Профитот на банките и загубите на фирмите  
Објавено на од во Колумни

Исто како и на банките, основна цел и на секој бизнис е да прави профит. Ако на фирмите им се одземе можноста да прават профит, тие нема да се занимава со таа дејност. Многу просто. Бизнисмените се многу рационални кога одлучуваат дека нешто им е поевтино да го увезат, отколку да го произведат. Тие и понатаму ќе прават профит, но нема да произведуваат. Се додека производството во Македонија не стане профитабилна дејност, се дотогаш производството ќе се намалува. Освен, во слободните економски зони. Таму ќе расте. Затоа што е субвенционирано од државата. За да се направи производството профитабилно, потребни се сосема поинакви економски политики. Сегашните економски политики очигледно овозможуваат големи профити да прават само увознциите и банките.

 

 

Бизнисмените се се погласни дека политичката криза полека им го јаде бизнисот. Се поглесни се дека последиците од оваа криза која предолго трае, ги чувствуваат веќе многу силно и дека мора да се најде решение, со кое работите ќе се вратат во нормала. Профитот на многу фирми паѓа, се потешко ги плаќаат обврските навреме, глават со враќање на кредитите кон банките, доцнат со платите на вработените… Се помалку се отвараат нови фирми, а бројот на фирми кои одат во стечај и кои се со блокирани сметки е на многу високо ниво…За да ги намалат трошоците, во услови кога им паѓа побарувачката и на домашен и на странски пазар, многу од нив го намалија производството и отпуштија дел од вработените за да ги намалат трошоците на производство и да не прават загуби.
Но, не им е на сите така црно. Последните податоци покажуваат дека банките лани работеле со профит од над 75 милиони евра, што е дури 47,3% повеќе од профитот претходната година. Профитабилноста на банкарскиот сектор мерена преку стапката на поврат на капиталот (ROE) на крајот на 2015 година достигна 10,4%, што е најголема стапка од 2008 година кога почна економската криза.
Најголем дел од профитот во банкарскиот сектор лани, односно околу 80% е направен во големите банки, во чии сефови остана добивка од 59,7 милиони евра.
Колку за појаснување, големите банки се тие кои држат над 70% од финансискиот потенцијал во банкарскиот сектор. Во истиот период кога е направен овој профит, кредитирањето на фирмите беше многу мало, а каматите на депозитите паднаа на многу ниско ниво. Банките главно го кредитираа населението и вложуваа пари во државните записи. И нормално продаваа имоти од хипотеките кои ги вложија фирмите кои некогаш земале кредити да го развиваат бизнисот, но во меѓувреме пропаднале во “одличните” услови за дуинг бизнис.

Сосема легитимно е банките да имаат цел да остваруваат што поголем профит. Капитал наскоро ќе објави и посебен прилог во кој, меѓудругото ќе се објасни подетално како банките всушност ги прават овие профити.

Но, на многумина им е некако нелогично во услови кога на економијата и оди лошо, банките да имаат екстра високи профити. Високите маржи може и да укажуваат дека вистинската конкуренција во овој сегмент се уште ја нема. Посебно кога државната развојна банка се држи настрана во стилот дека не сака да им прави конкуренција на комерцијалните банки. Кој тогаш ќе ги финансира фирмите во период на економска криза кога банките се воздржуваат ид нивно кредитирање со објаснување дека ризикот им е се уште многу висок? Кој ќе ги кредитира фирмите во периоди кога имаат проблем со ликвидноста и во периодите кога чекаат да си ги наплатат побарувањата?
Се чини дека економските политики во Македонија се поставени така што целиот ризик во време на економска криза паѓа на товар на фирмите. Банките и државата се држат настрана однесувајќи се како да немаат ништо со лошите резултати од работењето на фирмите. Демек ова е пазарна економија и фирмите самите си го носат ризикот за потезите во работењето.

Што е во принцип точно, но во македонската пракса не е така. Бидејќи државата со своите мерки и политики ги истиснува фирмите од пазарот, вклучително и од домапниот финансиски пазар. Беше донесен Закон за финасиска дисциплина со кој се озакони доцнењето во плаќањата со ставање на рок од 120 дена, што е премногу долг рок, кој го нема никаде во светот, и уште поважно не може да го издржи ниту една мала и средна фирма, колку и успешно да работи, посебно во услови кога не може да земе лесно кредит од банка за да премости периодот на чекање. Па така фирмите станаа премногу ризични за банките.

И резултатите од овие политики веќе ги гледаме. Во Македонија станува премногу скапо да се произведува и да се извезува. А премногу евтино да се увезува. Анализата на трендовите во извозот и увозот на Македонија во изминативе пет години е многу лош. Извезуваме многу малку производи и речиси половина од целиот извоз се прави со 10 производи. Од овие 10 производи, седум се произведени во фабриките на странските инвеститори кои добиваат големи субвенции и не плаќаат никакви даноци, а само прилепскиот тутун е домашен производ. Само автобусите на Ван Хул се единствен финализиран производ, а другите се суровини, метали или полупроизводи кои потоа се извезуваат во странска земја каде се произведува готов производ со поголема додадена вредност. Македонија се помалку произведува. Во суштина ако разгледате по полиците на македонските маркети има многу малку македонски произведени производи.  Многу малку производи ја имаат етикетата произведено во Македонија и уште помалку од нив се конкурентни според цената и квалитетот и на домашниот и на странските пазари. Увезуваме буквално се и сешто, од кибрити, тоалетна хартија, детски играчки, гаќи, па до храна, апарати за домаќинство, автомобили, возови…Овие работи би можеле да се произведуваат и во Македонија, а многу од нив порано се произведувале. Но, сега не се произведуваат бидејќи тие домашно произведени производи се поскапи од оние од увоз. И сосема е нормално дека граѓаните ќе ги купуваат оние производи кои се поевтини, а фирмите кои немаат профит во тоа што го работат ќе излегуваат од производството.
Вака како што се поставени работите излегува дека освен кај извозот од странските зони, речиси во сите други извозни дејности има пад на извозот. Што упатува на заклучокот, дека производите произведени во Македонија стануваат се поскапи и понеконкурентни, односно дека во Македонија се исплати да се произведува и извезува само ако тоа производство е субвенционирано и помогнато од државата.
Да се вратиме малку на банките и нивната улога. Голема заблуда е дека економијата може да расте и да се развива без поддршка од банките. Суштинската улога на банките е да прават ефикасна алокација на вишокот на пари во економијата.
Банките мора да станат свесни дека мора да најдат начин и да почнат да ги кредитираат фирмите. Да разберат дека во нивни интерес е да најдат начин да ги спасат фирмите од банкроти и да ги спасат и задржат работните места. Оти, ако пропадне некоја фирма, тогаш тие вработени кои ќе останат без работа, сигурно нема да можат да го вратат кредитот кон банките. Тука е и ризикот кој Народната банка јасно им го предочи на банките од трендот на засиленото кредитирање на граѓаните.

Тоа е тежок пат, но мора да се најдат модели на поделба на ризикот помеѓу сопствениците на фирмите, банките и Македонската банка за поддршка на развојот, односно државата. Поделбата на ризикот е единствен пат за решавање на проблемот на немање на пристап на фирмите до финансирање. Одбивањето на кредитирање на фирмите не е начин.

Основна цел на секоја банка, но и на секој бизнис е да прави профит. Ако на фирмите им се одземе можноста да прават профит, тие нема да се занимава со таа дејност. Многу просто. Бизнисмените се многу рационални кога одлучуваат дека нешто им е поевтино да го увезат, отколку да го произведат. Тие и понатаму ќе прават профит, но нема да произведуваат. Се додека производството во Македонија не стане профитабилна дејност, се дотогаш производството ќе се намалува. Освен, во слободните економски зони. Таму ќе расте.
За да се направи производството профитабилно, потребни се сосема поинакви економски политики. Очигледно сегашните економски политики овозможуваат големи профити во Македонија да прават само увознциите и банките.

 

One thought on “Профитот на банките и загубите на фирмите  

  1. Убаво би било да се направи анализа и колку од профитот отпаѓа на провизии и надоместоци од типот одржување на трансакциска сметка

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×