Првите месеци навестуваат рекордна година за Берзата
Објавено на од во Економија

_MG_6883 (1024x683)19 Годишна конференција на Македонска Берза

Прометот со акциите и обврзниците што се тргуваат на Македонската берза рапидно се зголемува во првите четири месеци од годината но подобро да не ставаме розови очила оти ќе ни го заматат погледот во далечина – ова е поентата од годишното обраќање на извршниот директор на Македонската берза, Иван Штериев, на годишната конференција што претходната недела се одржа во Охрид. За да ги илустрира позитивните движења на пазарот на капитал, Штериев сподели податоци со јавноста според кои над 82 милиони евра е вкупниот промет по сите основи крајот на април. За целата 2017 година, овој податок изнесува околу 77 милиони. Оптимисти за развојот и на пазарот на капитал но и економијата воопшто во своите говори беа и министерот за финансии Драган Тевдовски но и останатите учесници на конференцијата.

 

Прометот со акциите и обврзниците што се тргуваат на Македонската берза рапидно се зголемува во првите четири месеци од годината но подобро да не ставаме розови очила оти ќе ни го заматат погледот во далечина – ова е поентата од годишното обраќање на извршниот директор на Македонската берза, Иван Штериев, на годишната конференција што претходната недела се одржа во Охрид.

За да ги илустрира позитивните движења на пазарот на капитал, Штериев сподели податоци со јавноста според кои над 82 милиони евра е вкупниот промет по сите основи крајот на април. За целата 2017 година, овој податок изнесува околу 77 милиони.

Штериев истакна дека првото тримесечје годинава е најдобриот квартал во последната деценија, и како вкупен промет и како тргување во БЕСТ системот. Подобри перформанси немало од 2008 година.

Освен блок трансакциите на кои отпаѓа речиси 70% од прометот и коишто се пораснати за десет пати во споредба со претходниот квартал – расте и тргувањето со акции и обврзници во БЕСТ за 41%, односно 210%.

20z

Општото ценовно ниво продолжува да расте – МБИ 10 оваа година е пораснат за околу 16%, после ланскиот пораст од над 18%. Вкупните добивки на котираните компании, базирани на неревидираните годишни извештаи, бележат раст од над 6% и изнесуваат околу 196 милиони евра.

„Моментално е создадена добра комбинација на фактори што очигледно влијаат на берзанската динамика – силен позитивен пазарен сентимент, релативно долго времетраење на континуиран раст на цените, квалитетни перформанси на главните котирани компании, интензивна трговска раздвиженост кај најликвидните акции и репозиционирање на инвеститорите, сезонскиот ефект на одржувањето на собранија на акционери и исплатата на дивиденди, ниските каматни стапки, зголемените очекувања за пробив во евроатланските интеграции на државата, најавеното продолжување на задолжителната котација“, истакна Штериев.

Тој истакна дека уште долго време при анализите ќе требаат квалитетни очила, со прецизно измерена диоптрија за да може јасно да се видат проблемите и ограничувањата за понатамошен развој.

„Се уште мораме да бидеме свесни дека тргувањето и понатаму е концентрирано во едни исти финансиски инструменти, дека упорно има мал број нови емисии, воопшто нема јавни понуди и нови котации. Дека компаниите финансирањето на својот развој стратешки не го гледаат преку пазарот, дека корпоративното управување, транспарентноста и односот со инвеститорите не е на соодветно ниво, дека учеството на странците во прометот (исклучувајќи ги блоковите) е извонредно ниско, дека пазарот се повеќе го движат домашните retail инвеститори, дека финансиската писменост не е за пофалба, дека пазарната инфраструктура треба да се одржува, модернизира и да ги следи меѓународните трендови, дека кадровскиот потенцијал и деловната пракса на пазарните учесници треба да се унапредува“, изјави Штериев во Охрид.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во своето излагање ги посочи и новите закони за пазарот на капитал. Целта на законите е нивно усогласување со ЕУ регулативите. Новите закони се разгледувани и од страна на Советот за развој на капитал.

„Подготвуваме нова регулатива за пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони: Закон за пазарот на хартии од вредност и Закон за понуда и издавање на хартии од вредност. Ќе се овозможи воспоставување на нови пазарни сегменти и нови финансиски инструменти. Брокерските куќи ќе имаат можност да организираат сопствени пазарни сегменти, односно платформи за тргување со хартии од вредност под правила донесени од самите брокерски куќи. На пазарот ќе може да се тргува и со стокови деривативни инструменти и други структурни финансиски инструменти. Со тоа ќе се влијае на зголемена конкуренција помеѓу учесниците на пазарот, намалување на трошоците за тргување и поголема ликвидност на пазарот на капитал“, најави министерот Тевдовски.

На прашањето дали се очекува сериозен позитивен пресврт во делот на придвижување на економијата во нагорна линија Тевдовски вели дека бројките покажуваат дека е така. Македонската економија оди во позитивна насока. Индустриското производство во првите три месеци од 2018 година забележа раст од 5,2%, бројот на работници во индустријата во првите два месеца порасна за 6,1%, извозот на стоки во првите два месеца забележа висок раст од 24%.

“Македонија влегува во позитивна насока. Растот од 3,2% годинава е реално остварлив, што го потврди и Народната банка вчера. Нашата цел е многу повисока од оваа стапка на раст, но ова значи дека е крај на кризата, и полека се движиме кон посакуваните стапки. Системските политики се насочени кон отворање на нови и подобро платени работни места, поттикнување на инвестициите како домашни, така и странски, поттикнување на соработка помеѓу домашните и странските компании и прогрес во евроатланските интеграции“, изјави Тевдовски.

Според него најважен сигнал за економијата е довербата на странските и домашните инвеститори и тоа се гледа во најниската каматна стапка на еврообврзницата досега. Довербата беше очигледна и кај огромната побарувачка за првата 30 годишна државна обврзница издадена од Македонија, истакна Тевдовски.

Меѓу другото, министерот пред присутните истакна дека годинава и 2019 година нема да има промена во оданочувањето на капиталните добивки.

Оптимизам за економскиот развој

Во насока на развој и на пазарот на капитал но и економијата воопшто, надежите се полагаат во политичката стабилизација и позитивните движења кон евроатланските интеграции.

Но, универзитетскиот професор којшто беше еден од панелистите, Трајко Славески, рече дека е песимист дека Македонија може толку брзо да влезе во НАТО или ЕУ.

„Не сум сигурен дека таквите очекувања ќе се остварат сега. Јас сум песимист дека наскоро ќе станеме членка на НАТО. Затоа треба да се потпреме на домашните ресурси и тука да го бараме излезот“, кажа во панел-дискусијата Славескии додаде дека јасна е определбата на Македонија, и политичка и економска за интегрирање во ЕУ бидејќи најголем дел и од извозот завршува на европскиот пазар.

„Кога велам да ги искористиме домашните ресурси за развој мислам да одржуваме политичка и економска стабилност, да инвестираме во нова инфраструктура, подобрување на ефикасноста на институциите и владеење на правото. Тоа може да биде платформа за развој на приватниот сектор. Оптимизмот и довербата се пресудни фактори за инвеститорите да бидат сигурно во одлуките што ќе ги носат“, истакна Славески додавајќи дека структурните реформи не може да се направат преку ноќ меѓутоа се очекува да се постават на вистинските основи.

„Потребно е поголемо поттикнување на извозот, без оглед дали станува збор за домашни или странски компании. Особено би требало како држава да се фокусираме на компании што произведуваат производи со висока додадена вредност“, рече Славески.

22z

 

Заменик министерот за економија, Кире Наумов, истакна дека секоја влада носи одлука дали ќе води хоризонтална или вертикална индустриска политика, а оваа одбрала да не таргетира одредени индустрии или производи.

„Да видиме какви резултати ќе даде овој модел. Се поставува дилемата, што ако на пример третина од земјоделските субвенции би биле пренаменета во индустриска политика, претпоставката е дека далеку поповолно би влијаеле на раст на извозот и инвестициите. Односно, тие пари би биле покорисно искористени“, изјави Наумов додавајќи дека не може со сигурност да се тврди овој заклучок.

На берзанската конференција, иако беше најавен, не дојде актуелниот гувернер Димитар Богов. Но, тука беше еден од оние чие што име се спомнува за иден гувернер, Фатмир Бесими, кој во моментов е советник на премиерот.

„Нема една вистина дали е подобро да се дава државна помош на странски или домашни инвеститори. Странските директни инвестиции имаат исклучително значење за развојот на економијата, носат нови технологии и нови пазари. Клучот е тие да се поврзат со домашните фирми. Тоа не е едноставно, зашто странските инвеститори доаѓаат со свои добавувачи“, кажа Бесими, додавајќи дека дизајнирањето на индустриската политика со избор на сектори кои би се субвенционирале е покомплексен и поризичен зафат.

Тој истакна дека Македонија има индустриска политика на хартија веќе над 10 години, а како таков според него може да се смета и Законот за поддршка на инвестициите што неодамна го донесе оваа Влада со кој се предвидува буџетска поддршка за приватните компании од 50 милиони евра.

„Без оглед дали владата ќе одлучи да спроведува вертикална или хоризонтална индустриска политика, основно е да се работи на подобрување на бизнис климата, односно зголемување на предвидливоста, владеење на правото, функционирање на институциите“, истакна Бесими и додаде дека на Македонија и треба поголем економски раст за да може по брзо да ги достигне европските нивоа на развој.

Хрватските искуства во делот на државната помош ги презентираше Здеслав Шантиќ, главен економист на ОТП банка, укажувајќи дека ЕУ не е решение туку само инструмент за побрз економски развој.

„Колку ќе успеете зависи од тоа колку сте подготвени за промени. Хрватска вложи 3-4 милијарди евра во бродоградилишта, а потоа откако престанаа државните субвенции се покажа дека нема одржливост. Не треба да се плашите од длабински реструктурирања“, нагласи Шантиќ.

Тој истакна дека Хрватска имала краткорочни ефекти врз економијата по влезот во ЕУ како зголемување на извозот поради проширувањето на пазарот што е добро за мали и отворени економии.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×