Првиот круг на претседателските избори со најмала излезност до сега
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Мртва трка во првиот круг од претседателските избори кои се одржаа вчера.
dik pretsedatelski 2019Според резултатите од ДИК, по обработени 99,96% гласачи, Стево Пендаровски победил во првиот круг со 4.606 гласови повеќе од Гордана Силјановска Давкова. Кандидатот на власта има освоено 323.846 гласови, а кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ 319.240 гласови. Независниот кандидат, поддржан од Алијансата на Албанците и БЕСА, освоил 79.915 гласови. Неважечки, според податоците на ДИК, се 32.828 ливчиња. Излезноста на изборите била 41,82%.
ДИК: Пендаровски 42,73 отсто, Силјановска 42,58 и Река 10,34 отсто
Според првичните резултати објавени на веб страницата на ДИК од обработени 98,12% од гласовите, води претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски со 42,73 отсто, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова со 42,58%, а трет е кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река со освоени 10,34% од гласовите.
Изразено во гласови, од досега преброените за Пендаровски гласале 317,222 граѓани, за Силјановска-Давкова 316,124, а за Река 76,765 граѓани. Неважечки се 32,350 ливчиња.
Одѕивот во првиот круг на Претседателските избори изнесуваше 42,04% или на гласање излегле околу 742,448 граѓани.
Вчерашните претседателски избори со најниска излезеност досега
Вчерашниот прв круг од претседателските избори помина со досега најнизок одѕив на гласачите споредено со претходните изборни циклуси за шеф на државата.
Според последните податоци што ги објави ДИК одѕивот во првиот круг на Претседателските избори изнесуваше 41,82% или на гласање излегле 755,816 граѓани.
На првите непосредни претседателски избори во 1994 година на гласање излегоа 1.053.761 граѓани, а за шеф на државата беше избран Киро Глигоров  со освоени 715.087 гласови.
Неговиот наследник Борис Трајковски во 1999 година беше избран со 582,808 гласови, а на гласање излегоа 1.112.703 граѓани.
Следниот претседател Бранко Црвенковски во 2014 година беше избран со гласовите на 550.317 граѓани од вкупно излезените 909.289 граѓани.
Ѓорѓе Иванов во 2009 градина кога за прв пат беше избран за претседател доби поддршка од 453,616 граѓани, а вкупно на гласање излегоа 764.039.
Вториот мандат во 2014 година Иванов го освои со 534.910 гласови, од вкупно излезените 967.676 граѓани.
Новиот претседател на државата ќе се избира во вториот круг што треба да се одржи на 5 мај. Граѓаните ќе избираат меѓу двајцата кандидати кои вчера освоија најмногу гласови Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. За да биде избран новиот шеф на државата, на гласање ќе треба да излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи.
Заев: Гласовите за Река ќе дојдат на контото на заедништвото
Премиерот Зоран Заев и лидер на СДСМ, партијата која застана зад претседателката кандидатура на Стево Пендаровски вечерва на прес-конференцијата по првиот круг од гласањето изрази уверување дека во вториот изборен круг гласовите на граѓаните кои го дале својот глас за кандидатот Блерим Река ќе дојдат на контото на заедништвото и контото кое води напред.
На прашањето зошто оние во првиот круг што го поддржале Река во вториот би го поддржале него, Пендаровски рече оти е јасна разликата меѓу концептот што тој го промовира и концептот што го промовира неговата  противкандидатка. Неговиот концепт, како што рече, има поголема шанса да допре до граѓаните Албанци. Тој нагласи оти Силјановска спроведува 19 вековен националистички концепт.
Според него,концептот на неговата противкандидатка којшто е поддржан и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е етноцентричен и во него нема место за ниту една етничка заедница освен за Македонците. Додаде дека во неговиот концепт има место за сите.
Заев се надоврза оти тој е реален и јасно му е дека се уште има граѓани кои гласаат по етничка основа, но додаде дека во вториот изборен круг очекува оти граѓаните коишто го дале својот глас за Блерим Река ќе дојдат на контото на заедништвото и контото кое води напред.
Истакна доколку кандидатот Стево Пендаровски загуби макар и со еден глас тој е подготвен за предвремени парламентарни избори.
„Тоа го кажувам толку силно и отворено затоа што сум убеден до небо дека ќе победиме“, рече Заев.
Во врска со малиот цензус во општините каде што доминатното население се етнички Албанци и дали тоа значи дека ДУИ не испорачала, Заев рече дека сите политички партии направиле се што е во нивна моќ и оти граѓаните се граѓани и „никој не ги носи гласачите во џебот“.
„Секој граѓанин одлучува тоа што е најдборо за него, за неговото семејство, за неговата земја“, рече Заев и додаде дека граѓаните на сите избори испраќаат различна порака потсетувајќи оти сме заборавиле да имаме исклучиво само претседателски избори.
Тој додаде оти е мошне важно да се избере вистинскиот претседател и оти со позитивна кампања во вториот круг уште повеќе ќе се зголеми поддршката за Пендаровски.
На новинарско прашање да дадат коментар за тесната разлика меѓу Пендаровски и Силјановска во првиот круг од гласањето, Заев истакна оти треба да се земе предвид дека изминатиот период беа донесени многу важни одлуки за иднината на државата што, како што рече, бара храброст, а со тоа се отворија перспективите и конечно земјата нема отворени билетерални спорови.
„После сите овие храбри одлуки еве не со победа во првиот круг. Секој глас е важен и јас сум убеден.Согласно корпусот на гласови, а се надевам дека во вториот круг ќе излезат уште поголем број гласачи и дека со тоа разликата ќе биде уште поголема. Мнозинството граѓани јасно дефинираа во кој правец треба да чекори нашата земја“, рече Заев додавајќи дека секако не смеат да бегаат од слабостите, односно некои граѓани очекувале поголеми резултати во економската сфера.
Премиерот и претседател на СДСМ истакна дека кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова воопшто не се осврнала на еднаквоста во државата.
„Сериозни етнички заедници во нашата држава не ги интересира, веројатно играа на карта на национализмот и тие ќе си го носат својот ризик играјќи на картата на квази национализам и квази патриотизам. Вистински патриот е оној којшто носи храбри одлуки за државата, не за својата партија, не за своја лична добробит“, рече Заев.
Река: Резултатот на денешните избори ги надмина нашите очекувања
Резултатот на денешните избори ги надмина нашите очекувања. Според првичните резултати од обработени 55 отсто од гласовите добив над 50 илјади гласови, а до крајот очекувам да ја достигнам бројката од над 80 илјади гласови, порача претседателскиот кандидат Блерим Река во обраќањето по завршувањето на изборниот процес.
„Во сите општини со доминантно албанско гласање победив со размер од 3:1, а освоив гласови и во сите општини каде има македонско мнозинство. Нема општина со македонско мнозинство гласачи каде што не добив гласови. Овие 80 илјади гласови ја делегитимираат политиката на албанските партии кои се во власта и покажаа со кого и за кого е народот. Тоа најавува политичка пролет во Македонија која ќе се цементира во идните предвремени парламентарни избори“, потенцира Река.
Изборите ги оцени како фер, слободни и демократски, а нагласи дека нема доволна излезеност поради неажурираниот избирачки список кој брои околу, 1,8 милиони гласачи иако, како што кажа, од земјава се иселени повеќе од 250.000 лица и реалниот број на гласачи е околу 1,5 милиони.
„Се плашам дека на идните било парламентарни или претседателски избори ќе имаме се помалку гласови зошто ќе имаме се помалку граѓани. Денешниот ден покажа дека освен заробена држава се соочивме и со заробен електорат од партијата која според наши извори ги повикуваше да не излезат на избори“, рече Река.
Најави дека ниту тој, ниту двете партии кои стојат зад него нема да тргуваат со гласовите на гласачите што гласале за него како што ветиле на почетокот на изборната кампања.
„Тие се нивни гласови и нивна политичка ориентација, а ние не сме трговци со гласови“, рече Река
Прашан дали по завршувањето на претседателските избори ќе се вклучи во политиката, Река рече дека ќе го чека конечниот резултат и ако добие повеќе гласови од албанската партија која е на власт веќе 18 години ќе размисли дали ќе влезе во политиката.
Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, во одговор на прашање дали ќе побараат предвремени парламентарни избори по завршувањето на претседателските, рече дека тие како опозициска партија побарале предвремените парламентарни избори да се одржат заедно со претседателските, но тоа не го дозволил коалицискиот партнер од албанскиот блок на премиерот Заев.
„Денеска се соочија со поддршката што ДУИ ја има кај Албанците, а таа е безвредна. Не тежат повеќе од 20 до 30 илјади гласови, а нема да поминат 40 илјади гласови. Од друга страна премиерот треба да се држи до неговиот збор, рече дека ако изгуби само со само еден глас ќе прогласи предвремени парламентарни избори. Затоа ќе почекаме да се пребројат гласовите и ќе го држиме за збор“, рече Села.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×