Сè повеќе дипломирани, сè помалку способни работници
Објавено на од во Економија

GraduationСлабиот образовниот систем го урива и пазарот на труд

Лошите образовни политики, немањето на конзистентна државна стратегија, партиско – коалициските пазари во назначувањето на министрите за образование и програмите (како Кембриџ и дисперзирани студии) кои се покажаа како тотално промашување се рефлектираат и на пазарот на работна сила – компаниите мака мачат да најдат квалификувани работници

Лошите политики во образованието кои произведоа неквалитетни реформи се причините зошто македонските ученици се оценети како функционално неписмени, сметаат просветните работници. Додека ги чекаме резултатите од последното тестирање преку Програмата за меѓународно оценување на учениците, односно ПИСА тестот, останува горчината од последното рангирање од 2015 година, според кое, средношколците во земјава излегуваат од училиште без доволно совладани основни образовни вештини. Во читање со разбирање и во писменост во природните науки се наоѓаме на 69 место, а во математичка писменост на 68 место од 72 земји чија младина била тестирана. Со тоа, ние сме единствена земја каде резултатите од ПИСА се намалиле во последните 15 години.
Резултатите на ПИСА тестовите се одраз токму на лошите реформи, смета директорот на скопската гимназија Раде Јовчевски Корчагин, Драган Арсовски
Можам да спомнам неколку примери кои не се реформи, беа како реформи, а всушност го уназадија образованието како на пример еве компјутер за секое дете, Кембриџ па дури можам да кажам и во некоја рака задолжителното средно образование. Сето тоа се некои работи кои во името на реформи се дојдени ад хок. Не се дадени на некоја си јавна расправа да се види колку е тоа позитивно или после воведувањето на таа реформа не се вратени повратни информации дали е тоа успешно или не и мислам дека тие 15 години го плаќаме на некој начин данокот затоа што токму таа генерација испадна дека се најслаби по тестирањето“ вели тој.
Според него, реформата треба да почне од основното, а не од високото образование, каква што е тенденцијата во последниве неколку години. И што е најважно да се тргне од учениците.
“Начинот на уписот во средното образование. Средното стручно кое е ставено многу многу ниско. Самиот упис во средното училиште е удрен акцентот на гимназиите. Другите образовни профили се ставени на страна. Задолжителното средно образование. Имаше скоро една анкета која што вели дека студентите на факултетите се неписмени. Ете ја причината. Не можеме ние секого да натераме да оди во средно образование. Тој доаѓа во средно и вели јас морам да завршам без разлика дали ќе учи или не“
И според професорката Елизабета Секираска од средното училиште „Перо Наков“ во Куманово, реформата треба да започне од основното образование.  Таа предлага реформите да се одвиваат во насока на:
  • Да се престане со апликацијата на туѓи образовни искуства на домашен терен;
  • Системското решавање на обемноста и неприлагоденоста на наставните програми;
  • Градење на стандарди за учење и оценување на учениците на униформно ниОслободување на наставниците од административните стеги;
  • Ревизија на уписната политика на факултетите.
 ЕУ бара систематски професионален развој на наставници
Во последниот извештај  на Европската Комисија наведено е дека дел од забелешките за реформа на образованието се опфатени со Страегијата за образование 2018 -2025, но потребно е да се определат и индикатори со кои ќе се мери исполнувањето на стратешките цели. Од Делегацијата на ЕУ во земјава за „Капитал“ велат :
„Делегацијата на ЕУ смета дека квалитетното образование најдобро се постигнува преку фокусирањето на претшколското и на основното образование, како и преку систематски и континуиран професионален развој на наставниците.“
Образованието заедно со културата се опфатени во Поглавјето 26 од преговорите со Европската Унија. Областите од образованието првенствено се одговорност на земјата кандидатка, но тие треба да бидат градени во насока на целта на ЕУ –  обезбедување еднакви услови за стекнување на вештини потребни за вклучување во општествените процеси.
Во Извештајот на Светската банка се вели дека Македонија троши околу 4,1% од буџетот на образование, што е највисок износ во целиот регион, а индикаторите за квалитет за образованието се под регионалниот просек.
“Резултатите во образованието се влошени и покрај зголемените расходи. Во 2013 година, расходите на Република Македонија за образование од 4,1% од БДП беа највисоки во регионот, меѓутоа показателите на успешноста во образованието беа под регионалниот просек. Квалитетот на основното и средното образование не е значајно подобрен во изминатите неколку години, мерено според меѓународните тестови. Резултатите од меѓународното следење на квалитетот на математичкото и природонаучното образование значително се намалија во периодот помеѓу 1999 и 2011 година и се под нивото на другите земји во Европа“, ова е констатација на Светска Банка, нотирана во новиот извештај кој ги анализира политиките на јавните трошења.
Сè помалку пари за развој на образованието
Вкупно 409 милиони евра потрошила државата лани за образованието, вклучувајќи ги основните, средните училишта и универзитетите, за плати на наставниот кадар и други административни трошоци за вработените во овој сектор, како и за капитални инфраструктурни инвестиции. Ако се спореди со 2010 година, буџетот за образование е зголемен речиси за третина, но како удел во бруто домашниот производ, државата од година во година одвојува се помалку пари за развој на образованието. Ако во 2010 година 4,5% од БДП се одвојувале за образование, лани овој удел паднал на 3,8%. За споредба, европскиот просек е 5,2% од бруто домашниот производ.
Ако се спореди со земјите од регионот пак, Северна Македонија троши повеќе пари за образование отколку другите, но сепак, индикаторите за квалитетот на образованието кај нас се под регионалниот просек.
Извршниот директор на институтот за економски истражувања и политики, Finance Think, Благица Петрески, вели дека имаме недоволна ефикасност во трошењето на јавните средства во делот на образованието, но ако ја разгледаме и структурната компонента, односно како се трошени тие средства, ќе видиме дека најмногу се трошени за плати, а многу малку за инвестиции, изградба на нови училишни згради, нови градинки и инвестиции во надгледни материјали кои треба да го подигнат квалитетот.
„Домашните и странските инвеститори во земјава се соочуваат со проблем да најдат соодветни кадри на пазарот на труд, бидејќи има голем јаз меѓу понудата на квалификации и вештини со коишто излегуваат учениците и студентите од образовните институции и побарувачката од страна на компаниите“ вели таа
Но, истражувањата покажале дека дури и дипломите не се гаранција дека вештините и квалификациите што биле изучувани, се навистина стекнати.
„Еден од клучните недостатоци кај образовниот систем е фактот што дипломата којашто треба да гарантира одредени вештини и квалификации има несогласување во практика, односно во практика работниците не ги поседуваат тие вештини. Фокусот мора да биде на квалитет и на вештини, не на квантитет. Имавме еден тренд кога се инвестираше во што повеќе дипломи, треба да запре овој тренд, а фокусот да биде кон младите, да имаат вградени вештини во своите дипломи. Не се дипломите неопходни, неопходно е знаењето“ вели Петревски.
Таа додава дека потребни се долгорочни мерки со цел – целосна реконструкција на образовниот систем и интервентни мерки коишто веднаш на 3 до 5 години ќе успеат да продуцираат кадри за да се задоволат потребите на бизнис секторот.
Еден од начините за да се постигне ова е дуалното стручно образование коешто веќе се спроведува како пилот проект во неколку средни училишта во Охрид и Кавадарци веќе две години. За тоа како се спроведува овој проект, разговаравме со Дејан Чуповски од Делегацијата на германското стопанство во Македонија, којшто е проектен менаџер за дуално стручно образование.
“Тоа е модел каде што образовните процеси се одвиваат на две места, едно е училиштето каде што се добива теоретските знаење, а второ е учењето во компанијата задолжена за практична обука. Во Германија 70 % во вкупниот удел го има токму оваа практична работа. Не е нашата цел целосно да го пресликаме ова, оти тоа не е можно, но се трудиме да ги прилагодиме на тие услови. Компаниите за да ги исполнат германските стандарди треба да имаат простории за обука, обучен ментор којшто го сертифицираме ние, исто според германски стандарди и по завршувањето на практиката компанијата да им понуди директно вработување кај нив“ вели тој.
Чуповски вели дека од оваа година програмата ќе се прошири и во средни училишта и компании и во Велес, Битола и Прилеп, а освен странски инвеститори, интерес покажале и домашни фирми.
Според него, овој модел на образование ќе донесе повеќе придобивки во земјава – младите да се стекнат со знаење потребно на пазарот на трудот и плус да има директно вработување.
Дека пазарот на работна сила најмногу ќе бара стручни кадри со средно образование покажува и последната анкета на Агенцијата за вработување според која дури за половина од новите отворени работни места ќе се бараат вакви профили на работници.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×