Растат побарувачката и понудата на квалитетен деловен простор во Скопје
Објавено на од во Економија
Капитал анализира што се случува на пазарот за деловен и станбен простор?

Modern business center

Новите проекти кои се очекуваат во 2019 година ќе ја зголемат вкупната понуда на канцелариски простор за речиси 10% (за 24.000 м2), но не се очекува промена на висината на закупнините, велат од агенциите за недвижности. Потоа, во 2020 година се очекуваат уште 66.000 м2 само од новиот проект East Gate на просторот на поранешен Скопски саем. Во делот на становите градежниците велат дека мораториумот на градба во поедини општини во Скопје се’ уште е актуелна состојба, што го оневозможува реализирањето на нови проекти и можна е мало поскапување на квадратот на среден рок. 
37gВлезот на земјава во НАТО и забрзувањето на евроинтеграциските процеси се очекува да донесе економска раздвиженост и поголем наплив од инвестиции, особено странски, како што најавуваат креаторите на политиките, но и самиот бизнис сектор. Искуствата на земјите од регионов коишто го поминаа овој пат пред Македонија покажуваат дека доаѓањето на странскиот капитал, особено од ИКТ, финансискиот и другите сервисни сектори, секогаш ја зголемува побарувачката за квалитетен деловен простор.
„Побарувачката на деловен простор во Скопје е стабилна, со тоа што се забележуваат позитивни примери на раст и развој на побарувачката на квалитетни деловни простории од крајот на минатата и на почетокот на оваа година“, вели проф. д-р Ванчо Чифлиганец, генерален директор и сопственик на градежната компанија Адора инженеринг. Според него оваа тенденција е резултат на пристапот на државава во НАТО алијансата.
„На почетокот на 2019-та година, во Адора инженеринг имаме конкретни барања и зголемен интерес за купување и изнајмување на деловен простор во ексклузивниот деловен центар во новиот атрактивен комплекс Адора Flatiron во централната урбана зона на Скопје. Најголемиот дел од заинтересираните клиенти се странски фирми, а дел од нив се познати, афирмирани брендови од глобалната бизнис сцена. Сметам дека на оваа позитивна тенденција директен ефект има финиширањето на процесот за влез на Македонија во НАТО и напредокот на движењето кон евроатланските интеграции.“, вели Чифлиганец.
Во идните планови на Адора инженеринг не е предвидена изградба на објекти исклучиво со деловна намена, односно исклучиво со бизнис карактер, додава нашиот соговорник. „Нашите планови се насочени кон изградба на комбинирани станбено – деловни комплекси и објекти, во чии рамки секако дека ќе има простор осмислен како деловен центар со адекватни содржини.“
38gВремето за поврат на инвестиција во канцелариски простор е 11,5 години
Во консултантската компанија за комерцијални недвижнини FORTONMKA, пазарот на канцелариски простор го сметаат за стабилен, а како најактивни и главни двигатели ги детектираат локалните и веќе постоечките компании. Новите проекти кои се очекуваат во 2019 година ќе ја зголемат вкупната понуда на канцелариски простор за речиси 10% (за 24.000 м2), но не се очекува промена на висината на закупнините. Цените на закуп се движат од 11 до 15 евра/м2 за класа А канцелариски простор во централното бизнис подрачје и од  9 до 11 евра/м2 за класа А канцелариски простор во останатиот дел од Скопје. Додека, пак, за класа Б канцелариски простор, закупнините се позиционираат од седум до 10 евра/м2 во централното градско подрачје и од пет до седум евра/м2 во останатиот дел од градот. Времето за поврат на инвестиција за канцелариски простор е 11,5 години.
„Пазарот бележи зголемен интерес и потреба за инвестиција во проекти, т.н. ‘уредени за свои потреби’ или ‘Build-to-suit’ концепти според специфичните барања и потреби на потенцијален закупец. Проектот Skopje East Gate ќе понуди модерен канцелариски простор според ,,Build-to-suit” концептот со вкупна нето површина од 66.000 м2, распоредени во 5 кули“, велат консултантите од FORTONMKA.
Од компанијата додаваат дека со само 0,15% слободен простор од вкупната понуда на малопродажен простор од 105.157 м во трговските центри / молови, градот Скопје има голема потреба од малопродажни објекти од овој тип. „Најголемиот проект од овој тип во државата и ‘new generation mall’ ќе биде Skopje East Gate, со нето површина за изнајмување од 52.000 м2, ќе биде изграден и достапен на пазарот кон крајот на 2020 година. Интерес и потреба од ваков тип на малопродажни објекти има и во останатите градови во државата. Во врска со цените за закуп на малопродажен простор, тие се стабилни и изнесуваат 39 евра за м2 на главните локации во трговските центри – молови и 30 евра за м2 за малопродажен простор на главните пешачки зони. Заради рекордно нискиот процент на слободен простор во трговските центри, се очекува пораст на цените на закуп. Времето за поврат на инвестиција за малопродажен простор е 11 години”.
42g1

Пазарот за индустриски простор најбрзо растечки 

42gВо FORTONMKA потенцираат дека пазарот на индустриски простор е меѓу најбрзорастечките во индустријата. Најголем број од инвестициите во индустриски простор се концентрирани во индустриските зони околу главниот град Скопје и во слободните индустриски зони, кадешто инвеститорите уживаат низаданочни бенефиции. Нови 106.000 м2 индустриски простор се во изградба (започнати во 2018 година), а процентот на слободен простор во постоечките капацитети е околу 30%. Закупнините на индустриски простор во голема мерка зависат од големината и состојбата на просторот, како и од локацијата, па тие се движат помеѓу 3,5 до 5 евра/м2, а во одредени зони и специфични индустрии цените на закуп се и повисоки. Времето за поврат на инвестиција за индустриски простор е осум години.
 “Пазарот на инвестиции дава позитивни сигнали и влева доверба за периодот којшто следува. Сепак, стапките на принос сè уште заостануваат во однос на регионалните центри во Србија, Бугарија и Романија, како што се Белград, Софија и Букурешт”, заклучуваат во FORTONMKA.
 

40gЦените на становите остануваат стабилни
На среден рок можно поскапување на становите доколку не се откочи издавањето дозволи од општините за нови градби
На територијата на Град Скопје, во текот на 2018 година се издадени 4.219 одобренија за градба на станбени единици, од кои најголем број на одобренија – 1.380, се издадени од општина Аеродром, по којашто следува општина Центар, со издадени 1.072 одобренија за градба. Овие бројки за издадени одобренија за градба во главниот град за минатата година  беа соопштени на прес конференција на FORTONMKA, консултантска компанија за комерцијални недвижнини. Што се однесува до станбениот сегмент, просечната нето цена по метар квадратен во Скопје е највисока во општина Центар и изнесува 1.062 евра/м2, потоа во општина Карпош – 1.022 евра/м2, по коишто следуваат општините: Аеродром – 909 евра/м2, потоа Кисела Вода – 884 евра/м2, Чаир – 790 евра/м2 и општината Ѓорче Петров со просечни 780 евра за м2. Пазарот ги диктира и типовите на становите – најбарани се станбените единици со помали квадратури, од 36 м2 до 52 м2, односно од 53 м2 до 67 м2.
“Цените во Скопје ќе останат стабилни. Но, доколку продолжи забавувањето на градежните активности, се очекува пораст на цената на станбениот простор на среден рок. Инаку, традиционално, пазарот на станбен простор во македонската престолнина е стабилен и влева доверба кај потенцијалните инвеститори. Тоа е поткрепено и со показателот за процентот на нефункционални станбени кредити, којшто е под 2%, додека овој процент на корпоративно ниво е позициониран на приближно 10%”, изјави Влатко Богоевски, извршен директор на FORTONMKA.
Д-р Ванчо Чифлиганец од Адора инженеринг, вели дека, мораториумот на градба во поедини општини во Скопје, с$ уште е актуелна состојба, што го оневозможува реализирањето на нови проекти и градбата на нови објекти во високата градба.
„Очекувам овие состојби наскоро да бидат надминати и изградбата на нови објекти во високоградбата да продолжи на еден поконтролиран начин со постудиозен и посовремен концепт. Не би можел да коментирам за целокупниот пазар на недвижности во Македонија, но кај нас во Адора инженеринг с$ уште има голема побарувачка на висококвалитетни, стабилни и естетски дизајнирани недвижности, што е наш препознатлив стил и имиџ. Се надевам дека во најскоро можно време ќе се создадат поволен амбиент и можности за нашата примарна дејност, градежништво, висока градба, со што ќе можеме да ги задоволиме потребите на купувачите и побарувачката за нови домови и деловни простории, со оглед на тоа што моментално во Адора инженеринг речиси нема непродадени станови. “, вели Чифлиганец.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×