Само ЕУ може да нè спаси од монополите!
Објавено на од во Економија

Features to Consider for Your how to set up chess pieces pertainВладата тактизира со целосна либерализација на Пошта и Железница

Слободниот пазар и слободната конкуренција  се темели на коишто се потпира филозофијата на европската економија.
Европската комисија не толерира постоење на монополи во ниту една дејност, а камоли во случаи каде што како сопственик на ваквите монополи се јавува самата држава односно Владата каква што е ситуацијата со некои сектори во Македонија.
Пазарот со електрична енергија целосно се либерализира, но Македонски железници и Македонски пошти остануваат пример за државни компании - лавиринти за партиски вработувања и сомнежи за криминал и корупција, како и и за испорака на неквалитетни услуги за граѓаните. „Капитал“ анализира кој ги кочи реформите во овие сектори.

                         

пишуваат:
Катерина Синадиновска
Александар Јанев
Неколку сектори во македонската економија како што се поштенските услуги, и железничкиот транспорт, се уште се затворени за влез на конкуренција и се монополи на пазарот. Наспроти сите сугестии од Европската Унија,  либерализацијата на овие пазари се пролонгира со години. Најдалеку, односно во последна фаза е целосна либерализација на енергетскиот сектор.

Уставот исто така го гарантира слободниот пазар и конкуренцијата во земјата.

10vВо членот 55 пишува дека „се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето”.

Економистите коментираат дека одложувањето на процесот на либерализација на неколку пазари, кој што требаше да обезбеди влез на нови играчи на пазарот покажува дека државата свесно ги штити монополите на штета на граѓаните бидејќи монополската положба на компаниите продуцира нереално високи цени на производите и услугите од една страна, и слаб квалитет од друга.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, вели дека либерализацијата е неминовно да се случи бидејќи е здраво да постои конкуренција на пазарот и тоа според него најголемата придобивка на демократијата.

„Јасно е дека определба на демократијата, на пазарната економија и на патот на којшто сме тргнати кон ЕУ а сега веќе и во НАТО, значи да не постои повеќе монопол на пазарот. Така и овие монополи како што во поштенските услуги или железничкиот транспорт ќе мора да се отворат за конкуренција. Ние имаме план тоа да се случи во следните години. Свесни сме за забелешките на Европската Унија за монополската позиција на некои компании во одредени сектори и во текот на преговорите ние овој проблем ќе го решиме со либерализација на пазарот. Македонска Пошта не може да остане монопол и треба пазарот да се ослободи за оператори коишто ќе се занимаваат со таа дејност. Во железничкиот транспорт исто така се уште има монопол и со тек на време и овој сектор мора да се либерализира“, вели Анѓушев.

33745937560_3aaf831389_bТој вели дека постои ризик државните компании коишто сега се монополи да се соочат со финансиски проблеми во услови на конкуренција но според него,  сите мора да се навикнат на пазарна економија.

„Парадоксот е што мислејќи дека ги штитиме државните компании ние всушност ги уништуваме, тие стануваат троми компании и без конкуренција не покажуваат никаква инвентивност како да ги подобрат своите услуги. Нема друг начин како да го натерате менаџментот да работи подобро освен да му направите конкуренција“, вели вицепремиерот Анѓушев.

Според него, либерализацијата на пазарот е суштинска за да обезбеди конкуренција односно подобри услуги и пониски цени за граѓаните, а како примери ги  посочи секторите телекомуникации и енергетика.

„Порано кога само една компанија имаше на телекомуникацискиот пазар, цените беа многу повисоки, еден мобилен телефон чинеше околу илјада германски марки, додека денес, во услови на конкуренција, компаниите буквално се натпреваруваат за клиенти со што пониски цени. Во делот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, од моментот кога компаниите почнаа сами да се снабдуваат со струја цените се намалија за околу 40% и се проценува дека со тоа се заштедени околу 200 милиони евра коишто фирмите ги инвестираа за нивен развој. Што се однесува за граѓаните, реалната пазарна цена на струјата е повисока од онаа што ја добиваат граѓаните преку универзалниот снабдувач кој со закон ќе ја дистрибуира до домаќинствата струјата произведена во Македонија. На тој начин ќе ги заштитиме граѓаните да плаќаат пониска цена за струјата“, истакна Анѓушев.

Инаку, либерализацијата во енергетскиот сектор се заокружува годинава со последната фаза која предвидува и малите фирми и граѓаните да се снабдуваат со струја на слободниот пазар иако и во овој сектор неколку години се пролонгираше влезот на конкуренција со изговор дека ќе го наруши стандардот на граѓаните.

Од ЕУ отворено предупредуваа дека либерализацијата се одложува за да се продолжи монополската позиција на еден голем играч на енергетскиот пазар.

Една од главните забелешки во редовните извештаи на Европската Комисија секоја година е и слабиот напредок во функционирањето на пазарна економија притоа забележувајќи на преголема инволвираност на државата на пазарот преку субвенции и државна помош.

 

14vМакедонски пошти е претворено во “дувло“ на ДУИ

А државата е целосно изложена и во финансирањето на Македонски пошти – каде што се јавува како сопственик на ова државно претпријатие што ужива позиција на монопол.

Кога во 2008 е формирана Агенцијата за пошти, Владата на Никола Груевски ветила пред европските партнери дека во 2012 ќе се отвори пазарот на поштенски услуги и ќе се стави крај на монополот.

Единаесетта  година подоцна – ниту пазарот се либерализира, ниту Агенцијата што е замислено да биде регулатор реално може да си ја извршува својата работа и да го оправда постоењето.

Новата директорка на Аегнцијата, Билјана Аврамовска Ѓореска сепак ветува засилена активност оваа година:

„Целосното отворање на пазарот требаше да настапи  на први јануари 2012-та и од тогаш до денеска е четири пати пролонигран и сега послендиот рок е први јануари 2020. Агенцијата за пошти смета дека е неопходна либерализација на пазарот и ова мислење ни е и документирано и наративно пфренесено до сите надлежни институции. Третата европска директива наложува целосно отворање на пазарот кај сите земји членки, вклучително и кај земјите кои се во процес на преговори. Европската Комисија во извештајот за напредокот на земјата кажува дека не сме усогласени со европските директиви и во однос на ова прашање и за прашањето за посебно сметководство што е основа за обезбедување на универзална услуга во услови на либерализиран пазар.“ вели таа.

Македонска пошта како монопол во дејност на јавни услуги, не е во државна, оти тоа може да значи дека газда и’ е Парламентот, туку е токму во директна владина сопственост, што е единствен ваков случај во Европа.

Во 2017 та ова акционерско друштво прави загуба од три милиони евра, а Владата со парите на граѓаните продолжува да ја одржува во живот.

Пред Европската комисија се ветува дека од први јануари годинава пазарот на поштенски услуги конечно целосно ќе се либерализира, но на 31 декември минатата година Собранието прави измена на законот, со што на монополот му купува и обезбедува нова година на заробен пазар.

За директорот Ејуп Рустеми фактот што во очи на Нова Година се прават овие законски интервенции со јасна цел, не е проблем, оти според него, либерализација сега и не ни треба – ќе сме се либералзиирале кога ќе сме станеле официјално дел од ЕУ:

„Според третата директива на ЕУ тоа е предвидено за кога ние како држава ќе бидеме полноправна земја членка. Тоа значи дека целосна либерализација ни треба за тој пазар на ЕУ, за сите членки да имаат еднакви услови за пазар на поштенски услуги. Бидејќи ние се уште не сме членка на ЕУ, зошто треба да брзаме со целосна либерализација на пазарот?“ вели тој.

Во македонски пошти вработени се 2265 луѓе со што оваа компанија е меѓу најголемите работодавци во земјава. Рустеми вели дека не се пренатрупани со кадар и дека сите вработени им се потребни. Но, Извештаите на Транспаренси Интернешенал говорат дека потребата од овие вработени не е во функција на компанијата, туку на партијата ДУИ – невладината забележува дека со години преку платите на вработените во пошти се финансирале и кампањите и самата партија на Ахмети:

1323811778-Skopje-4„Сите вработени ни се потребни. Секоја година ангажираме ревизорска куќа која се избира од страна на Влада, но присутен и Државниот завод за ревизија. Не велам дека лажат, точно е дека имаше и кражби во Македонска пошта, но тоа е се’ пријавено и не е наша надлежност да ги најде сторителите, тука е МВР и другите институции“, вели Рустеми.

За инвестиции во македонски пошти според нашите информации заинтересирани се сериозни фирми од Австрија, Белгија и Холандија. Сите тие нестрпливо го чекале 1 јануари годинава, но ако го земеме предвид ставот на Рустеми, веројатно ќе треба да си почекаат додека не ги завршиме преговорите, оти сосема е за очекување и следниот 31 декември Собранието да купи уште една година плус.

Европската Унија очигледно има разбрано со што и со кого си има работа, па токму во ова поле почнува од март годинава почнува твиниг проект за зајакнување на Агенцијата за пошти. Евжксперти од Шпанија веќе се дојдени во земјава од декември и со 600 илјади евра ЕУ ќе работи на појака регулација и на самиот процес на либерализаицја на пазарот

„Проектот е со траење од 18 месеци и започна на 3 декември со моето доаѓање тука. Јас сум регионален твиниг советник и тоа е лице за врска помеѓу експертите од Шпанија и корисниците на проектот во Македонија. Почнати се првичните активности, а тоа е изработка на првичниот план на работа. Официјално со активна работа почнуваме на први март когаод Шпанија ќе дојдат првите експерти тука и ќе работат со луѓето од Агенцијјата и од останатите институции, како што е Министерството за транспорт и врски за да почнеме да работиме на проблематиката за којашто и сме дојдени овде.“, вели Ева Пикос.

Инаку, реформите во поштенскиот сообраќај се регулирани во Поглавјето 3 од преговорите со Европската Унија – право на основање и слобода на давање услуги.

 

13vЗаконот го штити монополот во Железници

Во меѓувреме, монополска позиција се одржува и за Македонски Железници Транспорт.

Приватни домашни и странски правни лица ќе можат да вршат железнички превоз на патници и на стока, по овие пруги, откако Република Македонија ќе влезе во Европската унија. Ова е членот од законот кој ја спречува либерализацијата на железничкиот сообраќај.

Овој член од Законот за железнички систем донесен во 2012 година и понатаму го отвора прашањето дали Македонија, која е клучна нишка од Коридорот 10, треба да остане затворена за влез на нови компании кои ќе ги нудат овие услуги. Во моментов, МЖ-Транспорт АД е единствениот железнички оператор за превоз на патници и товари.

Дејан Трпевски кој е експерт за железнички систем вели дека немањето на конкуренција си го прави своето;

„ Квалитетот на услугите кои што се нудат од постоечкиот државен оператор е на многу пониско ниво од потребното и затоа индустријата, поготово во товарниот сообраќај бара алтернативни решенија, а тие алтернативни решенија се камионскиот превоз. Камионскиот превоз е можеби пофлексибилен од железницата, но тој е поскап, делува повеќе на загадувањето на животната околина, а со тоа придонесува и за дополнително зголемување на трошоците за компаниите. Цената на превозот во крајниот производ учествува со дури 15 посто во одредени производи. Значи ако вие имате поевтин превоз ќе бидете поконкурентни на самиот пазар. Железницата како кичма на стопанството е главниот мотор на стопанството. Ако имате лош железнички систем стопанството не може да напредува. Со либерализација на пазарот на железнички услуги во Македонија ќе се создадат алтернативи за бизнис заедницата за бирање на транспортни средства, ќе ги намалат сопствените трошоци и ќе бидат многу поконкурентни на странските пазари“. вели тој.

Од железниците во регионот, единствено македонската не е либерализирана и експертите велат дека штом еднаш се сменат рутите, а тоа може да се случи поради исклученоста на Македонија од системот, многу тешко може да се вратат повторно. Затоа Трпевски апелира да се побрза со отворање на овој пазар и пред влезот во ЕУ бидејќи инвеститорите сè уште се заинтересирани за влез во овој сектор:

„Приватните оператори не се откажуваат од работата во Македонија затоа што земјава е само мал дел од Коридорот 10, 200 километри. Веќе се прават големи инвестиции во земјите во регионот во Грција, во Србија имате веќе 7-8 приватни оператори таму имате огромна должина на пруга и е многу поатрактивна, меѓутоа без Македонија како чворна држава на Балканот либерализацијата не може да го има целосниот ефект. Не може ние да бидеме кочничари на целиот развој на целиот регион Железницата не е бизнис кој што се работи само во границите на една држава, тоа е бизнис кој што зафаќа поголеми простори и не може овој бизнис да се гледа во сегментите на границите на една држава“.

И според директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани либерализацијата е единствен начин ова државно претпријатие да ги покрие загубите и да им се понуди квалитет и пониски цени на компаниите.

„Јас неколку пати имам кажано дека неразбирлива е оваа ситуација и дека не трпи само Инфраструктура, туку со оваа забрана за влез на други оператори, како што покажале и  студиите и праксата губи и целата компанија Македонски Железници Транспорт, значи губиме сите. Ако немате доволно транспорт, а имате капацитети за да го подигнете нивото на транспорт барем за десет пати со постоечката инфраструктура тогаш загубите се огромни. Со либерализацијата ние би ги подигнале нашите капацитети и многу повеќе.“ вели тој.

И во Националната транспортна стратегија 2018-2030 се констатира дека отсуството на  либерализацијата го отежнува функционирањето на МЖ Транспорт. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески вели дека иако  време, Владата се подготвува за отворањето на пазарот:

„Во законот е јасно пишано дека либерализацијата ќе се случи со влез во ЕУ. Но, ние веќе се подготвуваме со она што ќе значи реално реконструкција, одржување и изградба на железнички пруги по двата коридора и 10 и 8. Се прават и одредени студии и анализи што ќе бидат во најкус рок завршени.

Министерот додава дека и подготовката на државните претпријатија и на железничката мрежа ќе завршат во најбрз рок со цел земјата да биде подготвена пред да се смени членот од законот кој го држи пазарот затворен.

Во извештаите на Европската комисијата за напредокот на земјава во поглавјето Транспортна политика со години се провлекува истата препорака Земјата да се фокусира на спроведувањето на мерките за поврзување на железницата и отворање на пазарот на железнички транспорт. Пред воведувањето на одложена либерализација, овој пазар законски беше отворен и интерес за влез во него тогаш покажаа чешката „Локо Транс“ и Словенечки железници.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×