САМОЕЛ ЖБОГАР: НЕСПОСОБНОСТА НА ПАРТИИТЕ ДА СЕ ОБЕДИНАТ ОКОЛУ СТРАТЕШКИТЕ ЦЕЛИ Е ВАШАТА НАЈГОЛЕМА СЛАБОСТ
Објавено на од во Интервју

ZbogarСамоел Жбогар
евроамбасадор

Има повеќе области во коишто Македонија треба да ги засили реформите, но најголема слабост на општеството е поделеноста и политичката поларизација, вели амбасадорот на Европската Унија, Самоел Жбогар во интервју за новата телевизиска емисија посветена на евроинтеграциите, Агенда 35, што се емитува на МРТВ. Жбогар смета дека токму процесот на т.н помирување што е во тек е начин како да се надмине оваа поделеност, но притоа, мора да се има предвид дека тенка е линијата помеѓу овој процес и функционирањето на правната држава

 

Г. Жбогар, кои се клучните придобивки за македонските граѓани од процесот на преговори со ЕУ?

Ќе го почнам одговорот со прашање – Што луѓето сакаат од своите животи? Сакаат добра работа, добри училишта за своите деца, добар здравствен систем, чист воздух, сакаат нормален живот. Зошто толку многу луѓе се селат? Оти ги немаат тие услови тука, па ги бараат надвор, најмногу во земјите членки на ЕУ. И се разбира, сакаат живот што не е толку оптоварен со политика, како тука. И токму за ова се самите преговори. Затоа, мнозинството граѓани сакаат да ја видат земјата како членка на ЕУ, наместо еден по еден да стануваат граѓани на ЕУ преку миграција.

 

Значи не се работи всушност за интеграција на Македонија во ЕУ, туку за носење на европските вредности тука!?

Да, и начинот на живот, тој нормален живот за кој што зборувам да се донесе тука. И процесот на преговори е патот што води дотаму. Низ преговорите земјата веќе де факто станува членка, почнува да функционира како земја членка, уште пред формално тоа и да стане, затоа што нештата почнуваат да се менуваат и животот станува нормален. Институциите почнуваат да функционираат, имате засилени инспекции во училиштата, храната, воздухот, околината. И токму ова е сржта, јадрото на преговорите.

 

Но, во овој процес на имплементација, па и во процесот на преговори има слабости. Како македонските институции да го обезбедат ова? Каде ќе бидат најголемите пречки, во кои области?

Најголемата слабост што јас ја гледам, особено во овој период е неспособноста на политиката да се издигне над партијата и да го гледа државниот интерес. Овие недели се одлучува за иднината на земјата. И слабост е што некои политичари не го гледаат стратешкото значење на моментот.

 

Мислите големата слика и интересот на земјата?

Да, не ја гледаат големата слика. И оваа поларизација во општестсвото е болна и ова мора да се решава. Нормално е политиката да креира поларизација и поделба, но политиката и политичарите мора да обединат околу стратешките цели, да ја обедини земјата. Ова ја слабее државата, но и преговарачките позиции. И ова е најголемата слабост што јас ја гледам. Се разбира, ако конкретно прашувате каде се најголемите слабости, тогаш тоа секогаш е владеењето на правото. Тоа е најтешкото прашање во сите држави и земји кандидати. Тука гледаме подобрување, но правосудството е суштината. Граѓаните мора да ја вратат довербата, тоа е важно за инвеститорите кои ќе доаѓаат тука, ја зајакнува целата земја. Затоа сакаме да видиме правосудство со повеќе самодоверба…

 

Независност?

Да биде поотпорно на политички влијанија и да не се самоцензурира. Да си го спроведува владеењето на правото со повеќе самодоверба.

 

Го споменавте владеењето на правото. Кога зборуваме на темава, очигледно во нашата земја во моментов има паралелни два процеси – од една страна процес на т.н политичко помирување и од друга имплементација на владеењето на правото преку судските процеси кои се во тек. Мислите ли дека е возможно овие два процеси да се одвиваат без да се исклучат еден од друг?

На правдата треба да и се даде време и простор за да работи. Неодамна видовме дека политичари јавно споменуваат имиа на судии и обвинители, ги обвинуваат, им се закануваат. Тоа е загрижувачки. Правосудството мора да застане зад нив. Од нас ја имаат целата наша поддршка. Тие мора да си ја работат работата и ние секогаш ќе зборуваме против политички притисоци и мешање во судството. Помирувањето е исто така неопходно. Претходно ја споменав поларизацијата во општеството. Има потреба од овој процес. Се разбира дека тенка е линијата помеѓу помирувањето и одговорноста. Зборував со членовите на Телото за помирување, Ременски и Александрова и мислам дека ќе најдат вистински начин.

 

Што нема да го уништи патот кон ЕУ?

Да, треба да се спроведе помируѕвањето што е неопходно, а во исто време да се запази функсионирањето на судството и правдата.

 

Да, оти токму одговорноста беше еден од приоритетите споменати летоска во заклучоците од Советот на министри. Во Македонија имаше големо разочарување кога бевме сместени во иста група со Албанија. Не само властите, туку и граѓаните сметаа дека решавањето на спорот за името ќе е доволен чекор за почеток на преговори. Имаше различни мислења и во самите земји членки. Кој е Вашиот став?

Два елементи има тука. Прво, ја споменавте Албанија. Во целиот регион, има еден проблем – секој мисли дека е подобар од другиот, од соседот…

 

Јас ова ова го споменав повеќе од аспект на спорот за името, не дека ние баш ги имаме задоволено сите критериуми, туку дека кога се реши спорот…

Да, да, Ве разбирам. Но, го искористив ова, оти навистина сите во регионот мислат така.

 

Па и Вие сте од регионот, знаете многу добро…

Да.. И вистината е дека е во сечиј интерес секој да е успешен, ако имате стабилен сосед и вие сте стабилни, регионот мора да работи заедно и да се повлекува заедно нагоре. За одлуката од јуни, разбирам дека имаше разочарување во општеството. Навистина беа направени големи чекори , од аспект на големата жртва што земјата ја направи со решавањето на спорот. Министрите ја препознаа големата промена што беше направена и во реформите, но истовремено мислеа дека потребни се и повеќе реформи. Да, споменавте дека имаше различни мислења помеѓу семјите членки, но на крајот сите се согласија дека условите се спроведување на Договорот од Преспа и реформите. Охрабрувањето беше дадено, ние сме подготвени да дадеме преговори, ова треба да го сработите дотогаш.

 

А нештата што треба да ги сработиме се всушност во наш интерес.

Точно. Граѓаните честопати мислат, а политичарите тоа го користат дека нешто треба да се сработи поради ЕУ. Не, тоа е поради самите граѓани. И кога ме прашуваат дали направивме доволно реформи, јас велам дека треба да ги прашам граѓаните, ако тие се среќни и ЕУ ќе биде. Овој процес е само мотор што ќе и’ помогне на земјата да се направат тие реформи.

 

Зборувавме за македонскиот интерес од интеграциите. Имајќи ги предвид последните геополитички случувања, кој е интересот на самата ЕУ? И каков сигнал и порака тоа ќе прати за регионот и за Европа?

Договорот од Преспа сам по себе е огромна порака и лекција за регионот и за Европа. Во овој Договор гледаме посветеност, одлучност, храброст, гледаме како државата и луѓето се подготвени да ја стават државата пред сопствените интереси. И пораката до сите држави е дека и оние проблеми кои ги имаат и траат долго можат да се решат, ако ги имате овие елементи. Тоа е за регионот. Но, истото важи и за Европа. Европа е пред многу предизвици во последно време…

 

Во суштина имате борба на политички концепти идеологии во ЕУ и меѓу земјите членки. Од една страна, имате лидерства кои промовираат европските вредности и демократски принципи, а од друга, такви кои се отворено и директно против нив. Загрижени ли сте за ова?

Да. Во право сте. И мислам дека следните европски избори ќе бидат тест за тоа како ќе се развива Европа. Добро ќе биде таа посветеност од Договорот од Преспа да ја видиме и помеѓу европските политичари кои ќе се справуваат со овие предизвици. Проблемот што Европа го има, е што нашите граѓани беа уверени дека Европа не може да се справи со мигрантската и финансиската криза, тероризмот. Луѓето почнаа да мислат дека ЕУ ги нема одговорите, дека националните држави ја имаат.

 

Ја изгубија довербата?

Да, ја изгубија довербата во институциите и се вратија назад, во националните држави, сметајќи дека таму ќе го најдат тоа. Затоа се креваат ѕидови и имаме дефицит на солидарност и ова ќе биде големм предизвик. Секоја држава е посилна во силна ЕУ, ако ги споделува вредностите во сите полиња, внатрешно и надворешно. Секоја сама посебе нема да преживее. Се надевам дека ќе ја видиме вашата посветеност, таа храброст да обложите се’ на една карта. И таа карта се принципи и вредности на суштината на ЕУ. Оти, тоа е суштината на ЕУ, човекови права, владеење на правото, транспарентност, демократија, одговорност. ЕУ не е бирократија, бирократска Унија. ЕУ се овие принципи. И се надевам дека ќе ги видам и нашите политичари вака храбри како овие меѓу Вашите две земји. И да Ви одговорам на прашањето – кој е нашиот интерес? Секоја нова членка што внесува посветеност и доверба и ги споделува вредностите кои ги споменав ја зајакнува довербата. Ние сме посилни со секоја земја членка, не само внатрешно туку и надворешно.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×