошиле околу 73 милиони евра за купување производи и услуги онлајн. Порастот споредено со 2016 година изнесува 18%, кај правните лица порастот е 24%, додека кај физичките лица е 16,5%. Притоа може да се забележи сезонска цикличност во движењето и на вредноста и на бројот на направените трансакции на интернет продажните места на месечно ниво. Во месеците февруари, март, септември и ноември најмногу се купува на виртуелните места на продажба, но ова важи за физичките лица повеќе, додека правните не го следат истиот циклус. Физичките лица најмал број трансакции прават во јуни и јули, додека просечната вредност по трансакција е најголема во јули и август, што може да се поврзе со резервирање и плаќање хотелски сместувања и аранжмани онлајн.

“Македонија има голем напредок во обезбедување на потенцијал или неопходни услови за одвивање на е – трговијата во однос на 2010 година и во споредба со земјите од регионот има обезбедено подобри услови за развој на купувањето онлајн. Иако имаме напредок во условите, сепак само 20% од населението со пристап до интернет направило нарачка онлајн во 2017 година ,што ја става Македонија на дното во Европа, единствено пред Црна Гора. И покрај напредокот во создавање на услови за раст на е – трговијата индикативно е што имаме пад во рангот на одредени индекси со соодветни индикатори, како: Индекс на логистички перформанси и Индекс за подготвеност за е – трговија.“, вели Нина Ангеловска, ко – сопственик и директор на Grouper.mk и претседател на АЕТМ.

Онлајн уплатите во Унгарија се должат на летовите со Wizz Air, додека оние во Холандија на букирањата преку Booking.com

Од анализата на АЕТМ може да се види дека најмногу од онлајн трансакциите направени кон странски е – трговци, како по број (88%), така и по вредност (76%), Македонците ги направиле во пет земји: Велика Британија, Луксембург, Унгарија, САД и Ирска. Притоа, 60% од бројот на трансакциите се направени во Велика Британија и Луксембург, додека 50% од вредноста на трансакциите се направени во Велика Британија и Унгарија. Правните лица најмногу по вредност направиле трансакции во Унгарија, додека физичките лица во В. Британија. Просечната зделка на физичките лица е 1.590 денари во 2017 година, додека на правните лица е 8.000 денари. Физичките лица направиле најниска просечна трансакција во В. Британија, додека правните во Луксембург.
Нашите соговорници од АЕТМ велат дека во глобалниот дигитален свет во финансиските текови не може секогаш да се одреди вистинското потекло на нарачаниот производ или услуга, односно местото на нарачка/купување не мора да е исто со местото каде што парите стигаат при наплатата.

“Постои веројатност плаќањата за нарачаните производи од Кина, претежно преку платформата AliExpress.com да се вршат во картични процесори сместени во В. Британија или Луксембург. Реализираните трансакции со повисока просечна вредност во Унгарија на пример, најверојатно се должат на уплата на авионски карти во Унгарија, односно каде што е процесниот центар и седиштето на компанијата Wizz Air, којашто македонските граѓани последниве години многу често ја користат како авиопревозник, или пак за резервирање хотелско сместување преку Booking.com, чиешто седиште е во Амстердам, Холандија.“, објаснува Виктор Стојковски, генерален секретар на АЕТМ.

На дното во Европа според онлајн купувањето на храна, лекови и хотелски услуги

Од компаративната анализа на купувачките навики на македонските граѓани со ЕУ просекот, се гледа дека само во категоријата облека и спортска опрема земјава е идентична со европскиот просек, односно подеднакво 64% од тие што купувале нешто онлајн последниве 12 месеци, купиле вакви производи.

Во с$ други заостануваме зад ЕУ: така на пример, во купувањето производи за домаќинство онлајн, последни сме заедно со Црна Гора, односно само 13% е релативното учество на купување вакви производи во вкупниот онлајн шопинг во 2017 година, наспроти европскиот просек од 46%. Исто така, македонските граѓани многу малку купувале прехранбени производи и производи за широка потрошувачка, односно само 5%, за разлика од просекот на ЕУ од 24%. Изненадувачки е тоа што оваа категорија бележи значителен пад споредено со 2010 година, кога дури 17% од тие што купувале онлајн вршеле нарачки за храна и секојдневни производи.

Што се однесува до хотелско и друго сместување, Македонија е на претпоследно место во Европа, со само 10% од направените онлајн купувања и порачки во 2017 година. Просечно, 43% од поединците во земјите од ЕУ кои направиле онлајн купување во последните 12 месеци биле за хотелско и друго сместување.

А, колку често купуваат македонските граѓани онлајн? Според анализата на АЕТМ, дури 73% во последните три месеци купиле само еднаш до два пати преку интернет, со што сме “лидери“ во Европа, на пример тој процент во Луксембург е само 18%.

Најголем дел од Македонците купуваат најмногу во вредност до 50 евра, што е и очекувано согласно царинските прописи за увоз. Од тие што купувале онлајн во странство во последните 12 месеци најмногу, или 63% купиле електроника, облека или играчки како резултат на атрактивни понуди на сајтовите во Кина.


За што го користат интернетот македонските граѓани?

Меѓу првите се во Европа за социјални мрежи и телефонирање, последни за праќање мејлови и онлајн банкарство

Etrgovija2 WEB 978Македонските граѓани се над европскиот просек во користење на интернетот за социјални медиуми, телефонирање и видео повици, покажува анализата на Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија – АЕТМ. Според неа, Македонија со 84% е четврта земја во Европа после Исланд (91%), Малта (87%), Норвешка (85%) и Унгарија (84%) во користење на интернетот за социјални мрежи, креирање на кориснички профил, постирање пораки и други активности на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, итн. Корисниците во земјава со 77%, како процент од оние што користеле интернет во последните три месеци од 2017 година, го употребиле за телефонирање и видео повици, веднаш после Бугарија (85%) и Црна Гора (82%). Финска со 37%, Шпанија (35%) и Франција (33%) најслабо го користат интернетот за оваа намена.

Македонските граѓани се блиску до европскиот просек (40%) во користење на интернетот за споделување на самокреирана содржина на веб страна (38%), како и во употребата на интернет за барање информации за здравје (59%), додека европскиот просек е 61%.

Според анализата на АЕТМ, 68% од Македонците читале онлајн сајтови за вести, весници, магазини и сл., што е под европскиот просек од 72%. Македонските граѓани сакаат да играат онлајн, па 38% го користеле интернетот за играње и симнување игри, што е над европскиот просек од 34%. Во оваа категорија предничат Данците, со 47%, а на последно место е Словенија, со 24%.
Македонските корисници на интернет се далеку под европскиот просек во користење на интернетот за барање на информации за производи и услуги, управување со сметка за онлајн плаќања, интернет банкарство, барање и аплицирање за работа, користење професионални мрежи, продавање производи и услуги онлајн, сместувачки услуги и праќање или примање е- маил.
Само 13% од граѓаните на Македонија интернетот го користат за барање сместувачки услуги, со што земјава е на последно место во Европа, покажуваат податоците на Еуростат. Луксембург е земјата каде што корисниците на интернет најмногу букираат сместување преку интернет, 73% од нив, пред Швајцарците (66%), Финците (65%), Германците (64%), итн. Од земјите од регионов, најдобра во тој поглед е Словенија, каде што речиси половина, односно 49% од корисниците го користат интернетот за сместувачки услуги.
Македонските граѓани се меѓу последните во Европа и по користењето на интернет за продавање на производи и услуги, само 4%, како процент од оние што користеле интернет во последните три месеци од 2017 година. Полоша од нас е само Грција, со 3%, додека шампиони во оваа категорија се Холанѓаните, со 38% од граѓаните што користат интернет за продавање производи и услуги. Интересно е што на второ место е Хрватска, со 37%, пред Малта (36%), Германија (34%), Исланд (34%), итн. Од времето кое го користат на интернет многу мал дел од македонските граѓани, само 50% го користат за барање информации за производи и услуги, додека европскиот просек е 80%. Исто така, само 12% од македонските интернет корисници бараат работа и праќаат апликации за работа онлајн. Само 11% од македонските корисници на интернет употребуваат интернет банкарство, а само Бугарија и Црна Гора се полоши од нас. Исланд и Норвешка се први со 95%, а од регионов најдобра е Хрватска (50%).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×