СДСМ VS.ВМРО – ДПМНЕ
Објавено на од во COVER STORY

programi-montaza 02 WEB glavnaКакви економски мерки предвидуваат најголемите партии?

Додека во жестоката предизборна кампања доминираат меѓусебни обвинувања помеѓу двете најголеми политички партии, изборните програми што ги објавија ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ во пресрет на најавените предвремени парламентарни изборина 11 декември, имаат обемни понуди кои се однесуваат на економијата. Капитал анализира со какви мерки и политики двете најголеми политички партии ќе се обидат да го придобијат бизнис секторот на своја страна?!

 

Додека во жестоката предизборна кампања доминираат меѓусебни обвинувања помеѓу двете најголеми политички партии, изборните програми што ги објавија ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ во пресрет на најавените предвремени парламентарни избори, сепак повеќе се фокусирани на економијата. Капитал анализира со какви мерки и политики двете најголеми политички партии ќе се обидат да го придобијат бизнис секторот на своја страна?!

programi-montaza 02 WEB 01
Што нуди за бизнисот ВМРО – ДПМНЕ!?

Стратешките приоритети на ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2017–2020 година напишани во програмата „Реално“ се речиси истите како и во сите претходни изборни програми, меѓу кои се зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните; интеграција во Европската Унија и НАТО; бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото.

Партијата која што десет години е на власт, ВМРО – ДПМНЕ вели дека подобрувањето на животниот стандард на граѓаните подразбира повеќе инвестиции и повеќе работни и за таа цел се обврзува да продолжи со реформите, мерките и политиките за подобрување на условите за водење бизнис.

Во следните четири години, ВМРО – ДПМНЕ проценува дека доколку остане на власт, ќе испорача економски раст од 3% следната до 4,5% во 2020 година. Ова се далеку попесимистички проценки на партијата која во претходните изборни циклуси ветуваше стапки на економски раст од 6% до 8%.

Минималната плата доколку оваа партија остане на власт, ветува дека ќе ја зголеми на 14 илјади денари.

„Стабилизацијата на надворешното опкружување, одржувањето на високи капитални инвестиции од буџетот, влезот на странски компании во слободните индустриски зони и посилната инвестициска активност на домашниот приватен сектор и понатаму ќе бидат основни двигатели на економскиот раст“, потенцира ВМРО – ДПМНЕ.

Партијата во програмата вели дека фискалната политика во периодот 2017-2020 година ќе остане насочена кон задржување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку подобрување на квалитетот на јавните финансии и зголемување на капиталните расходи, а новина е тоа што ги потенцира фискалните правила како таргети за трошењето на народните пари.

Партијата се обврзува буџетскиот дефицит да се ограничи на ниво од 3% од 2018 година и да се намали до 2% од БДП во 2020 година, а јавниот долг на ниво до 60% од БДП.

„Со воспоставувањето и примената на фискалните правила ќе се унапреди буџетската дисциплина и ќе се утврди рамка при креирањето на политиките. Фискалните правила ќе бидат утврдени во Уставот доколку се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието на Република Македонија, а со закон подетално ќе се утврди нивната примена“, предлага ВМРО – ДПМНЕ.

За свој најголем успех во досегашното владеење ВМРО – ДПМНЕ го истакнува намалувањето на невработеноста на 24% во 2016 година, а во следните четири години, партијата ветува дека невработеноста ќе падне до 18%.

„Тоа значи дека во следните четири години во Македонија ќе се креираат околу 70.000 нови работни места“, проценува ВМРО – ДПМНЕ.

Еден од новите проекти на партијата во новата програма е Рестартирање на стопанските капацитети – жртви на транзицијата со кој преку Законот за контрола на државната помош да им се овозможи на инвеститори да рестартираат некоја од 320 пропаднати компании во процесот на транзицијата.

„Овие компании се во одмината фаза на стечај, ликвидација или се веќе преземени од доверителите и се предмет на извршување кај различните доверители. Предвидено е на идните инвеститори по стекнување на сопственост на имотот од друштвата да им се понуди државна помош со цел креирање на поголем број работни места, со посебен акцент на ангажман на поранешните вработени- стечајците“, предвидува ВМРО – ДПМНЕ.

Според деталите во програмата, планот за рестартирање на овие фабрики предвидува по 2 илјади евра помош за инвеститорот за отворање на ново работно место, а доколку е стечаец, 4.000 евра за секое ангажирано лице под услов да биде задржан на работа минимум 5 години.

Освен тоа, се предвидува и готовински грант во зависност од инвестицијата во износ од 10% од вкупната инвестирана вредност, но не повеќе од 500.000 евра; ослободување од плаќање на данок на добивка во период од две години; ослободување од плаќање на персонален данок и социјални придонеси во период до 3 години, доколку вработените лица ги задржи на работа најмалку уште 3 години.

Меѓу компаниите опфатени со овој проект се Охис Скопје, Центро Скопје, дел од МЗТ, Хемтекс Скопје, Зора Гевгелија, Млаз Богданци, Јака Табак Радовиш, Фабрика за Кабли Неготино, Фринко Битола, Еуро Ламинати Прилеп, Типо Скопје, Жито Вардар Велес, Жито Скопје, Жито Вардар Велес и многу други.

programi-montaza 02 WEB 03

За свој најголем успех во досегашното владеење ВМРО – ДПМНЕ го истакнува намалувањето на невработеноста на 24% во 2016 година, а во следните четири години, партијата ветува дека невработеноста ќе падне до 18%.


Буџетот за реализирање на овој проект се проценува на 7 милиони евра.

Отворање рурални развојни зони е еден од проектите во новата програма на ВМРО – ДПМНЕ, „Реално“. Со овој проект се предвидуваат даночни и други ослободувања, слични, но и повисоки од оние во слободните економски зони, како и финансиска помош, за отворање бизнис во руралните подрачја. Според планот, ќе бидат поддржани инвестиции во индустриски капацитети, откупно- дистрибутивни центри, хотели со минимум 20 соби, пензионерски домови, спа – центри, болници и спортско – рекреативни центри. Инвеститорите ќе имаат обврска најмалку 80% од вработените да бидат нововработени луѓе коишто биле евидентирани како невработени во АВРМ подолго од 6 месеци.

Притоа, се предвидува ослободување од данокот на добивка, персонален данок  за период од 10 години; ослободување од плаќање социјални придонеси во висина од 50% за период од 10 години; ослободување од надомест за уредување на градежно земјиште продажба на државно неизградено градежно земјиште по почетна цена од 1 евро по квадратен метар; финансиска помош при изградба на нов објект во износ од 20% од вредноста на инвестицијата, но најмногу до 500.000 евра по инвестиција; ослободување од царина и ДДВ за увезената опрема за реализација на инвестицијата; грант за креирање на работни места – 2.000 евра за невработено лице евидентирано во АВРМ подолго од 6 месеци, и 4.000 евра за вработување стечаен работник.

ВМРО – ДПМНЕ истакнува дека малите и средните претпријатија, како носители на економскиот развој и посебно на креирањето на работни места, остануваат во фокусот на економските политики. Пакетот реформи во овој сегмент вклучува воведување народен правобранител за бизнис – канцеларија каде што бизнисмените ќе можат да ги презентираат своите потреби, иницијативи и идеи. Бизнис Омбудсманот директно пред Владата ќе ги презентира барањата и потребите на фирмите.

Оваа партија се обврзува и дека ќе го поедностави и ќе ја зголеми ефикасноста на инспекцискиот надзор, преку консолидација на инспекциските служби и поедноставување на законодавството и намалување на бројот на инспекциските надзори. Се планира и воведување бесплатни совети за фирмите од даночната област, воспоставување на попредвидливо даночно и регулаторно опкружување.

ВМРО – ДПМНЕ меѓу своите проекти наведува и дека ќе подготви нова стратегија за развој на мали и средни претпријатија, нова стратегија за женско претприемништво.

Со цел зголемување на конкурентноста на малите и средните претпријатија, ВМРО – ДПМНЕ планира поголема поддршка преку МБПР. Еден од проектите е обезбедување дополнително пари од Земјоделски Кредитен Дисконтен Фонд со цел подобрување на пристапот до долгорочни и краткорочни кредити на индивидуалните земјоделски производители, малите и средни претпријатија чија основна дејност е производство, преработка или извоз на земјоделски производи и барателите на средства од програмата ИПАРД.

„Со оваа кредитна линија се обезбедува значаен придонес во остварувањето на одржлив економски раст и поголема вработеност. Досега се поддржани преку 6.000 проекти во вкупен износ од преку 78 милиони евра“.

Во следниот мандат ВМРО – ДПМНЕ за оваа намена планира 4 милиони евра.

Меѓу другите, партијата планира подобрување на условите од кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи а на располагање ќе бидат 10,8 милиони евра. Се предвидува и осигурување на кредити за подготовка на извоз, и репласирање на 101 милиони евра од кредитната линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ)

Во врска со прливлекувањето на странски директни инвестиции, партијата во периодот 2017-2020 година ќе продолже со втората фаза на интензивна изградба на ТИРЗ со динамика согласна со интересот на инвеститорите. Исто така, се планира продолжување на промоцијата на земјата во странство, повеќе роуд шоуа и промотори.

Што се однесува до инвестициите во инфраструктурата, во програмата ВМРО-ДПМНЕ пишува дека во изминатите десет години ставиле посебен фокус на вложувањата во економската инфраструктура.

„Оваа определба ќе продолжи во следниот четиригодишен период. Ќе се градат нови автопати, регионални и експресни патишта и локални патишта. Ќе продолжиме со изградбата на железничките пруги и модернизацијата на возниот парк, како и инвестициите во енергетиката и во обновливи извори на енергија“.

Прв од инфраструктурните проекти е завршување на делницата Демир Капија – Смоквица од Коридорот 10, а потоа се наведени и новите автопати во изградба, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Како нови се предвидени автопатите Гостивар – Кичево и Скопје – Блаце, а партијата планира и изградба на повеќе експресни, магистрални, регионални и локални патишта.

Во железничкиот сектор, повторно се наведени делниците од Коридорот 8, од кои само една е почната да се гради и тоа од Куманово до Бељаковце. Останатите две од Бељаковце до Крива Паланка и потоа до бугарската граница се предвидува да се завршат до 2020 односно до 2022 година.

Во оваа програма предвиден е и план за целосна гасификација на земјата со магистрален гасовод во должина од вкупно 630 километри, но засега е завршена изградбата само на делницата Клечовце – Штип во должина од 61 километар.

Во земјоделството, партијата продолжува со политиката на субвенционирање со план вреден 600 милиони евра за следните четири години.

programi-montaza 02 WEB 02

Што нуди за бизнисот програмата на СДСМ!?

Меинстримот на изборната програма на СДСМ е подобрување на животниот стандард на граѓаните и враќање на средната класа преку низа мерки од кои голем дел се наменети за бизнис секторот.

Партијата во својата програма со која што ќе се обиде ја да добие довербата на граѓаните пишува дека „економијата не може да успее со сегашниот модел на развој кој се базира на странски инвестиции, ниски плати и државни инвестиции во фасади, споменици и административни згради. Јавните краткорочни инвестиции кои ги правеше владата на ВМРО-ДПМНЕ се одраз само на нејзиниот популизам, со единствена цел за победа на избори. Тие не се за обезбедување на иднината на македонската економија. Содржат и многу криминал“, истакнува СДСМ на првите страници од програмата „План за живот“.

„Нашиот модел на развој се базира врз поддршка на домашните претпријатија, раст на продуктивноста и долгорочни инвестиции. За нас странските инвестиции се дополнување на домашните, но не и нивна замена“, се потенцира во програмата алудирајќи на нееднаквиот однос меѓу странските и домашните инвеститори на кој што досега се жалеа менаџерите на македонските компании.

СДСМ во своите клучни цели си задава задача да постигне економски раст повисок од 5% во периодот на четиригодишниот мандат; стапка на невработеност пониска од 20% во 2020 година односно креирање на 64 илјади работни места во приватниот сектор преку активни мерки; ослободување од политички репресии и притисоци на приватниот сектор и создавање здрава и предвидлива деловна средина.


СДСМ: “Економијата не може да успее со сегашниот модел на развој кој се базира на странски инвестиции, ниски плати и државни инвестиции во фасади, споменици и административни згради. Јавните краткорочни инвестиции кои ги правеше владата на ВМРО-ДПМНЕ се одраз само на нејзиниот популизам, со единствена цел за победа на избори. Тие не се за обезбедување на иднината на македонската економија. Содржат и многу криминал“, истакнува СДСМ на првите страници од програмата „План за живот“.


Минималната плата како што предлага СДСМ, до 2020 година ќе се зголеми на 16 илјади денари.

„Развојот на домашните претпријатија, пред сè на малите и средните претпријатија, ќе биде наш приоритет. Годишната државна поддршка за поттикнување на домашните претпријатија ќе изнесува 20 милиони евра во првата година, а ќе достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Овие средства ќе бидат дополнети со надворешни кредитни линии, како на пример од Европската инвестициона банка“, наведува СДСМ.

Еден од проектите за поддршка на домашните компании на СДСМ е финансирање на 25% од збирот на вкупниот трошок за инвестиција и бруто трошокот за секое ново работно место.

„Поддршката ќе се одвива преку два канала: директна поддршка во износ од 1.000 до 2.000 евра, во денарска противвредност, врз основ на висината на платата за секое новоотворено работно место, каде работодавачот презема обврска да исплаќа бруто плата во период од 2 години; и  ослободување од плаќање на данок на добивка и имот во наредните 5 години. Вкупно искористените средства по двата основа не може да надминат 25% од збирот на трошоците за инвестицијата и бруто платата за првите две години за новите вработени“.

СДСМ ветува и дека ќе овозможи намалување на каматната стапка на кредитната линија од ЕИБ од сегашните 5,5% на 3% годишно.

„Во моментните услови на пазарот,каматна стапка од 5,5% не може да се третира како поддршка“, пишува во програмата на СДСМ.

Развојот на малите и средни фирми според СДСМ, неминовно е поврзан со пристапот до пари и за таа цел партијата меѓу своите проекти наведува докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) и зголемување на нејзината улога во економијата.

Притоа партијата планира да основа гарантна шема преку МБПР за два поединечни производа – инвестициски кредит за секоја компанија која може да обезбеди 15% сопствено учество за инвестициски проект, државата преку МБПР да обезбеди гаранција во висина од 75% од инвестицијата, а 10% да останат ризик на банката; и кредит за обртни средства односно државна гаранција за секоја мала или средна фирма  која има потреба од краткорочен кредит за обртни средства до износ од 30.000 евра, со рок на отплата до 1 година.

„Основни предуслови за овој кредит се: парите да се наменети за конкретна бизнис – зделка, согласно склучен договор; и финансиските резултати преку коефициентите на задолженост, ликвидност и профитабилност да докажуваат стабилност на компанијата и задоволување на основните финансиски показатели. Со ова би се минимизирале потенцијалните загуби за гарантната шема. Бидејќи за двете кредитни линии постои државна гаранција (што подразбира првокласен инструмент за деловните банки), каматите, по автоматизам, би биле релативно ниски и нема да има потреба за дополнителни субвенции во делот на каматната стапка“, предлага СДСМ.

Меѓу останатите проекти за финансиска поддршка на фирмите, СДСМ планира да воведе микро кредитна линија за поддршка на старт – ап и микро компании до 10 вработени во висина до 15 илјади евра и кредитна линија „Заем за франшиза и мешовити инвестиции” до 50 илјади евра.

„Поради помалите износи и ризикот деловните банки да немаат соодветен интерес за овие линии, тие директно ќе се реализираат преку МБПР“, предлага СДСМ.

Освен тоа, СДСМ во програмата ветува основање на инвестициски фонд за вложување во старт – ап бизниси и мали и средни фирми со малцинско учество на државата, а преку 51% да биде во приватна сопственост.

Во програмата, СДСМ се задржува на неколку болни точки што бизнисмените во последните неколку години ги посочуваа како најголеми проблеми.

На пример, ветува дека владата и јавните претпријатија нема да доцнат во плаќањето на своите обврски по основа на склучени договори, набавени стоки или услуги.

СДСМ се обврзува да ја оттргне политиката од економскиот живот преку низа мерки и измени на законите кои ќе значат минимизирање на можноста државните институции да ги уценуваат фирмите и планира да воведе постојана комуникација меѓу бизнис – заедницата и владата. Во врска со казнената политика, СДСМ потенцира дека превенцијата инспекциските служби нема да бидат инструмент за репресија и политички притисоци. „Прво – опомена за сторен прекршок; само при негово повторување – казна“, предвидува СДСМ.

За поттикнување на извозот, СДСМ се обврзува дека граничните премини ќе бидат технолошки унапредени, со цел да се намали времето на чекање на граница; ќе обезбеди обука на менаџерите за извозен маркетинг; ќе отвори технолошко – развоен истражувачки центар за согледување на предностите на македонските мали и средни претпријатија во однос на европските и за елиминирање на сегментите во кои тие заостануваат, како што се амбалажата, маркетингот, почитувањето на роковите за испорака, нивото на квалитет, конзистентните менаџмент техники и ќе обезбеди финансиска поддршка при лансирањето нови производи и нов производен дизајн.

Во врска со странските директни инвестиции, СДСМ ветува дека ќе води активна и транспарентна политика на нивно привлекување.

„Значењето на странските инвестиции го гледаме, пред сè, како пристап до нови технологии, знаења и нови пазари. Нашата политика ќе се разликува од сегашниот целосно нетранспарентен пристап базиран врз скапи реклами и белосветски патувања на владини функционери. Нашата политика ќе се базира на промоција на поволно и стабилно деловно опкружување, независни и професионални институции, високо ниво на демократска свест, ефикасен правен систем, квалификувана работна сила, активна политика на поддршка на инвестиции и даночни олеснувања. Без разлика на нашето несогласување со сегашната политика кон странските инвестиции, сите обврски кои се преземени кон постојните странски инвеститори целосно ќе се почитуваат, а преземаме обврска да ги објавиме сите склучени договори“, ветува СДСМ.

Програмата на партијата предвидува во првите 100 дена да се направи детална cost/benefit анализа од вложувањата и придобивките од процесот на привлекување на странските компании за да се добие објективно согледување на ефектите од спроведените политики и ефикасно моделирање на идните мерки;

СДСМ предвидува и мерка за стимулирање на инвестирање и враќање во Македонија на  граѓаните заминати на работа во странство така што ќе ги ослободи од данок на добивка во траење од 3 години повратниците од странство, доколку своите заштеди ги вложат во отпочнување на сопствен бизнис во Македонија или, пак, ги вложат во опрема (но, како доминантно учество во акционерскиот капитал), во постојно претпријатие во Македонија.

Програмата на СДСМ предвидува и огромна сума на пари да се вложат во изградба на патната, железничката и енергетската инфраструктура.

„Владата на ВМРО – ДПМНЕ многу малку вложуваше во развојот на патната и железничката инфраструктура. После 10 години, Македонија инфраструктурно е разурната и изолирана“, вели СДСМ и наведува три клучни проекти во инфраструктурата – „Македонија мегалополис“, што ќе овозможи стасување меѓу најголемите градски центри во државата за не повеќе од 90 минути; „Македонија без црни точки”, со којшто ќе ги санира сите црни и „Македонија без кал”.

„Ние ќе работиме на обезбедување државен консензус за неопходни крупни инвестиции во Македонија во следните 10 години, со преземање на обврска од страна на сите партии, доколку дојдат на власт, да ги реализираат нејзините елементи со вложување од најмалку 500 милиони евра годишно. Ќе формираме компанија со доминантна државна сопственост (51%) преку која ќе се реализираат дел од инвестиции во инфраструктурни проекти и во обновливи извори на енергија. Почетната големина на компанијата ќе биде 300 милиони евра, од кои 153 милиони евра би биле учество на државата“.

Во делот на патната инфраструктура, инвестициите СДСМ ги проектира на 3 милијарди евра во следните 10 години и тоа 600 километри автопатишта и експресни патишта; 550 километри магистрални и регионални патишта и .000 километри локални патишта.

„Уште во првите 2 години од мандатот ќе вложиме 600 милиони евра за изградба на патишта’, ветува СДСМ.

Од најголемите енергетски проекти, СДСМ ветува пренемена и модернизација на ТЕЦ Неготино во комбинирана електрана на природен гас, а произведената топлинска енергија да се користи како евтин енергенс за производство на раноградинарски култури и во прехранбено преработувачката индустрија (конзервна фабрика и ладилници за земјоделски производи).

„Со ова ќе се зголеми конкурентноста и извозот на македонските раноградинарски култури и ќе се отворат нови работни места во земјоделската и прехранбено-преработувачката дејност“.

Меѓу проектите на СДСМ во изборната програма се најдоа и ХЕЦ Чебрен и Галиште  кои партијата се обврзува дека ќе ги изгради со сопствени средства на АД ЕЛЕМ, и со тоа ќе се зголеми домашното производство на електрична енергија а ќе се намалиме увозот. Интересно е што СДСМ предвидува и посебно министерско место за водење на крупни енергетски проекти.

Во земјоделството, партијата предвидува насочување на земјоделските субвенции кон вистинските земјоделци и промена на моделот на субвенционирање.

„Во периодот од 2007-2015 година од предвидени над 800 милиони евра за субвенционирање на земјоделството и руралниот развој, исплатени се само 60-70%. Овој факт е појдовна точка за поправање на состојбите во земјоделските политики“, истакнува СДСМ.

„Финансиската поддршка за земјоделството ќе изнесува 160 милиони евра годишно“, ветува во својата програма СДСМ.

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×