Се подготвува терен за формирање краудфандинг платформа во Македонија
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Foto1 CrowdfundingИ државата се заинтересира за “групното финансирање“ стартапи

Можноста за воведување на овој начин за финансирање во Македонија беше дискутиран на Советот за развој на пазар на капитал, кој се одржа деновиве во Министерството за финансии. Загрепската берза во регионот засега е предводник во нудењето краудфандинг платформа.

 

Примена на краудфандинг (crowdfunding) во Македонија, односно концепт на прибирање на средства од поголем број инвеститори за финансирање на компании, ќе придонесе за поголем и полесен пристап до капитал за малите и средни претпријатија, особено за стартапите. Можноста за воведување на овој начин за финансирање во Македонија беше дискутиран деновиве и на Советот за развој на пазар на капитал, кој одржа средба во Министерството за финансии.

Со Советот за развој на капитал претседава министерот за финансии Драган Тевдовски, додека во него членови се гувернерот на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерката без ресор Зорица Апостолска, министерот за економија Крешник Бектеши, претседателите и директорите на регулаторните тела – на Комисијата за хартии од вредност, на Агенцијата за супeрвизија на осигурување, на МАПАС и на Македонска берза.

Како што беше истакнато на Советот, веќе постојат успешни примери за краудфандинг во регионот, како Хрватска, која преку естонска платформа успешно собира средства за инвестиции во проекти. Беше посочено дека краудфандингот е значаен и од аспект на тоа што друштвата кои бараат средства мора да имаат регистрирано компании, како и дека финансирањето се одвива преку банкарските канали.


Македонската берза “крчка“ нешто околу краундфандингот

На оваа тема зборувавме со луѓе од домашниот пазар на капитал пред извесно време. Извршниот директор на Македонската берза, Иван Штериев, во таа прилика откри дека по примерот на она што веќе го прави Загрепската берза, а Белградската штотуку го промовираше, и тие се подготвуваат за нудење на краудфандинг во релативно блиска иднина, но во моментот не можеше да открива поконкретни детали затоа што с$ уштеработите се во почетна фаза.

“Ние како институција споделуваме стратешка визија со уште неколку берзи од регионов, а тоа е да се даваат услуги на различни корпоративни сегменти одошто беше досега вообичаено. Остануваме и понатаму примарно на определбата да се привлечат компании во котација на официјалниот пазар, тоа што е, да го наречам, најпрестижниот дел од пазарот на капитал, но јасно ни е на сите во регионот дека нема да се случи којзнае каков наплив на нови акционерски друштва во периодов што следи. Затоа сметаме дека треба да ги прошириме услугите кон помалите компании, од делот на средни, мали, па с$ до микро субјекти. “,рече Штериев.

Тој додаде дека во недостиг на оперативни краудфандингплатформи во Македонија, Берзата ќе се обиде да го олесни овој процес.

“Тоа ни е стратешка визија. Загрепската берза засега е предводник во овие напори во регионот, тие пред две години формираа заедничка компанија за краудфандингфинансирање со естонската фирма Funderbeam, и веќе имаат успешни проекти зад себе. Ние внимателно ги следиме тие трендови, правиме и конкретни подготовки ваква платформа да им понудиме на македонските компании, но и на заинтересираните домашни инвеститори да вложат во проекти со добар потенцијал.“, вели Штериев.


Загрепска берза повлече нога во регионов

Инаку, Funderbeam е всушност нов модел за финансирање на стартапи, односно crowdfunding платформа која доаѓа од Естонија, а во Хрватска има 80% удел во компанијата Funderbeam SEE (South East Europe), додека останатите 20% ги поседува Загрепската берза.

Кон крајот на 2016 година беше претставена на хрватската јавност, а набргу потоа стигнаа и првите апликации од стартапи.

Прва компанија којашто покрена crowdfunding кампања на новата платформа е Include, позната по своите паметни клупи, креација на младиот претприемач Иван Мрвош (22 годишен) од малото место Солинкрај Сплит.

Неговата компанија успеа да собере и повеќе од потребните 400 илјади евра, сума која што ја одреди како таргет во својата кампања за прибирање капитал.

Шест дена пред крајот на кампањата, 28 март 2017-та, свој интерес и поддршка за бизнисот на Include покажаа преку 160 инвеститори, со вложен износ од преку 420 илјади евра, а компанијата се вброја меѓу најуспешните на оваа платформа воопшто.

Како функционира всушност Funderbeam, платформа чијшто потенцијал го препознал и основачот на Skype, Јаан Таалин, којшто меѓу првите финансиски го поддржал овој концепт.

Funderbeam SEE, која што во перспектива се насочува и кон останатите берзи од регионов, го користи бизнис моделот којшто подразбира дека за потребите на финансирање на некој стартап се формира т.н. SPV (Special Purpose Vehicle) фирма со седиште во Естонија, објаснуваат од Загрепска берза. Оваа SPV практично претставува единствен сопственик којшто настапува пред сите инвеститори. Причина за ова се ниските трошоци и избегнувањето на бирократските бариери (Естонија е инаку позната како најдигитализирана држава во светот, каде што фирма се основа буквално за само неколку минути, нуди виртуелно државјанство за бизнис цели, итн. н.з.), а стартапот што е во потрага по финансиери, нема десетици или стотици инвеститори со коишто треба да комуницира, туку еден, наречен водечки, којшто е и директор во SPV. Вложувачите пак, и водечкиот и сите останати, по отворањето на својот инвестициски профил во секој момент имаат надзор над своето портфолио, во стартапите во коишто вложиле преку Funderbeam. Минималното вложување за поединечен мал инвеститор во еден стартап изнесува 100 евра. Платформата користи blockchain технологија, а уделите на инвеститорите претставуваат дигитални записи, т.н. токени. На пример, за 100 евра вложен и се добиваат 100 токени, со коишто патем, ќе може потоа да се тргува откако компанијата ќе излезе на платформата и вложувачите може слободно да си ги дадат своите удели на продажба, доколку сакаат. Отворањето на инвестицискиот профил за вложувачите е бесплатно, а уште една посебност на овој иновативен систем на прибирање капитал е тоа што тргувањето не вклучува посредници, брокери и сл., а трансакциски надомест за време на тргувањето вложувачите плаќаат само во ситуација ако на трансакцијата остварат добивка, со тоа што надоместот во тој случај е 1%.

 

Ќе треба да се “испеглаат“ многу детали во регулативата

Пред неколку месеци и Белградската берза најави стартување на “crowdfunding” платформа, своевидна берза за финансирање на стартапи, микро, мали и средни компании во соработка со една од водечките платформи од тој вид во светот.

Директорот на Белградската берза, Синиша Крнета, изјави за агенцијата Бета дека целта на овој деловен потег е да им се помогне на младите иновативни компании и претприемачи да дојдат до пари за понатамошен раст и развој.

Но, реализацијата на оваа идеја наидува на пречки, затоа што како што вели Крнета, во моментот не постои регулатива во Србија, ниту доминантен начин на размислување кај стартапите за користењето на краудфандинг платформа.

“Ние во земјава во моментов имаме пред сè проблем со разбирањето за што служи традиционалната берза, односно која е улогата на берзата во модерното општество. Најдобар пример колкаво е всушност неразбирањето е дека во последниве 80 години ние не сме имале ниту една иницијална јавна понуда, ниту една приватизација преку процесот на иницијална јавна понуда“.

Каролина Каровска – Божиноска, стручен соработник за анализи и развој во Македонската берза објаснува дека за да профункционира crowdfunding платформа и во Македонија зад којашто ќе застане оваа институција, треба пред с$ да има поддршка и разбирање од регулаторните органи.

“Постојат многу детали што ќе треба да се ‘испеглаат’, односно да се допрецизира идниот регулаторен третман на ваквиот тип прибирање на капитал од една страна и начинот на вложување од друга страна, имајќи предвид дека не станува збор за класично акционерство. Исто така, потребно е да се направат некои анализи наспроти прописите за девизно работење, од аспект на можноста македонските граѓани да инвестираат во crowdfunding платформите во регионот и пошироко “, вели Каровска – Божиноска.

Во секој случај, додава таа, crowdfunding финансирањето е одличен начин Берзата, како институција со кредибилитет на пазарот на капитал да застане зад овој алтернативен тип на финансирање на растот и развојот на бизнисите, односно да биде присутна во сите фази – од претставувањето на самата компанија, односно бизнис идеја, прибирањето свеж капитал, па до моментот на преминување во зрела компанија што еден ден би можела да емитува и акции, односно да котира на берзанскиот пазар.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×