Револуцијата на Amazon
Објавено на од во СВЕТ БИЗНИС

jeff-bezos 950 WEBВо почетокот беше Безос, а со него сега почнува листата со најбогати на светот

Компанијата основана во 1994 година од сега најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, не престанува да наоѓа нови начини да се шири, и тоа така што станува сѐ поважен играч на многу пазари

Никој не може да каже дали компанија како Amazon ќе постоеше денес ако нејзин создател не беше Џеф Безос. Дали ќе се појавеше друг претприемач со идеја што од корен ќе го променеше начинот на пазарување? Можеби, но факт е дека токму Безос го претвори името Amazon во апсолутен синоним за електронска трговија. Неговата компанија воопшто не остана електронска продавница за речиси секој производ, туку стана и производител, и провајдер на услуги „во облак“, синџир за органска храна, платформа за стриминг …

Продажбата на Amazon расте со голема брзина – ако во 2016 година беше 136 милијарди долари, веќе изминатава 2017 заврши со 177 милијарди. Како резултат Безос стана најбогат човек на светот.

AmazonGosideentrance WEB 950

Во 2017 Amazon направи уште еден иновативен скок со претставувањето на проектот Amazon Go – офлајн продавницата од новото поколение, што ја тргнува настрана услужната единица „човек“ и ја заменува со „телефон“. Претпоставките се дека Amazon Go има потенцијал тотално да го промени начинот на кој секој од нас купува храна

Безос на 30 години, во 1994 година, го „раѓа“ Amazon

Џеф Безос го стартуваше Amazon во 1994 година, и две идеи стојат во основата на денешниот гигант, кој 24 години подоцна дефинитивно го промени светот, водењето бизнис, размената на информации, корисничките навики, и продолжува да води до нови и нови трансформации. Во 1994 година Безос го земал предвид фактот дека користењето на интернетот растело за 2300% годишно, и оти никаде немало милиони наслови на едно место, до кои корисниците ќе имаат пристап, па му се родила идејата за Amazon, како за онлајн книжарница.

Тогаш Безос имал 30 години, и веќе ја почнал кариерата во финансискиот свет на Њујорк. За да се впушти во авантурата Amazon, требало да одлучи дали да ја зафрли работата и да ризикува.

„По многу размислување го избрав понесигурниот пат – да ја следам својата мечта, и горд сум на тој избор“, вели години потоа, во говор пред студентите на Принстон (2010 година).

Бизнисот почнува од гаражата на Безос, а лично тој ги превезувал првите пратки до поштата.

„Можеби некој ден ќе може да си дозволиме виљушкар“, изјавил основачот на Amazon подоцна.

На почетокот компанијата продавала само книги, како нешто што лесно се складира, не се расипува и има правилна форма. Кога тргнал бизнисот со книгите, Amazon во својот асортиман вклучил и музички и видео дискови. Барајќи нови можности за својот бизнис, Безос ги прашувал клиентите што уште би сакале да можат да купуваат на интернет. Еден од нив му одговорил дека му требаат бришачи за шофершајбната на неговиот автомобил, и би сакал Amazon да продава таков производ.

Како што подоцна изјавил Безос, овој одговор силно одекнал во неговата глава, а тоа е моментот во кој станал сигурен дека луѓето ќе го користат новиот начин на е-трговија за да купат апсолутно сѐ.

Amazon-Echo-6498 WEB 950

Amazon беше и првата компанија што го осозна потенцијалот на гласовниот асистент (Alexa), за да создаде паметен звучник (Echo). Ова беше почетокот на целосно новиот бизнис за паметни уреди за контрола на/во домот

Amazon станува трговец на сѐ

Постепено Amazon го рашири својот бизнис до степен кога реално стана трговец за сѐ. По книгите и дисковите дојдоа услугата за симнување MP3, аудиокниги, игри, софтвер … Па, потоа и физичката продажба на играчки, на облека и на обувки, на спортски продукти, на различни производи за домот, на техника … Компанијата почна да го произведува и читачот на е-книги Kindle, како и таблети и уреди за телевизија, Fire TV. За некои основни производи го лансираше и сопствениот бренд, Amazon Basics. Компанијата е најголема на светско ниво како провајдер на cloud услуги, и е најголем електронски трговец во светот, мерено според пазарната капитализација и обртот.

За револуционерен чекор се смета навлегувањето на Amazon во трговијата со храна – бизнисот во кој брзината, квалитетот на испораката и добрата логистика се со клучно значење. Во 2008 година, компанијата претстави бета верзија од услугата и почна да го тестира моделот преку Amazon Fresh во Сиетл. Но, вистинскиот развој се случи во 2013 година, кога почна да го шири присуството во поголемите градови на САД: Њујорк, Сан Франциско, Лос Анџелес … Во средината на 2016 година, Amazon почна да доставува и до домовите во Лондон.

Во 2017 Amazon направи уште еден иновативен скок со претставувањето на проектот Amazon Go – офлајн продавницата од новото поколение, што ја тргнува настрана услужната единица „човек“ и ја заменува со „телефон“. Во промотивното видео е покажано дека пред да влезе во продавницата, клиентот треба да ја инсталира апликацијата Amazon Go; при влегување само треба да помине/да се пријави на специјален читач за мобилни уреди, и да почне да купува. Секој производ што корисникот ќе го стави во торбата/кесата за пазарување, автоматски е фатен од сензор, а неговата цена оди на сметката на корисникот. Откако ќе заврши со шопингот, клиентот едноставно си излегува од продавницата, без да се реди во опашка на каса, без да посега по пари или картички во паричникот. Апликацијата на неговиот мобилен телефон ја пресметува крајната сума и ја повлекува од сметката на клиентот. На излегување тој добива порака со својата фактура.

Пилот проектот одново е во Сиетл, а соодветната продавница не е многу голема – има нешто над 150 квадратни метри, и нуди леб, сирење, млеко, овошје и зеленчук, пакувана основна свежа храна. Иако не е потврдено, проектот најверојатно нема да остане во границите на САД. Guardian објави дека во Велика Британија е веќе регистриран брендот Amazon Go; што значи дека во одреден момент продавница на иднината ќе биде отворена и во, да речеме, Лондон. Претпоставките се дека Amazon Go има потенцијал тотално да го промени начинот на кој секој од нас купува храна.

sovrn i 2 summit 2015

Бен Томпсон, на свој блог Stratechery, ја опишува филозофијата на Џеф Безос како делење на трговијата на одделни парчиња Lego коцки, што Томпсон ги нарекува „основи“ …

Многу повеќе е од онлајн бизнис

За своите, сега веќе 24 години историја, Amazon навлегуваше од сектор во сектор и го менуваше, дури и ако тоа значеше да ги урне сите познати структури во него, пишува Fast Сompany, објавувајќи ја компанијата за најиновативна корпорација во светот за 2017 година. За разлика од Apple, од Google, од Microsoft …, Amazon не настојува да има сопствен, речиси затворен екосистем од апликации и услуги, а користи одделни платформи, од кои секоја ги опслужува сопствените клиенти на најдобриот начин.

„Корисниците се лојални до моментот кога некој ќе им понуди подобра цена, што многу ми се допаѓа, зашто е супермотивирачки за нас“, вели Безос.

Експериментите во различни области често на Amazon му даваат можност да создаде успешен модел. Пример е marketplace платформата на компанијата – преку големото искуство од онлајн трговијата, во еден момент Amazon реши да дозволи секому да продава што сака преку сајтот на компанијата (на Amazon). Изградената логистичка база на компанијата може да биде користена од секој надворешен трговец – секако, за определена цена. Cloud услугите, Amazon Web Services, што беа создадени за потребите на компанијата, веќе се бизнис од 13 милијарди долари (податок за 2016 година). Меѓу клиентите се современите технолошки симболи, како Airbnb и Netflix.

Amazon беше и првата компанија што го осозна потенцијалот на гласовниот асистент (во случајов компанискиот, Alexa), за да создаде паметен звучник (Echo). Ова беше почетокот на целосно новиот бизнис за паметни уреди за контрола на/во домот. Безос инвестираше милиони во стартапи за гласовна контрола, кои додаваат нови и нови функции на Alexa.

Невладината организација Institute for Local Self-Reliance направи истражување на почетокот на 2017 година меѓу 3.000 независни бизниси во САД, и резултатите јасно покажуваат како е ефектот од Amazon. Како најголема закана тие не ги сметаат големите синџири, високите кирии за деловен простор или недостатокот на квалификуван кадар, туку онлајн гигантот.

Но, целта на Amazon воопшто не е да ги уништи трговците на мало. Амбицијата на Безос е многу поголема. Пример е зделката за синџирот на органска храна, Whole Foods, за 13,7 милијарди долари, со која им беа фрлени ракавици в лице на водечките синџири хипермаркети. Пример беше паѓањето на акциите на гиганти како Wal-Mart по објавувањето на преземањето. Безос допрва ќе го интегрира бизнисот на Whole Foods за да измисли нови модели што тотално ќе го сменат пазарувањето храна.

Аналитичарот од областа на технологијата, Бен Томпсон, на свој блог Stratechery опишува многу корисен модел преку кој може да се разберат амбициите на Amazon, коментира NewYorker. Според него, филозофијата на Џеф Безос е да ја подели трговијата на одделни парчиња Lego коцки, што Томпсон ги нарекува „основи“. Некои од нив се насочени кон бизнисот – cloud сервери, бази на податоци, складишта, камиони за достава … Други кон корисниците: книги, музика, облека и т.н. Amazon прави пари дозволувајќи им на своите клиенти да ги комбинираат овие „основи“ на невообичаено комфорен и ефективен начин. Така, еден трговец може да ја управува целата своја компанија преку екосистемот на Amazon, користејќи cloud и испорака од складиштата на онлајн гигантот. Според Томпсон, преземањето на Whole Foods му овозможува пристап на Amazon до нови „основи“ во делот на храната, како овошје, зеленчук и месо. Тоа, пак, ќе овозможи во иднина Amazon да лансира и други нови услуги, преку кои земјоделците/малите производители ќе можат да ги продаваат и да ги складираат своите производи. Рестораните, пак, ќе можат да наплаќаат од нив. Ваков еден модел воопшто не изгледа неверојатен и тешко достижен. И е соодветен на начинот на мислење и на бизнис филозофијата на Безос. Како што и самиот тој вели: „Ја имам најдобрата професија во светот, зашто можам да работам во иднината“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×