Се “мете” многу пред избори, a не во кампања
Објавено на од во Колумни
 Со бегството на Груевски – синонимот на се’ против што се дигна на нозе македонската демократска јавност жедна за право, ама и за правда, целата политика губи смисла во најдлабоката суштина. Што и да направи власта од тој момент натаму, реформа, потег, успех, па дури и ново разочарување, пораз или отворени врати во вилата на Водно – веќе ништо не е важно. И тука се клучните причини за изборните резултати – никој не презеде одговорност за неисполнувањето на клучната политичка задача на оваа власт – Груевски да одговара и од него да сопре синџирот на неказнивост ткаен три децении.
 Kate-kolumna-za-vnatre

 

Ја знаете приказната со скорпијата и со жабата? Кога скорпијата ја молела жабата да ја пренесе преку реката ветувајќи и’ дека нема да ја боцне? Аргументот на скорпијата бил дека нема никаква логика да се плаши: „Не знам да пливам, ако те боцнам и ти умреш, ќе се удавам и јас со тебе, зошто би ти пуштила отров?“ велела таа. Жабата размислила и сфатила дека навистина нема логика нејзиниот страв, па се нафатила да ја пренесе на грб. На половина на реката, скорпијата си го пуштила отровот, а жабата шокирана рекла: „Зошто го направи ова, сега двете ќе умреме?!“. Скопријата само одговорила: „Знам, ама посилно беше од мене, тоа е мојата природа“…
Ништо подобро од оваа приказна не ги отсликува македонските состојби  после првиот круг на претседателските избори. Многу скорпии и нешто повеќе жаби, многу отров и изневерени очекувања. Има само една разлика – во оваа изборна приказна и тоа како има логика.
За лажните, многуте вистински и едната клучна причина за овој резултат 
Кога поранешниот премиер Никола Груевски избега во Будимпешта напишав колумна со наслов „Кукавицата одлета, гнездото полно јајца“.
„На Никола Груевски не смееше да му се дозволи да избега, по ниедна цена, во никаков случај, на никаков начин. Тоа беше главна политичка задача на оваа власт. Толку! Оттука натаму, дали Унгарија ќе ни го испорача нам, или на Москва или Белизе, дали Орбан ќе се скара со ЕУ, дали ние ќе останеме шокирани не само од нашата неспособност, туку и од европската непринципиелност, дали неговите вмровски пајташи ќе корнат коси соочени со сопствената колосална глупавост што тие ќе лежат, додека тој шета, дали и кога и како тој ќе се врати во Македонија… веќе не е ни важно“
Целата поента на пораката до власта беше дека со бегството на ликот – синоним за се’ она против кое се дигна на нозе македонската демократска јавност жедна за право, ама и за правда, нивната политика губи смисла во најдлабоката суштина. Што и да направат од тој момент натаму, реформа, потег, успех, па дури и ново разочарување, пораз или отворени врати во вилата на Водно – веќе ништо не е важно!
Половина година после бегството, не само што никој не си поднесе оставка за најголемата катастрофа што можеше да се случи – него да го снема, туку и немаме никакви детали за истрагата што требаше да открие како тоа никој не претпоставил дека на Груевски можело да му текне дека подобро му е во Будимпешта, отколку во затвор.
Потценувањето на ефектот од бегството на Груевски (да повторам, без одговорност), невидената ноншалантност, заедно со потценувањето на гневот кај граѓаните од процесот на една хаотична и несмасна амнестија, која отиде далеку зад границите што мораа да значат токму – граници, сето тоа го гледаме во изборните резултати. Ако ги споредите гласовите „за“ на референдумот и гласовите „за“ за претседателскиот кандидат на власта, ќе видите дека граѓаните не се разочарани од Преспанскиот договор (што многумина сега љубат да го посочат како главен виновник, оти така е најлесно), туку од начинот на неговата имплементација. Не еднаш пишувавме  дека црвената линија преку којашто не смее да помисли да помине власта и по цена целиот евроатлантски процес да пропадне е принципот на казнивост – клучниот столб врз основа на којшто СДСМ патем дојде на власт: Да има правда, за да има мир!
Аналитичарите велат дека имало многу причини за шлаканицата што гласачите ја вперија во лицето на властодршците пред се’, но, ова е сржта на незадоволството. Тендери, корупција, непотизам, валкани улици и смрдливи контејнери, неспособни назначени и исти такви неразрешени директори, слаби капитални инвестиции – сето ова е присутно, да, но нишката што обединува е фактот дека Владата на СДСМ и коалицискиот партнер ДУИ не ја исполни токму главната политичка задача – а тоа е воспоставување на принципот на казнивост и одговорност. Нема казни и нема одговорност. Нема правда, оттука не може да има ниту поМИРување со (помало) зло.
Кога веќе го споменавме помирувањето – да имаме на ум дека резултатите од неделата покажаа уште нешто – колку се граѓаните алергични на неискреност. Целата амнестија што почна како трка за глас плус за уставните измени поврзани со Преспа, а продолжи во насока во којашто веќе не се знае кој барал прошка, а не добил, кој добил без да бара; кој се бори за, а кој против СЈО и дали на СЈО му пречи СЈО; кој е (се’ уште) Вангеловски; што прави Дескоска; колку пати Мијалков влезе во домашен притвор и уште колку пати излезе; кој е патот на успехот на семејните фирми на Мукоски итн., итн…. целата оваа амнестија ни беше спакувана под кодното име „помирување“. За волја на вистината ова е нешто на што инсистираа и клучните европски амбасади прилично изгубени во фактот дека одговорност и неодговорност не може да се спроведат наеднаш, упорно апелирајќи дека поларизација во општеството е огромна и дека ни треба влог во обединувањето.
И сега, после целата енергија потрошена на помирување, на 21-ви видовме дека македонското ткиво не само што не е помирено, туку е и поделено како со нож на две (42% наспроти 42 %), поларизацијата како никогаш е видлива, а процесот на обединување за којшто се плати ужасно висока цена е неуспешен. Обвинувањата за политичка наивност со коишто бевме соочувани кога велевме дека не можете да се помирувате со криминалот, особено не на сите нивоа и особено не во процес во којшто победата на која светот аплаудира е тука, а се дозволува криминалците да ја водат играта и да ги диктираат условите, изгледа време е да бидат насочени на вистинската адреса. За почеток, добро е да престане глумата дека резултатите се добри, а партиските ликови да ја симнат маската на триумфализам во постовите и изјавите, па да покажат дека ја гледаат реалноста. Меѓу двата круга велат дека примаат пораки, но СДСМ упорно заборава кому се обраќа, упорно не разбира дека тие мора да се тргнат од партиската реторика и дека нивните гласачи не се само тврдокорно партиско членство, што било како било повторно ќе извикува “Заедно напред“ туку дека власта им зависи од оние кои ги донесоа во фотелјите – оние без книшка. Тоа е одговорност што ВМРО – ДПМНЕ ја нема и како што тргнале, веројатно никогаш нема да дораснат да ја имаат. Ама токму затоа, тоа мора да е императив во кроењето на стратегиите на СДСМ, па оттука навистина е несфатлив е овој нивен аматеризам.
СДСМ очигледно потфрли и во уште еден ужасно важен процес – отворање на вратите кон политичкиот мултиетнички концепт. Албанските граѓани кои беа подготвени да ја поддржат нивната партија, оти веруваа  токму во правдата и одговорноста, се разочарани од односот кон ДУИ и немањето политички талент како да се надмудри оној од којшто ви зависи опстанокот. Вака напишано изгледа прилично тешко нели, но тоа е политиката во нејзината суштина – партија шах. Лесно заборавивме дека тоа што ВМРО – ДПМНЕ значеше за борците кај македонскиот „табор“, значи и ДУИ за албанскиот. А треба да значи за сите!
 Позицијата на ДУИ, пак, каде „дечките“ од Речица две децении се во комоција да се однесуваат како странска амбасада, па се’ нешто праќаат пораки, апелираат, изразуваат загриженост и „не се од овде“ е приказна за себе. Улогата на Ахмети и на референдумот и на изборите вчера е многу јасна. Единствено што ветува е што бројот на освоени гласови на кандидатот Блерим Река говори дека во албанскиот политички кампус допрва следуваат нови процеси, што повторно, СДСМ требаше и тоа како да ги антиципира.
Порака од сите до сите
Во меѓувреме, со ваквиот изборен резултат Македонија влегува во нова политичка криза. Изборите може и да успеат, Пендаровски може и да победи, а може и Силјановска, и тоа може да помогне на евро – атлантскиот пат, но за вистинскиот развој на македонската демократија тоа нема многу да значи.
Прво, реалноста говори дека политичката сцена врие од „скорпии“, подготвени да боцкаат и да шират отров, да „убиваат“ и да „умрат“ само поради сопствената автодеструктивна природа, суети и немањето на капацитет да се признае дека не се на ниво на задачата или дека друг знае и може подобро. За жал, во овој политички момент и контекст, „жабите“ не се поединци, туку целата земја. И тука веројатно премиерот Зоран Заев има право кога апелира да не се казнува државата поради лошите политики на локалната и централната власт. Несфатливо е колку се’ уште го немаме препознаено моментот во Европа и во светот и колку сме заглавени во балканската матрица на домашни политички игри без граници. Политиката не е за секого, ама нашите политичари си се убедени дека секој е за политика. Видете им ги профилите, познавањата, професиите, образованието, кариерите надвор од партиите… ако ги имаат.
Приказната понатаму продолжува во друга сфера – сферата на граѓанскиот сектор и на интелектуалната јавност, каде што наместо паралелно со анализите и критиките да се презентира и една сериозна загриженост што оваа огромна политичка апстиненција и неуспешните избори би биле и се во моментов кобни за иднината на државата и на патот кон којшто конечно тргнавме, оти отвораат нова криза, се демонстрира невидено задоволство што ете власта не успеала. Ова нема врска со сериозна критика и желба за подобро, туку има со нешто за коешто од мене подобро зборува доктор Чепреганов во интервјуто во најновиот број на „Капитал“, а е последица на децениски негуваниот нагон да се (пре)живее само во перманентна криза што има оставено трајни последици врз нашата ментална матрица како колектив. На ова ќе мора да се работи.
Понатаму, сето ова води до опасност од катастрофа -  воскреснати политики на лажниот патриотизам, ветувања надвор од политичката реалност (Преспа ќе се поништела), свесна манипулација со националните чувства на граѓаните, немање на одговорност кон историски процеси и конечно – воскреснување на партија што заедно со челниците требаше и како правно лице да одговара за најголемата „пљачка“ на пари и на достоинство, а денеска дрско зборува ни помалку ни повеќе туку за правда. Многумина ќе речат нејасно е со кој ум денеска, во 2019 некој може да заборави дека не така одамна, описот и пописот на активностите на Груевски и тоа како се движеше надвор од пишувањето статуси на ФБ и да гласа за кандидат кој не се одлепил ни милиметар од најсрамната политика некогаш водена во земјава. Но, фактот што ова нејасново и тоа како јасно ни се оцртува пред очи преку речиси еднаков освоен број на гласови треба да значи дека битката за да се поправи уништеното, одново да се изгради се’ уште трае, а некаде не е ниту почната.
И токму одбивањето да се почне, е содржано во клучната порака што завчера ја испратија оние кои не излегоа на гласање, а уште повеќе во пораката на оние кои станале, си измиле лице, се облекле и отишле да го поништат гласачкото ливче.
И токму овие луѓе мора да бидат фокусот. Не партиските гласачи туку овие луѓе. Овие луѓе до коишто мора да се допре, избегнувајќи ја клучната грешка на левиот центар денес – ароганцијата и неспособноста да им се разберат стравовите, потребите, идеите, барањата на граѓаните. Апсолутно е погрешно и непотребно денеска да се зборува дека и македонскиот граѓанин заедно со политичките елити е една „автодеструктивна скорпија“ просто по природа. Тоа не води никаде освен во затворен круг на самосожалување и изговори. Нема да помогне нотификацијата, макар била чиста вистина. Она што е потребно е лидерство што ќе ја менува токму природата, ќе внесе и ќе понуди нови начини на коишто воопшто се поима политиката и истата се практикува, со принципи, со способност, со многу искреност и со вредности. Политичките партии мора да пораснат. Нека си фрлат еден искрен поглед кон себеси, нека се погледнат на што личат и нека сфатат дека поради нив и нивното одбивање да се реформираат македонската политика се’ повеќе губи смисла. И тоа е клучната порака – дека нам ни требаат сосема нови политики преку кои, кога веќе се’ уште сме незрели за да не ги повторуваме истите грешки, ќе се покаже дека сме барем доволно зрели за да изградиме систем кој нив ги препознава и умее да ги „смете“ навреме, без пардон.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×